Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Службата за Јехова ме исполнува со радост

Службата за Јехова ме исполнува со радост

Службата за Јехова ме исполнува со радост

Раскажал Фред Раск

Уште како мал сфатив што значат зборовите на Давид запишани во Псалм 27:10: „И да ме остават татко ми и мајка ми, Јехова ќе ме прифати“. Ќе ви раскажам како се исполни тоа во мојот живот.

ПОРАСНАВ на плантажата за памук на дедо ми, во државата Џорџија (САД) за време на Големата економска криза во 1930-тите. Татко ми беше скршен поради смртта на мајка ми и на моето новородено братче. Мене ме остави кај дедо ми, кој беше вдовец, и замина во еден далечен град за да бара работа. Подоцна ме викаше да се преселам кај него, но јас не сакав.

Домаќинството го водеа постарите ќерки на дедо ми. Иако тој не беше религиозен човек, неговите ќерки беа закоравени баптисти. Во неделите морав да одам в црква со нив, инаку ќе јадев ќотек. Затоа, уште од мал ми беше одбивна религијата. Меѓутоа, ги сакав училиштето и спортот.

Посета што ми го смени животот

Едно попладне во 1941 год., кога имав 15 години, кај нас дојде еден постар човек со жена му. Ми се претстави како „чичко Талмаџ Раск“. Никогаш немав чуено за него, но дознав дека тој и жена му се Јеховини сведоци. Ми кажа дека Божјата намера е луѓето да живеат вечно на Земјата, а тоа многу се разликуваше од она што го имав чуено в црква. Повеќето од роднините не го прифатија — дури и гледаа со презир — на она што ни го кажаа тие. Затоа, никогаш повторно не им беше дозволено да дојдат кај нас. Меѓутоа, тетка Мери, која беше само три години постара од мене, зеде од нив Библија и уште неколку библиски публикации.

Мери брзо сфати дека ја најде вистината. Во 1942 год., се крсти како Јеховин сведок. Сепак, на своја кожа го искуси она што го прорекол Исус: „Непријатели на човекот ќе му бидат неговите домашни“ (Матеј 10:34-36). Сите во семејството жестоко ѝ се противеа. Една од нејзините постари сестри, која уживаше голем углед во околината, скова заговор со градоначалникот за да го уапсат чичко Талмаџ. Тој беше обвинет и осуден за ширење пропаганда без дозвола.

Во локалниот весник пишуваше дека градоначалникот, кој беше еден од судиите, им рекол на присутните во судницата: „Литературата што ја разнесува овој човек... е опасна како отров“. Чичко ми поднесе жалба и го доби случајот, но помина десет дена во затвор.

Како ми помогна тетка Мери

Тетка Мери често ми зборуваше за своите нови верувања, а почна да сведочи и на соседите. Отидов со неа кај еден човек со кого ја проучуваше Библијата со помош на книгата Новиот свет. * Жена му ни кажа дека останал буден цела ноќ за да ја прочита. Иако не сакав веднаш да се вплеткам во религиозни работи, ми се допаѓаше она што го учев. Меѓутоа, библиските учења не беа главната причина поради која сфатив дека Сведоците се Божји народ. Она што ме увери беше противењето со кое се соочуваа.

На пример, еден ден, кога јас и Мери се вративме од нивата каде што садевме домати, во згаснатата печка најдовме остатоци од литературата што ѝ ја изгореле сестрите. Ги запалиле и фонографот и плочите со библиски проповеди. Бев многу лут, но една од тетките мислеше дека ќе ме смири со зборовите: „Подоцна ќе ни бидеш благодарен за ова“.

Мери мораше да си замине од дома во 1943 год., затоа што не сакаше да се откаже од својата нова вера и не сакаше да престане да им проповеда на соседите. Во тоа време бев среќен бидејќи, освен што дознав дека Бог се вика Јехова, дознав и дека тој е сочувствителен, многу нѐ сака и дека воопшто не ги мачи луѓето во пекол. Исто така, дознав дека Јехова има прекрасна организација, иако сѐ уште немав отидено на состанок.

Еднаш, додека ја косев тревата, полека ми се приближи еден автомобил во кој се возеа двајца патници. Едниот од нив ме праша дали јас сум Фред. Кога дознав дека се Јеховини сведоци, им реков: „Ајде да појдеме на некое место каде што ќе можеме слободно да зборуваме“. Мери договорила да ме посетат. Едниот човек се викаше Шилд Тутџијан и беше патувачки надгледник. Тој ме охрабри и ми даде духовно водство во вистински момент. Бидејќи почнав да се држам за верувањата на Јеховините сведоци, семејството го насочи сиот свој гнев кон мене.

