Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Јехова е моето наследство

Јехова е моето наследство

Јехова е моето наследство

„Јас сум твојот дел и твоето наследство меѓу синовите на Израел“ (4. МОЈ. 18:20)

1, 2. а) Во каква ситуација биле левитите кога Исус Навин им дал наследство на сите други племиња? б) Кое уверување им го дал Јехова на левитите?

ОТКАКО Израелците освоиле поголем дел од Ветената земја, Исус Навин, заедно со првосвештеникот Елеазар и племенските поглавари, им ја поделил земјата на племињата со ждрепка (4. Мој. 34:13-29). За разлика од другите племиња, левитите не добиле наследство, односно дел од земјата (Ис. Нав. 14:1-5). Зошто племето на Леви не добило наследство во Ветената земја? Дали Јехова ги заборавил?

2 Одговорот се наоѓа во она што Јехова му го кажал на Арон во врска со левитите. Бог ветил дека нема да ги остави, кога рекол: „Јас сум твојот дел и твоето наследство меѓу синовите на Израел“ (4. Мој. 18:20). Колку силно уверување: ‚Јас сум твоето наследство‘! Како би се чувствувал ако Јехова би ти ги кажал тебе тие зборови? Можеби веднаш би помислил: ‚Кој сум јас да добијам такво ветување од Семоќниот?‘ Веројатно би се прашал: ‚Можно ли е воопшто Јехова да му биде наследство на некој несовршен христијанин денес?‘ Овие прашања се важни за тебе и за твоите најблиски. Затоа, да видиме што сакал да каже Бог со таа изјава. Тоа ќе ни помогне да сфатиме како може Јехова да им биде наследство на христијаните денес. Што е уште поважно, ќе видиме како може да биде и лично твое наследство, сеедно дали имаш надеж за живот на небото или за вечен живот во рајот на Земјата.

Јехова се погрижил за левитите

3. Како дошло до тоа Бог да ги избере левитите за својата служба?

3 Пред Јехова да им го даде Законот на Израелците, семејните поглавари имале улога на свештеници. Но, кога им го дал Законот, Бог ги избрал мажите од племето на Леви да служат како свештеници и нивни помошници. Зошто дошло до ваква промена? Кога ги погубил првородените синови на Египќаните, Јехова ги посветил за себе сите првородени во Израел, односно ги одвоил како свои за посебна служба. Но, потоа направил една значајна промена. Тој рекол: „Јас ги земам левитите... наместо сите првородени од Израеловите синови“. Бидејќи пописот покажал дека бројот на првородените е поголем од бројот на левитите, Јехова им заповедал на Израелците да платат откупнина за сите оние ‚што ги имало повеќе отколку левитите‘ (4. Мој. 3:11-13, 41, 46, 47). Потоа племето на Леви можело да започне со својата служба за Богот на Израел.

4, 5. а) Во која смисла Бог им бил наследство на левитите? б) Како Бог се грижел за левитите?

4 Како Јехова им станал наследство на левитите? Така што, наместо да им даде дел од земјата, тој им дал една посебна скапоцена служба — тие требало да станат ‚Јеховино свештенство‘ (Ис. Нав. 18:7). Сепак, контекстот на 4. Мојсеева 18:20 покажува дека ќе имале и сѐ што им е потребно во материјален поглед. (Прочитај 4. Мојсеева 18:19, 21, 24.) ‚За службата што ја извршувале‘, на левитите требало да им се дава „во наследство секоја десеттина во Израел“. Со други зборови, тие требало да добијат десет отсто од сѐ што ќе родела земјата, како и од домашните животни. Од своја страна, пак, левитите требало да даваат за потребите на свештениците десеттина од она што самите го добивале, односно ‚од она што било најдобро‘ (4. Мој. 18:25-29). Свештениците ги примале и „сите свети прилози“ кои Израеловите синови му ги донесувале на Бог во неговото светилиште. Затоа, членовите на свештенството можеле да имаат доверба дека Јехова добро ќе се грижи за нив.

5 По сѐ изгледа, Мојсеевиот закон налагал Израелците да одвојат уште една десеттина, која семејствата ја користеле за да јадат, да пијат и да се радуваат додека траеле светите собири (5. Мој. 14:22-27). Но, оваа десеттина се користела и за нешто друго. Секои седум години, Израелците прославувале година на потполн одмор за земјата. На крајот на секоја трета и шеста година од овој седумгодишен период, тие ја давале десеттината како прилог за сиромашните, но и за левитите. Зошто? Затоа што левитите немале „ни дел ни наследство“ во Израел (5. Мој. 14:28, 29).

6. Иако левитите не добиле дел од земјата, каде живееле?

6 Можеби се прашуваш: ‚Ако на левитите не им бил даден дел од земјата, тогаш каде живееле?‘ Бог се погрижил и за тоа. Тој им дал 48 градови заедно со околните пасишта. Во нив спаѓале и шесте градови-прибежишта (4. Мој. 35:6-8). На тој начин, левитите имале каде да живеат кога не служеле во светилиштето на Јехова. Тој им обезбедувал сѐ што им било потребно на оние кои се посветиле на неговата служба. Според тоа, левитите можеле да покажат дека Јехова е нивното наследство така што ќе имале доверба во неговата спремност и сила да се грижи за нив.

