Трчајте ја трката со истрајност
Трчајте ја трката со истрајност
„Со истрајност да ја трчаме трката што е пред нас“ (ЕВР. 12:1)
1, 2. Со што го споредил апостол Павле животот на христијаните?
СЕКОЈА година, на многу места се одржуваат маратони. Некои од тркачите се професионалци и се натпреваруваат за да победат. Но, повеќето од оние што учествуваат во маратонот немаат толку високи очекувања. Нивната цел е едноставно да ја истрчаат трката до крај.
2 Во Библијата, животот на вистинските христијани е спореден со трка. Во своето прво послание до сохристијаните во древниот Коринт, апостол Павле напишал: „Не знаете ли дека во една трка сите тркачи трчаат, но само еден добива награда? Затоа трчајте така за да ја освоите“ (1. Кор. 9:24).
3. Што сакал да каже Павле кога рекол дека само еден ја добива наградата?
3 Дали Павле сакал да каже дека само еден од христијаните во Коринт ќе добие живот како награда, и дека сите други трчаат залудно? Се разбира дека не! Тркачите во натпреварите тренирале и силно се напрегале со цел да победат. Според тоа, Павле сакал да каже дека и неговите соверници треба да се напрегаат со ист таков жар во трката за живот. Само така ќе успееле да ја освојат наградата — вечен живот. Всушност, секој христијанин што ќе ја заврши оваа трка ќе ја освои таа награда.
4. Што треба да знаеме во врска со трката во која учествуваат христијаните?
4 Овие зборови се охрабрувачки, но исто така нѐ тераат сериозно да размислиме како живееме. Зошто? Затоа што наградата е неспоредлива — живот на небото или во рајот на Земјата. Точно, трката е долга и напорна. Освен тоа, има многу работи што можат да нѐ забават додека трчаме, па дури и да нѐ наведат да се откажеме (Мат. 7:13, 14). За жал, ова веќе им се случило на некои Јеховини слуги. На какви замки и опасности може да наидеш додека ја трчаш трката за живот? Како можеш да ги избегнеш? Што можеш да сториш за да истрчаш до крајот и да победиш во таа трка?
Потребна е истрајност за да победиме
5. Што објаснил Павле во Евреите 12:1?
5 Во своето послание до еврејските христијани во Ерусалим и Јудеја, Павле повторно зборувал за трка. (Прочитај Евреите 12:1.) Тој им кажал зошто треба да продолжат да трчаат, но им кажал и што треба да прават за да победат. Пред да го разгледаме советот кој им го дал и да видиме што можеме да научиме од тоа, да откриеме што го навело да им го испрати посланието и на што сакал да ги поттикне.
6. Што се обиделе да им направат верските водачи на христијаните?
6 Христијаните во првиот век, особено оние што живееле во Ерусалим и Јудеја, се соочувале со многу неволји и тешкотии. Биле изложени на голем притисок од еврејските верски водачи, кои сѐ уште имале силно влијание врз народот. Пред тоа, овие водачи успеале да ги наведат римските власти да го осудат Исус Христос како бунтовник и злосторник кој заслужува смрт. И немале намера да престанат да им се противат на оние што проповедале за него. Во книгата Дела, можеме да читаме за она што Дела 4:1-3; 5:17, 18; 6:8-12; 7:59; 8:1, 3).
се случило по Педесетница во 33 год. од н.е. Верските водачи многупати ги нападнале христијаните за да го спречат нивното проповедање. Поради тоа, животот на овие верни следбеници на Христос сигурно не им бил лесен (7. Во кое тешко и значајно време живееле христијаните на кои им пишувал Павле?
7 Освен тоа, овие христијани живееле во последните денови на еврејскиот поредок. Исус ги предупредил дека Бог ќе го уништи Ерусалим. Исто така, им кажал што ќе се случува пред самиот крај, но им дал и конкретни упатства што да прават за да се спасат. (Прочитај Лука 21:20-22.) Исус им го дал и следниов совет: „Внимавајте на себе вашите срца да не бидат оптоварени со прекумерно јадење и со опивање и да не се оптоварат со животните грижи, па тој ден да ве затече и да ве изненади“ (Лука 21:34).
8. Зошто можеби некои христијани забавиле во трката или се откажале?
8 Павле им го напишал своето послание на еврејските христијани речиси 30 години откако Исус им го дал овој совет на своите ученици. Што се случувало со нив во тој период? Соочени со проблеми и грижи за секојдневните потреби, некои пропуштиле духовно да напредуваат и да го зајакнат својот однос со Бог (Евр. 5:11-14). Други, пак, очигледно мислеле дека ќе им биде полесно ако живеат како повеќето Евреи. Впрочем, тие Евреи не го оставиле Бог во потполност затоа што во некоја мера сѐ уште го држеле Законот. Освен тоа, и во самото христијанско собрание имало лица што се обидувале да ги присилат другите да го држат Мојсеевиот закон и еврејските традиции. Некои им поверувале, а други, пак, ги слушале затоа што се плашеле од нив. Како Павле ги охрабрил своите соверници да продолжат да живеат како христијани и да истраат во трката?
