Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Служи му на Јехова со сета сериозност

Служи му на Јехова со сета сериозност

Служи му на Јехова со сета сериозност

‚За сѐ што е сериозно, за тоа размислувајте‘ (ФИЛ. 4:8, фус.)

1, 2. Зошто денес мнозина во светот се препуштаат на задоволствата, и кои прашања се поставуваат во врска со тоа?

 СВЕТОТ во кој живееме минува веројатно низ најтешките и најтрагичните мигови во човечката историја. Луѓето што немаат близок однос со Бог едвај излегуваат на крај со овие „особено тешки времиња“ (2. Тим. 3:1-5). Бидејќи се обидуваат да се справат со секојдневните грижи само со своја сила, тоа честопати не им оди од рака. Многумина од нив сакаат да побегнат од суровата реалност барајќи излез во бескрајните можности за забава што им ги нуди овој свет.

2 За полесно да се носат со проблемите во животот, луѓето честопати им се препуштаат на задоволствата. Ако не внимаваме, и ние би можеле да почнеме да живееме како нив. Што ќе ни помогне да не ни се случи такво нешто? Мора ли постојано да бидеме сериозни и воопшто да не се забавуваме? Како можеме да најдеме рамнотежа меѓу разонодата и нашите одговорности? Кои библиски начела можат да ни помогнат да ги ставиме важните работи на прво место, но сепак да не гледаме премногу сериозно на сѐ во животот?

Сериозни во свет кој е луд по задоволства

3, 4. Како Божјата Реч ни помага да сфатиме колку е важно сериозно да размислуваме за животот?

3 Излишно е да се каже дека овој свет претерано ‚ги сака уживањата‘ (2. Тим. 3:4). Во светот се става преголем акцент на забавата, но таквиот начин на размислување може да ја доведе во опасност нашата духовност (Изр. 21:17). Затоа, во своето послание до Тит, Павле со право им пишал на сохристијаните колку е важно сериозно да ја сфаќаат својата служба за Бог. Ако ги применуваме неговите совети, полесно ќе се спротивставиме на влијанието на светот и на неговиот површен став кон животот. (Прочитај Тит 2:2-8, фуснота.)

4 Неколку векови пред тоа, Соломон напишал дека е помудро човек да размислува за важните и сериозни работи во животот отколку постојано да мисли само на задоволствата (Проп. 3:4; 7:2-4). Всушност, бидејќи животот е краток, треба ‚силно да се напрегаме‘ за да бидеме спасени (Лука 13:24). Затоа, важно е да размислуваме за „сѐ што е сериозно“ (Фил. 4:8, 9, фус.). Ова значи дека треба да обрнеме внимание на сите полиња од христијанскиот живот.

5. Која одговорност во животот треба да ја сфатиме сериозно?

5 На пример, бидејќи како христијани сакаме да се угледаме на Јехова и на Исус, сериозно ја сфаќаме нашата одговорност трудољубиво да работиме (Јован 5:17). Луѓето честопати нѐ пофалуваат затоа што имаме добри работни навики и затоа што можат да се потпрат на нас. Семејните поглавари особено се трудат марливо да работат за да го издржуваат семејството. Всушност, кога тие не би се грижеле во материјален поглед за домашните, тоа би било исто како да ‚се одрекле од верата‘ во Јехова! (1. Тим. 5:8).

Служи му на Бог сериозно, но со радост

6. Од каде знаеме дека треба сериозно да гледаме на нашата служба за Бог?

6 На Јехова отсекогаш му било важно неговиот народ да му служи на исправен начин. На пример, додека бил на сила Мојсеевиот закон, Израелците сноселе тешки последици секогаш кога ќе му свртеле грб на Јехова (Ис. Нав. 23:12, 13). Во првиот век, Христовите следбеници требало силно да се борат за да не дозволат во вистинската религија да се вовлечат погрешни учења и неисправен начин на размислување (2. Јов. 7-11; Отк. 2:14-16). Вистинските христијани и денес ја сфаќаат сериозно својата служба за Бог (1. Тим. 6:20).

7. Како Павле се подготвувал за службата на проповедање?

