Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Зошто е толку важно ‚да бдееме‘?

Зошто е толку важно ‚да бдееме‘?

Зошто е толку важно ‚да бдееме‘?

УЧЕНИЦИТЕ го прашале Исус: „Кој ќе биде знакот на твојата присутност и на свршетокот на овој поредок?“ (Мат. 24:3). Тој им одговорил давајќи им јасен и детален опис на знакот, кој лесно ќе можеле да го препознаат. Овој опис е запишан во Матеј 24. поглавје, Марко 13. поглавје и Лука 21. поглавје. Исто така, Исус им рекол ‚да бдеат‘ (Мат. 24:42).

Со оглед на тоа што знакот ќе бил толку очигледен, зошто тој ги поттикнал да бдеат? Можно е да го сторил тоа најмалку од две причини. Прво, еден христијанин лесно може да престане да му обрнува внимание на знакот ако дозволи да се преокупира со секојдневните работи или со други активности. Неговата вера би можела да ослабне и со тоа би се довел во опасност да заспие во духовен поглед. Второ, можно е некој да не го сфати сериозно знакот ако самиот живее во место каде што владеат релативно добри услови. Таквиот би можел да си мисли дека ‚големата неволја‘, за која Исус претскажал дека ќе се случи на крајот на последните денови, сѐ уште е далеку и дека не е потребно ‚да бдее‘ (Мат. 24:21).

„Не обрнуваа внимание“

Исус им ги спомнал на своите следбеници луѓето што живееле во времето на Ное. Тие сигурно гледале дека Ное проповедал, градел огромна арка и дека насилството било раширено насекаде околу нив. Сепак, мнозина ‚не обрнувале внимание‘ (Мат. 24:37-39). И денес, луѓето во светот имаат сличен став кон предупредувањата. На пример, кога возат, многумина не ги почитуваат знаците кои јасно покажуваат колкава е дозволената брзина. Властите честопати мора да постават „легнати полицајци“ на улиците во градовите за да ги принудат возачите да забават. На сличен начин, и еден христијанин може да биде свесен дека се исполнува знакот за последните денови, а сепак да се преокупира со активности кои не му помагаат да остане духовно буден. Тоа ѝ се случило на Ариела, тинејџерка од западна Африка.

Ариела уживала да гледа женски ракомет на телевизија. Кога во нејзиното училиште бил формиран ракометен тим, толку сакала да игра во него што заборавила на можните духовни опасности. Што се случило? Таа објаснува: „Некои девојки од тимот имаа дечковци кои пушеа и земаа дрога. Ми се смееја затоа што не бев како нив“. Сепак, Ариела мислела дека таквото друштво нема да ѝ наштети. Но, по некое време, самиот спорт почнал да влијае врз нејзиното пријателство со Бог. Таа вели: „Ракометот ми стана најважното нешто во животот. За време на христијанските состаноци, мислите честопати ќе ми одлетаа на спортскиот терен. Ова лошо се одрази и на моите христијански особини. Љубовта кон ракометот на крајот прерасна во силна желба за победа. Тренирав напорно за да бидеме најдобри. Со тоа се изложив на голем стрес, па дури изгубив и некои пријатели“.

Но, во текот на еден натпревар се случило нешто што ја натерало да се замисли. Бил досуден пенал за другиот тим. Ариела стоела пред голот, спремна да брани. „Без да бидам свесна“, вели таа, „му се помолив на Јехова да ми помогне да го одбранам пеналот!“ Ова ја отрезнило. Сфатила колку многу пропаднала во духовен поглед. Како успеала повторно да застане на нозе?

Таа објаснува: „Веќе го имав гледано нашето DVD со наслов Младите прашуваат — на што да го посветам мојот живот? * Решив пак да го гледам, но овој пат многу повнимателно. Всушност, се наоѓав во слична ситуација како Андре, младичот од драмата. Особено силен впечаток ми остави она што еден старешина му го предложи на Андре — да го прочита стихот од Филипјаните 3:8 и да размисли за него. Ова многу ми помогна да донесам одлука. Престанав да играм во тимот.

Колкаво олеснување ми донесе тоа! Повеќе немав желба да се натпреварувам и не чувствував толкав стрес. Бев посреќна и станав поблиска со моите пријатели во собранието. Освен тоа, почнав повеќе да ги ценам духовните активности. Можев да се концентрирам на состаноците и повторно уживав во нив. Се подобрив и во службата. Сега редовно служам како помошен пионер“.