9, 10. а) Какво охрабрување дал Павле при крајот на своето послание до Евреите? б) Зошто Павле зборувал за делата на верните сведоци од минатото?
9 Интересно е да се забележи што напишал Павле под водство на светиот дух за да ги зајакне еврејските христијани. Во 10. поглавје од своето послание, тој кажал дека Законот бил „само сенка на идните благослови“, и јасно покажал колку е вредна откупната жртва на Христос. При крајот на тоа поглавје, Павле напишал: „Истрајноста ви е потребна за, извршувајќи ја Божјата волја, да го примите она што е ветено. Зашто, уште ‚само малку‘, и ќе стигне ‚оној што доаѓа и нема да одолговлекува‘“ (Евр. 10:1, 36, 37).
10 Во Евреите 11. поглавје, Павле објаснил што значи да се има вистинска вера во Бог. Тој зборувал за мажи и жени од минатото кои покажале извонредна вера. Дали навистина било потребно да пишува за сите нив? Да, секако. Овој апостол сакал сохристијаните да сфатат дека, за да покажат вистинска вера во Јехова, ќе им бидат потребни храброст и истрајност. Одличниот пример на тие верни Јеховини слуги од минатото требало да ги зајакне еврејските христијани да се справат со неволјите и тешкотиите на кои наидувале. Затоа, откако ги набројал делата со кои сите овие лојални слуги на Јехова покажале вера, Павле можел да каже: „Бидејќи сме опколени од толку голем облак од сведоци, да го симнеме и ние секој товар и гревот, кој лесно може да нѐ намами во замка, и со истрајност да ја трчаме трката што е пред нас“ (Евр. 12:1).
„Облак од сведоци“
11. Зошто треба да размислуваме за ‚големиот облак од сведоци‘?
11 ,Големиот облак од сведоци‘ не биле само гледачи или набљудувачи кои ја следеле трката или, пак, навивале за својот омилен тркач или тим. Напротив, и тие биле учесници кои успешно ја завршиле трката. Иако сега се починати, овие
сведоци се како искусни тркачи кои можат да ги охрабрат поновите учесници во трката. Замисли како би се чувствувал еден натпреварувач кога би знаел дека го гледаат или дека е опкружен со некои од најдобрите тркачи! Зарем не би сакал да ја истрча трката најдобро што може, па дури и да се надмине себеси? Тие сведоци од минатото можат да потврдат дека е можно да се победи во една ваква симболична трка, иако треба да се вложи голем напор. Според тоа, ако размислувале за примерот на тој „облак од сведоци“, еврејските христијани во првиот век можеле да се охрабрат и ‚истрајно да ја трчаат трката‘. Истото важи и за нас денес.12. Зошто примерите што ги спомнал Павле се важни за нас?
12 Многу од верните лица што ги спомнал Павле живееле во слични услови како и ние. На пример, Ное живеел во времето пред Бог да го уништи тогашниот свет со Потоп. Ние живееме во времето кога ќе му биде ставен крај на сегашниов свет. Авраам и Сара биле повикани да го остават родниот крај за да ја вршат Божјата волја и да чекаат Јехова да го исполни ветувањето што им го дал. Ние сме поттикнати да се откажеме од себеси за да го стекнеме Јеховиното пријателство и да ги добиеме благословите што ни ги ветува тој. На пат кон Ветената земја, Мојсеј морал да помине низ една застрашувачка пустина. На пат кон ветениот нов свет, и ние мора да поминеме низ овој поредок кој е на умирање. Важно е да размислуваме за животот на овие верни Божји слуги и да учиме од нивните добри одлуки и убави особини, како и од нивните грешки и слабости (Рим. 15:4; 1. Кор. 10:11).
Што им помогнало да ја завршат трката?
13. Со какви тешкотии се соочил Ное, и што му помогнало да ги надмине?
13 Што им помогнало на овие Јеховини слуги да истраат и да ја завршат трката? Забележи што напишал Павле за Ное. (Прочитај Евреите 11:7.) Во својот живот, Ное немал видено ‚потоп кој можел да го уништи секое суштество‘ (1. Мој. 6:17). Всушност, такво нешто не се случило никогаш порано! Сепак, овој верен човек не мислел дека е невозможно да има потоп. Зошто? Затоа што имал вера дека Јехова ќе исполни сѐ што кажал. Освен тоа, Ное не сметал дека она што го бара Бог од него е претешко. Напротив, тој направил „токму така“ како што му било заповедано (1. Мој. 6:22). Ова воопшто не било лесно. Ное морал да прави многу работи — да ја изгради арката, да ги собере животните, да складира храна за нив и за своето семејство, да проповеда за крајот на тогашниот свет и да им помогне на своите домашни да останат блиски со Јехова. Сепак, благодарение на неговата вера и истрајност, тој и неговото семејство преживеале и биле благословени.
