Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Историски состанок

Историски состанок

Историски состанок

„КОГА ќе заврши денешнава програма, сигурно ќе речете: ‚Ова навистина беше историски годишен состанок!‘“ Со овие зборови, Стивен Лет од Водечкото тело на Јеховините сведоци уште повеќе го зголеми исчекувањето кај многубројната публика. Присутните беа собрани на 126-иот годишен состанок на Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania, кој се одржа на 2 октомври 2010 год., во Конгресната сала на Јеховините сведоци во Џерси Сити (Њу Џерси, САД). Кои интересни мисли беа истакнати во текот на овој историски ден?

Во уводниот говор, брат Лет со воодушевеност зборуваше за Јеховината небесна кочија, која е опишана во библиската книга на пророкот Езекиел. Оваа огромна, величествена кочија ја претставува Божјата организација со која управува Јехова. Нејзиниот небесен дел, кој се состои од духовни суштества, се движи со молскавична брзина — со брзината на Јеховините мисли, рече брат Лет. И земниот дел од организацијата на Јехова Бог е во движење. Брат Лет спомна неколку интересни промени кои во последниве години беа направени во видливиот дел од Божјата организација.

На пример, подружниците во некои земји беа затворени и сега поголема подружница од друга земја се грижи за нив. Така повеќе браќа што порано служеа во Бетел ќе можат да се посветат на проповедањето. Брат Лет ги поттикна присутните да продолжат да се молат за Водечкото тело — кое служи како застапник на „робот“ — да покаже не само верност туку и разборитост (Мат. 24:45-47).

Охрабрувачки извештаи и интервјуа

Таб Хансбергер, кој служи во Одборот на подружницата на Хаити, изнесе трогателен извештај за она што се случуваше по земјотресот кој на 12 јануари 2010 год. ја погоди оваа земја и однесе околу 300.000 животи. Тој рече дека свештениците им кажувале на луѓето дека Бог ги казнил оние што загинале бидејќи биле лоши, а ги спасил добрите. Но, меѓу оние што преживеале имало и илјадници криминалци кои излегле на слобода кога од земјотресот се срушиле ѕидовите на еден затвор! За разлика од свештениците, Сведоците им носат утеха на многу искрени жители на Хаити кога им објаснуваат која е вистинската причина за неволјите што се случуваат во нашево време. Брат Хансбергер ги цитираше зборовите на еден верен брат од Хаити, кој ја изгубил својата жена во земјотресот: „Не можам да престанам да плачам. Не знам уште колку долго ќе тагувам, но радосен сум што ја чувствувам љубовта на браќата и сестрите во Јеховината организација. Имам надеж, и решен сум да ја споделувам со другите“.

Марк Сендерсен, кој сега е член на бетелското семејство во Бруклин, даде извештај за Филипините, каде што порано служеше во Одборот на подружницата. Тој со радост соопшти дека во таа земја 32 пати едноподруго имаше највисок број на објавители на Царството и дека бројот на библиски студии е многу поголем од бројот на објавители. Потоа раскажа за еден брат по име Мигел чиј внук бил убиен. Мигел направил сѐ што можел за убиецот да биде изведен пред суд и ставен зад решетки. Подоцна, кога проповедал во затворот, Мигел го сретнал злосторникот. Иако не знаел како ќе реагира, нашиот брат му се обратил со благи и љубезни зборови. На крајот почнал да проучува со убиецот на својот внук, кој ја прифатил вистината и го засакал Јехова. Сега овој човек е крстен. Мигел му станал близок пријател и се труди да му помогне на својот нов брат побрзо да излезе од затвор. *

По овие извештаи следеа интервјуа кои ги водеше брат Марк Њумер, инструктор во Одделот за теократски школи. Тој интервјуираше три брачни пара — Алекс и Сара Рајнмилер, Дејвид и Криста Шејфер и Роберт и Кетра Сиранко. Алекс Рајнмилер, помошник на Одборот за издавање, раскажа како му била зајакната верата кога, на 15 години, честопати проповедал сам додека служел како пионер во Канада. На прашањето кој имал најсилно влијание врз него во Бетел, брат Рајнмилер спомна тројца верни браќа и објасни како секој од нив му помогнал духовно да напредува. Неговата сопруга, Сара, зборуваше за своето пријателство со една сестра, која поради својата вера поминала децении во затворите во Кина. Сара објасни како низ годините научила во молитва да се потпира на Јехова.

