Тие го очекувале Месијата
Тие го очекувале Месијата
„Народот беше во исчекување и сите во своето срце се прашуваа за Јован: ‚Да не е можеби тој Месијата?‘“ (ЛУКА 3:15, фус.)
1. Која возбудлива вест им ја објавил еден ангел на неколку овчари?
НЕКОЛКУ овчари чувале ноќна стража над своите стада под ведро небо. Одеднаш Јеховин ангел застанал во нивна близина и Божјата слава блеснала околу нив! Ангелот им рекол: „Не плашете се! Еве, ви објавувам добра вест за една голема радост за сите луѓе, бидејќи денес во Давидовиот град ви се роди Спасител — Христос, Господарот“, односно оној што требало да стане Месија. Колку возбудлива вест! Овој Божји гласник им рекол на овчарите дека можат да го најдат новороденчето положено во јасли во едно гратче во близина. Одеднаш ‚се појавила голема небесна војска‘ која почнала да го фали Бог: „Слава на Бог во висините, а на земјата мир меѓу луѓето што му се по волја!“ (Лука 2:8-14).
2. Што значи зборот „Месија“, и како можеле луѓето да знаат кој навистина е тој?
2 Се разбира, овие еврејски овчари знаеле дека зборот „Месија“ или „Христос“ се однесува на Божјиот „помазаник“, односно на оној што Бог го избрал за посебна цел (2. Мој. 29:5-7). Но, како можеле и тие и другите луѓе да дознаат повеќе и да се уверат дека новороденчето за кое зборувал ангелот ќе биде Месијата што го избрал Јехова? Така што ќе ги проучувале пророштвата од Хебрејските списи, а потоа ќе ги споредувале со она што се случувало во животот на ова дете.
Зошто луѓето биле во исчекување?
3, 4. Како се исполнило пророштвото од Даниел 9:24, 25?
3 Кога со години подоцна Јован Крстител почнал да проповеда, луѓето кои го слушале и гледале што прави, се прашувале дали можеби тој е Месијата. (Прочитај Лука 3:15.) Можно е некои од нив точно да го разбрале месијанското пророштво за ‚седумдесетте седмици‘. Ако тоа било случај, тие можеле да пресметаат кога ќе се појави Месијата. Пророштвото гласи: „Седумдесет седмици му се определени на твојот народ... Од часот кога ќе излезе речта да се обнови и повторно да се изгради Ерусалим па до Месијанскиот Водач ќе поминат седум седмици, и уште шеесет и две седмици“ (Дан. 9:24, 25). Многу изучувачи на Библијата се сложуваат дека овие седмици не се состојат од денови, туку од години. На пример, фуснотата за 25. стих во Преводот на МПЦ — ревидирано издание гласи: „Овде зборот седмица означува седум години“.
4 Денес Јеховините слуги знаат дека 69-те седмици, или 483 години, спомнати во Даниел 9:25, почнале да течат во 455 год. пр.н.е., кога цар Артаксеркс го овластил Неемија да го обнови и повторно да го изгради Ерусалим (Неем. 2:1-8). Тие седмици завршиле 483 години подоцна, во 29 год. од н.е., кога Исус од Назарет се крстил и бил помазан со свет дух, и на тој начин станал Месија (Мат. 3:13-17). *
5. Кои пророштва ќе ги разгледаме?
5 Да разгледаме неколку од многуте пророштва за Месијата кои се исполниле на Исус, а се однесуваат на неговото раѓање, рано детство и служба. Ова сигурно ќе ја зајакне нашата вера во Божјата пророчка реч и ќе нѐ увери дека Исус навистина бил долгоочекуваниот Месија.
Пророштва во врска со раѓањето и раното детство на Месијата
6. Како се исполнило пророштвото од 1. Мојсеева 49:10?
6 Месијата требало да се роди во Израел, во племето на Јуда. Кога ги благословил своите синови пред да умре, Јаков прорекол: „Жезолот нема да се оддели од Јуда, ниту заповедничката палка од нозете негови додека не дојде Сило — и нему ќе му се покоруваат народите“ (1. Мој. 49:10). Низ историјата, многу еврејски изучувачи сметале дека овие зборови се однесуваат на Месијата. Откако со Израел почнал да владее цар Давид од племето на Јуда, жезолот (симбол на царската власт) и заповедничката палка (симбол на правото да се заповеда) не се одделиле од тоа племе. ‚Сило‘ значи „оној кому му припаѓа“, и тој требало да биде последниот од царската лоза на Јуда, кој ќе останел да владее засекогаш. Бог му кажал и на последниот цар на древната Јуда, Седекија, дека царската власт ќе му биде дадена на оној кому според законот му припаѓа правото на неа (Езек. 21:26, 27). По Седекија, Исус бил единствениот потомок на Давид на кој му било ветено царство. Пред да се роди, ангелот Гавриел ѝ рекол на Марија: „Јехова Бог ќе му го даде престолот на Давид, неговиот татко, и тој ќе царува во домот на Јаков засекогаш, и неговото царство ќе нема крај“ (Лука 1:32, 33). Според тоа, Сило мора да е Исус Христос, кој бил потомок на Јуда и на Давид (Мат. 1:1-3, 6; Лука 3:23, 31-34).
