Имај доверба во Јехова додека се ближи крајот
Имај доверба во Јехова додека се ближи крајот
„Имајте доверба во Јехова довека“ (ИСА. 26:4)
1. Во кој поглед Божјите слуги се разликуваат од луѓето во светот?
ЖИВЕЕМЕ во свет во кој милиони луѓе не знаат во кого или во што да имаат доверба, веројатно затоа што безброј пати биле повредени или разочарани. Но, тоа воопшто не е случај со Јеховините слуги! Бидејќи дозволуваат да ги води Божјата мудрост, тие не ја полагаат својата доверба ниту во овој свет ниту во неговите ‚достоинственици‘ (Пс. 146:3). Наместо тоа, ги ставаат својот живот и својата иднина во Јеховините раце затоа што се уверени дека тој ги сака и дека секогаш го исполнува она што го кажал во својата Реч (Рим. 3:4; 8:38, 39).
2. Со кои зборови Исус Навин потврдил дека Бог е достоен за доверба?
2 Исус Навин можел од прва рака да каже дека Бог е достоен за доверба. При крајот на својот живот, тој им го рекол следново на своите сонародници: „Вие добро знаете со сето ваше срце и со сета ваша душа дека не остана неисполнето ниту едно ветување од сите добри ветувања што ви ги даде Јехова, вашиот Бог. Сѐ ви се исполни“ (Ис. Нав. 23:14).
3. Што открива за Бог неговото име?
3 Јехова не ги исполнува своите ветувања само затоа што ги сака своите слуги туку, пред сѐ, поради своето име (2. Мој. 3:14; 1. Сам. 12:22). Во врска со Божјето име, во уводот на својот превод на Библијата, Џ. Б. Ротерхам напишал: „[Тоа] содржи едно прекрасно ветување и укажува дека Бог може да се приспособи на секакви околности, да се справи со најразлични тешки ситуации и да направи сѐ што е потребно... [Името] открива каков Бог е тој, сведочи за него и претставува гаранција [дека ќе ја исполни својата намера]. Бог секогаш одново ќе докаже дека со право го носи тоа име и никогаш нема да се срами од него“ (The Emphasized Bible).
4. а) На што сме поттикнати во Исаија 26:4? б) Што ќе разгледаме во оваа статија?
4 Прашај се: ‚Дали го познавам Јехова доволно добро за да можам целосно да се потпирам на него? Дали со доверба гледам на иднината, свесен дека тој има апсолутна контрола над сѐ?‘ Во Исаија 26:4 пишува: „Имајте доверба во Јехова довека, зашто Јах Јехова е вечна Карпа!“ Се разбира, денес Јехова не прави чуда за луѓето како што понекогаш правел во библиски времиња. Сепак, бидејќи е „вечна Карпа“, можеме „довека“ да имаме доверба во него. Како нашиот Бог, кој е достоен за доверба, им помага на своите верни слуги денес? Да разгледаме три начини: Нѐ зајакнува кога бараме помош од него за да им се спротивставиме на искушенијата, ни помага кога се соочуваме со рамнодушност или отворено противење и нѐ подига кога сме притиснати од грижи. Додека ги разгледуваме овие работи, размислувај како можеш да ја зацврстиш својата доверба во Јехова.
Кога си на искушение да постапиш погрешно
5. Кога би можело да биде многу тешко да покажеме доверба во Бог?
5 Можеби не ни е тешко да му веруваме на Јехова кога станува збор за неговото ветување за рајот или за воскресението — работи кои со душа ги очекуваме. Но, сосема друго е да имаме доверба во неговите морални мерила и со сето срце да бидеме уверени дека тој најдобро знае што е исправно и дека ќе бидеме најсреќни ако постапуваме според неговите начела. Цар Соломон го дал следниов совет: „Имај доверба во Јехова со сето свое срце и не потпирај се на сопствениот разум. На сите свои патишта имај го на ум, и тој ќе ги исправи твоите патеки“ (Изр. 3:5, 6). Забележи дека овде се спомнати нашите „патишта“ и „патеки“. Тоа укажува дека не е доволно само да имаме цврста надеж во Божјите ветувања. Мораме и со целокупниот начин на живот да докажеме дека имаме доверба во Јехова. Како можеме да покажеме ваква доверба кога ќе се најдеме во искушение?
