Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Да им помагаме на другите да преземат поголеми одговорности

Да им помагаме на другите да преземат поголеми одговорности

Да им помагаме на другите да преземат поголеми одговорности

„Секој што е добро поучен, ќе биде како својот учител“ (ЛУКА 6:40)

1. Што направил Исус за проповедничкото дело да продолжи и по неговата смрт?

НА КРАЈОТ од своето евангелие, апостол Јован напишал: „Има и многу други работи што ги направи Исус, и кога би се запишале сите поединости, мислам дека ниту целиот свет не би можел да ги собере свитоците што би се напишале“ (Јован 21:25). Во текот на краткиот период од 3 и пол години во кој ревносно проповедал, Исус требало да собере мажи кои ќе можел да ги обучи за да предводат во проповедањето откако ќе умрел. Кога се вратил на небото, во 33 год. од н.е., тој зад себе оставил една мала група ученици која набрзо прераснала во меѓународно собрание што броело илјадници проповедници (Дела 2:41, 42; 4:4; 6:7).

2, 3. а) Зошто има голема потреба крстените браќа да преземат одговорности во собранијата? б) Што ќе разгледаме во оваа статија?

2 Со оглед на тоа што денес во целиот свет има повеќе од седум милиони објавители на Царството кои служат во над 100.000 собранија, и понатаму има потреба од мажи што ќе предводат во делото. На пример, има голема потреба од старешини. Убаво е да се види што многу браќа се трудат да ги исполнат условите за оваа одговорност, бидејќи таквите ‚сакаат служба вредна за пофалба‘ (1. Тим. 3:1).

3 Еден брат не станува слуга-помошник или старешина автоматски. Световното образование, способностите или искуството во животот не се услов за некој да ја врши оваа служба. Најважно од сѐ е да биде духовна личност и да ги исполнува библиските барањата за мажите кои сакаат да имаат поголеми одговорности во собранието. Како може да им се помогне на браќата да ги исполнат овие услови? Исус рекол: „Секој што е добро поучен, ќе биде како својот учител“ (Лука 6:40). Во оваа статија ќе разгледаме на кој начин Најголемиот Учител, Исус Христос, подготвил своите ученици да преземат поголеми одговорности, и ќе видиме што може да научиме од тоа.

„Ве нарекувам пријатели“

4. Како Исус покажал дека им е вистински пријател на своите ученици?

4 Исус не ги гледал своите ученици од високо. Напротив, ги сметал за свои пријатели. Поминувал време со нив, им се доверувал и им ‚објавил сѐ што чул од својот Татко‘. (Прочитај Јован 15:15.) Замисли колку мора да биле возбудени кога тој им одговорил на прашањето: „Кој ќе биде знакот на твојата присутност и на свршетокот на овој поредок?“ (Мат. 24:3, 4). Исто така, Исус им кажувал на своите ученици што мисли и што чувствува. На пример, ноќта кога бил предаден, ги повел со себе Петар, Јаков и Јован во градината Гетсиманија, каде што сесрдно му се молел на Бог. Тој не се обидел да скрие од тројцата апостоли колку му е тешко. Тие јасно можеле да го видат тоа (Мар. 14:33-38). Замисли и колку мора да се зајакнале овие тројца ученици кога некое време пред тоа тој се преобразил пред нив (Мар. 9:2-8; 2. Пет. 1:16-18). Блиското пријателство што го имале со Исус им ја дало потребната сила на учениците за да го продолжат важното дело што им го доверил.

5. На кои начини христијанските старешини им помагаат на другите?

5 Исто како Исус, христијанските старешини денес се спријателуваат со своите браќа и сестри и се трудат да им помагаат. Ги сакаат и им покажуваат дека се искрено заинтересирани за нив со тоа што им посветуваат време и внимание. Иако сфаќаат дека е важно да бидат доверливи, старешините не се таинствени. Имаат доверба во своите браќа и го споделуваат со нив она што го научиле од Библијата. Тие никогаш не помислуваат дека се поважни од некој помлад слуга-помошник. Напротив, свесни се дека младите слуги-помошници многу му помагаат на собранието и дека имаат потенцијал и понатаму духовно да напредуваат.

