Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Никогаш не напуштај ги своите соверници

Никогаш не напуштај ги своите соверници

Никогаш не напуштај ги своите соверници

„ЦЕЛИ десет години бевме како заслепени од сјајот на деловниот свет и бевме прилично богати. Иако пораснавме во вистината, толку многу се оддалечивме од собранието што немавме доволно духовна сила за да се вратиме“, раскажуваат Јарослав и неговата жена, Беата. a

Еден друг брат, Марек, вели: „Поради општествените и политичките промени во Полска, никако не можев да ја задржам работата што ќе ја најдев. Бев многу разочаран. Се плашев да отворам своја фирма бидејќи немав некој осет за бизнис. На крајот сепак се решив на тој чекор, со надеж дека ќе можам подобро да се грижам за материјалните потреби на семејството без притоа да страда мојата духовност. Но, со текот на времето сфатив дека бев во голема заблуда“.

Во свет каде што животните трошоци и невработеноста непопустливо растат од ден во ден, човек може многу лесно да падне во очај и, како резултат на тоа, да донесе немудра одлука. Некои браќа почнуваат да работат прекувремено или на повеќе места или, пак, отвораат сопствен бизнис иако немаат доволно искуство. Тие си мислат дека дополнителниот приход ќе му се најде на семејството и дека таквиот чекор нема лошо да влијае врз нивната духовност. За жал, дури и ако некој има најдобри намери, непредвидените околности и нестабилната економија можат да го одведат во сосема друг правец. Како последица на тоа, некои паднале во замката на алчноста и ги жртвувале духовните интереси за да имаат повеќе во материјален поглед (Проп. 9:11, 12).

Некои браќа и сестри толку се занеле во остварувањето на световни цели што повеќе немале време за лично проучување, состаноци и служба. Се разбира, ова се одразува лошо на нивната духовност и на нивниот однос со Јехова. Освен тоа, во опасност се да жртвуваат уште една важна врска — врската со „своите браќа по вера“ (Гал. 6:10). Некои постепено се оддалечуваат од христијанското братство. Во оваа статија ќе зборуваме токму за тоа. Размисли сериозно за информациите што ќе бидат изнесени.

Должност кон соверниците

Како браќа и сестри, можеме да си покажуваме љубов во многу прилики (Рим. 13:8). Сигурно и во твоето собрание има ‚страдалници кои викаат за помош‘ (Јов 29:12). Можеби некои едвај врзуваат крај со крај. Апостол Јован нѐ потсетува дека ова ни дава можност да им помогнеме на тие браќа. „Кој има добра од овој свет и гледа дека брат му е во немаштија, а сепак не се смилува кон него, како тогаш љубовта кон Бог останува во него?“ (1. Јов. 3:17).

Можеби досега веќе великодушно си им помагал на оние што имаат потреба од материјална помош. Но, постои и друг начин на кој можеме да покажеме дека сме заинтересирани за нашите браќа и сестри. Некои од нив викаат за помош затоа што се осамени или обесхрабрени. Можеби се чувствуваат безвредни, се борат со тешка болест или, пак, им починал некој близок. Би можеле да ги охрабриме така што ќе ги слушаме и ќе разговараме со нив, и со тоа ќе им помогнеме во емоционален и духовен поглед (1. Сол. 5:14). Ова честопати уште повеќе ја зајакнува врската на љубов меѓу нас и нашите браќа.

Собраниските старешини можат особено да помогнат со тоа што сочувствително ќе слушаат, ќе покажат разбирање и со љубов ќе дадат совети од Библијата (Дела 20:28). На тој начин, надгледниците го следат примерот на апостол Павле, кој бил „полн со љубов“ кон своите духовни браќа и сестри (1. Сол. 2:7, 8).

Меѓутоа, дали би можел еден христијанин да ја исполни својата должност кон соверниците ако се оддалечи од стадото? Дури и браќата што служат како надгледници во собранието се во опасност да паднат во замката на материјализмот. Што ако некој христијанин навистина подлегне на такво искушение?

Притиснати од животните грижи

Како што видовме, тоа што се напрегаме да ги задоволиме основните потреби на семејството честопати носи грижи и може да ја ослаби нашата решеност да ги ставиме духовните работи на прво место (Мат. 13:22). Марек, кој беше спомнат погоре, објаснува: „Кога бизнисот ми пропадна, одлучив да побарам добро платена работа во странство. Заминав на само три месеци, потоа на уште три, па на уште три... Се враќав кратко дома и повторно заминував. Поради тоа, мојата жена, која не е Сведок, страдаше во емоционален поглед“.

Но, не страдал само нивниот брак. Марек продолжува: „Освен што морав по цел ден да работам на неподносливо жешко време, бев опкружен со користољубиви и безобразни луѓе, кои постапуваа како прави криминалци. Ми беше многу тешко и ми се чинеше дека немам никаква контрола над својот живот. Бидејќи немав време ни за себе, се прашував како можам да им служам на другите“.

Жалните последици од одлуката на Марек треба да нѐ поттикнат да застанеме за миг и да си го ставиме прстот на чело. Иако можеби изгледа дека преселбата во друга земја ќе биде решение за финансиските тешкотии, нема ли да отвори нови проблеми? На пример, што ќе се случи со духовните и емоционалните потреби на нашето семејство? Дали поради преселбата ќе изгубиме контакт со собранието? Нема ли со тоа да ја изгубиме и честа да им служиме на соверниците? (1. Тим. 3:2-5).