6. Како можеме да ја зацврстиме својата решеност да не размислуваме за лоши работи?
6 За да не го правиме она што е лошо, пред сѐ треба да внимаваме за што размислуваме. (Прочитај Римјаните 8:5; .) Како можеш да ја зацврстиш својата решеност да не размислуваш за лоши работи? Да наведеме пет чекори: 1) Моли го Бог да ти помогне ( Ефешаните 2:3Мат. 6:9, 13). 2) Размислувај за библиските примери на оние што не го слушале Јехова и на оние што му биле послушни, и што се случило на крајот со нив a (1. Кор. 10:8-11). 3) Размислувај и за стресот и душевната болка што гревот може да ти ја нанесе тебе и на твоите блиски. 4) Мисли на тоа како се чувствува Бог кога некој што му служи ќе направи тежок грев. (Прочитај Псалм 78:40, 41.) 5) Замисли колку се радува Јехова кога гледа дека некој негов верен слуга го отфрла лошото и постапува исправно, сеедно дали другите го гледаат или не (Пс. 15:1, 2; Изр. 27:11). Ако ги примениш овие совети, ќе покажеш дека имаш доверба во Јехова.
Кога се соочуваш со рамнодушност и противење
7. Со какви испити се соочил Еремија, и како се чувствувал понекогаш?
7 Многу наши браќа проповедаат на подрачја каде што не е лесно да се истрае. И пророкот Еремија служел во слични околности во текот на бурните последни денови на царството Јуда. Бидејќи послушно ги објавувал Божјите пораки на суд, тој секојдневно се соочувал со испити на верата. Едно време дури и неговиот верен писар се жалел дека му е многу тешко (Ерем. 45:2, 3). Дали Еремија потклекнал на обесхрабрувањето? Понекогаш навистина се чувствувал потиштено. „Проклет да е денот во кој се родив!“, извикал тој. „Зошто излегов од утробата да гледам мака и тага и мојот живот да заврши во срам?“ (Ерем. 20:14, 15, 18).
8, 9. Во склад со Еремија 17:7, 8 и Псалм 1:1-3, што мора да правиме за да продолжиме да донесуваме добар плод?
8 И покрај сѐ, Еремија не се предал и продолжил да покажува доверба во Јехова. Како резултат на тоа, овој верен пророк го доживеал исполнувањето на Јеховините зборови што се запишани во Еремија 17:7, 8: „Благословен да е човекот што се надева на Јехова, кому Јехова му е сигурност! Тој ќе биде како дрво посадено покрај води, кое ги пушта своите корења крај водниот тек. Нема да види жега кога таа ќе дојде, туку лисјата ќе му останат зелени. Во сушна година нема да се грижи и нема да престане да раѓа плод“.
9 Исто како едно плодно дрво што е „посадено покрај води“, односно во добро наводнуван овоштарник, Еремија ‚не престанал да раѓа плод‘. Не дозволил злобните потсмевачи да влијаат врз него. Наместо тоа, цврсто се држел за Јехова, од кого извира животодавната „вода“, и го зел присрце сето она што му го кажувал Тој (прочитај Псалм 1:1-3; Ерем. 20:9). Еремија е навистина добар пример за нас, особено за оние што му служат на Бог на неприемливо подрачје. Ако и ти проповедаш во такви околности, продолжи и понатаму со сета душа да се потпираш на Јехова, кој ќе ти помогне истрајно да ‚го објавуваш неговото име‘ (Евр. 13:15).
10. Кои благослови ги имаме, и што треба да се прашаме?
10 Јехова ни помага на многу начини да се справиме со неволјите во овие последни денови. Меѓу другото, ни ја дал целата Библија. Како Божји народ, имаме точен превод на неговата Реч, кој денес се издава на сѐ повеќе јазици. Тој ни обезбедува и изобилство од навремена духовна храна преку верниот и разборит роб. А ни дава и состаноци и собири на кои можеме да се дружиме и да се храбриме со многу наши соверници. Дали добро ги користиш овие дарови? Сите што го прават тоа „ќе воскликнуваат од радост во срцето“. Но, оние што не го слушаат Бог ‚ќе викаат од болка во срцето и горко ќе плачат поради скршениот дух‘ (Иса. 65:13, 14).
