Да се радуваме заедно!
Да се радуваме заедно!
ДЕНЕС сѐ поретко можат да се видат радосни и среќни лица. На многумина не им е лесно да зборуваат со другите за позитивни и добри работи. Поради современиот начин на живот, особено во големите градови, луѓето се повлекуваат во себе и се чувствуваат осамени.
„Осаменоста е многу честа појава“, вели Алберто Оливерио, професор по психобиологија, „и нема сомнение дека животот во големите градови многу придонесува за тоа. Луѓето што живеат среде бетонска џунгла честопати не се интересираат за колегите, за соседите или, пак, за продавачите во најблиската самопослуга.“ Таквата осаменост честопати води до депресија.
Но, тоа не е случај со Божјиот народ. Апостол Павле им напишал на сохристијаните: „Радувајте се секогаш“ (1. Сол. 5:16). Имаме многу причини да бидеме радосни и да се радуваме заедно со нашите браќа. Ние му служиме на Севишниот Бог, Јехова; ја разбираме вистината од Библијата; имаме надеж дека ќе живееме вечно, а можеме да им помагаме и на другите да ги добијат истите благослови (Пс. 106:4, 5; Ерем. 15:16; Рим. 12:12).
Вистинските христијани се радосни и се радуваат со другите. Затоа не нѐ изненадува што Павле им го напишал следново на Филипјаните: „Се веселам и се радувам со сите вас. А исто и вие веселете се и радувајте се со мене“ (Фил. 2:17, 18). Овде, во само два стиха, Павле двапати спомнува дека христијаните треба да се веселат и да се радуваат со другите.
Се разбира, Јеховините слуги треба да внимаваат да не се изолираат. Оној што се повлекува од другите, не може да се радува со нив. Тогаш, како можеме да го послушаме советот на Павле и да продолжиме ‚да се радуваме во Господарот‘? (Фил. 3:1).
Радувај се заедно со соверниците
Кога Павле им го напишал своето послание на Филипјаните, веројатно бил затворен во Рим затоа што проповедал (Фил. 1:7; 4:22). Но, не дозволил тоа да ја згасне неговата ревност за службата. Напротив, се радувал што можел да дава сѐ од себе додека му служел на Јехова и во такви услови и да ‚се излева како жртва налевница‘ (Фил. 2:17). Со ваквиот став, Павле покажал дека радоста не зависи од околностите во кои се наоѓаме. Иако самиот бил затвореник, тој рекол: „И понатаму ќе се радувам“ (Фил. 1:18).
Павле го основал собранието во Филипи и посебно ги сакал тамошните христијани. Знаел дека ќе ги охрабри ако ја сподели со нив радоста што ја чувствувал додека му служел на Јехова. Затоа им напишал: „Сакам да знаете, браќа, дека ова што ми се случува, всушност, помага да се шири добрата вест, така што меѓу целата царска телесна стража и меѓу сите останати стана познато дека сум во окови поради верата во Христос“ (Фил. 1:12, 13). Кога им го кажал ова на Филипјаните, тие сигурно се охрабриле. Тој се радувал со нив, а и тие со него. Овие браќа не требало да се обесхрабрат затоа што Павле бил во затвор. Наместо тоа, требало да го следат неговиот пример (Фил. 1:14; 3:17). Исто така, можеле и понатаму да се молат за него и да му помагаат со сѐ што му било потребно (Фил. 1:19; 4:14-16).
Дали и ние чувствуваме иста таква радост како Павле? Дали се трудиме да мислиме на добрите работи што ни се случуваат во животот и во нашата христијанска служба? Кога се дружиме
со браќата, можеме да зборуваме за убавите искуства од службата. Не мора да чекаме да ни се случи нешто посебно. Можеби сме поттикнале нечиј интерес за библиската порака со тоа што сме користеле добар увод или убаво сме ги објасниле работите. Можеби сме воделе интересен разговор со некој станар во врска со одреден библиски стих. Или, можеби едноставно луѓето на подрачјето нѐ препознале како Јеховини сведоци, и со самото тоа сме дале добро сведоштво. Можеме да се радуваме заедно со браќата кога им раскажуваме за вакви случки од службата.Многу Јеховини слуги направиле и сѐ уште прават жртви за да ја проповедаат добрата вест. Пионерите, патувачките надгледници, мисионерите, како и бетелските и меѓународните слуги со радост учествуваат во полновремената служба. Дали се радуваме со нив? Да покажеме дека ги цениме тие драги „соработници во службата за Божјето царство“ (Кол. 4:11). Кога сме заедно на собраниските состаноци или на поголемите христијански собири, може срдечно да ги охрабриме. Освен тоа, добро е да се угледаме на нивната ревност. Исто така, ќе имаме можност да ги слушнеме нивните искуства и да водиме изградувачки разговори ако им укажеме гостопримство поканувајќи ги, на пример, на ручек или на вечера (Фил. 4:10).
Радувај се со оние што се соочуваат со испити
Кога успешно се справил со прогонство и со неволји, Павле се зајакнал и бил уште поодлучен да му остане верен на Јехова (Кол. 1:24; Јак. 1:2, 3). Тој бил свесен дека браќата во Филипи најверојатно ќе се соочат со слични тешкотии и се радувал бидејќи знаел дека неговата истрајност ќе ги охрабри. Затоа напишал: „Вам ви е укажана чест заради Христос, не само да верувате во него туку и да страдате за него. Зашто, ја водите истата борба што видовте дека ја водев јас и за која сега слушате дека ја водам“ (Фил. 1:29, 30).
И денес христијаните се соочуваат со противење затоа што проповедаат. Иако понекогаш доживуваат физичко малтретирање, најчесто противењето доаѓа во друг облик како, на пример, лажни обвиненија од отпадниците, притисок од членовите на семејството и исмевање од колегите или соучениците. Исус рекол дека ваквите работи не треба да нѐ изненадат ниту да нѐ обесхрабрат. Напротив, треба да нѐ радуваат. Тој изјавил: „Среќни сте кога поради мене ве навредуваат и ве прогонуваат и лажно ви припишуваат секакви зла. Радувајте се и воскликнувајте, зашто голема е вашата награда на небесата“ (Мат. 5:11, 12).
Не треба да се исплашиме кога ќе слушнеме дека нашите браќа во некои земји доживуваат тешко прогонство, туку треба да се радуваме што истрајуваат. Можеме да се молиме за нив, и да бараме од Јехова да ја зајакне нивната вера и да им помогне да издржат (Фил. 1:3, 4). Иако веројатно тоа е сѐ што може да направиме за нив, сепак можеме да сториме нешто повеќе за браќата во нашето собрание кои се соочуваат со неволји. Може да покажеме на дело дека сме заинтересирани за нив. На пример, би можеле одвреме-навреме да ги поканиме на нашата Семејна вечер, да одиме во служба со нив или, пак, да се рекреираме и така заедно да се радуваме.
Навистина сите ние имаме многу причини за радост! Не сакаме да бидеме како луѓето во светот и да се изолираме од другите. Напротив, сакаме да бидеме со нашите браќа и да ја споделуваме радоста со нив. На таков начин ќе придонесеме во собранието да владее единство и љубов, и ќе бидеме среќни што сме дел од христијанското братство (Фил. 2:1, 2). Затоа, „секогаш радувајте се во Господарот“, бидејќи Павле нѐ поттикнува: „И повторно велам: радувајте се!“ (Фил. 4:4).
[Извор на слика на страница 6]
Глобус: со љубезна дозвола на Replogle Globes