Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Тие го нашле Месијата!

Тие го нашле Месијата!

Тие го нашле Месијата!

„Го најдовме Месијата!“ (ЈОВАН 1:41)

1. Што се случило пред Андреј да му каже на Петар: „Го најдовме Месијата“?

 ДОДЕКА стоел со двајца свои ученици, Јован Крстител забележал како Исус доаѓа кон нив. Тогаш Јован извикал: „Еве го Јагнето Божје!“ Андреј и другиот ученик веднаш тргнале по Исус и останале со него до крајот на денот. Подоцна Андреј го нашол својот брат, Симон Петар, и возбудено му рекол: „Го најдовме Месијата!“ Потоа го одвел кај Исус (Јован 1:35-41).

2. Како ќе ни помогне разгледувањето на уште некои месијански пророштва?

2 Со текот на времето, Андреј, Петар и други внимателно ги проучувале светите списи и можеле потполно да се уверат дека Исус од Назарет навистина е ветениот Месија. И нашата вера во Божјата Реч и во Божјиот Помазаник ќе се зајакне додека разгледуваме уште некои месијански пророштва.

„Гледај, ти доаѓа твојот Цар“

3. Кои пророштва се исполниле кога Исус влегол како цар во Ерусалим?

3 Месијата требало да влезе како цар во Ерусалим. Захарија го прорекол следново: „Радувај се многу, ќерко сионска! Викај победнички, ќерко ерусалимска! Еве, царот твој доаѓа кај тебе! Тој е праведен и спасен, понизен е и јава на магаре, на магаре — рожба на магарица“ (Зах. 9:9). Псалмистот напишал: „Благословен е оној што доаѓа во името Јеховино“ (Пс. 118:26). Кога Исус влегол во Ерусалим, едно големо мноштво извикувало од радост. Иако тој не побарал вакво нешто од луѓето, тие го направиле токму она што било проречено. Додека ги читаш библиските стихови што го опишуваат овој настан, замисли дека си таму и дека ги слушаш радосните извици на тоа мноштво. (Прочитај Матеј 21:4-9.)

4. Објасни како се исполнил Псалм 118:22, 23.

4 И покрај тоа што многумина немало да го прифатат како Месија, Исус бил скапоцен за Бог. Како што било претскажано, Исус ‚бил презрен и безвреден‘ во очите на оние што и покрај сите докази одбиле да поверуваат во него (Иса. 53:3; Мар. 9:12). Но, псалмистот напишал: „Каменот што го отфрлија градителите стана аголен камен. Тоа дело е од Јехова“ (Пс. 118:22, 23). Исус им ги посочил овие стихови на своите верски противници, а Петар рекол дека тие се исполниле на Христос (Мар. 12:10, 11; Дела 4:8-11). Исус навистина станал „камен-темелник“ на христијанското собрание. Иако бил отфрлен од безбожните луѓе, тој е „избран од Бог, скапоцен во негови очи“ (1. Пет. 2:4-6).

Предаден и оставен

5, 6. Што било проречено во врска со предавството на Месијата, и како се исполниле тие пророштва?

5 Било проречено дека Месијата ќе биде предаден од еден негов лажен пријател. Давид прорекол: „Човекот што беше во мир со мене, во кого имав доверба, кој јадеше од мојот леб, се крена против мене“ (Пс. 41:9). Во библиско време, оние што заедно јаделе леб се сметале за пријатели (1. Мој. 31:54). Според тоа, пророштвото покажало дека некој што му бил пријател на Месијата ќе се свртел против него и ќе го предадел! Исус се осврнал на овие зборови на Давид кога им го рекол следново на своите апостоли: „Не зборувам за сите вас. Јас ги знам оние што ги избрав. Но нека се исполнат зборовите од Писмото: ‚Оној што се хранеше од мојот леб, се крена против мене‘“ (Јован 13:18). Овде Исус зборувал за Јуда Искариот, кој бил негов ученик и пријател. Ова пророштво на Давид се исполнило кога Јуда го предал Исус.