Кога те притискаат грижи
11, 12. Со оглед на проблемите во светот, што е најмудро да правиме?
11 Како што било проречено, луѓето денес се преплавени со проблеми, а условите во светот од ден на ден стануваат сѐ полоши (Мат. 24:6-8; Отк. 12:12). Кога има дословна поплава, луѓето најчесто бегаат на повисоко или се качуваат на покривот од некоја зграда. Слично на тоа, додека светот сѐ повеќе тоне во проблеми, милиони луѓе бараат засолниште во финансиските, политичките или религиозните организации, како и во науката и технологијата, гледајќи на нив како на високо место во кое ќе најдат спас. Но, тие не можат да им пружат вистинска сигурност (Ерем. 17:5, 6). За разлика од луѓето во светот, слугите на Јехова имаат сигурно засолниште кај својот Бог, кој е нивна „вечна Карпа“ (Иса. 26:4). Псалмистот рекол: „[Јехова] ми е карпа и спасение, моја сигурна тврдина на високо место“. (Прочитај Псалм 62:6-9.) Како таа Карпа може да стане и наше прибежиште?
12 Ние се држиме цврсто за Јехова кога ги применуваме советите од неговата Реч, кои честопати се спротивни на човечката мудрост (Пс. 73:23, 24). На пример, под влијание на човечката мудрост, некои можеби велат: ‚Само еднаш се живее — уживај додека можеш!‘ ‚Биди некој и нешто!‘ ‚Стани богат!‘ ‚Купи ова, купи она...‘ ‚Прошетај, види бел свет!‘ Спротивно на ова, Божјата мудрост вели: „Оние што го користат светот... да не го користат во потполност — зашто се менува лицето на овој свет“ (1. Кор. 7:31). Слично нешто кажал и Исус, кој нѐ советувал Царството секогаш да ни биде на прво место, бидејќи така ќе си собираме „богатство на небото“, каде што никогаш нема да пропадне (Мат. 6:19, 20).
13. Имајќи ги на ум зборовите од 1. Јованово 2:15-17, што треба да се прашаме?
13 Дали од твојот став кон светот и кон „она што е во светот“ се гледа дека имаш безрезервна доверба во Бог? (1. Јов. 2:15-17). Дали духовните богатства и теократските задачи и одговорности ти значат повеќе од она што ти го нуди овој свет? (Фил. 3:8). Дали се трудиш да задржиш ‚бистро око‘? (Мат. 6:22). Се разбира, Бог не сака да бидеш неразумен или неодговорен, особено ако имаш семејство за кое треба да се грижиш (1. Тим. 5:8). Но, сепак очекува неговите слуги да имаат целосна доверба во него, а не во Сатановиот свет на кој деновите му се избројани (Евр. 13:5).
14-16. Какви благослови добиле некои затоа што задржале ‚бистро око‘ и го ставиле Царството на прво место?
14 Да го земеме примерот на Ричард и Рут, кои имаат три мали деца. „Срцето ми велеше дека можам да правам повеќе за Јехова“, објаснува Ричард. „Водевме удобен живот, но чувстував дека не му го давам најдоброто на Бог. Откако се молев во врска со тоа и, така да се каже, го пресметав трошокот, јас и Рут се договоривме да побарам од шефот да ми дозволи да работам само четири дена во седмицата, иако државата беше во економска криза. Моето барање беше одобрено, и за еден месец почнав да работам скратено“. Како се чувствува Ричард сега?
