Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Јуј — ревносен слуга на вистинскиот Бог

Јуј — ревносен слуга на вистинскиот Бог

Јуј — ревносен слуга на вистинскиот Бог

ЈУЈ горливо го бранел обожавањето на вистинскиот Бог. Тој бил решителен, брз, истраен, ревносен и храбар. Овој човек покажал особини кои е добро да ги имаме и ние.

Јуј добил задача од Бог кога Израелците биле во многу лоша состојба. Злобната Језавела — вдовицата на Ахав и мајката на владејачкиот цар Јорам — имала силно влијание врз нив. Таа ги терала да му служат на Ваал наместо на Јехова, ги расипала со своите ‚блудства‘ и „гатања“, и ги убивала Божјите пророци (2. Цар. 9:22; 1. Цар. 18:4, 13). Јехова донел одлука да го истреби целиот дом на Ахав, вклучувајќи ги и Јорам и Језавела, а Јуј требало да ја спроведе Неговата пресуда.

Според библискиот извештај, кога Израелците се бореле против Сиријците кај Рамот-Галад, Јуј бил еден од воените заповедници, а можеби дури и врховен заповедник на израелската војска. Додека седел заедно со другите војсководачи, пристигнал еден од пророчките синови. Тој бил испратен од пророкот Елисеј за да го помаза Јуј за цар и да му даде заповед да го погуби секое машко во отпадничкиот дом на Ахав (2. Цар. 8:28; 9:1-10).

Кога другите заповедници сакале да знаат зошто дошол пророчкиот син, Јуј не сакал да им открие. Но, бидејќи упорно го прашувале, тој им ја кажал вистината и заедно со нив сковал заговор против Јорам (2. Цар. 9:11-14). Веројатно народот веќе некое време бил незадоволен од владеењето на царското семејство и од влијанието на Језавела. Како и да е, Јуј внимателно размислил кој е најдобриот начин за да ја изврши задачата што ја добил.

Пред тоа, царот Јорам бил ранет во битка и се повлекол во градот Језраел за да закрепне. Јуј знаел дека, за да успее неговиот план, ништо не смеело да се дознае во Језраел. „Никој нека не побегне од градот, за да отиде и да јави за тоа во Језраел“, рекол тој (2. Цар. 9:14, 15). Веројатно очекувал дека ќе наиде на отпор барем од некои војници што му биле лојални на Јорам. Јуј сакал да биде сигурен дека такво нешто нема да се случи.

Јуј во акција!

За да го фати Јорам на препад, Јуј побрзал со својата бојна кола да стигне до Језраел, кој бил оддалечен 72 километра од Рамот-Галад. Додека брзо се приближувал кон градот, стражарот што стоел на кулата видел како надоаѓа „мноштвото луѓе на Јуј“ (2. Цар. 9:17). Очигледно, Јуј повел со себе голема војска за успешно да ја спроведе својата намера.

Стражарот сфатил дека храбриот Јуј е во една од бојните коли и извикал дека тој „вози лудо“ (2. Цар. 9:20). Ако Јуј и обично возел брзо, којзнае како возел во оваа прилика!

Бидејќи одбил да им одговори на двајцата гласници што дошле кај него, на Јуј му излегле во пресрет самиот цар Јорам и неговиот сојузник Охозија, царот на Јуда, кои исто така биле во бојни коли. Кога Јорам прашал: „Доаѓаш ли во мир?“, Јуј му возвратил: „Како може да има мир додека траат блудствата на твојата мајка Језавела и нејзините многубројни гатања?“ Исплашен од овој одговор, Јорам ја свртил колата за да бега. Но, Јуј бил побрз од него! Го зграпчил лакот и го застрелал во срцето, па тој паднал мртов во својата кола. Иако Охозија успеал да побегне, подоцна Јуј тргнал во потера по него и на крајот неговите луѓе смртно го раниле (2. Цар. 9:22-24, 27).

Следна од домот на Ахав била царицата Језавела. Јуј со право ја нарекол „проклетница“. Кога влегол во градот, ја забележал како гледа низ прозорецот на палатата. Тој не губел време, туку веднаш им наредил на дворјаните да ја фрлат оттаму. Оваа жена која го расипувала целиот израелски народ завршила под нозете на неговите коњи. Потоа Јуј убил уште десетици други членови од домот на злобниот Ахав (2. Цар. 9:30-34; 10:1-14).

Иако помислата на толкаво насилство не е пријатна, треба да сфатиме дека во тоа време Јехова ги користел своите слуги за да ги извршат неговите пресуди. Библијата вели: „Бог направи посетата кај Јорам да биде за пропаст на Охозија. Кога дојде таму, заедно со Јорам му тргна во пресрет на Јуј, внукот на Нимси, кого Јехова го беше помазал да го истреби домот на Ахав“ (2. Лет. 22:7). Кога наредил телото на Јорам да биде фрлено од неговата кола, Јуј изјавил дека со тоа се исполнило ветувањето на Јехова кој рекол дека ќе му се одмазди на Ахав за убиството на Навутеј. Освен тоа, Јуј добил заповед да ‚ја одмазди крвта на Божјите слуги‘ што ја пролеала Језавела (2. Цар. 9:7, 25, 26; 1. Цар. 21:17-19).