Мери ми прати писмо од Вирџинија и ми пиша дека, ако сум решен да му служам на Јехова, можам да живеам кај неа. Веднаш се согласив. Еден петок навечер во октомври 1943 год., во една кутија ставив некои основни работи што ми требаа и потоа ја врзав за едно дрво недалеку од дома. Во саботата ја зедов кутијата и по заобиколен пат стигнав до куќата на едни соседи, каде што најдов превоз до градот. Оттаму отпатував во градот Роанок кај Мери, која живееше во домот на Една Фаулс.

Духовен раст, крштавање и бетелска служба

Сестра Една беше многу сочувствителна христијанка со небесна надеж, која ме потсетуваше на библиската личност Лидија. Таа имаше изнајмено голема куќа и, освен тетка Мери, ја имаше прибрано кај себе и својата снаа од брат, како и нејзините две ќерки. Овие девојки — Гледис и Грејс Грегори — подоцна станаа мисионерки. Гледис, која сега е во своите 90-ти, сѐ уште верно служи во подружницата во Јапонија.

Додека живеев кај Една, редовно одев на христијанските состаноци и учев повешто да проповедам. Бидејќи можев слободно да ја проучувам Божјата Реч и да одам на состаноци, имав одлична прилика уште повеќе да се зближам со Јехова. Се крстив на 14 јуни 1944 год. Мери и сестрите Грегори станаа пионерки и почнаа да служат во северна Вирџинија, каде што помогнаа да се основа собрание во Лисбург. Во почетокот на 1946 год., почнав со пионерска служба во еден соседен округ. Тоа лето заедно патувавме на незаборавниот меѓународен конгрес што се одржа во Кливленд (Охајо) од 4 до 11 август.

На тој конгрес, Натан Нор, кој беше еден од одговорните браќа во организацијата, изнесе план за проширување на Бетелот во Бруклин. Тоа значеше изградба на нова станбена зграда и проширување на печатницата. Беа потребни млади браќа. Имав желба таму да му служам на Јехова. Затоа пополнив молба и, по неколку месеци, на 1 декември 1946 год., бев повикан во Бетел.

Околу една година подоцна, надгледникот на печатницата, Макс Ларсон, дојде во мојата канцеларија во Одделението за разнесување пошта. Ми рече дека имам нова задача — да работам во Службеното одделение. Таму научив многу за примената на библиските начела и за тоа како функционира Божјата организација. Тие работи особено ги научив додека соработував со Т. Џ. (Бад) Саливан, кој беше надгледник на одделението.

Татко ми неколкупати ме посети во Бетел. На стари години стана религиозен. Последниот пат кога дојде кај мене, во 1965 год., ми рече: „Можеш да дојдеш да ме видиш, но јас нема повеќе да дојдам кај тебе“. Го посетив неколкупати пред да умре. Беше уверен дека ќе оди на небото. Но, јас се надевам дека тој е во Јеховиното сеќавање и дека, кога ќе воскресне, нема да биде на небото туку овде на Земјата, каде што ќе може да живее вечно во рајот.

Други значајни конгреси и градежни проекти

Конгресите отсекогаш биле многу важни за духовниот напредок. Тоа особено беше случај со меѓународните конгреси што се одржаа на стадионот Јенки во Њујорк во 1950-тите. Во 1958 год., стадионот Јенки и Поло Граундс беа преполни со 253.922 делегати од 123 земји. Никогаш нема да заборавам една случка од тој конгрес. Додека помагав во конгресниот одбор, брат Нор ми пристапи и ми рече: „Фред, заборавив да доделам брат да им одржи говор на пионерите што веќе се собрани во една изнајмена сала тука во близина. Ќе сакаш ли набрзина да појдеш и да им изнесеш еден убав говор? Смисли нешто по пат“. Не престанав да се молам додека не стигнав таму целиот задишан!

Бидејќи во 1950-тите и 1960-тите многу се зголеми бројот на собранија во Њујорк Сити, повеќе не ни одговараа изнајмените објекти што ги користевме како Сали на Царството. Затоа, од 1970 до 1990 год. беа купени три објекти во Менхетен, кои беа реновирани и пренеменети во места за состанување. Јас ги надгледував одборите за изградба на тие градежни проекти и имам многу пријатни спомени од тоа колку богато Јехова ги благослови собранијата што учествуваа во финансирањето и изградбата на овие објекти. Тие и ден-денес служат како места во кои се состануваме за да учиме за вистинскиот Бог.

Промени во животот

Еден ден во 1957 год., додека одев на работа преку паркот што се наоѓаше меѓу Бетелот и печатницата, почна да врне. Видов една многу убава русокоса сестра која беше штотуку дојдена во Бетел. Немаше чадор, па затоа ѝ понудив да се засолни под мојот. Така се запознав со Марџори. Се зедовме во 1960 год. и оттогаш радосно му служиме на Јехова, чекорејќи рака под рака и на сонце и на дожд. Во септември 2010 год. ја одбележавме нашата 50-годишнина од бракот.