7 Службата на проповедање ни носи радост. Но, за и понатаму да биде така, треба да ја сфаќаме сериозно и да се подготвуваме за неа. Апостол Павле ги земал во обѕир потребите на луѓето што ги поучувал. Тој напишал: „На сите им бев сѐ, за да можам на секој можен начин да спасам некои. Но, сѐ правам поради добрата вест, за да им ја проповедам на другите“ (1. Кор. 9:22, 23). Павле бил среќен што може да им помага на другите во духовен поглед и затоа внимателно размислувал како би можел да ги задоволи потребите на различните луѓе што го слушале. На тој начин можел да ги охрабри и да ги поттикне да му служат на Јехова.

8. а) Како треба да гледаме на луѓето што ги поучуваме во службата? б) Како водењето библиска студија може да ни помогне да чувствуваме уште поголема радост?

8 Колку му била важна службата на Павле? Тој бил спремен да им ‚робува‘ и на Јехова и на оние што сакале да ја дознаат вистината од Божјата Реч (Рим. 12:11; 1. Кор. 9:19). Кога ги поучуваме другите за Библијата — сеедно дали на библиска студија, на состанок или во текот на Семејната вечер — дали сме свесни колку голема одговорност имаме кон оние што нѐ слушаат? Можеби ни се чини дека редовната библиска студија со некој интересент е преголем товар за нас. Точно, тоа обично бара да одвоиме дел од нашето време за да им помагаме на другите, време кое би можеле да си го посветиме на лични работи. Но, зарем тоа не е во склад со она што го рекол Исус, имено, дека „повеќе усреќува давањето отколку примањето“? (Дела 20:35). Ако ги поучуваме другите за патот што води до спасение, ќе чувствуваме радост која не може да се спореди со ништо друго!

9, 10. а) Дали тоа што некој е сериозен значи дека не може опуштено да разговара со луѓето и да ужива во дружењето со нив? Објасни. б) Што може да им помогне на старешините да бидат пристапливи и да ги охрабруваат другите?

9 Ако некој е сериозен, тоа не значи дека не може опуштено да разговара со луѓето и да ужива во дружењето со нив. Исус ни дал совршен пример во овој поглед бидејќи не одвојувал време само за да поучува туку и да се опушти и да изгради блиски пријателства со другите (Лука 5:27-29; Јован 12:1, 2). Освен тоа, да се биде сериозен не значи секогаш да се има строг израз на лицето. Ако Исус бил строг или претерано сериозен, луѓето сигурно немало слободно да му пристапуваат и да зборуваат со него. Меѓутоа, дури и децата се чувствувале пријатно во негово друштво (Мар. 10:13-16). Слично на Исус, како можеме и ние да бидеме урамнотежени во овој поглед?

10 Во врска со еден старешина, еден брат го рекол следново: „Тој очекува многу од себеси, но не очекува од другите да бидат совршени“. Дали ова може да се каже и за тебе? Не е погрешно да имаме разумни очекувања од другите. На пример, за децата е добро кога родителите им поставуваат разумни цели и им помагаат да ги остварат. Слично, и старешините можат да ги поттикнуваат членовите на собранието да напредуваат во духовен поглед. Добро е и да им даваат конкретни предлози како да го постигнат тоа. Ако старешината има урамнотежено гледиште за себеси, ќе биде срдечен и пристаплив (Рим. 12:3). Една сестра го рекла следново: „Не би сакала некој старешина воопшто да не е сериозен. Но, ако постојано е сериозен, би ми било тешко да му пристапам и да зборувам со него“. Друга сестра рекла: „Од некои старешини просто се плашиш затоа што секогаш се претерано строги и сериозни“. Старешините во никој случај не смеат да ја задушуваат радоста која сите Јеховини слуги треба да ја чувствуваат додека му служат на „среќниот Бог“ (1. Тим. 1:11).

Прифати задолженија во собранието

11. Како браќата можат да покажат дека ‚сакаат да служат‘ во собранието?