7. Каде се родил Месијата, и зошто ова е значајно?
7 Месијата требало да се роди во Витлеем. Пророкот Михеј напишал: „Ти, Витлееме Ефрато, кој си најмал од Јудините градови, од тебе ќе ми излезе оној што ќе биде владетел во Израел, кој потекнува од дамнини, од прадамнешните денови“ (Мих. 5:2). Според тоа, Месијата требало да се роди во јудејското гратче Витлеем, кое очигледно некогаш се викало Ефрата. Иако Марија, мајка му на Исус, како и неговиот очув, Јосиф, живееле во Назарет, морале да отидат во Витлеем затоа што римскиот цезар наредил да се попише целото население, и таму се родил Исус во 2 год. пр.н.е. (Мат. 2:1, 5, 6). Така ова пророштво се исполнило на извонреден начин!
8, 9. Што било претскажано во врска со раѓањето на Месијата и настаните што следеле потоа?
8 Месијата требало да го роди девица. (Прочитај Исаија 7:14.) Еврејскиот збор бетула значи „девица“, но во Исаија 7:14 се користи друг збор (алма). Таму било проречено дека „девојка [алма]“ ќе роди син. Истиот овој збор бил употребен и за Ревека, која сѐ уште не била мажена (1. Мој. 24:16, 43). Под водство на светиот дух, Матеј го употребил грчкиот збор за „девица“ (парте́нос) за да покаже дека Исаија 7:14 се исполнил кога се родил Исус. Во своите евангелија, Матеј и Лука велат дека Марија била девица која останала бремена кога светиот дух дошол врз неа и ја засенил (Мат. 1:18-25; Лука 1:26-35).
9 По раѓањето на Месијата ќе биле убиени мали деца. Такво нешто се случило и со векови пред тоа, кога египетскиот фараон заповедал секое еврејско машко новороденче да биде фрлено во реката Нил (2. Мој. 1:22). Едно пророштво во Еремија 31:15, 16 вели дека Рахела ќе плаче по своите синови кои ќе бидат однесени во „непријателската земја“. Нејзиниот плач ќе се слушал до далечната Рама, која се наоѓала на подрачјето на Венијамин, северно од Ерусалим. Матеј објаснува дека овие зборови на Еремија се исполниле кога цар Ирод наредил во Витлеем и околината да бидат убиени сите машки деца до две години. (Прочитај Матеј 2:16-18.) Замисли си го очајот на луѓето што живееле во тој крај!
10. Објасни како Осија 11:1 се исполнил на Исус.
10 Исто како Израелците, и Месијата требало да биде повикан од Египет (Оси. 11:1). Пред Ирод да издаде наредба да бидат убиени малите деца во Витлеем, еден ангел им кажал на Јосиф и на Марија да заминат од Израел и да го однесат Исус во Египет. Таму останале ‚до смртта на Ирод, за да се исполни она што Јехова го рекол преку својот пророк Осија: „Од Египет го повикав својот син“‘ (Мат. 2:13-15). Се разбира, самиот Исус немал никаква контрола врз настаните што биле проречени во врска со неговото раѓање и рано детство.
Месијата ја започнува својата служба!
11. Кој го подготвил патот за Јеховиниот помазаник?
11 Еден гласник требало да го подготви патот за Месијата. Малахија прорекол дека „пророкот Илија“ ќе го подготви срцето на луѓето за да го прифатат Месијата кога тој ќе дојде. (Прочитај Малахија 4:5, 6.) Самиот Исус јасно кажал дека проречениот „Илија“ е Јован Крстител (Мат. 11:12-14). А ученикот Марко објаснил дека Јован бил тој што го подготвил патот точно како што прорекол Исаија (Иса. 40:3; Мар. 1:1-4). Исус не му кажал на Јован да го направи тоа. Бог сакал луѓето да знаат кој е Месијата и затоа го избрал Јован да изврши едно дело слично на делото на Илија, и да ги подготви луѓето да го прифатат Неговиот Помазаник.
12. Која посебна задача му ја дал Бог на Месијата?
12 Бог му дал посебна задача на Месијата. Во синагогата во Назарет, градот каде што пораснал, Исус ги прочитал и ги применил на себеси следниве зборови од свитокот на Исаија: „Јеховиниот дух е врз мене, зашто Бог ме помаза да им објавам добра вест на сиромасите, ме испрати да проповедам ослободување на заробените и враќање на видот на слепите, да ги пуштам на слобода здробените, да ја проповедам Јеховината година на милоста“. Бидејќи Исус навистина бил Месијата, со право можел да каже: „Денес се исполнија овие зборови од Писмото, кои штотуку ги чувте“ (Лука 4:16-21).
13. Што прорекол Исаија во врска со Исусовата служба во Галилеја?