7. Што се барало од левитите ако сакале Јехова да биде нивно наследство?

7 Законот не пропишувал казна доколку некој немало да даде десеттина. Кога народот не го држел овој Божји закон, тоа лошо се одразувало на свештениците и левитите. Вакво нешто се случило и во времето на Неемија. Како резултат на тоа, левитите морале да работат на своите ниви наместо да ја вршат Божјата служба. (Прочитај Неемија 13:10.) Значи, нивната благосостојба зависела од духовноста на народот. Но, и самите свештеници и левити морале да имаат вера во Јехова и во начинот на кој тој избрал да се грижи за нивните потреби.

Јехова им бил наследство на поединци

8. Што го вознемирувало левитот Асаф?

8 Јехова требало да му биде наследство на целото племе на Леви. Но, некои левити и лично можеле да кажат: „Јехова е моето наследство“, кога зборувале за својот добар однос со Бог и за довербата што ја имале во него (Плач 3:24). Еден од нив бил пејач кој составувал псалми. Ќе се осврнеме на него како на Асаф, иако можеби бил само некој од домот на Асаф — левитот кој ги предводел пејачите во времето на цар Давид (1. Лет. 6:31-43). Во Псалм 73 читаме дека тој (или некој од неговите потомци) бил збунет. Почнал да им завидува на злобните кои навидум воделе добар живот и дошол до тој степен што рекол: „Залудно си го исчистив срцето и... си ги измив рацете за да покажам дека сум невин“. Очигледно, Асаф за момент заборавил дека му врши посебна служба на Јехова — заборавил дека Јехова е неговото наследство. Тој бил вознемирен ‚сѐ додека не отишол во величественото светилиште на Бог‘ (Пс. 73:2, 3, 12, 13, 17).

9, 10. Зошто Асаф можел да каже дека Бог е неговото „наследство за навек“?

9 Кога дошол во светилиштето, Асаф почнал да гледа на работите како што гледа Бог. Можеби и ти си доживеал нешто слично. Можеби си заборавил за миг колку е скапоцена службата што му ја вршиш на Јехова и си почнал да мислиш на материјалните работи кои би можел да ги имаш. Но, проучувањето на Божјата Реч и христијанските состаноци ти помогнале повторно да ги гледаш работите како што ги гледа Јехова. Асаф сфатил што на крајот ќе се случи со злобните. Почнал да размислува за благословите што ги имал како слуга на Бог, и сфатил дека Тој ќе го држи за десницата и ќе го води. Затоа можел да му каже на Јехова: „Освен тебе, друга радост немам на земјата“ (Пс. 73:23, 25). А потоа рекол дека Бог е неговото наследство. (Прочитај Псалм 73:26.) Иако ‚телото и срцето‘ на псалмистот можеле да премалат, Бог ќе бил неговото „наследство за навек“. Тој бил сигурен дека Јехова ќе се сеќава на него како на свој пријател и дека нема да ја заборави неговата верна служба (Проп. 7:1). Колку утешно било ова за Асаф! Тој пеел: „Мене ми е добро да бидам близу до Бог, Севишниот Господар Јехова е моето засолниште“ (Пс. 73:28).

10 На Асаф многу повеќе му значело тоа што Бог бил негово наследство отколку тоа што, како левит, бил згрижен во материјален поглед. Тој главно зборувал за својата скапоцена служба и за својот однос со Јехова, за своето пријателство со Севишниот (Јак. 2:21-23). За да го зачува тоа пријателство, овој псалмист морал и понатаму да покажува вера во Јехова и да има доверба во Него. Морал да биде уверен дека на крајот Бог ќе ја награди неговата послушност и ќе му подари среќна иднина. И ти можеш да имаш таква доверба во Семоќниот.

11. Кое прашање му го поставил Еремија на Јехова, и како Јехова му одговорил?

11 Пророкот Еремија бил друг левит кој рекол дека Јехова е негово наследство. Да видиме што сакал да каже со тоа. Еремија живеел во Анатот, левитски град во близина на Ерусалим (Ерем. 1:1). Во еден момент, тој збунето прашал: Зошто злобните се успешни, а праведните страдаат? (Ерем. 12:1). Откако видел што се случува во Ерусалим и Јуда, тој ги ‚изнел своите жалби‘ пред Јехова. Еремија знаел дека Бог е праведен. Јехова му одговорил на прашањето кога му дал заповед да објавува порака на уништување и кога ги исполнил тие пророчки зборови. Во склад со овие пророштва, луѓето што го послушале Јехова ‚ја добиле својата душа како плен‘, а злите што навидум биле успешни не му обрнале внимание на предупредувањето и загинале (Ерем. 21:9).

12, 13. а) Што го навело Еремија да каже дека Јехова е негово наследство, и на што бил спремен тој? б) Зошто сите племиња требало ‚спремно да чекаат‘ како Еремија?