6 Месијата ќе бил предаден за само 30 сребреници, колку што чинел еден роб. Осврнувајќи се на Захарија 11:12, 13, Матеј потврдил дека Исус бил предаден за таа бедна сума. Но, зошто рекол дека ова го претскажал „пророкот Еремија“? Во времето на Матеј, книгата на Еремија веројатно била прва по ред во една група библиски книги меѓу кои се наоѓал и свитокот на Захарија. (Спореди со Лука 24:44.) Јуда не ги потрошил тие срамно добиени пари. Ги фрлил во храмот и извршил самоубиство (Мат. 26:14-16; 27:3-10).

7. Како се исполнил Захарија 13:7?

7 Учениците на Месијата ќе се разбегале и ќе го оставеле. Захарија напишал: „Удри го пастирот, нека се разбегаат овците од стадото!“ (Зах. 13:7). На 14 нисан 33 год. од н.е., Исус им рекол на своите ученици: „Сите вие оваа ноќ ќе се поколебате во верата поради она што ќе ми се случи, бидејќи е напишано: ‚Ќе го удрам пастирот, и овците од стадото ќе се разбегаат‘“. Токму тоа и се случило. Матеј напишал: „Сите ученици го оставија и побегнаа“ (Мат. 26:31, 56).

Обвинет и тепан

8. Како се исполнил Исаија 53:8?

8 Месијата требало да биде изведен на суд и осуден. (Прочитај Исаија 53:8.) В зори, на 14 нисан, сите членови на Судскиот совет се состанале, заповедале Исус да биде врзан и му го предале на римскиот управител Понтиј Пилат. Тој го испрашувал и утврдил дека нема никаква вина. Но, кога го прашал мноштвото луѓе дали сакаат да го ослободи Исус, тие извикале: „Прикови го на столб!“, и барале Пилат да го пушти на слобода разбојникот Варава. За да му угоди на народот, Пилат го ослободил Варава, наредил да го камшикуваат Исус и го предал на војниците за да го приковаат на столб (Мар. 15:1-15).

9. Како се исполнил Псалм 35:11 во времето на Исус?

9 Против Месијата ќе биле изведени лажни сведоци. Псалмистот Давид напишал: „Се креваат насилни сведоци, ме прашуваат за она што не го знам“ (Пс. 35:11). Точно како што било претскажано, ‚главните свештеници и целиот Судски совет барале лажно сведоштво против Исус за да го убијат‘ (Мат. 26:59). Всушност, ‚мнозина лажно сведочеле против него, но сведоштвата не им се совпаѓале‘ (Мар. 14:56). На непријателите на Исус воопшто не им било важно што сведоците кажувале лаги. Тие биле решени да го осудат на смрт.

10. Како се исполнил Исаија 53:7?

10 Месијата немало да им одговори на оние што го обвинувале. Исаија прорекол: „Го угнетуваа, а тој дозволуваше да му нанесуваат болка и не ја отвори устата. Го одведоа како јагне на колење. Како овца, која е нема пред оние што ја стрижат, не ја отвори својата уста“ (Иса. 53:7). Додека ‚главните свештеници и старешините го обвинувале, тој не одговарал‘. Тогаш Пилат го прашал: „Зарем не слушаш со колку работи сведочат против тебе?“ Но, Исус ‚не му одговорил со ниту еден збор, така што управителот многу се чудел‘ (Мат. 27:12-14). Христос не им вратил со навреди на оние што го обвинувале (Рим. 12:17-21; 1. Пет. 2:23).

11. Како се исполниле Исаија 50:6 и Михеј 5:1?

