Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Улогата на светиот дух во создавањето

Улогата на светиот дух во создавањето

Улогата на светиот дух во создавањето

„Со Јеховината реч се создадени небесата и со здивот на неговата уста целата нивна војска“ (ПС. 33:6)

1, 2. а) Како сознанијата на човекот за вселената и за Земјата се зголемиле со текот на времето? б) Кое прашање се наметнува?

 КОГА Алберт Ајнштајн ја објавил својата специјална теорија на релативноста во 1905 год., тој и многу други научници сметале дека во космосот постои само една галаксија — нашиот Млечен пат. Колку ја потцениле големината на вселената! Според сегашните проценки, таа се состои од над 100 милијарди галаксии, а во многу од нив има десетици милијарди ѕвезди. Но, со користењето на сѐ помоќни телескопи на Земјата и со лансирањето на вакви телескопи во Земјината орбита, бројот на новооткриени галаксии постојано расте.

2 Во 1905 год. не се знаело многу за вселената, а не се знаело многу ни за Земјата. Точно, луѓето што живееле пред еден век знаеле повеќе од своите предци. Сепак, денес ја разбираме далеку подобро сложеноста и убавината на живиот свет и на сите природни циклуси што го одржуваат животот на Земјата. И, сигурно ќе научиме уште многу за Земјата и за вселената во иднина. Но, добро е да се прашаме: Како воопшто настанало сето тоа? Одговорот на ова прашање можеме да го дознаеме само затоа што Творецот ни го открил во Светото писмо.

Создавањето — чудо

3, 4. Како Бог ја создал вселената, и на кој начин неговите дела му носат слава?

3 Одговорот на прашањето како настанала вселената се наоѓа во уводните зборови од Библијата: „Во почетокот Бог ги создаде небото и земјата“ (1. Мој. 1:1). Јехова го употребил својот свет дух — моќната сила со која се служи — за да ги создаде вселената и сѐ што е во неа, иако пред тоа не постоел никаков материјал кој можел да го искористи за таа цел. Исто како што еден мајстор со своите раце и алатки изработува најразлични предмети, така Јехова го користи својот дух за да прави ремек-дела.

4 Во Библијата, светиот дух симболично е наречен Божји „прст“ (Лука 11:20; Мат. 12:28). „Делата на неговите раце“, односно творбите кои ги создал со својот свет дух, му носат слава на Јехова. Псалмистот Давид рекол: „Небесата ја објавуваат Божјата слава, небесниот свод зборува за делата на неговите раце“ (Пс. 19:1). Навистина, материјалните созданија сведочат за огромната сила на Божјиот свет дух (Рим. 1:20). Зошто го велиме ова?

Божјата безгранична моќ

5. Како созданијата ни откриваат колкава моќ има Божјиот свет дух?

5 Нашата неизмерна вселена е доказ дека Јехова има неисцрпна сила и моќ. (Прочитај Исаија 40:26.) Современата наука открила дека материјата може да се претвори во енергија и енергијата во материја. Во ѕвездите, материјата се претвора во енергија. И нашето Сонце е ѕвезда. Секоја секунда, тоа претвора околу четири милиони тони материја во топлина, светлина и други видови енергија. Само еден мал дел од таа енергија која стигнува на Земјата е доволен за да се одржува животот на нашата планета. Јасно е дека биле потребни огромна сила и моќ за да биде создадено не само Сонцето туку и милијардите други ѕвезди. Но, Јехова поседува сѐ што било потребно за да ги создаде, а и многу повеќе од тоа.

6, 7. а) Зошто може да се каже дека во сѐ што создал Бог со својот свет дух постои голем ред? б) Што покажува дека вселената не настанала случајно?

6 Насекаде околу нас има докази дека во сѐ што создал Бог со својот свет дух постои голем ред. Размисли за следново: Што ќе се случи ако силно протресеш една кутија со топчиња во различни бои, а потоа сите одеднаш ги фрлиш наземи? Дали би очекувал кога ќе паднат да бидат групирани по бои, така што на едно место ќе бидат сите сини, на друго сите жолти итн.? Се разбира дека не! Резултат од неконтролираните дејства никогаш не е ред, туку сосем спротивното. Тоа е еден од основните природни закони. a

7 Но, што гледаме кога ги набљудуваме небесата, сеедно дали со голо око или со телескоп? Гледаме огромен систем од галаксии, ѕвезди и планети кои се движат со неверојатна прецизност — систем во кој владее ред од највисок степен. Ова во никој случај не би можело да биде производ на чиста случајност или на непланирана и неконтролирана космичка експлозија. Затоа се наметнува прашањето: Каква сила била потребна за да се создаде вселена во која постои таков ред? Како луѓе, ние не сме способни да го дознаеме одговорот на ова прашање само со помош на научно набљудување или експерименти. Но, Библијата јасно кажува дека вселената е производ на најмоќната сила — Божјиот свет дух. Псалмистот пеел: „Со Јеховината реч се создадени небесата и со здивот на неговата уста целата нивна војска“ (Пс. 33:6). Кога навечер ќе го погледнеме ноќното небо, можеме да видиме само мал дел од таа ѕвездена „војска“!

