Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Победа по една долга правна битка!

Победа по една долга правна битка!

Победа по една долга правна битка!

БИТКАТА започна во 1995 год. и траеше 15 години. За сето тоа време, Јеховините сведоци во Русија беа мета на оние што сакаа да им ја ограничат верската слобода и по секоја цена да издејствуваат забрана на нивните активности во Москва и пошироко. Сепак, Јехова сметаше дека треба да ја награди верноста на нашите драги браќа и сестри од Русија со победа добиена на суд. Но, како дојде до еден ваков спор?

КОНЕЧНО СЛОБОДА!

Во првата половина на 1990-тите, на нашите браќа во Русија им ја вратија верската слобода која им беше одземена во 1917 год. Владата на Советскиот Сојуз официјално ги призна како религија во 1991 год. По распадот на Советскиот Сојуз, Јеховините сведоци беа законски признати и во Руската Федерација. Освен тоа, државата ги прогласи за жртви на политички прогон сите Сведоци што со децении пред тоа трпеа верско прогонство. Во 1993 год., Московското министерство за правда ги призна Јеховините сведоци во Москва како верска заедница. Истата година Русија донесе нов устав, со кој беше загарантирана верската слобода на секој граѓанин. Не е ништо чудно што еден брат одушевено рече: „Ни на сон не помислувавме дека ќе дочекаме ваква слобода! Ова го чекавме цели 50 години!“

Браќата и сестрите во Русија добро го искористија тоа „поволно време“ за да ја зголемат својата проповедничка активност. Многумина реагираа позитивно на нивното проповедање (2. Тим. 4:2). „Луѓето многу се заинтересираа за религија“, рекла една жена. За кратко време драстично се зголеми бројот на објавители, пионери и собранија. Всушност, од 1990 до 1995 год., бројот на Сведоци во Москва порасна од околу 300 на преку 5.000! Бидејќи бројот на Јеховините сведоци сѐ повеќе растеше, оние што се противеа на верската слобода ги фати паника. Во средината на 1990-тите, тие отворено тргнаа во напад започнувајќи една правна битка. Пред да се извојува конечна победа, битката се одвиваше во четири долготрајни фази.

КРИВИЧНИ ИСТРАГИ

Првата фаза од битката започна во јуни 1995 год. Една група московјани, кои не криеја дека се поврзани со Руската православна црква, ги обвинија нашите браќа за криминални активности. Тврдеа дека ги застапуваат интересите на луѓето што се огорчени бидејќи нивните сопружници или деца станале Сведоци. Во јуни 1996 год., инспекторите почнаа да бараат докази дека Сведоците го кршат законот, но не успеаја да најдат ништо. Сепак, истата група поднесе нова тужба — и повторно ги обвини нашите браќа за криминал. Инспекторите спроведоа уште една истрага, но сите обвиненија беа отфрлени. Сепак, противниците поднесоа и трета тужба на темел на истите обвиненија. И овојпат Јеховините сведоци во Москва беа под истрага, но јавниот обвинител дојде до истиот заклучок — нема никаква основа да се започне кривична постапка. Потоа, противниците и по четврти пат ја поднесоа истата тужба, но обвинителот повторно не најде докази. Неверојатно е што истата група граѓани побара да се поведе уште една истрага. Конечно, на 13 април 1998 год., новиот инспектор го затвори случајот.

„Но, тогаш се случи нешто многу необично“, рече еден од адвокатите. Иако претставничката од канцеларијата на јавниот обвинител што ја водеше петтата истрага призна дека нема докази за криминални дејства, таа предложи да се покрене граѓанска парница против нашите браќа. Тврдеше дека Јеховините сведоци во Москва ги кршат државните и меѓународните закони. Обвинителот на Северниот административен округ на Москва се согласи и поднесе граѓанска тужба. * На 29 септември 1998 год., започна судскиот процес во Московскиот основен суд Головински. Со тоа почна втората фаза од битката.

