Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Ќе го следиш ли Јеховиното водство?

Ќе го следиш ли Јеховиното водство?

Ќе го следиш ли Јеховиното водство?

„Секој крив пат го мразам“ (ПС. 119:128)

1, 2. а) Кога некој пријател ти објаснува како да стигнеш некаде, какво предупредување сигурно ќе сакаш да ти даде, и зошто? б) Какви предупредувања им дава Јехова на своите слуги, и зошто?

ЗАМИСЛИ дека треба да патуваш до одредено место. Бидејќи не го знаеш патот, прашуваш еден добар пријател како би можел да стигнеш до таму. Тој ти ги дава потребните упатства, но ти дава и совети што ќе ти помогнат да не се изгубиш. На пример, те предупредува дека на патот има еден знак што може да те одведе во погрешен правец. Поради него, многу луѓе залутале. Дали ќе бидеш благодарен за неговите совети и дали ќе го послушаш? Во некои погледи, Јехова е таков пријател. Тој ни дава точни упатства како да стигнеме до нашата цел — вечниот живот. Но, исто така нѐ советува како да не залутаме на погрешен пат (5. Мој. 5:32; Иса. 30:21).

2 Во оваа и во следната статија, ќе видиме на кои опасности нѐ предупредува нашиот Пријател, Јехова Бог. Да не заборавиме дека тој ни дава предупредувања од љубов и затоа што се грижи за нас. Бог сака да стигнеме до новиот свет и да живееме вечно. Тешко му е кога гледа како некои попуштаат на лошите влијанија и скршнуваат од правиот пат престанувајќи да му служат (Езек. 33:11). Во оваа статија ќе зборуваме за три опасности. Првата доаѓа од другите луѓе, втората извира од самите нас, а третата е нешто кое само си го замислуваме, но сепак може многу да ни наштети. Многу е важно да знаеме кои се овие опасности и како нашиот небесен Татко нѐ учи да се чуваме од нив. Еден псалмист му го рекол следново на Јехова: „Секој крив пат го мразам“ (Пс. 119:128). Дали и ти имаш таков став? Да видиме што ќе ни помогне да го мразиме „секој крив пат“ и да не залутаме по него.

Не поведувај се „по мнозинството“

3. а) Зошто би било опасно да се поведеме по другите луѓе кога не сме сигурни во кој правец треба да одиме? б) Кое важно начело е изнесено во 2. Мојсеева 23:2?

3 Ако си тргнат на долг пат, што ќе правиш ако не си сигурен во кој правец треба да одиш? Би можел да се најдеш на искушение да тргнеш каде што одат другите — особено ако гледаш дека повеќето одат натаму. Но, тоа е опасно. Можеби тие луѓе не одат онаму каде што патуваш ти или, пак, и самите се изгубиле. Овој пример ни помага да го разбереме начелото на кое се темели еден закон што Јехова им го дал на Израелците. Оние што биле во улога на судии или сведоци во правни случаи биле предупредени да ‚не се поведуваат по мнозинството‘. (Прочитај 2. Мојсеева 23:2.) Многу е лесно несовршените луѓе да подлегнат на притисокот од другите и да ја извртат правдата. Но, ова начело да не се поведуваме по мнозинството не важи само за судските случаи.

4, 5. Во која ситуација се нашле Исус Навин и Халев, и што им помогнало да не се поведат по мнозинството?

4 Факт е дека речиси во секое време може да се најдеме под притисок да ‚се поведеме по мнозинството‘. Вакви ситуации би можеле да се појават сосема неочекувано, и би можело да ни биде многу тешко да се спротивставиме на притисокот што ќе ни го вршат другите. Размисли, на пример, за една ситуација во која се нашле Исус Навин и Халев. Тие биле меѓу 12-те мажи што отишле да ја извидат Ветената земја. Откако се вратиле, другите десет извидници зборувале многу лошо за она што го виделе и го обесхрабриле народот. Дури тврделе дека некои од жителите на таа земја се џинови кои потекнувале од нефилите, децата што бунтовните ангели ги имале со жените на Земјата (1. Мој. 6:4). Се разбира, тоа тврдење било потполно бесмислено! Тие нефили биле уништени во Потопот во времето на Ное, а самите немале деца. Сепак, понекогаш дури и најбесмислените тврдења можат силно да влијаат врз луѓето што имаат слаба вера. Она што го кажале десетте извидници им влеало страв на Израелците, и ги фатила паника. За многу кратко време, повеќето почнале да мислат дека би било грешка да влезат во Ветената земја како што им заповедал Јехова. Што направиле Исус Навин и Халев во таа тешка ситуација? (4. Мој. 13:25-33).