Денес ниту еден Јеховин слуга не го брани обожавањето на вистинскиот Бог со физичка сила. „Моја е одмаздата“, вели Јехова (Евр. 10:30). Сепак, христијанските старешини понекогаш мора да бидат храбри како Јуј за да го заштитат собранието од луѓе што би можеле да го расипат (1. Кор. 5:9-13). Освен тоа, сите членови на собранието треба да бидат решени да не се дружат со исклучени лица (2. Јов. 9-11).

Јуј не дозволувал никој да му биде соперник на Јехова

Јуј јасно покажал зошто ја врши задачата од Бог кога нешто подоцна му рекол на верниот Јонадав: „Појди со мене и ќе видиш дека нема да дозволам некој да му биде соперник на Јехова!“ Јонадав се качил со него на бојната кола и заедно заминале за Самарија. Таму Јуј ‚постапил лукаво, зашто сакал да ги истреби сите слуги на Ваал‘ (2. Цар. 10:15-17, 19).

Тој објавил дека има намера да му принесе „голема жртва“ на Ваал (2. Цар. 10:18, 19). Еден библиски изучувач вели: „Јуј овде вешто користи игра на зборови“. Иако зборот што го употребил „обично значи ‚жртва‘, исто така може да означува и ‚колеж‘ на отпадници“. Бидејќи не сакал ниту еден слуга на Ваал да го пропушти овој настан, Јуј ги собрал сите во храмот на овој лажен бог и заповедал да се облечат во посебна облека. ‚Кога завршил со принесувањето на жртвата паленица‘, тој им заповедал на своите 80 вооружени луѓе да ги убијат слугите на Ваал. Потоа наредил тој храм да биде разурнат, осквернет и претворен во нужник (2. Цар. 10:20-27).

Точно е дека Јуј пролеал многу крв. Сепак, во Библијата тој е претставен како храбар маж кој го ослободил Израел од угнетувањето на Језавела и на нејзиното семејство. За да се изврши таа задача, бил потребен токму таков човек — храбар, решителен и ревносен. „Тоа воопшто не била пријатна задача, но Јуј темелно си ја завршил работата“, пишува во еден библиски речник. „Ако не биле преземени толку строги мерки, веројатно обожавањето на Ваал немало да биде искоренето од Израел.“

Сигурно ти е јасно дека и христијаните денес треба да покажат некои од особините на Јуј за да се справат со одредени ситуации. На пример, како треба да реагираме ако се најдеме на искушение да направиме нешто кое Јехова го осудува? Треба да го отфрлиме брзо, храбро и решително. Ако сакаме да му бидеме оддадени на Бог, не смееме да дозволиме никој и ништо да му биде соперник.

Постапувај со сето срце според Јеховините закони

Извештајот за Јуј завршува со едно предупредување. Тој ‚продолжил да ги почитува златните телиња во Ветил и во Дан‘ (2. Цар. 10:29). Како можел некој што бил толку ревносен слуга на вистинскиот Бог да дозволи такво идолопоклонство?

Можеби Јуј сметал дека не е добро независното царство Израел да го обожава Јехова заедно со Јудејците. Затоа, слично на поранешните израелски цареви, и тој се обидел да ја зачува независноста на своето царство така што и понатаму го поддржувал обожавањето на телиња. Но, со тоа покажал дека нема доверба во Јехова, кој го поставил за цар.

Јехова го пофалил Јуј затоа што ‚постапувал добро, правејќи го она што е исправно во Негови очи‘. За жал, Јуј ‚не се трудел да постапува со сето срце според законите на Јехова, Богот на Израел‘ (2. Цар. 10:30, 31). Со оглед на сето она што го направил пред тоа, можеби ова ти звучи чудно и жално. Но, служи и како опомена за нас. Не смееме никогаш да го сфатиме здраво за готово нашето пријателство со Јехова. Треба секој ден да ја зајакнуваме својата решеност да му останеме верни на нашиот небесен Татко така што ќе ја проучуваме неговата Реч, длабоко ќе размислуваме за неа и горливо ќе му се молиме. Затоа, да се трудиме да постапуваме со сето срце според законите на Јехова (1. Кор. 10:12).

[Рамка на страница 4]

Археолошки докази за Јуј

Критичарите честопати тврдат дека некои од личностите спомнати во Светото писмо се измислени. Дали постојат други извори освен Библијата кои потврдуваат дека Јуј бил историска личност?

Овој израелски цар е спомнат по име најмалку во три документи кои потекнуваат од древната Асирија. На еден од нив наводно е претставен Јуј, или некој негов пратеник, како се поклонува и му предава данок на асирскиот цар Салманасар III. На придружниот натпис се вели: „Данок од Јуј (Јауа), син на Амри (Хумри); ми даде сребро, злато, златен сад саплу, златна вазна со шилесто дно, златни чаши, златни кофи, калај, царски жезол, (и) дрвен пурухту [значењето на овој збор е непознато]“. Јуј не бил „син на Амри“, но овој израз се користел за да се означат царевите што владееле во Израел по Амри, веројатно затоа што тој бил познат и ја изградил Самарија, престолнината на израелското царство.

Оваа информација во врска со данокот што Јуј му го дал на Салманасар III не може да се потврди. Сепак, асирскиот цар трипати го спомнува Јуј по име — на една плоча, на статуата на Салманасар и во асирските царски летописи. Според тоа, очигледно Јуј бил вистинска историска личност.