12 Додека Еремија ја гледал опустошената земја, се чувствувал како да оди во мрак, како Јехова да го ставил ‚да седи со оние што одамна се мртви‘ (Плач 1:1, 16; 3:6). Еремија го опоменувал народот да му се врати на својот небесен Татко, но нивната лошотија била толку голема што Бог морал да ги уништи Ерусалим и Јуда. Иако Еремија не бил виновен што тие биле уништени, сепак му било жал поради тоа. Но, додека тажел, овој пророк размислувал за Божјата милост. Тој рекол: „Поради Јеховината милост не загинавме сосема“. Навистина, Божјите милосрдија се обновуваат секое утро! Потоа Еремија изјавил: „Јехова е моето наследство“. Тој и понатаму имал чест да му служи на Јехова како пророк. (Прочитај Плач 3:22-24.)

13 Цели 70 години, Израелците немале своја земја. Таа лежела опустошена (Ерем. 25:11). Но, кога рекол „Јехова е моето наследство“, Еремија покажал дека има доверба во Божјата милост, и тоа му помогнало ‚спремно да чека‘ на Бог. Бидејќи сите израелски племиња го изгубиле своето наследство, и тие требало да имаат ист став како Еремија. Јехова бил нивната единствена надеж. По 70 години, тие се вратиле во својата земја, каде што продолжиле да му служат (2. Лет. 36:20-23).

Јехова може да им биде наследство и на други

14, 15. Освен левитите, кој друг го сметал Јехова за свое наследство, и зошто?

14 И Асаф и Еремија биле од племето на Леви. Но, дали само левитите имале чест да му служат на Бог? Воопшто не! Младиот Давид, идниот цар на Израел, рекол дека Јехова е ‚неговото наследство во земјата на живите‘. (Прочитај Псалм 142:1, 5.) Кога го напишал овој псалм, Давид не живеел во палата, па дури ни во куќа. Тој бил во пештера, каде што побегнал од своите непријатели. Давид се криел во пештери најмалку двапати — еднаш во близина на Адолам и другпат во пустината Ен-Геди. Најверојатно го напишал Псалм 142 во некоја од нив.

15 Ако е така, тој се засолнил таму затоа што бил прогонуван од цар Саул, кој сакал да го убие (1. Сам. 22:1, 4). Бидејќи тоа било пусто и непристапно место, на Давид можеби му се чинело дека нема пријател кој би му помогнал и кој би го заштитил (Пс. 142:4). Во тие моменти, тој повикал кон Бог.

16, 17. а) Од кои причини Давид можеби се чувствувал беспомошно? б) Од кого можел Давид да побара помош?

16 Пред да го напише Псалм 142, можеби Давид веќе чул за она што му се случило на Ахимелех, кој во тоа време служел како првосвештеник. Без да знае дека Давид бега од Саул, Ахимелех му помогнал. Поради тоа, љубоморниот цар Саул заповедал да биде убиен и тој и неговиот дом (1. Сам. 22:11, 18, 19). Давид се чувствувал виновен за нивната смрт — како лично тој да го убил свештеникот кој му помогнал. Да си бил на негово место, дали и ти би се чувствувал така? Освен што го печела совеста за тоа, Давид не можел да најде мир и затоа што Саул не престанал да го гони.

17 Наскоро потоа умрел и пророкот Самоил, кој го помазал Давид за иден цар (1. Сам. 25:1). Тоа можело уште повеќе да го засили чувството на беспомошност кај Давид. Сепак, тој знаел од кого треба да бара помош — од Јехова. Давид не ја вршел истата скапоцена служба како левитите, но бил помазан да изврши една друга служба, односно еден ден да стане цар на Божјиот народ (1. Сам. 16:1, 13). Затоа му го излеал своето срце на Јехова и продолжил да бара водство од Него. Додека даваш сѐ од себе во Божјата служба, и ти можеш и треба да го сметаш Јехова за свое наследство и за свое засолниште.

18. Како оние што ги спомнавме во оваа статија покажале дека го сметаат Јехова за свое наследство?

18 Јехова им бил наследство на оние што ги спомнавме во оваа статија во таа смисла што добиле служба од него. Освен тоа, тие имале доверба дека тој ќе се грижи за нивните потреби. Левитите, но и Израелците од другите племиња, како што бил Давид, можеле да го сметаат Јехова за свое наследство. Како ќе покажеш дека сакаш Јехова да биде и твое наследство? Ова ќе го разгледаме во следната статија.

Како би одговорил?

• Во која смисла Јехова им бил наследство на левитите?

• Како покажале Асаф, Еремија и Давид дека Јехова е нивно наследство?

• Што треба да покажеш за Бог да биде твое наследство?

[Прашања]

[Слика на страница 8]

Левитите не добиле земја во наследство. Наместо тоа, Јехова бил нивното наследство, бидејќи имале голема чест да му служат

[Слика на страница 7]

Во која смисла Јехова им бил наследство на свештениците и левитите?

[Слика на страница 9]

Што му помогнало на Асаф и понатаму да го смета Јехова за свое наследство?