5 Тие не се повеле по мнозинството. Иако Израелците не сакале да ја чујат вистината, овие двајца луѓе не се плашеле отворено да им ја кажат — дури и кога народот им се заканил дека ќе ги каменува! Што им дало толкава храброст? Без сомнение, важна улога одиграла нивната вера во Јехова. Луѓето што имаат силна вера јасно ја гледаат разликата меѓу неоснованите човечки тврдења и светите ветувања на Јехова Бог. Подоцна, и Исус Навин и Халев од лично искуство можеле да потврдат дека Јехова секогаш ги исполнува своите ветувања. (Прочитај Исус Навин 14:6, 8; 23:2, 14.) Тие го сакале својот Бог и имале доверба во него. За нив било незамисливо да го повредат само за да им угодат на мноштво луѓе што немале вера. Затоа не подлегнале на притисокот, и оставиле извонреден пример за нас денес (4. Мој. 14:1-10).

6. Во кој поглед можеби сме под притисок да се поведеме по мнозинството?

6 Дали некогаш си се нашол под притисок да се поведеш по мнозинството? Луѓето што се отуѓени од Јехова и ги потценуваат неговите морални мерила се навистина големо мнозинство денес. Тие честопати изнесуваат неосновани тврдења во поглед на забавата и рекреацијата. На пример, велат дека нема ништо лошо во тоа да се гледаат ТВ-програми и филмови и да се играат видеоигри во кои се прикажуваат сексуален неморал, насилство и спиритизам (2. Тим. 3:1-5). Како одлучуваш која забава и рекреација е прифатлива за тебе или за твоето семејство? Дали дозволуваш врз твојата совест и одлуки да влијаат погрешните ставови и мислења на луѓето во светот? Зарем тоа не би значело дека се поведуваш по мнозинството?

7, 8. а) Како ја вежбаме нашата „моќ на согледување“, и зошто тоа е подобро отколку да се држиме за некој список со крути правила? б) Зошто се охрабруваш кога го гледаш добриот пример на многу млади христијани?

7 Јехова ни дал еден прекрасен дар што ни помага да донесуваме одлуки — нашата „моќ на согледување“, т.е. способноста внимателно да размислуваме за работите и да процениме што е исправно, а што не. Оваа способност треба да ја извежбаме „преку искуство“, односно треба да ја користиме (Евр. 5:14). Но, не можеме да ја вежбаме само ако го правиме она што го прават другите или ако се држиме за некој список со крути правила за работи што се оставени на совест. Токму затоа, Јеховините сведоци не добиваат список со забранети филмови, книги и интернет страници. Бидејќи овој свет толку брзо се менува, таквиот список ќе биде застарен веднаш штом ќе излезе (1. Кор. 7:31). Но, најважната причина зошто не треба да очекуваме некој друг да донесува одлуки наместо нас е тоа што сакаме самите да ја користиме својата моќ на согледување. Јехова сака внимателно да размислиме за она што го вели Библијата и да го молиме за водство, па дури тогаш да донесеме одлуки што ќе го радуваат (Еф. 5:10).

8 На многу луѓе нема да им се допаѓаат одлуките што ќе ги донесеме на темел на Библијата. Младите христијани на училиште може да бидат изложени на силен притисок да го гледаат и да го прават она што го гледаат и прават сите други (1. Пет. 4:4). Но, многу од нив не се поведуваат по мнозинството. Прекрасно е да се види како и млади и стари христијани покажуваат вера слична на верата на Исус Навин и Халев.

Не поведувај се ‚по своето срце и своите очи‘

9. а) Кога патуваш некаде, зошто е опасно едноставно да го избереш секој пат што ти изгледа интересен? б) Зошто законот запишан во 4. Мојсеева 15:37-39 бил важен за Божјиот древен народ?