БИБЛИЈАТА НА СУД

Во една преполна судница во северниот дел на Москва, обвинителката Татјана Кондратјева го започна својот напад осврнувајќи се на еден сојузен закон потпишан во 1997 год. Во него е наведено дека традиционални религии се само православното христијанство, исламот, јудаизмот и будизмот. * Во пракса, тоа би значело дека другите религии не можат да добијат законско признание. Со истиот закон судовите беа овластени да ги забранат религиите што шират омраза. На темел на тоа, обвинителката тврдеше дека Јеховините сведоци треба да се забранат затоа што шират омраза и ги растураат семејствата.

Еден адвокат кој ги застапуваше нашите браќа праша: „Кои се тие членови од московското собрание кои го кршат законот?“ Обвинителката не можеше да наведе ниту едно име. Но, тврдеше дека литературата на Јеховините сведоци поттикнува на верска омраза. За да го докаже тоа, читаше извадоци од списанијата Стражарска кула и Разбудете се!, како и од други публикации (види погоре). Кога била запрашана на кој начин тие публикации шират непријателство, таа рекла: „Јеховините сведоци велат дека ја имаат вистинската религија“.

Еден адвокат, кој е наш брат, им дал на судијата и на обвинителката по една Библија и прочитал Ефешаните 4:5, каде што пишува: „Еден Господар, една вера, едно крштавање“. Кратко потоа, судијата, обвинителката и адвокатот — сите со Библија в рака — разговарале за библиски стихови, како што се Јован 17:18 и Јаков 1:27. Судијата го поставил прашањето: „Дали овие библиски стихови поттикнуваат на верска омраза?“ Обвинителката одговорила дека таа не е надлежна да коментира за Библијата. Адвокатот покажал неколку публикации издадени од Руската православна црква, во кои остро се критикуваат Јеховините сведоци. Потоа прашал: „Дали со овие изјави се крши законот?“ Обвинителката одговорила дека не е важно што мисли таа бидејќи не е експерт за религии.

ОБВИНЕНИЈА БЕЗ ДОКАЗИ

Во обвинението дека Сведоците ги растураат семејствата, обвинителката наведе дека тие не слават празници, како што е Божиќ. Меѓутоа, подоцна призна дека рускиот закон не ги обврзува граѓаните да слават Божиќ. Русите — вклучувајќи ги и Јеховините сведоци во Русија — имаат право на избор. Исто така, обвинителката тврдеше дека Јеховините сведоци ‚не им дозволуваат на своите деца да се забавуваат и да се дружат‘. Сепак, на сослушувањето призна дека никогаш не разговарала со млади што биле воспитани како Јеховини сведоци. Кога една адвокатка ја праша дали некогаш била на некој состанок на Јеховините сведоци, обвинителката рече: „Немаше потреба“.

Обвинителството повика како сведок еден професор по психијатрија за да го изнесе своето стручно мислење. Тој тврдеше дека нашата литература може да предизвика психички проблеми. Кога една адвокатка од одбраната приговори дека писмената изјава на тој професор е иста со еден документ што го имала напишано Московската патријаршија, професорот призна дека некои делови ги препишал. Во текот на сослушувањето се утврди дека никогаш немал пациент кој бил Јеховин сведок. Спротивно на неговото сведоштво, еден друг професор по психијатрија сведочеше пред судот дека бил во контакт со повеќе од 100 Сведоци во Москва. Истакна дека тие имаат нормално душевно здравје и додаде дека припадниците на оваа група покажувале поголема почит кон другите религии откако станале Јеховини сведоци.

ПОБЕДА — НО НЕ КОНЕЧНА

На 12 март 1999 год., судијата состави комисија од пет члена да ја разгледаат литературата на Јеховините сведоци. За тоа време судењето беше одложено. Независно од судскиот процес во Москва, Министерството за правда на руската влада имаше формирано комисија од академици за да ги проучат нашите публикации. Оваа комисија го поднесе својот извештај на 15 април 1999 год. Во него образложи дека во нашите публикации нема ништо лошо. Така, на 29 април 1999 год., Министерството за правда потврди дека Јеховините сведоци и понатаму остануваат законски призната религија. И покрај тоа што ги имаше в рака резултатите од ова ново истражување, Московскиот суд инсистираше новата комисија да изврши проверка на нашата литература. Така настана апсурдна ситуација — Јеховините сведоци беа признати на државно ниво од Руското министерство за правда како религија која се држи за законот, а во исто време Московското министерство за правда водеше истрага против нив за наводно кршење на законот!