Дејвид Шејфер, помошник на Одборот за поучување, ја спомна својата мајка како пример за силна вера и раскажа за браќата што работеле како дрвосечачи и му помогнале да биде помошен пионер додека бил млад. Неговата сопруга, Криста, со љубов зборуваше за влијанието што врз неа го имале постарите членови на бетелското семејство, кои биле ‚верни во најмалото‘, како што советувал Исус (Лука 16:10).

Роберт Сиранко, помошник на Одборот за пишување, зборуваше за родителите на мајка му и татко му, кои биле унгарски доселеници и имале небесна надеж. Како мал, тој присуствувал на големите конгреси во 1950-ите и сфатил дека Јеховината организација е нешто многу поголемо од неговото собрание. Тоа оставило силен впечаток врз него. Жена му, Кетра, раскажа како научила да биде лојална додека служела како пионер во собрание во кое имало отпадници и други проблеми. И покрај сѐ, таа му останала верна на Јехова, и на крајот била испратена да служи како специјален пионер во друго собрание, каде што многу ја охрабрило единството на тамошните браќа.

Потоа Манфред Тонак изнесе извештај за Етиопија. Во оваа земја, која е спомната во Библијата, сега има над 9.000 објавители на добрата вест. Повеќето од нив живеат во главниот град, Адис Абеба, или во неговата околина. Затоа во селските подрачја има поголема потреба од објавители. За да им се проповеда и на луѓето во тие места, браќата по потекло од Етиопија што живеат во други земји беа поканети да дојдат и да проповедаат на необработените подрачја. Мнозина ја прифатија поканата, ги охрабрија локалните Сведоци и најдоа луѓе што беа спремни да слушаат за Библијата.

Многу интересен дел од програмата беа извештаите за Јеховините сведоци во Русија и за правните битки што ги водеа во последниве години. Аулис Бергдал, член на Одборот на подружницата во Русија, зборуваше за историјата на прогонството на Сведоците во Русија, особено во Москва. Филип Брамли од Правното одделение во подружницата на САД раскажа за она што се случуваше во последните месеци кога Европскиот суд за човекови права ги разгледа деветте обвиненија кои беа покренати против Сведоците. Овој суд едногласно ги отфрли сите девет обвиненија, при што за некои од нив објасни во детали зошто изнесените аргументи беа неиздржани. Иако резултатите од оваа пресуда допрва треба да се видат, брат Брамли изрази надеж дека таа ќе влијае позитивно и врз судските случаи во некои други земји.

По таа убава вест, брат Лет извести дека Судот за човекови права прифати да го разгледа долгогодишниот спор во врска со плаќањето даноци кој се води меѓу властите на Франција и Јеховините сведоци. Овој угледен суд разгледува само мал број од случаите кои се доставуваат до него. Досега тој сослушал 39 случаи на Јеховините сведоци, а во 37 од нив донел пресуда во наша корист. Брат Лет ги охрабри сите Божји слуги и понатаму да го молат Јехова во врска со оваа работа.

Последниот извештај го изнесе Ричард Морлан, еден од инструкторите на Школата за собраниски старешини. Тој зборуваше со воодушевеност за школата, како и за ценењето што го изразиле старешините кои присуствувале на неа.