Светиот дух и Земјата

8. Колку малку, всушност, знаеме за Јеховините дела?

8 Денес за природата знаеме незамисливо помалку во однос на она што сѐ уште останува да се открие. Со што може да се спореди нашето целокупно знаење за Божјите творби? Верниот Јов го дал одговорот кога рекол: „Ете, тоа се само делчиња од неговите дела, за него слушаме одвај слаб шепот!“ (Јов 26:14). Со векови подоцна, цар Соломон, кој внимателно го набљудувал Јеховиното создание, изјавил: „[Бог] направил сѐ да е убаво во свое време. Дури и вечноста им ја ставил на луѓето в срце, за да не можат да ги сфатат во потполност делата кои вистинскиот Бог ги направил“ (Проп. 3:11; 8:17).

9, 10. Која сила ја користел Бог кога ја создавал Земјата, и што се случувало во првите три дена на создавањето?

9 Сепак, Јехова ни открил важни детали за своите дела. На пример, Библијата ни кажува дека Божјиот дух дејствувал на Земјата веројатно пред милијарди години. (Прочитај 1. Мојсеева 1:2.) Тогаш на површината на Земјата немало суво копно, немало светлина, а очигледно немало ни воздух за дишење.

10 Понатаму Библијата го опишува она што Бог го направил во низа од неколку творечки денови. Не станува збор за дословни денови од 24 часа, туку за долги периоди во кои се случувале важни настани. Во првиот ден на создавањето, Јехова предизвикал постепено да се појавува светлина на површината на Земјата. Овој процес завршил кога подоцна сонцето и месечината можеле јасно да се гледаат од Земјата (1. Мој. 1:3, 14). Атмосферата почнала да се формира на вториот творечки ден (1. Мој. 1:6). До крајот на овој ден на нашата планета имало вода, светлина и воздух, но сѐ уште немало суво копно. Во почетокот на третиот творечки ден, Јехова го употребил својот свет дух за да предизвика да се појави суво копно. Веројатно тој влијаел врз огромните геолошки сили за да можат делови од континенталните плочи да се издигнат над првобитното море (1. Мој. 1:9). Во третиот и наредните неколку периоди на создавањето следеле и други вчудовидувачки настани.

Светиот дух и живите суштества

11. Што покажуваат сложеноста, симетријата и убавината на живите суштества?

11 Со дејствувањето на светиот дух, од третиот до шестиот творечки ден, Бог создал и огромен број живи суштества, односно најразлични видови растенија и животни чија градба исто така сведочи за висок степен на ред и организација (1. Мој. 1:11, 20-25). Нивната сложеност, симетрија и убавина покажуваат дека постои мудар Творец со врвна интелигенција.

12. а) Каква функција има ДНК? б) Што учиме од тоа што ДНК до ден-денес има иста функција која успешно ја извршува?

12 Да ја земеме за пример ДНК (дезоксирибонуклеинска киселина) со која се пренесуваат генетските карактеристики на организмите од една на друга генерација. Сите живи суштества на Земјата — во кои спаѓаат и микробите, тревата, слоновите, сините китови и луѓето — се размножуваат со помош на ДНК. Иако во живиот свет на Земјата постои огромна разноликост, генетската шифра која ги одредува наследните карактеристики не подлежи на големи промени и поради тоа разликите помеѓу главните видови организми се задржале до ден-денес. Затоа, во склад со намерата на Јехова Бог, различните организми сѐ уште си ја извршуваат својата улога во глобалниот екосистем (Пс. 139:16). Овој многу ефикасен и високо организиран систем е уште еден доказ дека целото творештво е дело на Божјиот „прст“, односно неговиот свет дух.

Круна на Божјето создание на Земјата

13. Како Бог го создал човекот?

13 Откако поминале овие долги творечки периоди и Бог создал безброј живи и неживи творби, Земјата веќе не била „празна и пуста“. Но, Јехова сѐ уште не престанал да го користи својот дух за да создава. На ред било создавањето на највеличествената жива творба на Земјата. При крајот на шестиот ден, Јехова го создал човекот. Како? Со помош на својот свет дух и на земните елементи (1. Мој. 2:7).

14. Во кој важен аспект луѓето се разликуваат од животните?

14 Во 1. Мојсеева 1:27 стои: „Тогаш Бог го создаде човекот според својот лик, го создаде според Божјиот лик — ги создаде машко и женско“. Тоа што сме создадени според Божјиот лик значи дека можеме да покажуваме љубов, дека сме обдарени со слободна волја, па дури и дека можеме да имаме личен однос со нашиот Творец. Затоа човечкиот мозок многу се разликува од мозокот на животните. Јехова го создал за да можеме засекогаш да учиме со радост за Него и за Неговите дела.

15. Каква иднина им претстоела на Адам и Ева?

15 Кога ги создал Адам и Ева, Јехова им ја дал целата планета за да ја истражуваат и да уживаат во сѐ што е на неа (1. Мој. 1:28). Им дал храна во изобилство и рајски дом. Тие имале можност да живеат вечно и да станат сакани родители на милијарди совршени потомци. За жал, работите тргнале во сосема друг правец.