Ако некоја работа или активност ти го одвраќа вниманието од исполнувањето на знакот што го дал Исус, преземи одлучни чекори, исто како Ариела. Би можел да примениш некој од следните предлози. Побарај материјал во Индексот на публикациите на Јеховините сведоци, кој е достапен на повеќе јазици и е наречен карта што води до скриено богатство. Тој ќе те упати на публикации и статии што содржат мудри совети и лични искуства на браќа и сестри кои успешно пребродиле најразлични искушенија. Ќе можеш да извлечеш потполна корист од христијанските состаноци ако добро се подготвуваш за нив и ако фаќаш белешки. Некои увиделе дека можат повнимателно да ја следат програмата ако седат поблизу до подиумот. Кога во точката е предвидено учество на присутните, потруди се да дадеш коментар уште во почетокот. Остани духовно буден и со тоа што ќе размислуваш како тековните настани во светот потврдуваат дека се исполнува знакот и другите обележја на „последните денови“ (2. Тим. 3:1-5; 2. Пет. 3:3, 4; Отк. 6:1-8).

„Бидете подготвени“

Знакот на последните денови се исполнува во „целиот свет“ (Мат. 24:7, 14). Милиони луѓе живеат во места кои се тешко погодени од болести, глад, земјотреси и од други работи што биле проречени во Библијата. Но, многу други живеат во места каде што владее релативен мир и благосостојба. Ако ти лично никогаш не си доживеал некоја од овие тешкотии кои се дел од проречениот знак, треба ли да заклучиш дека големата неволја сѐ уште е далеку? Тоа не би било мудро.

На пример, размисли што претскажал Исус за ‚смртоносните зарази и гладот‘ (Лука 21:11). Прво, тој не рекол дека на сите места ќе има болести и глад во исто време и во иста мера. Напротив, рекол дека тоа ќе се случува на „разни места“. Значи, не можеме да очекуваме исти настани да се случуваат насекаде и во исто време. Второ, кратко откако спомнал дека ќе има глад, Исус укажал дека некои негови следбеници ќе мора да пазат да не се прејадуваат: „Внимавајте на себе вашите срца да не бидат оптоварени со прекумерно јадење“ (Лука 21:34). Значи, сите христијани не треба да очекуваат дека ќе го почувствуваат на своја кожа секое обележје на знакот. Напротив, Исус изјавил: „Кога ќе видите дека сето тоа се случува, знајте дека Божјето царство е близу!“ (Лука 21:31). Благодарение на современата технологија, можеме да ги видиме сите обележја на знакот без разлика какви се условите таму каде што живееме ние.

Не заборавај дека Јехова веќе го има одредено ‚денот и часот‘ кога ќе започне големата неволја (Мат. 24:44). Што и да се случува на Земјата, тој датум нема да се промени.

Исус го дал следново предупредување кое важи за сите христијани: „Бидете подготвени“ (Мат. 24:44). Секогаш треба да бидеме подготвени. Се разбира, не можеме да бидеме зафатени со теократски активности по цел ден. Освен тоа, никој од нас не знае што ќе прави во моментот кога ќе почне големата неволја. Некои можеби ќе бидат на работното место или ќе работат низ дома (Мат. 24:40, 41). Тогаш, што може да правиме за да бидеме подготвени?

Емануел, Викторина и нивните шест ќерки живеат во еден дел од Африка каде што луѓето не се толку погодени од настаните што го сочинуваат знакот. Затоа решиле да разговараат за духовни работи секој ден за да бидат подготвени. Емануел објаснува: „Не беше лесно да најдеме време кога сите бевме слободни да седнеме заедно. На крајот решивме тоа да биде од шест до шест и пол часот наутро. Откако ќе го разгледаме дневниот стих, подготвуваме по неколку пасуси од публикациите што се проучуваат на собраниските состаноци таа седмица“. Дали ова им помогнало да бидат духовно будни? Секако! Емануел е координатор на старешинството во собранието. Викторина често служи како помошен пионер и им помогнала на мнозина да ја прифатат вистината. Сите нивни ќерки духовно добро напредуваат.

Исус нѐ поттикнува: „Внимавајте, бидете будни“ (Мар. 13:33). Не дозволувај ништо да те спречи да останеш буден. Наместо тоа, слично на Ариела, земи ги присрце убавите совети што ги добиваме преку нашите публикации и на собраниските состаноци. И, исто како семејството на Емануел, труди се секој ден да правиш нешто за да бидеш подготвен и ‚да бдееш‘.

[Фуснота]

^ пас. 8 Современа драма за внатрешната борба што ја води еден млад христијанин за да го прави она што е исправно во Јеховини очи.

[Слика на страница 4]

Секојдневните разговори за духовни работи им помагаат на Емануел и на неговото семејство да ‚бидат подготвени‘