11 Кога Павле ги советувал мажите во собранието да се трудат да ги исполнат условите за да преземат поголеми одговорности, не сакал да ги поттикне да задоволат некои свои лични амбиции. Наместо тоа, им напишал: „Ако некој сака да служи како надгледник, тој сака служба вредна за пофалба“ (1. Тим. 3:1, 4). Мажите во собранието кои ‚сакаат да им служат‘ на своите браќа, треба марливо да се трудат да ги развиваат потребните христијански особини. Ако некој брат е крстен најмалку една година и ако во разумна мера ги исполнува библиските услови за слуга-помошник, кои се наведени во 1. Тимотеј 3:8-13, старешините можат да го предложат за таа служба. Забележи дека, според фуснотата, во 8. стих јасно пишува: „Слугите помошници, исто така, треба да бидат сериозни“.

12, 13. Објасни како младите браќа можат да покажат дека ‚сакаат да служат‘ во собранието.

12 Дали си крстен брат во доцните тинејџерски години кој сериозно ја сфаќа службата за Јехова? Има повеќе начини на кои можеш да покажеш дека ‚сакаш да служиш‘. Еден начин е да се трудиш да проповедаш подобро и во поголема мера. Сакаш ли да одиш во служба со браќа и сестри на различна возраст? Дали се трудиш да пронајдеш некој со кого би можел да ја проучуваш Библијата? Ако водиш библиска студија применувајќи ги советите кои ги добиваме на нашите состаноци, ќе можеш уште подобро да ги поучуваш другите. Освен тоа, ќе научиш да сочувствуваш со оние што сакаат да дознаат што очекува Јехова од нив. Кога некој со кого проучуваш ќе почне да сфаќа дека треба да прави промени во животот, ќе научиш стрпливо и тактично да му помагаш да ги применува библиските начела.

13 Млади браќа, имате можност да им се ставите на располагање на постарите во собранието со тоа што ќе им помагате на најразлични начини. Освен тоа, можете да покажете поголем интерес за одржувањето на Салата, така што ќе го давате својот дел за таа да биде чиста и уредна. Ако понудите помош онаму каде што можете да помогнете, со својата спремност ќе покажете дека сериозно ја сфаќате својата служба. И вие можете, слично на Тимотеј, да научите вистински да се грижите за потребите на собранието. (Прочитај Филипјаните 2:19-22.)

14. Како старешините можат да ‚испитаат‘ дали младите браќа се во состојба да служат во поголема мера во собранието?

14 Старешини, давајте им разни задачи на младите браќа кои се трудат да ‚бегаат од желбите на младоста‘, а ‚тежнеат кон праведноста, верата, љубовта, мирот‘ и други добри особини (2. Тим. 2:22). Ако им доделувате задолженија во собранието, ќе можете да ‚испитате‘ дали се во состојба да носат одговорности, и така нивниот „напредок да им биде видлив на сите“ (1. Тим. 3:10; 4:15).

Сериозно сфати ги собраниските и семејните одговорности

15. Како ќе покажеме дека ги почитуваме другите, во склад со 1. Тимотеј 5:1, 2?

15 Да се биде сериозен значи и да се почитува достоинството на браќата и сестрите. Павле го советувал Тимотеј да се однесува со другите со почит. (Прочитај 1. Тимотеј 5:1, 2.) Ова е особено важно кога станува збор за начинот на кој постапуваме со спротивниот пол. Јов се однесувал со жените со почит, особено со својата сопруга, и така ни дал пример кој вреди да го следиме. Тој внимавал да не гледа во друга жена со страст (Јов 31:1). Ако ги почитуваме браќата и сестрите, нема да флертуваме со нив ниту, пак, ќе правиме што и да е друго поради кое би им било непријатно во наше друштво. Особено христијаните кои се во врска треба да внимаваат да покажуваат почит еден кон друг. Еден зрел и сериозен христијанин нема да си игра со чувствата на некое лице од спротивен пол (Изр. 12:22).

16. Како некои во светот гледаат на улогата на мажот и таткото, но што вели Библијата за неа?