11 Исаија прорекол дека Месијата ќе биде тепан. Тој напишал: „Го свртев грбот кон оние што ме удираа и образите кон оние што ми ја кубеа брадата. Не го криев лицето од понижување и од плукање“ (Иса. 50:6). Михеј прорекол: „Со стап ќе удираат по образот на судијата на Израел“ (Мих. 5:1). Во своето евангелие, Марко потврдува дека овие пророштва се исполниле, кога вели: „Некои почнаа да го плукаат [Исус], да му го покриваат лицето и да го удираат со тупаници и да му велат: ‚Ако си пророк, кажи кој те удри!‘ И, удирајќи му шлаканици, стражарите го одведоа“. Марко исто така кажува дека војниците ‚го удирале со трска по глава, го плукале и му се поклонувале [за да го исмејуваат], паѓајќи на колена‘ (Мар. 14:65; 15:19). Се разбира, немало никаква причина да постапуваат со Исус на таков начин.

Верен до смрт

12. Како Псалм 22:16 и Исаија 53:12 се исполниле на Исус?

12 Било проречено како точно Месијата ќе биде погубен. Псалмистот Давид рекол: „Толпа злосторници ме опкружија. Како лав ми се нафрлија на рацете и нозете“ (Пс. 22:16). Во врска со еден настан што им е познат на читателите на Библијата, во своето евангелие Марко напишал: „Беше третиот час [околу 9 часот наутро] кога го приковаа на столбот“ (Мар. 15:25). Било претскажано и дека Месијата ќе биде вброен меѓу грешници. Исаија напишал: „Ја излеа својата душа во смрт и беше вброен меѓу престапниците“ (Иса. 53:12). И навистина, ‚со Исус приковале на столб двајца разбојници, едниот од неговата десна, а другиот од неговата лева страна‘ (Мат. 27:38).

13. Како Псалм 22:7, 8 се исполнил на Исус?

13 Давид прорекол дека луѓето ќе го навредуваат Месијата. (Прочитај Псалм 22:7, 8.) Исус бил навредуван додека висел на маченичкиот столб. Матеј напишал: „Минувачите го навредуваа, подбивно вртејќи со главите и велејќи: ‚Ти, што ќе го урнеше храмот и ќе го изградеше за три дена, спаси се самиот себе! Ако си син Божји, слези од столбот!‘ На сличен начин и главните свештеници со книжниците и старешините го исмејуваа, велејќи: ‚Другите ги спаси, а себе не може да се спаси! Тој е цар на Израел! Нека слезе сега од столбот, и ќе поверуваме во него! Се надеваше на Бог, па тој сега нека го избави ако му е мил! Зашто рече: „Јас сум Божји Син“‘“ (Мат. 27:39-43). Исус достоинствено го поднел сето ова. Тој навистина е одличен пример за нас!

14, 15. Објасни како се исполниле некои конкретни пророштва во врска со облеката на Месијата и тоа што му дале да пие оцет.

14 Било проречено дека за облеката на Месијата ќе се фрла ждрепка. Псалмистот напишал: „Моите алишта ги делат меѓу себе и фрлаат ждрепка за мојата облека“ (Пс. 22:18). Токму тоа и се случило. Кога римските војници ‚го приковале Исус на столб, ја разделиле неговата облека фрлајќи ждрепка‘ (Мат. 27:35; прочитај Јован 19:23, 24).

15 На Месијата ќе му дале оцет и жолчка. Псалмистот рекол: „За јадење ми дадоа отровна билка, жедта сакаа да ми ја згаснат со оцет“ (Пс. 69:21). Матеј кажува: „Таму му дадоа на Исус да пие вино помешано со жолчка. Но кога го вкуси, не сакаше да пие“. Подоцна ‚еден од нив отрчал и зел сунѓер, го натопил во кисело вино, па го ставил на трска и му дал да пие“ (Мат. 27:34, 48).

16. Објасни како се исполниле пророчките зборови од Псалм 22:1.

16 Ќе изгледало дека Бог го оставил Месијата. (Прочитај Псалм 22:1.) Во склад со пророштвото, ‚во деветтиот час [околу 15 часот] Исус извикал со силен глас: „Ели, Ели, лама савахтани?“ — што значи: „Боже мој, Боже мој, зошто ме остави?“‘ (Мар. 15:34). Тој не ја изгубил верата во својот небесен Татко. Бог го оставил, односно го препуштил на неговите непријатели во таа смисла што ја повлекол својата заштита од него. На тој начин, Христос можел да покаже дали ќе му остане верен на Бог дури и по цена на својот живот. Со тоа што повикал кон својот Татко, Исус го исполнил пророштвото од Псалм 22:1.