Да ја признаеме улогата на светиот дух

16. Каква надеж имаме и покрај побуната на првите луѓе?

16 Наместо од благодарност да го слушаат Бог, кој ги создал, Адам и Ева себично се побуниле. Сите нивни потомци се несовршени и страдаат поради тоа. Но, Библијата објаснува на кој начин Бог ќе ја надомести штетата што ја предизвикале нашите први родители со своето погрешно постапување. Таа исто така покажува дека Јехова ќе ја исполни намерата што ја имал уште во почетокот. Земјата ќе стане рај во кој засекогаш ќе живеат среќни и здрави луѓе (1. Мој. 3:15). За да ја зачуваме верата во тоа прекрасно ветување, потребна ни е помошта од Божјиот свет дух.

17. На кое размислување мора да му се спротивставиме?

17 Треба да го молиме Јехова за свет дух (Лука 11:13). Ако го правиме тоа, ќе се зајакне нашето уверување дека созданието е дело на Божјите раце. Денес сме преплавени со атеистичка и еволуционистичка пропаганда која се темели на погрешни и неосновани тврдења. Не смееме да дозволиме таа поплава од неисправно размислување да нѐ збуни или да нѐ заплаши. Сите христијани мора да бидат подготвени да му се спротивстават на таквиот напад и на притисокот од околината што може да го предизвика тој. (Прочитај Колошаните 2:8.)

18. Во врска со потеклото на вселената и на човекот, зошто би било кратковидо да се исклучи влијанието на еден мудар Творец?

18 Ако искрено ги истражиме доказите кои одат во прилог на создавањето, нашата вера во Библијата и во самиот Бог сигурно ќе се зајакне. За мнозина е неразумно да се верува дека вселената и човекот се производ на некоја сила чие влијание научно „не може да се докаже“. Но, таквиот пристап во разгледувањето на фактите не би бил објективен. Освен тоа, така свесно би одбиле да признаеме дека во созданијата „на кои им нема број“ постои неверојатна сложеност и ред (Јов 9:10; Пс. 104:25). Како христијани, ние сме уверени дека во создавањето бил вклучен светиот дух под мудрото водство на Јехова.

Светиот дух и нашата вера во Бог

19. Како од лично искуство се уверуваме дека Бог постои и дека дејствува со својот свет дух?

19 Не мора да знаеме сѐ за созданието за да имаме вера во Бог, како и љубов и длабока страхопочит кон Него. Верата во Јехова не се темели само на факти. Исто како што едно пријателство меѓу двајца луѓе се зацврстува додека подобро се запознаваат, нашата вера во Бог се зацврстува додека учиме уште повеќе за него. Всушност, кога ни одговара на молитвите и кога ги забележуваме добрите резултати од примената на неговите начела во нашиот живот, добиваме понатамошна потврда дека тој постои. Стануваме уште поблиски со Јехова додека од прва рака гледаме како тој нѐ води, нѐ штити, го благословува нашиот труд во службата и ни дава сѐ што ни е потребно. Сето ова е силен доказ дека Бог постои и дека навистина дејствува со својот свет дух.

20. а) Зошто Бог ги создал вселената и човекот? б) Каков ќе биде резултатот ако продолжиме да го следиме водството на Божјиот свет дух?

20 Библијата е извонреден пример за тоа дека Јехова го користи својот дух бидејќи нејзините писатели ‚ги кажувале зборовите што доаѓале од Бог така како што ги водел светиот дух‘ (2. Пет. 1:21). Ако внимателно ја проучуваме, ќе можеме да ја изградиме својата вера во Бог како Творец на сѐ што постои (Отк. 4:11). Главната причина зошто Јехова почнал да создава била љубовта — една од неговите прекрасни особини (1. Јов. 4:8). Затоа, да дадеме сѐ од себе да им помагаме на другите да го запознаат нашиот добар небесен Татко и Пријател. А ако и самите дозволиме и понатаму да нѐ води Божјиот дух, ќе имаме чест да учиме за Него засекогаш (Гал. 5:16, 25). Затоа, сите да продолжиме да учиме за Јехова и за неговите големи дела и да ја одразуваме во својот живот безграничната љубов што тој ја покажал кога го употребил својот свет дух за да ги создаде вселената, Земјата и човекот.

[Фуснота]

Можеш ли да објасниш?

• Што учиме од вселената и од Земјата за начинот на кој Бог го користел светиот дух?

• Каква способност имаме затоа што сме создадени според Божјиот лик?

• Зошто треба да ги истражиме доказите за создавањето?

• Како можеме да стануваме сѐ поблиски со Јехова?

[Прашања]

[Слика на страница 7]

Што учиме за созданието од редот што постои во вселената?

[Извор на слика на страница 7]

Ѕвезди: Anglo-Australian Observatory/David Malin Images

[Слика на страница 8]

Што им е заедничко на сите овие суштества?

[Слика на страница 10]

Дали си подготвен да ја браниш својата вера?