Други говори од членовите на Водечкото тело

Гај Пирс, член на Водечкото тело, изнесе охрабрувачки говор на темел на годишниот стих за 2011: ‚Најди засолниште во името на Јехова‘ (Соф. 3:12). Тој рече дека, иако денес имаме многу причини за радост како Јеховин народ, треба и многу сериозно да го сфатиме времето во кое живееме. И покрај тоа што Јеховиниот голем ден е на прагот, луѓето и понатаму бараат засолниште во лажната религија, во политичките организации, во материјалното богатство или едноставно бегаат од реалноста. Но, за да најдеме вистинско засолниште, треба да го повикуваме името на Јехова. Тоа значи да го познаваме, длабоко да го почитуваме и да имаме доверба во Оној што го носи тоа име, но и да го сакаме со сето срце.

Потоа Дејвид Сплејн од Водечкото тело изнесе интересен и длабок говор на тема: „Дали си влегол во Божјата починка?“ Брат Сплејн рече дека тоа што Бог си отпочинал не значи дека не прави ништо. Всушност, Тој и неговиот Син продолжуваат да работат во текот на целиот симболичен ден на починка сѐ додека во потполност не се исполни Божјата намера во врска со Земјата (Јован 5:17). Тогаш, како можеме ние да влеземе во Божјата починка? Треба да внимаваме да не грешиме и да не се обидуваме да докажеме дека сме праведни преку нашите дела. Но, потребно е уште нешто. Мора да покажуваме вера и да ја имаме на ум Божјата намера, правејќи сѐ што можеме за да живееме во склад со неа. Понекогаш тоа нема да биде лесно, но треба да ги прифаќаме советите и да постапуваме според упатствата што ни ги дава Јеховината организација. Брат Сплејн од срце ги поттикна присутните да дадат сѐ од себе за да влезат во Божјата починка.

Последниот говор, кој го изнесе Ентони Морис, друг член на Водечкото тело, имаше наслов: „Што очекуваме?“ Со сериозен и грижлив тон, тој ги потсети присутните на пророштвата кои допрва треба да се исполнат и кои сите верни Божји слуги желно ги очекуваат. Меѓу другото, го очекуваме повикот за „Мир и сигурност!“, како и уништувањето на лажната религија (1. Сол. 5:2, 3; Отк. 17:15-17). Брат Морис предупреди дека не е добро да велиме: „Почна Армагедон!“ кога гледаме или слушаме вести за некои настани кои, всушност, не се исполнување на тие пророштва. Тој поттикна да бидеме спремни радосно и стрпливо да чекаме на Јехова, во склад со зборовите од Михеј 7:7. Освен тоа, ги охрабри сите да се зближат и тесно да соработуваат со Водечкото тело, исто како што војниците ги збиваат редовите пред да се судрат со непријателот. Тој на крајот рече: „Срцето нека ви биде силно, на сите вас што го чекате Јехова!“ (Пс. 31:24).

Во заклучокот на програмата беа изнесени уште неколку многу важни и радосни известувања. Џефри Џексон од Водечкото тело најави дека ќе има пробно поедноставено издание за проучување на Стражарска кула за оние што немаат добро познавање на англискиот јазик. Потоа Стивен Лет објави дека Водечкото тело ќе организира пастирски посети за обласните надгледници и нивните жени во САД. Исто така, извести дека Школата за организациско оспособување ќе има нов назив — Библиска школа за неженети браќа. Освен тоа, ќе почне да се одржува и Библиска школа за брачни парови, каде што тие ќе добијат додатна обука за да можат да служат во поголема мера во Јеховината организација. На крајот, брат Лет кажа дека Школата за патувачките надгледници и нивните жени, како и Школата за членовите на одборите на подружниците и нивните жени ќе се одржува двапати годишно во Патерсон. Оние што веќе биле на оваа школа, ќе можат да присуствуваат и по вторпат.

Програмата ја заврши 97-годишниот Џон Е. Бар, долгогодишен член на Водечкото тело, кој ги трогна присутните со својата понизна и искрена молитва. * За сите што присуствуваа на овој состанок, тоа навистина беше историски ден.

[Фусноти]

^ пас. 20 Брат Бар го заврши својот живот на Земјата на 4 декември 2010 год.

[Истакната мисла на на страница 19]

Сите присутни уживаа во интервјуата

[Истакната мисла на страница 20]

Јехова го благословува проповедањето во Етиопија