Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Мудро користи го интернетот

Мудро користи го интернетот

Мудро користи го интернетот

КОГА пред неколку века беше изумена првата печатарска машина со подвижни букви, се промени начинот на комуницирање меѓу луѓето. Се вели дека до слична промена дојде и со изумувањето на интернетот во нашево време. Тој со право е наречен средство за глобална комуникација. Благодарение на оваа практична алатка, лесно може да се најдат информации, статистички податоци и мислења за најразлични теми.

Способноста за комуникација е прекрасен дар од нашиот Творец. Таа ни помага да разменуваме мисли и да споделуваме информации со другите. Јехова бил првиот што комуницирал со човечкото семејство. Тој им дал на првите луѓе јасни и недвосмислени информации како да водат исполнет живот (1. Мој. 1:28-30). Но, можно е овој дар за комуникација да се злоупотреби. Токму тоа се случило во почетокот на човечката историја. Сатана ѝ дал на Ева потполно неточни информации. Таа поверувала во неговите зборови, и му ги пренела на Адам. Тој постапил во склад со она што го чул и со тоа им донел страдање на сите луѓе (1. Мој. 3:1-6; Рим. 5:12).

Што може да се каже за користењето на интернетот? Тој ни помага да дојдеме до важни информации, да заштедиме време и ни користи на други начини. Но, исто така може да биде извор на неточни информации, да ни одземе премногу време и да нѐ расипе во морален поглед. Да видиме како можеме мудро да го користиме.

Точни и неточни информации

Немој да мислиш дека сите информации на интернет се точни и корисни. Интернет пребарувачите можат да се споредат со цела војска луѓе кои без престан собираат секакви видови печурки — и такви што се јадат, но и отровни — и сите ги ставаат во еден ист сад и оттаму ни ги сервираат нам. Ќе почнеш ли да ги јадеш без претходно внимателно да ја провериш секоја од нив? Сигурно не! Интернет пребарувачите користат огромен број компјутери за да пребаруваат низ милијардите веб-страници што содржат секакви податоци — од најкорисни до најбезвредни. Затоа е важно да бидеме проникливи и да сфатиме кои се добри, а кои лоши, за да не го затруеме својот ум со неточни информации.

Во 1993 год., во едно познато списание излезе стрип во кој беа прикажани две кучиња како седат пред компјутер, и едното му вели на другото: „На интернет никој не знае дека си куче“. Во рајската градина, Сатана користел змија зад која се скрил кога зборувал со Ева и ѝ рекол дека може да стане како Бог. Денес, секој што е приклучен на интернет може да се претставува како стручњак за одредена област, а да не открие ни како се вика. Освен тоа, на интернет секој може да стави што сака — секакви податоци, фотографии и совети.

Кога користиш интернет, немој да бидеш наивен како Ева и веднаш да поверуваш во она што го читаш. Прашај се: 1) Кој ги напишал овие информации? Дали се веродостојни? 2) Зошто се напишани? Дали оној што ги ставил е објективен или само сака да шири некои свои идеи? 3) Од каде му се тие информации? Дали пишува од кои извори ги зел за другите да можат да ги проверат? 4) Дали сѐ уште важат или веќе се застарени? Во првиот век, апостол Павле му дал на Тимотеј еден совет што е важен и за нас денес. Тој му напишал: „Чувај го она што ти е доверено и избегнувај ги празните разговори, кои го сквернават она што е свето, и противречното таканаречено спознание“ (1. Тим. 6:20).

Штеди или краде време?

Ако го користиме мудро, интернетот навистина може да ни заштеди време, сила и пари. Можеме да купиме нешто без воопшто да излегуваме од дома, и тоа по најповолна цена. Наместо да одиме во банка, можеме да плаќаме сметки, да префрламе пари и да правиме други работи додека си седиме во фотелја. Со помош на интернет може да испланираме некое патување и да купиме карти. Освен тоа, лесно можеме да најдеме телефонски броеви и адреси. Насекаде во светот, подружниците на Јеховините сведоци користат многу од овие услуги за да заштедат на време, персонал и средства.