„Ви дадов пример“

6, 7. Каков пример им дал Исус на своите ученици, и како влијаело тоа врз нив?

6 Иако учениците на Исус ги ценеле духовните работи, врз нивното размислување понекогаш влијаеле ставовите на луѓето во средината каде што пораснале (Мат. 19:9, 10; Лука 9:46-48; Јован 4:27). Сепак, тој не им држел лекции и не им се заканувал. Освен тоа, немал неразумни барања од нив ниту, пак, барал нешто од другите што самиот не го правел. Напротив, Исус ги поучувал со пример. (Прочитај Јован 13:15.)

7 Каков пример им дал Исус на своите ученици? (1. Пет. 2:21). Тој водел едноставен живот за да може да им служи повеќе на другите (Лука 9:58). Бил скромен и секогаш поучувал на темел на Писмото (Јован 5:19; 17:14, 17). Освен тоа, бил пристаплив и љубезен. Сѐ што правел, правел од љубов (Мат. 19:13-15; Јован 15:12). Неговиот пример влијаел позитивно врз апостолите. Му помогнал на Јаков да биде храбар и да не се плаши од смртта, туку верно да му служи на Бог сѐ до своето погубување (Дела 12:1, 2). А Јован верно одел по стапките на Исус повеќе од 60 години (Отк. 1:1, 2, 9).

8. Каков пример им даваат старешините на младите мажи и на сите други?

8 Старешините кои се самопожртвувани, понизни и ги сакаат другите се одличен пример за помладите браќа (1. Пет. 5:2, 3). Освен тоа, и самите се радуваат затоа што соверниците можат да се угледаат на нивната силна вера, на нивното поучување и проповедање, и на нивниот христијански живот (Евр. 13:7).

‚Исус ги испратил‘ со конкретни упатства

9. Од каде знаеме дека Исус ги обучил своите ученици за проповедничкото дело?

9 Откако самиот ревносно проповедал околу две години, Исус ги испратил и своите 12 апостоли да проповедаат. Но, најпрво им дал упатства како да го прават тоа (Мат. 10:5-14). Во друга прилика, пред да нахрани со чудо неколку илјади луѓе, Исус им рекол на учениците да ги поседнат во групи и да им ја разделат храната (Лука 9:12-17). Очигледно, тој ги обучувал своите ученици давајќи им јасни и конкретни упатства. Благодарение на ваквата обука, како и на помошта што ја добиле од светиот дух, подоцна апостолите можеле да го организираат големото проповедничко дело кое започнало во 33 год. од н.е.

10, 11. Како можат старешините и другите да ги обучуваат новите да му служат на собранието?

10 Денес еден маж почнува да добива обука откако ќе прифати да ја проучува Библијата со нас. Можеби ќе треба да му помогнеме да научи добро да чита. За сето време додека проучуваме, можеме да му помагаме и на други начини. Кога ќе почне редовно да доаѓа на собраниските состаноци, му објаснуваме што треба да прави за да учествува во Теократската школа за служба и да стане некрстен објавител. Откако ќе се крсти, браќата ќе продолжат и понатаму да го обучуваат. На пример, можат да му објаснат како се чисти и одржува Салата на Царството. Со текот на времето, ќе му помогнат да сфати кои услови треба да ги исполни за да стане слуга-помошник.

11 Кога му даваат некакво задолжение во собранието на еден крстен брат, старешините сакаат да му помогнат да го изврши како што треба. Затоа му објаснуваат како обично се прави тоа и што се очекува од него. Ако понекогаш му е тешко да го исполни задолжението, старешините не заклучуваат веднаш дека не е способен за таа работа. Наместо тоа, љубезно му укажуваат на што треба да обрне внимание и повторно му објаснуваат како да ја заврши доделената задача. Старешините со радост му помагаат на тој брат да се грижи за своите задолженија бидејќи знаат дека ќе биде среќен ако им служи на другите (Дела 20:35).

„Кој слуша совет, мудар е“

12. Зошто советите што ги давал Исус биле корисни?