Но, како што веројатно знаеш и самиот, не мора некој да работи во странство за да се преокупира со својата световна работа. Размисли за Јарослав и Беата. Јарослав вели: „Сѐ почна прилично наивно. Кога стапивме во брак, отворивме мала сендвичарница на прометно место. Бидејќи многу добро ни одеше, решивме да го прошириме бизнисот. Толку бевме зафатени што почнавме да ги пропуштаме христијанските состаноци. За кратко време, престанав да служам како пионер и слуга-помошник. Понесени од големата заработка, отворивме голема продавница и станавме ортаци со човек кој не беше Сведок. Наскоро почнав да патувам во странство и да склучувам договори вредни милиони долари. Ретко бев дома и тоа лошо се одрази на мојот однос со жена ми и со ќерка ми. Иако бизнисот цветаше, ние паднавме во длабок духовен сон. Бидејќи немавме никаков контакт со собранието, воопшто не помислувавме на браќата“.

Што учиме од ова? Ако некој Божји слуга сака уште денес да си направи свој „рај“, може да падне во замка и да стане рамнодушен кон духовните работи — па дури и да ја изгуби „својата облека“, односно обележјата на еден христијанин (Отк. 16:15). Освен тоа, така би можел да ја прекине врската со браќата на кои порано можел да им помага.

Искрено преиспитај се

Можеби си мислиме: ‚Тоа нема мене да ми се случи‘. Сепак, секој од нас треба добро да размисли колку, всушност, ни е потребно во животот. „Ништо не сме донеле на светов, па не можеме ништо ни да однесеме од него“, напишал апостол Павле. „Значи, ако имаме храна, облека и покрив над главата, со тоа да бидеме задоволни“ (1. Тим. 6:7, 8). Точно, животниот стандард се разликува од една до друга земја. Она што можеби се смета за основна потреба во една развиена земја, во многу други може да претставува луксуз.

Сеедно каков е стандардот таму каде што живееме ние, да размислиме за следниве зборови на Павле: „Оние што решиле да се збогатат, паѓаат во искушение и во замка и во многу неразумни и штетни желби, кои ги туркаат луѓето во уништување и во пропаст“ (1. Тим. 6:9). Замката обично е скриена за да го фати пленот на препад. Како можеме да се спасиме од замката на ‚штетните желби‘?

Ако ни е јасно што треба да ни биде најважно во животот, ќе најдеме повеќе време да му служиме на Јехова. Тоа значи и дека ќе одвоиме време за лично проучување. Проучувањето и молитвата можат да му помогнат на еден христијанин да биде „вистински способен и потполно опремен“ за да им пружи помош и на другите (2. Тим. 2:15; 3:17).

Неколку години со ред, старешините со љубов се труделе да го охрабрат и духовно да го зајакнат Јарослав. Тоа го навело да направи драстични промени. Тој вели: „Во еден значаен разговор, старешините ми го посочија примерот од Библијата на богатиот младич кој сакал да живее вечно, но не бил спремен да се откаже од своето богатство. Потоа тактично ме поттикнаа да размислам дали можеби и јас немам сличен проблем. Тоа навистина ми ги отвори очите!“ (Изр. 11:28; Мар. 10:17-22).

Јарослав искрено се преиспитал и решил да се повлече од својот профитабилен бизнис. За две години, тој и неговото семејство закрепнале во духовен поглед. Сега им служи на своите браќа како старешина. Јарослав вели: „Кога некој брат ќе се преокупира со бизнис до тој степен што ја запоставува својата духовност, му кажувам од лично искуство колку е немудро да се впрегнуваме во нееднаков јарем со неверници. Факт е дека не е лесно да им се одолее на примамливите понуди и да се остане чесен во сѐ“ (2. Кор. 6:14).

И Марек научил лекција од сопствените грешки. Благодарение на големата плата што ја земал во странство, неговото семејство стоело добро во материјален поглед, но тоа се одразило негативно на неговиот однос со Бог и со неговите браќа. Најпосле се преиспитал за да види што му е најважно, и направил промени. „Со години бев во слична ситуација како Варух кој ‚барал големи работи за себе‘. На крајот, му го излеав своето срце на Јехова и му кажав за сите мои грижи. Сега чувствувам дека ми се врати духовната рамнотежа“ (Ерем. 45:1-5). Денес Марек се труди да ги исполни условите да служи како надгледник во собранието — служба која е „вредна за пофалба“ (1. Тим. 3:1).

Тој им го дава следново предупредување на оние што можеби размислуваат да одат во странство за да бараат подобро платена работа: „Кога си во туѓа земја, многу лесно можеш да се фатиш во стапиците на овој злобен свет. Бидејќи не го знаеш добро јазикот, тешко е да се разбереш со другите. Можеби ќе си дојдеш дома со пари, но и со духовни рани кои нема брзо да се залечат“.

За да го радуваме Јехова, многу е важно да задржиме рамнотежа меѓу световното вработување и должноста да им помагаме на нашите браќа. Ако успееме во тоа, нашиот добар пример би можел да ги мотивира и другите да донесуваат мудри одлуки. На оние што се оптоварени им требаат поддршката, сочувството и добриот пример на нивните браќа и сестри. Собраниските старешини и другите зрели христијани можат да им помогнат на соверниците да бидат урамнотежени и да не дозволат животните грижи да ги задушат (Евр. 13:7).

Затоа, никогаш да не ги напуштиме соверниците со тоа што ќе се преокупираме со нашата световна работа (Фил. 1:10). Напротив, да бидеме ‚богати пред Бог‘ така што ќе го ставиме Царството на прво место во својот живот! (Лука 12:21).

[Фуснота]

a Некои имиња се сменети.

[Слика на страница 21]

Дали ги пропушташ состаноците поради световната работа?

[Слика на страница 23]

Дали ти е важно да им помагаш на своите духовни браќа и сестри?