Судењето продолжи по речиси две години, и на 23 февруари 2001 год., судијата Јелена Прохоричева донесе пресуда. Откако ги разгледа заклучоците до кои дојде комисијата, таа изјави: „Нема никаква основа за забрана и ограничување на активноста на Јеховините сведоци во Москва“. Конечно, беше донесена судска одлука со која се отфрлија сите обвиненија изнесени против нашите браќа! Меѓутоа, обвинителката не се согласи со одлуката и поднесе жалба до повисок суд во Москва. По три месеци, на 30 мај 2001 год., тој суд ја поништи одлуката на судијата Прохоричева. Даде налог истата обвинителка повторно да поведе парница, но назначи друг судија да го води процесот. Со тоа започна третата фаза.

ПОРАЗ — НО НЕ КОНЕЧЕН

На 30 октомври 2001 год., судијата Вера Дубинскаја повторно го отвори случајот. * Обвинителката Кондратјева го изнесе истото обвинение дека Јеховините сведоци шират омраза, и рече дека со забраната на Јеховините сведоци ќе се заштитат нивните права во Москва! Како одговор на таа нелогична изјава, сите 10.000 Сведоци во Москва веднаш потпишаа петиција со која бараа судот да не ја одобри „заштитата“ што им ја понуди обвинителката.

Обвинителката рече дека нема потреба да се изнесуваат докази дека Сведоците го кршат законот, бидејќи спорот се води околу литературата и верувањата на Јеховините сведоци, а не околу нивните активности. Најави дека ќе повика како сведок еден претставник на Руската православна црква. Се разбира, со тоа само потврди дека верските водачи беа вмешани во хајката против Сведоците. На 22 мај 2003 год., судијата побара една комисија од стручни лица повторно да ги проучи публикациите на Јеховините сведоци.

На 17 февруари 2004 год., судењето продолжи за да се разгледаат заклучоците од извршената проценка. Беше утврдено дека нашите публикации им помагаат на читателите „да имаат среќен семеен живот“ и дека „нема никаква основа“ за тврдењето дека нашата литература шири омраза. Со тоа се согласија и други високообразовани лица. На еден професор по историја на религијата му беше поставено прашањето: „Зошто Јеховините сведоци проповедаат?“ Тој одговори: „Секој христијанин мора да проповеда. Тоа го пишува во евангелијата и тоа им го заповедал Христос на своите ученици — ‚да одат и да проповедаат во сите земји‘“. Сепак, на 26 март 2004 год., судијата ги забрани активностите на Јеховините сведоци во Москва. На 16 јуни 2004 год., Московскиот суд ја потврди таа одлука. * Коментирајќи за пресудата, еден долгогодишен Сведок рече: „За време на советскиот режим, секој Русин мораше да биде атеист. Денес, секој Русин мора да биде православен“.

Како реагираа нашите браќа? Слично како што реагирал Неемија во минатото. Кога непријателите на Божјиот народ се противеле на обновата на ѕидовите на Ерусалим, Неемија и Израелците не се откажале. Наместо тоа, тие ‚продолжиле да градат и народот и понатаму имал волја за работа‘ (Неем. 4:1-6). И нашите браќа во Москва не дозволија противниците да ги спречат во делото што треба да се изврши во денешно време — да се проповеда добрата вест (1. Пет. 4:12, 16). Тие беа уверени дека Јехова ќе им помага и беа подготвени за четвртата фаза од оваа долга битка.