9 Втората опасност од која треба да се чуваме доаѓа од самите нас. Да се вратиме на примерот што беше спомнат погоре. Кога патуваш некаде, што ќе се случи ако решиш — наместо да гледаш во картата — едноставно да го избереш секој пат што ти изгледа интересен? Сигурно никогаш нема да стигнеш до целта! Овој пример ни помага да разбереме уште една поука што Јехова сакал да им ја даде на древните Израелци преку своите закони. (Прочитај 4. Мојсеева 15:37-39.) Можеби на мнозина денес не им е јасно зошто Бог им заповедал на Евреите да си прават реси и да стават сина врвца на скутовите од своите облеки. Но, дали ти сфаќаш зошто ова било важно? Послушноста на овој закон му помагала на Божјиот народ да се разликува и да се држи одвоен од сите околни народи. Тоа било неопходно ако сакале да ја стекнат и да ја задржат Јеховината милост (3. Мој. 18:24, 25). Но, овој закон бил даден и од друга причина. Да видиме која била таа и да дознаеме нешто повеќе за втората опасност поради која би можеле да скршнеме од патот што води до вечен живот.

10. Како Јехова покажал дека многу добро ја познава човечката природа?

10 Кога му го дал овој закон на својот народ, Јехова ја навел следнава причина: „[За] да не се поведувате по своето срце и по своите очи што ве наведуваат да му бидете неверни на својот Бог“. Тој многу добро ја познава човечката природа. Знае дека нашето срце — односно нашиот внатрешен човек — многу лесно може да биде заведено од она што го гледаме со очите. Од таа причина, Библијата нѐ опоменува: „Срцето е поизмамливо од сѐ друго и е готово на сѐ. Кој може да проникне во него?“ (Ерем. 17:9). Токму затоа било на место и предупредувањето што Јехова им го дал на Израелците. Тој многу добро знаел дека ќе ги гледаат околните народи што не му служат и дека можеби ќе посакаат да бидат како нив. Најверојатно во почетокот само ќе сакале да изгледаат како тие народи, но на крајот и ќе размислувале и ќе постапувале како нив (Изр. 13:20).

11. Како би можеле да се најдеме во опасност да се поведеме по нашето срце и нашите очи?

11 Во денешно време е уште полесно нашето измамливо срце да биде заведено од она што го гледаме. Живееме во свет што ги поттикнува луѓето да ги задоволуваат грешните телесни желби. Тогаш, на кое поле би можеле да го примениме начелото од 4. Мојсеева 15:39? Би можеле да се најдеме на искушение да се поведеме по нашето срце и нашите очи во поглед на облекувањето. Луѓето околу нас, сеедно дали на училиште, на работа или во соседството, се облекуваат сѐ попровокативно. Бидејќи цело време го гледаме тоа, можно ли е и кај нас да се роди желба да изгледаме како нив и на тој начин да ги спуштиме своите мерила за облекување? (Рим. 12:1, 2).

12, 13. а) Што да правиме ако понекогаш посакуваме да гледаме нешто што не треба? б) Што ќе ни помогне да не правиме нешто што кај другите ќе роди погрешни желби?

12 Многу е важно да ги контролираме своите желби. Ако на нашите очи им дозволуваме да гледаат работи што не би требало да ги гледаат, да се сетиме на примерот на верниот Јов. Тој склучил сојуз со своите очи, односно бил цврсто решен да не гледа во друга жена со страст (Јов 31:1). Цар Давид донел слична одлука. Тој рекол: „Пред своите очи нема да ставам ништо зло“ (Пс. 101:3). Сето она што може да ја извалка нашата совест и да го расипе нашиот однос со Јехова е „зло“. Во него спаѓаат сите работи што ги гледаме кои можат во нашето срце да родат желба да постапиме погрешно.

13 И самите би можеле да претставуваме искушение за другите ако правиме нешто што кај нив може да роди погрешни желби. Затоа, сериозно го сфаќаме библискиот совет да се облекуваме пристојно и скромно (1. Тим. 2:9). Мерилата за скромност не ги одредуваме ние самите — мора да ги земеме во обѕир и совеста и мислењето на оние околу нас. Поважно треба да ни биде да не ги вознемируваме или спрепнеме другите отколку да си угодуваме себеси (Рим. 15:1, 2). Во христијанското собрание има илјадници млади кои се одличен пример во облекувањето. Многу сме среќни што тие не ‚се поведуваат по своето срце и своите очи‘ туку избираат да го радуваат Јехова со сѐ што прават!

Не поведувај се по „ништожните“ работи

14. Какво предупредување добиле Израелците во врска со „ништожните“ работи?