17. Како се исполниле Захарија 12:10 и Псалм 34:20?

17 Месијата требало да биде прободен, но коските немало да му бидат скршени. Жителите на Ерусалим ќе ‚гледале во оној кого го проболе‘ (Зах. 12:10). Псалм 34:20 вели: „[Бог] ги чува сите негови коски, ниту една од нив не е скршена“. Потврдувајќи дека навистина било така, апостол Јован напишал: „Еден од војниците го прободе [Исус] со копје во слабината, и веднаш потече крв и вода. Оној што го виде тоа [Јован], сведочи, и неговото сведоштво е вистинито... Тоа се случи за да се исполнат зборовите од Писмото: ‚Ниту една коска нема да му биде скршена‘. А на друго место во Писмото стои: ‚Ќе гледаат во оној што го прободоа‘“ (Јован 19:33-37).

18. Како дошло до тоа Исус да биде погребан со богатите?

18 Месијата требало да биде погребан со богатите. (Прочитај Исаија 53:5, 8, 9.) Доцна попладне на 14 нисан, „еден богат човек од Ариматеја, по име Јосиф“ отишол кај Пилат и го побарал Исусовото тело. Пилат заповедал да му го предадат. Во своето евангелие, Матеј пишува: „Јосиф го зеде телото, го завитка во чисто платно и го положи во својот нов гроб, кој го беше издлабил во карпа. Потоа дотркала еден голем камен на влезот од гробот и си замина“ (Мат. 27:57-60).

Да го поздравиме месијанскиот Цар!

19. Како се исполниле пророчките зборови од Псалм 16:10?

19 Месијата требало да биде воскреснат. Давид напишал: „[Ти, Јехова], нема да ја оставиш мојата душа во гробот“ (Пс. 16:10). Замисли си колку биле изненадени жените што дошле на гробот во кој бил положен Исус. Таму сретнале еден материјализиран ангел, кој им рекол: „Не плашете се! Вие го барате Исус Назареќанецот, кој беше прикован на столб. Воскресна, не е овде. Еве го местото каде што го положија“ (Мар. 16:6). А на мноштвото луѓе што биле во Ерусалим на Педесетница 33 год. од н.е., апостол Петар им објавил: „[Давид] однапред го виде и го навести Христовото воскресение, дека нема да биде оставен во гробот, ниту неговото тело ќе види распаѓање“ (Дела 2:29-31). Бог не дозволил телото на неговиот сакан Син да се распадне. Тој со чудо го воскреснал Исус како духовно суштество! (1. Пет. 3:18).

20. Што било проречено во врска со месијанското Царство?

20 Како што било проречено, Бог изјавил дека Исус е неговиот Син. (Прочитај Псалм 2:7; Матеј 3:17.) Освен тоа, мноштвата го поздравиле Христос и неговото Царство, а и ние со радост зборуваме за него и за неговото владеење (Мар. 11:7-10). Наскоро тој ќе ги уништи своите непријатели „застапувајќи ги вистината понизноста и праведноста“ (Пс. 2:8, 9; 45:1-6). Потоа неговото Царство ќе донесе мир и благослови на целата Земја (Пс. 72:1, 3, 12, 16; Иса. 9:6, 7). За нас е огромна чест што можеме да ги објавуваме овие вистини како Сведоци на Јехова, чиј сакан Син веќе владее на небото како месијански Цар!

Како би одговорил?

• Како Исус бил предаден и оставен?

• Што било проречено во врска со погубувањето на Христос?

• Зошто си уверен дека Исус е ветениот Месија?

[Прашања]

[Слика на страница 13]

Кои пророштва биле исполнети кога Исус влегол како цар во Ерусалим?

[Слика на страница 15]

Исус умрел за нашите гревови, но сега владее како месијански Цар