15 „Платата ми е помала за 20 отсто од порано“, вели тој, „но сега имам плус 50 слободни денови годишно за да ги поминувам со семејството и да се грижам за децата. Одам двапати повеќе во служба, имам трипати повеќе библиски студии и повеќе се трошам за собранието. А бидејќи ѝ помагам на Рут околу децата, таа може повремено да служи како помошен пионер. Решен сум да продолжам вака колку што е можно подолго.“
16 За да служат полновремено, Рој и Петина, чија ќерка сѐ уште живее со нив, исто така поминуваат помалку време на световна работа од порано. „Работам три дена во седмицата, а Петина работи два“, вели Рој. „Освен тоа, се преселивме од куќа во помал стан, кој е многу полесен за одржување. Бевме пионери пред да ни се родат синот и ќерката, и никогаш не ни згасна желбата за оваа служба. Затоа, кога нашите деца пораснаа, повторно почнавме да служиме полновремено. Благословите што ги добиваме не можат да се купат со никакви пари!“
„Мирот Божји“ нека го чува твоето срце
17. Со оглед на тоа колку е несигурен животот, како ти лично наоѓаш утеха во Божјата Реч?
17 Никој од нас не знае што ќе донесе утрешниот ден, бидејќи „времето и непредвидените настани“ го снаоѓаат секого од нас (Проп. 9:11). Сепак, не мора да си го изгубиме душевниот мир уште денес затоа што не знаеме што ќе ни се случи утре. Тоа обично е случај со оние што живеат во неизвесност затоа што немаат близок однос со Бог (Мат. 6:34). Апостол Павле напишал: „Не бидете загрижени за ништо, туку во сѐ — со молитви и молби, со благодарење — изнесете му ги своите барања на Бог. И мирот Божји, кој ја надминува секоја мисла, ќе ги чува вашите срца и вашиот ум“ (Фил. 4:6, 7).
18, 19. На кој начин нѐ теши Бог? Наведи пример.
18 Многу браќа и сестри почувствувале дека Јехова им дава внатрешно спокојство и мир кога се нашле во тешки ситуации. Една сестра која требало да се оперира вели: „Хирургот постојано се обидуваше да ме заплаши и да ме натера да прифатам трансфузија на крв. Неговите први зборови кога ме виде беа: ‚Какви се тие бесмислици, како тоа не сакате да примите крв?‘ Тогаш, а и во други прилики подоцна, му се молев во себе на Јехова, и почувствував мир. Тоа ми помогна да останам цврста. Иако немав сили поради тоа што крвта ми беше слаба, можев јасно да ги наведам библиските причини за мојот став“.
19 Понекогаш Бог може да ни ја даде потребната помош преку утехата што ќе ја добиеме од некој соверник или преку навремената духовна храна. Веројатно си чул како некој брат или сестра вели: „Ова е токму тоа што ми требаше. Оваа статија како да е пишувана само за мене!“ Да, сеедно какви се нашите околности или потреби, Јехова ќе ни покаже дека нѐ сака ако имаме доверба во него. Тој е спремен да ни помогне бидејќи ние сме негови „овци“ и го носиме неговото име (Пс. 100:3; Јован 10:16; Дела 15:14, 17).
20. Зошто Јеховините слуги ќе бидат спокојни кога Сатановиот свет ќе биде уништен?
20 Во „денот на Јеховиниот гнев“, кој брзо се приближува, ќе пропадне сето она во кое полагаат доверба луѓето во Сатановиот свет. Златото, среброто и другите скапоцени работи нема да им помогнат (Соф. 1:18; Изр. 11:4). Нашата „вечна Карпа“ ќе биде единственото засолниште (Иса. 26:4). Затоа, уште сега да покажеме дека имаме безусловна доверба во Јехова така што послушно ќе одиме по неговите праведни патишта, ќе ја објавуваме неговата порака за Царството и покрај рамнодушноста или противењето, и ќе му ги довериме сите свои грижи. Ако го правиме тоа, навистина ‚ќе бидеме спокојни и ќе живееме мирно, и нема да се плашиме од зло‘ (Изр. 1:33).
[Фуснота]
a Види во книгата Зачувај ја Божјата љубов, страници 102-106.
Можеш ли да објасниш?
Како ќе покажеме доверба во Бог...
• кога сме на искушение да постапиме погрешно?
• кога се соочуваме со рамнодушност или противење?
• кога нѐ притискаат грижи?
[Прашања]
[Слика на страница 13]
Ако се држиме за Божјите мерила, ќе бидеме среќни
[Слика на страница 15]
„Јехова е вечна Карпа!“