Уште се немавме распакувано од медениот месец, кога брат Нор ми рече дека имам задача да бидам инструктор на мисионерската школа Гилеад. Каква чест! Од 1961 до 1965 год., подолга обука добија пет класа составени главно од браќа што служеа во разни подружници во светот. Учеа како исправно да предводат во подружниците. Есента 1965 год., обуката на класовите повторно траеше по пет месеци и главна цел беше да се обучуваат мисионери.

Во 1972 год. бев префрлен во Одделот што одговара на прашања од читателите, каде што служев како надгледник. За да се даде одговор на различни прашања и проблеми, треба многу истражување. Тоа ми помогна подобро да ги разберам библиските учења и да ги применувам возвишените начела на нашиот Бог кога им помагам на другите.

Во 1987 год., бев префрлен во едно ново одделение наречено Служба за болнички информации. Организиравме семинари за да ги обучиме старешините од Одборите за контактирање со болниците како да разговараат со лекари, судии и социјални работници во врска со нашето гледиште за крвта, кое се темели на Библијата. Голем проблем беше тоа што лекарите одлучуваа да им дадат трансфузија на децата на Јеховините сведоци без одобрение од родителите, а многу често бараа и судски налог за тоа.

Кога на лекарите им предлагавме алтернативи за трансфузија на крв, вообичаениот одговор беше дека нема никакви алтернативи или дека се премногу скапи. Кога некој хирург ќе ми речеше така, јас најчесто му велев: „Ве молам, испружете ја раката“. Тогаш ќе му речев: „Знаете, Вие поседувате една од најдобрите алтернативи за крв“. Со овој комплимент ќе го потсетев на она што го знаеше многу добро — внимателно да го користи скалпелот за да има што е можно помала загуба на крв.

Во изминативе две децении, Јехова богато го благослови трудот што го вложивме за да разговараме со лекарите и судиите. Нивните гледишта значително се променија кога подобро го разбраа нашиот став. Увидоа дека медицинските истражувања докажуваат дека алтернативите за крв се многу ефикасни и дека има многу лекари што се спремни да соработуваат, како и болници во кои може да се префрлат пациентите.

Од 1996 год., Марџори и јас служиме во Образовниот центар Патерсон, во државата Њујорк. Тој се наоѓа околу 110 километри северно од Бруклин. Кратко време работев во Службеното одделение, а потоа учествував во обуката на патувачки надгледници и персонал на подружниците. Во изминативе 12 години повторно служам како надгледник на Одделот што одговара на прашања од читателите, кој беше префрлен од Бруклин во Патерсон.

Предизвиците што ги носи староста

Откако навлегов во осмата деценија од животот, потешко ми е да ги извршувам задачите поврзани со мојата служба во Бетел. Веќе десет години се борам со рак. Се чувствувам како Езекија, кому Јехова му го продолжил животот (Иса. 38:5). И на жена ми ѝ се влошува здравјето и заедно се бориме со нејзината Алцхајмерова болест. Марџори верно му служеше на Јехова, им помагаше на младите и ми беше верна придружничка. Секогаш темелно ја проучуваше Библијата и вешто ги поучуваше другите за неа. Многу наши духовни деца сѐ уште одржуваат контакт со нас.

Тетка Мери умре во март 2010 год. на возраст од 87 години. Таа многу добро поучуваше за Божјата Реч и им помагаше на другите да го запознаат Бог. Помина многу години во полновремена служба. Неизмерно сум ѝ благодарен што ми помогна да ја разберам вистината од Божјата Реч и да му служам на нашиот прекрасен Бог, Јехова. Мери е погребана крај својот сопруг, кој порано служеше како мисионер во Израел. Уверен сум дека двајцата се во Јеховиното сеќавање и дека ќе воскреснат.

Кога ќе се сетам на изминативе 67 години поминати во службата за Јехова, многу сум благодарен за големите благослови што ги добив. Сите овие години, службата за Јехова ме исполнува со радост! Бидејќи имам доверба во неговата незаслужена доброта, од сѐ срце се надевам дека ќе го дочекам исполнувањето на она што го ветил неговиот Син: „Секој што оставил куќи или браќа или сестри или татко или мајка или деца или земја заради моето име, ќе добие многу повеќе и ќе наследи вечен живот“ (Мат. 19:29).

[Фуснота]

^ пас. 11 Издадена во 1942 на англиски јазик, но веќе не се печати.

[Слика на страница 19]

На плантажата за памук на дедо ми во Џорџија (САД), 1928

[Слика на страница 19]

Тетка Мери и чичко Талмаџ

[Слика на страница 20]

Мери, Гледис и Грејс

[Слика на страница 20]

Моето крштавање на 14 јуни 1944

[Слика на страница 20]

Во Службеното одделение во Бетел

[Слика на страница 21]

Со Мери на меѓународниот конгрес на стадионот Јенки, 1958

[Слика на страница 21]

Со Марџори на нашата венчавка

[Слика на страница 21]

Со Марџори во 2008