Но, интернетот има и мрачна страна. На пример, мора да размислиме колку време ни оди на него. За некои христијани, тој станал интересна играчка наместо корисна алатка. Тие трошат премногу време на игри, купување, разговори во чет-собите, праќање и читање електронски пораки и пребарување. Со текот на времето, можат да ги занемарат поважните работи како што се семејството, пријателите и собранието. Некои дури станале и зависни од интернет. На пример, според една проценка од 2010 год., тоа било случај со 18,4 отсто од тинејџерите во Кореја. Некои истражувања во Германија покажале дека „сѐ повеќе жени се жалат дека нивните партнери стануваат зависници“. Една жена изјавила дека зависноста од интернет толку го променила нејзиниот маж што ѝ го уништила бракот.

Во една подружница на Јеховините сведоци стигнало писмо од еден брат кој самиот си признал дека станал зависник од интернет. Понекогаш седел пред компјутер и по десет часа дневно. Тој напишал дека во почетокот, кога почнал да игра онлајн игри, си мислел дека „нема ништо лошо во тоа“. Но, постепено почнал да испушта состаноци и престанал да се моли. Кога одел на состанок, бил неподготвен, и едвај чекал да се врати дома и „пак да седне на интернет“. За среќа, сфатил дека има сериозен проблем и ги направил потребните промени. Никогаш да не дозволиме да станеме зависници од интернет.

На какви информации се изложуваш?

Во 1. Солуњаните 5:21, 22 читаме: „Сѐ испитувајте за да се уверите во тоа, држете се за она што е добро. Тргајте се од секакво зло“. Кога читаме или гледаме нешто на интернет, мора да имаме на ум што мисли Бог за тоа, односно дали тие информации се во склад со неговите високи мерила. Она што го гледаме треба да е чисто во морален поглед и треба да е прифатливо за еден христијанин. Порнографијата е многу застапена на интернет и, ако не внимаваме, многу лесно би можеле и самите да се фатиме во таа замка.

Добро е да се прашаме: ‚Дали брзо би го скрил она што го гледам на екранот ако во собата влезе мојот сопружник, родителите или некој христијански брат?‘ Ако одговорот е ‚да‘, тогаш би било мудро да користиме интернет само во присуство на други. Интернетот потполно го смени начинот на кој луѓето комуницираат и купуваат. Но, за жал, им овозможи и да ‚вршат прељуба во своето срце‘ на нов начин (Мат. 5:27, 28).

Да ја препратам пораката или не?

Кога користиме интернет, честопати разменуваме информации со другите. Иако тоа не е погрешно, мора да бидеме сигурни дека она што им го пишуваме или препраќаме е точно и дека нема неморална содржина. Освен тоа, треба да имаме дозвола да ги пренесуваме тие информации. * Да се прашаме: ‚Дали ќе им помогнат на другите? Зошто сакам да им ги испратам? Дали само затоа што сакам да привлечам внимание врз себеси?‘

Ако се користат на исправен начин, електронските пораки можат да бидат многу ефикасно средство за комуницирање. Но, исто така можат и да нѐ преплават со информации. Дали имаме долг список на познајници на кои редовно им испраќаме сѐ што ќе чуеме или ќе прочитаме, крадејќи им го скапоценото време со куп непотребни информации? Зарем не треба да си ги преиспитаме мотивите пред да пратиме некоја порака? Што, всушност, сакаме да постигнеме со тоа? Во минатото, луѓето им пишувале писма на семејствата и на пријателите за да им кажат што се случува во нивниот живот. Зарем не треба ова да биде главната цел и на нашите пораки? Зошто да им испраќаме на другите нешто за кое не знаеме дали е точно?

Според тоа, како да гледаме на интернетот? Дали не треба воопшто да го користиме? Некои можеби ќе мораат да го направат токму тоа. Зависникот од интернет што беше спомнат погоре престанал да го употребува за да ѝ стави крај на својата долгогодишна зависност. Меѓутоа, интернетот може и да ни користи, под услов да дозволиме ‚способноста за расудување да внимава на нас и проникливоста да нѐ чува‘ (Изр. 2:10, 11).

[Фуснота]

^ пас. 17 Истото важи и за слики. Иако можеме да сликаме за себе, немаме право да ги испраќаме тие слики на кого и да било ниту да ги наведеме имињата и адресите на оние што се на нив.

[Слика на страница 4]

Како можеш да бидеш сигурен дека информациите што ги читаш се точни?

[Слика на страница 5]

За што треба да размислиш пред да пратиш некоја порака?