14. Како Авраам и Сара покажале вера во Бог, и што учиме од нивниот пример?
14 Павле ги спомнал и Авраам и Сара како дел од тој „облак од сведоци“ со кој сме опкружени. Нивниот живот се сменил од корен кога Бог им рекол да го напуштат својот дом во Ур. Освен тоа, не знаеле што им носи иднината. Но, имале непоколеблива вера во Јехова и му биле послушни дури и кога тоа не било лесно. Бидејќи Авраам направил многу жртви за Бог, Библијата со право го нарекува „татко на сите што веруваат“ (Рим. 4:11). Со оглед на тоа што на еврејските христијани им бил познат животот на Авраам и на неговото семејство, Павле спомнал само некои од нивните дела со кои покажале вера во Бог. Сепак, поуката што ја нагласил е многу јасна: „Сите овие [меѓу кои биле Авраам и неговото семејство] умреа во вера, а не го добија она што им беше ветено, туку го видоа оддалеку и го поздравија, изјавувајќи дека се туѓинци и привремени жители во земјата во која живееја“ (Евр. 11:13). Нивната вера во Бог и нивното пријателство со Него им помогнало да ја трчаат трката со истрајност.
15. Зошто Мојсеј бил спремен да прави жртви?
15 Мојсеј е уште еден слуга на Јехова кој е вброен во ‚облакот од сведоци‘. Тој го напуштил својот дом исто како Авраам. Ги оставил зад себе славата и богатството во царската палата, и ‚повеќе сакал да биде малтретиран заедно со Божјиот народ‘. Што го навело на овој чекор? Павле го дава одговорот: „Зашто го насочи погледот кон наградата што ќе ја добие... Остана постојан како да го гледа Невидливиот“. (Прочитај Евреите 11:24-27.) Мојсеј знаел дека има нешто многу поважно од „минливите грешни задоволства“. За него Бог бил реален, и тој бил сигурен дека сите Божји ветувања ќе се исполнат. Токму тоа му помогнало да постапи многу храбро и да издржи кога се нашол во тешки ситуации. Мојсеј дал сѐ од себе за да ги изведе Израелците од Египет и да ги доведе до Ветената земја.
16. Зошто Мојсеј не се обесхрабрил затоа што Јехова не му дозволил да влезе во Ветената земја?
16 Исто како Авраам, и Мојсеј не го доживеал исполнувањето на Божјето ветување. Кога Израелците биле на прагот на Ветената земја, Бог му рекол: „Ќе ја видиш земјата оддалеку, но нема да влезеш во земјата што им ја давам на Израеловите синови“. Мојсеј и Арон не влегле во Ветената земја затоа што дозволиле бунтовниот народ да ги разгневи до тој степен што ‚го изневериле Бог кај водите на Мерива‘ (5. Мој. 32:51, 52). Дали Мојсеј се обесхрабрил поради тоа? Дали сметал дека Бог му нанел неправда? Не, напротив. Тој ги благословил Израелците, а неговите последни зборови до нив биле: „Среќен си, Израеле! Кој е како тебе, народ кого Јехова го спасува? Тој е штит кој ти помага, твој возвишен меч“ (5. Мој. 33:29).
Поуки за нас
17, 18. а) Што учиме од ‚облакот од сведоци‘ во врска со трката за живот? б) Што ќе разгледаме во следната статија?
17 Од животот на некои од оние што спаѓаат во ‚облакот од сведоци‘ кој нѐ опкружува дознавме дека, за да ја истрчаме трката до крај, мора да имаме безусловна доверба во Бог и во неговите ветувања (Евр. 11:6). Верата не е нешто споредно — таа треба да биде најважната работа во нашиот живот. За разлика од оние што немаат вера, Јеховините слуги не живеат само за сегашноста — тие знаат дека ги чека прекрасна иднина. Ние ‚го гледаме Невидливиот‘ и затоа можеме да ја трчаме трката со истрајност (2. Кор. 5:7).
18 Христијанската трка не е лесна. Сепак, можно е да ја истрчаме до крај. Во следната статија ќе видиме што друго може да ни помогне во тоа.
Можеш ли да објасниш?
• Зошто Павле напишал цело поглавје за верните сведоци од минатото?
• Како примерите на оние што го сочинуваат големиот „облак од сведоци“ што нѐ опкружува ни помагаат да ја трчаме трката со истрајност?
• Што научи од примерите на Ное, Авраам, Сара и Мојсеј?
[Прашања]
[Слика на страница 19]
Авраам и Сара биле спремни да го остават зад себе удобниот живот во Ур