14 Замисли си дека, на своето патување, мораш да поминеш низ една огромна пустина. Што ќе се случи ако скршнеш од патот затоа што ти се причинува дека гледаш вода, а тоа, всушност, е фатаморгана? Би можел да се изгубиш и на крајот да платиш со живот! Јехова знае колку е опасно да се верува во нешто што не е вистинско. Да разгледаме еден пример. Израелците сакале да бидат како околните народи со кои владееле човечки цареви. Тоа било голем грев, бидејќи со тоа, всушност, го отфрлиле Јехова како свој Цар. Иако им дозволил да имаат човечки цар, Бог ги предупредил преку својот пророк Самоил колку е опасно да се потпираат на „ништожни“ работи, односно на нешто што, всушност, не може да им помогне. (Прочитај 1. Самоилова 12:21.)

15. Во кој поглед Израелците се повеле по ништожни работи?

15 Дали Израелците мислеле дека, ако имаат човечки цар, ќе имаат пореална и посигурна заштита од таа што им ја пружал Јехова? Ако да, тогаш навистина се повеле по „ништожни“ работи! Штом верувале во една таква заблуда, било лесно да се поведат и по многу други илузии кои ги сервира Сатана. На пример, човечките цареви можеле да ги наведат да им служат на идоли. Наместо да ја положат својата доверба во невидливиот Бог, Јехова, кој создал сѐ, идолопоклониците мислат дека боговите направени од дрво или камен, кои можат да ги видат и да ги допрат, се достојни за поголема доверба. Но, како што рекол и апостол Павле, идолите ‚не се ништо‘ (1. Кор. 8:4). Тие не гледаат, не слушаат, не зборуваат и не прават ништо. Колку е неразумно да им служиме само затоа што можеме да ги гледаме и да ги допреме! Тие се чиста илузија, и оние што им служат „ќе станат како нив“ (Пс. 115:4-8).

16. а) Како Сатана ги наведува луѓето денес да се поведат по „ништожни“ работи? б) Зошто може да се каже дека, во споредба со Јехова, материјалните работи се „ништожни“ и не можат да помогнат?

16 Сатана е многу лукав, и сѐ уште ги тера луѓето да се поведуваат по ништожни работи. На пример, навел безброј луѓе да мислат дека материјалното богатство ќе им донесе сигурност и дека парите, имотот и големата плата ќе ги направат среќни. Но, колку можат овие работи да им помогнат на луѓето кога ќе се разболат, кога ќе настапи економска криза или кога ќе ги погоди природна катастрофа? Како ќе им помогнат кога се чувствуваат празни однатре и кога бараат смисла во животот, водство и одговори на најважните прашања? Дали можат да ја спречат смртта? Оној што мисли дека материјалните работи можат да ги задоволат духовните потреби е во голема заблуда. Тие не можат да ни помогнат да бидеме среќни бидејќи се „ништожни“. Долгорочно гледано, не нудат вистинска сигурност затоа што не можат да нѐ спасат од болестите и смртта (Изр. 23:4, 5). Но, тоа воопшто не е случај со нашиот Бог, Јехова! Само ако сме блиски пријатели со него, ќе имаме вистинска сигурност и ќе најдеме помош за сите наши проблеми. Колку голем благослов е тоа! Никогаш да не го оставиме нашиот Бог поради ништожни работи.

17. Што си решен да правиш во врска со трите опасности што ги разгледавме?

17 Зарем не сме среќни што Јехова е наш пријател кој нѐ води на патот до вечен живот? Ако и понатаму обрнуваме внимание на неговите предупредувања, ќе можеме да стигнеме до целта и да живееме засекогаш. Во оваа статија разгледавме три опасности што ги наведуваат луѓето да тргнат по лош пат: мнозинството, нашето срце и „ништожните“ работи. Во следната статија ќе разгледаме уште три предупредувања што ни ги дава Јехова за да ни помогне да го мразиме секој крив пат и да не застраниме (Пс. 119:128).

Што мислиш?

Како би можел да ги примениш начелата од следниве стихови?

2. Мојсеева 23:2

4. Мојсеева 15:37-39

1. Самоилова 12:21

Псалм 119:128

[Прашања]

[Слика на страница 11]

Дали си се нашол на искушение да се поведеш по мнозинството?

[Слика на страница 13]

Зошто е опасно да се поведеме по нашето срце и нашите очи?

[Слика на страница 14]

Дали се поведуваш по ништожни работи?