НЕПРИЈАТЕЛСТВОТО РАСТЕ

На 25 август 2004 год., нашите браќа поднесоа петиција до Кремљ упатена до Владимир Путин, тогашниот претседател на Русија. Во петицијата беше изразено длабоко незадоволство поради забраната. Се состоеше од 76 дела и содржеше над 315.000 потписи. Во меѓувреме, верските водачи на Руската православна црква си го покажаа своето вистинско лице. Еден претставник на Московската патријаршија отворено изјави: „Остро се противиме на активностите на Јеховините сведоци“. Еден муслимански водач рече дека одлуката за забрана била „многу важен настан со убав исход“.

Не сме изненадени што некои луѓе им поверуваа на лажните обвиненија и се свртија против Јеховините сведоци. На пример, некои противници ги тепаа и ги клоцаа нашите браќа што проповедаа во Москва. Еден разбеснет човек истерал една сестра од неговата зграда и толку силно ја удрил по грбот што таа паднала и си ја повредила главата. Поради здобиената повреда морало да ѝ се укаже лекарска помош. Сепак, полицијата не презеде ништо против човекот што ја нападна. Но, кога стануваше збор за Сведоците, полицијата ги апсеше, им земаше отпечатоци од прст, ги фотографираше и ги задржуваше во притвор. Управителите на салите во Москва беа уценувани дека ќе бидат отпуштени од работа ако продолжат да им изнајмуваат сали на Сведоците. За кратко време, на многу собранија им беа откажани просториите во кои ги одржуваа своите состаноци. Вкупно 40 собранија требаше да делат еден објект во кој имаше четири Сали на Царството. Едно од тие собранија требаше да ги одржува состаноците за јавност во 7.30 часот наутро. „Објавителите стануваа во 5.00 часот“, рече еден патувачки надгледник, „и тоа спремно го правеа подолго од една година.“

„ЗА СВЕДОШТВО“

За да се види дека забраната во Москва беше незаконска, во декември 2004 год. нашите адвокати се обратија до Европскиот суд за човекови права. (Види ја рамката „Зошто одлуката на судот во Русија беше разгледана во Франција“, на страница 6.) По шест години, на 10 јуни 2010 год., овој суд донесе едногласна одлука со која Јеховините сведоци беа ослободени од сите обвиненија! * Судот установи дека нема основа за ниедно обвинение изнесено против Сведоците. Исто така, во пресудата наведе дека Русија има законска обврска „да му стави крај на кршењето на законот што го утврди Европскиот суд и да ги исправи неправдите“. (Види ја рамката „Одлуката на Европскиот суд“, на страница 8.)

Овој суд утврди дека Европската конвенција за човекови права ја штити активноста на Јеховините сведоци. Оваа одлука е обврзана да ја прифати не само Русија туку и другите 46 држави-членки на Советот на Европа. Освен тоа, поради опсежноста на анализите на законот и на фактите, за оваа пресуда со голем интерес ќе читаат правници, судии, законодавци и експерти од областа на човековите права во целиот свет. Зошто? Кога ја донесе својата пресуда, Судот не се осврна само на осумте одлуки што претходно беа донесени во полза на Јеховините сведоци, туку и на деветте победи што во минатото ги имаа извојувано на највисоките судови во Аргентина, Канада, Јапонија, Русија, Јужноафриканската Република, Шпанија, Обединетото Кралство и Соединетите Држави. И во иднина, кога Јеховините сведоци низ целиот свет ќе треба да ја бранат на суд својата вера, ќе можат да се осврнат на овие случаи, како и на одлуката што ја донесе Европскиот суд.

Исус им рекол на своите следбеници: „Поради мене, ќе ве изведуваат пред управители и цареви за сведоштво за нив и за другите народи“ (Мат. 10:18). Правната битка што се водеше изминативе 15 години им даде можност на нашите браќа да го прослават Јеховиното име во Москва и пошироко како никогаш досега. Вниманието што беше свртено кон Сведоците преку истрагите, судските случаи и одлуката што ја донесе меѓународниот суд, навистина послужи „за сведоштво“ и придонесе „да се шири добрата вест“ (Фил. 1:12). Всушност, кога денес Јеховините сведоци во Москва им проповедаат на луѓето, многумина им велат: „Па нели ве забранија?“ Тоа прашање честопати им дава на браќата прилика да им кажат на другите нешто повеќе за нашите верувања. Јасно, никој и ништо не може да нѐ спречи да ја проповедаме добрата вест за Царството. Се молиме Јехова и понатаму да ги благословува и да им помага на нашите драги и храбри браќа и сестри во Русија.