13 Било проречено дека Месијата ќе проповеда во Галилеја. Во врска со „земјата на Завулон и земјата на Нефталим... Галилеја на незнабошците“, Исаија напишал: „Народот што одеше во темнина, виде голема светлина. Над оние што живееја во земјата на длабоката темнина, светна светлина“ (Иса. 9:1, 2). Исус ја започнал својата служба во Галилеја, во градот Капернаум, каде што им помогнал на многу жители на Завулон и Нефталим со тоа што ги поучувал за вистините кои биле како голема светлина (Мат. 4:12-16). Во Галилеја, Исус ја одржал својата Проповед на гората, ги избрал своите апостоли, го направил првото чудо и веројатно им се појавил на преку 500 свои ученици откако воскреснал (Мат. 5:1 — 7:27; 28:16-20; Мар. 3:13, 14; Јован 2:8-11; 1. Кор. 15:6). Така, со своето проповедање во „земјата на Завулон и на Нефталим“, тој го исполнил пророштвото на Исаија. Се разбира, Исус ја проповедал пораката за Царството низ целиот Израел.
Други пророштва за Месијата
14. Како Псалм 78:2 се исполнил на Исус?
14 Месијата требало да ги поучува луѓето со споредби. Псалмистот Асаф рекол: „Со изреки [парабола, Превод на МПЦ — ревидирано издание] ќе ја отворам устата“ (Пс. 78:2). Од каде знаеме дека ова е пророчки опис за Исус? Од евангелието според Матеј. Откако ги раскажал споредбите во кои Исус зборувал за Царството како за синапово зрно и за квасец, Матеј вели: „[Исус] секогаш им зборуваше со споредби, за да се исполни она што беше кажано преку пророкот: ‚Ќе ја отворам својата уста со споредби, ќе го објавувам она што е скриено од настанувањето на светот‘“ (Мат. 13:31-35). Параболите, односно споредбите, им помогнале на многу луѓе да ја разберат вистината за Јехова.
15. Објасни како се исполнил Исаија 53:4.
15 Месијата требало да ги лекува луѓето. Исаија прорекол: „Навистина, тој ги понесе нашите болести, ги зеде врз себе нашите болки“ (Иса. 53:4). Матеј кажал дека, откако ја излекувал тештата на Петар, Исус излекувал и други луѓе ‚за да се исполни она што било речено преку пророкот Исаија: „Тој ги зеде нашите немоќи и ги понесе нашите болести“‘ (Мат. 8:14-17). Библијата ни кажува дека Исус ги лекувал болните и во многу други прилики.
16. Како апостол Јован покажал дека Исаија 53:1 се исполнил на Исус?
16 Многу луѓе немало да поверуваат дека Исус е Месијата и покрај сето добро што го направил. (Прочитај Исаија 53:1.) Во врска со ова пророштво, апостол Јован напишал: „Иако пред нив [Исус] направи толку чуда, тие не поверуваа во него, па така се исполни речта што ја кажа пророкот Исаија: ‚Јехова, кој поверува во она што го чувме? Кому му се откри Јеховината рака?‘“ (Јован 12:37, 38). Освен тоа, и кога проповедал апостол Павле, малкумина поверувале во добрата вест за Исус, Месијата (Рим. 10:16, 17).
17. Како се исполнило пророштвото од Псалм 69:4?
17 Луѓето ќе го мразеле Месијата без никаква причина (Пс. 69:4). Исус рекол: „Да не ги направев меѓу нив делата што никој друг не ги има направено, немаше да имаат грев, но сега ги видоа, па нѐ замразија и мене и мојот Татко. Но тоа е за да се исполнат зборовите напишани во нивниот Закон: ‚Ме мразеа без причина‘“ (Јован 15:24, 25). Кога ќе се спомнел ‚Законот‘, честопати се мислело на сите свети списи што постоеле во тоа време (Јован 10:34; 12:34). Од евангелијата дознаваме дека многу луѓе, а особено еврејските верски водачи, го мразеле Исус. Освен тоа, тој рекол: „Светот... ме мрази, бидејќи јас сведочам за него дека неговите дела се зли“ (Јован 7:7).
18. Што ќе разгледаме во следната статија?
18 Следбениците на Исус што живееле во првиот век биле сигурни дека тој е Месијата, бидејќи на него навистина се исполниле месијанските пророштва запишани во Хебрејските списи (Мат. 16:16). Како што видовме, неколку од нив се исполниле во текот на неговото детство и неговата служба. Во следната статија ќе разгледаме уште некои од тие пророштва. Ако длабоко размислуваме за нив, сигурно ќе се зацврсти нашата увереност дека Исус Христос навистина е Месијата кој бил испратен од нашиот небесен Татко, Јехова.
[Фуснота]
^ пас. 4 Детално објаснување на пророштвото за ‚седумдесетте седмици‘ има во 11. поглавје од книгата Обрни внимание на Даниеловото пророштво!
Како би одговорил?
• Кои пророштва во врска со раѓањето на Месијата се исполниле на Исус?
• Кој го подготвил патот за Месијата?
• Кои пророчки зборови од Исаија 53. поглавје се исполниле на Исус?
[Прашања]