16 Освен тоа, треба да внимаваме никогаш да не престанеме да ја сфаќаме сериозно улогата што Јехова ни ја дал во семејството. Светот на Сатана се потсмева на улогата што мажот ја има како сопруг и татко. Забавната индустрија обично го прикажува како лице кое другите во семејството треба да го исмејуваат и да го омаловажуваат. Меѓутоа, според Библијата, мажот има голема одговорност затоа што е поставен како „глава на жената“ (Еф. 5:23; 1. Кор. 11:3).

17. Како мажот и жената можат да покажат дека сериозно ги сфаќаат своите одговорности кога станува збор за семејното проучување?

17 Би било непромислено и неразумно еден маж да се грижи за материјалните потреби на семејството, а да не му го дава потребното духовно водство (5. Мој. 6:6, 7). Затоа, ако си сопруг или татко и сакаш да вршиш додатни одговорности во собранието, мораш ‚добро да управуваш со својот дом, а децата треба да ти бидат послушни со сета сериозност‘ (1. Тим. 3:4, фус.). Во врска со ова, прашај се: ‚Дали редовно проучувам со своето семејство?‘ Некои христијанки мораат дословно да го молат својот маж да предводи во духовните работи во семејството. Секој маж треба сериозно да размисли за тоа како гледа на оваа одговорност. Се разбира, жената треба да му дава поддршка и да соработува со него за Семејната вечер да биде редовна и квалитетна.

18. Како децата можат да научат сериозно да размислуваат за поважните работи во животот?

18 И децата се поттикнати сериозно да размислуваат за поважните работи во животот (Проп. 12:1). Нема ништо лошо во тоа уште од мали да научат марливо да работат, така што низ дома ќе вршат работи кои одговараат на нивната возраст и способности (Плач 3:27). Кога цар Давид сѐ уште бил многу млад, ги чувал овците на татко му и станал добар пастир. Освен тоа, научил да свири на различни инструменти и да компонира песни, а тоа му овозможило да дојде на царскиот двор и да му служи на израелскиот цар (1. Сам. 16:11, 12, 18-21). Како мал, Давид сигурно си играл, но освен тоа научил да врши разни работи, и ова знаење подоцна го искористил за да го фали Јехова. Тоа што порано бил пастир му помогнало стрпливо да го води израелскиот народ. Млади, кои способности ги развивате што ќе ви помогнат да му служите на својот Творец и да се подготвите за одговорните улоги што ќе ги добиете во иднина?

Биди урамнотежен

19, 20. Како треба да гледаме на себеси и на својата служба за Бог?

19 Сите треба да се трудиме да имаме урамнотежено гледиште за себеси — не смееме да се сфаќаме премногу сериозно, односно да сметаме дека сме премногу важни. Сигурно не би сакале да бидеме ‚преправедни‘ (Проп. 7:16). Малку хумор може да ја опушти атмосферата во напнати ситуации, сеедно дали дома, на работа или во односите со соверниците. Членовите на семејството треба да внимаваат да не бидат критизерски настроени еден кон друг за да не се поткопа сигурноста и мирот кој треба да владее во домот. Сите во собранието можеме да научиме да се смееме и да уживаме во заедничкото дружење, а и да пазиме нашите разговори и начинот на поучување да влијаат позитивно и охрабрувачки врз другите (2. Кор. 13:10; Еф. 4:29).

20 Луѓето во овој свет не ги сфаќаат сериозно ниту Јехова ниту неговите закони. За разлика од нив, на Божјите слуги им е многу важно да му бидат послушни и оддадени на својот Бог. Навистина е прекрасно да се биде дел од една голема организација на луѓе кои му служат на Јехова „со сета сериозност“! Затоа, да се трудиме и понатаму сериозно да ја сфаќаме нашата служба за Бог и сите други одговорности во животот!

Како би одговорил?

• Зошто треба да внимаваме да не стекнеме површен став кон животот каков што имаат мнозина во светот?

• Како можеме да му служиме на Бог сериозно, но со радост?

• Како нашиот став кон одговорностите покажува дали ги сфаќаме сериозно?

• Објасни зошто е многу важно да се однесуваме со почит и кон соверниците и кон членовите на нашето семејство.

[Прашања]

[Слики на страница 12]

Мажот мора да се грижи и за материјалните и за духовните потреби на семејството