[Фусноти]

^ пас. 8 Тужбата беше поднесена на 20 април 1998 год. По две седмици, на 5 мај, Русија ја ратификуваше Европската конвенција за човекови права.

^ пас. 10 „Законот беше усвоен под силен притисок од Руската православна црква, која љубоморно ја чува својата позиција во Русија и прави сѐ што може за да издејствува забрана на Јеховините сведоци“ (Associated Press, 25 јуни 1999 год.).

^ пас. 20 Иронично е што на истиот датум се навршија десет години од донесувањето на еден закон во Русија со кој Јеховините сведоци беа признати како жртви на верско угнетување за време на советскиот режим.

^ пас. 22 Забраната значеше дека собранијата во Москва повеќе не се признати пред законот. Противниците се надеваа дека на тој начин ќе им отежнат на нашите браќа да ја извршуваат својата служба.

^ пас. 28 Русија бараше случајот да се префрли под надлежност на Големиот судски совет на Европскиот суд за човекови права. Но, на 22 ноември 2010 год. комисија од пет судии го одби барањето. Тоа значеше дека пресудата донесена на 10 јуни 2010 год. беше конечна и правосилна.

[Рамка/слика на страница 6]

Зошто одлуката на судот во Русија беше разгледана во Франција

На 28 февруари 1996 год., Русија ја потпиша Европската конвенција за човекови права. (Русија ја ратификуваше оваа конвенција на 5 мај 1998 год.) Со нејзиното потпишување, владата на Русија изјави дека нејзините жители имаат:

‚право на верска слобода и право да бидат активни верници дома и во јавноста, како и право да ја променат својата религија‘ (член 9).

‚право на еден одговорен начин да го кажат и да го напишат своето мислење и тоа да им го пренесат на другите‘ (член 10).

‚право да одржуваат мирољубиви состаноци‘ (член 11).

Лицата или организациите на кои им се скратени правата што се наведени во оваа спогодба и кои ги искористиле сите правни средства во својата држава, можат да го изнесат својот случај пред Европскиот суд за човекови права во Стразбур (Франција). Овој суд го сочинуваат 47 судии — колку што изнесува и бројот на земјите-потписнички на Европската конвенција за човекови права. Секоја од овие земји мора да ги прифати и да ги спроведе донесените пресуди.

[Рамка на страница 8]

Одлуката на Европскиот суд

Следат неколку извадоци од одлуката на судот.

Едно обвинение беше дека Јеховините сведоци ги растураат семејствата. Судот донесе поинаква одлука, која гласеше:

„Причина за таков конфликт е неспремноста на членовите на семејството кои не се Сведоци да ја прифатат и да ја почитуваат верската слобода на роднината што сака да биде активен верник“ (став 111).

Судот не најде докази ниту во прилог на обвинението за „перење на умот“, и наведе:

„За судот е неприфатливо тоа што [руските] судови не го наведоа името на ниту еден поединец кому со такви методи му било одземено правото на слобода на совеста“ (став 129).

Друго обвинение беше дека Јеховините сведоци им го загрозуваат здравјето на своите верници бидејќи одбиваат да примат трансфузија на крв. Судот го утврди спротивното:

„Слободата да се прифати и да се одбие некоја терапија или, пак, да се избере алтернативно лекување, е од пресудна важност за правото на личен избор и самоопределување. На пример, еден возрасен пациент има потполно право сам да одлучи дали да се подложи на некоја операција или терапија, па според тоа, и дали да прими трансфузија“ (став 136).