12 Исус ги обучувал своите ученици така што им ги давал потребните совети во вистинско време. На пример, ги прекорил Јаков и Јован затоа што сакале да привикаат оган врз некои Самарјани што не го примиле (Лука 9:52-55). Кога нивната мајка му пристапила со цел да се заземе за нив и да побара да добијат високи положби во Царството, Исус директно им се обратил ним и им рекол: „Да седите од мојата десна и лева страна, тоа не можам да ви го дадам јас, туку им припаѓа на оние за кои мојот Татко го приготвил“ (Мат. 20:20-23). Исус секогаш давал јасни и практични совети што цврсто се темелеле на Писмото, и ги поучил своите ученици да се водат според начелата изнесени во него (Мат. 17:24-27). Освен тоа, бил свесен за нивните ограничувања и не очекувал да бидат совршени. Тој ги советувал поттикнат од љубов кон нив (Јован 13:1).

13, 14. а) Кому му е потребен совет? б) Наведи примери како би можеле да му помогнат старешините на некој што не напредува духовно.

13 На секој брат што сака да носи поголеми одговорности во собранието некогаш ќе му биде потребен библиски совет. „Кој слуша совет, мудар е“, стои во Изреки 12:15. Еден млад брат вели: „Најтешко од сѐ ми беше да се справам со сопствените слабости. Но, советот што ми го даде еден старешина ми помогна да немам преголеми очекувања од себеси“.

14 Ако сфатат дека некој христијанин не може духовно да напредува затоа што не постапува примерно, тие ќе се обидат да го исправат „во дух на благост“ (Гал. 6:1). Понекогаш е потребно да му дадат совет на некој брат затоа што тој има неисправен став кон одредена работа. На пример, ако се штеди и не прави колку што би можел, старешините можат да го поттикнат да размислува за Исус. Тој давал сѐ од себе во проповедањето и ги поттикнал учениците да го следат неговиот пример (Мат. 28:19, 20; Лука 8:1). Ако изгледа дека некој брат е амбициозен, старешините би можеле да му покажат каков совет им дал Исус на своите ученици кога се расправале кој од нив е најголем (Лука 22:24-27). А што ако на некој брат му е тешко да простува? Старешините би можеле да му ја посочат споредбата за робот кој не сакал да им прости на другите иако нему многу му било простено (Мат. 18:21-35). Доколку има потреба од совет, добро е старешините да го дадат што е можно поскоро. (Прочитај Изреки 27:9.)

Самиот „вежбај да му бидеш оддаден на Бог“

15. Како може семејството да му помогне на некој брат да им служи на другите?

15 Иако пред сѐ старешините се трудат да ги обучат браќата да служат во собранието, и другите можат да помогнат во тоа. На пример, семејството може и треба да му помогне на еден маж да служи во поголема мера. Ако тој веќе е старешина, жената и децата можат да го поддржуваат додека се грижи за собранието. Тие се свесни дека мора да им посвети дел од своето време и сила на објавителите. Таквиот старешина многу ќе се радува ако неговото семејство спремно прави жртви за тој да може да ги извршува своите одговорности. И другите многу ја ценат нивната самопожртвуваност (Изр. 15:20; 31:10, 23).

16. а) Кој треба да покаже дека има желба да им служи на другите? б) Што може да направи некој за да служи како именуван брат во собранието?

16 Иако другите можат да му помагаат и да го поддржуваат, самиот брат мора да покаже дека има желба да му служи на собранието. (Прочитај Галатите 6:5.) Се разбира, некој не мора да биде слуга-помошник или старешина за да им помага на другите и да има потполн удел во службата. Сепак, ако сака да служи во тоа својство, мора најпрво да се потруди да ги исполни условите кои се наведени во Библијата (1. Тим. 3:1-13; Тит 1:5-9; 1. Пет. 5:1-3). Според тоа, добро е оној што сака да служи како именуван брат да размисли на кои полиња треба духовно да напредува. Што ќе му помогне во тоа? Треба редовно да ја чита и да ја проучува Библијата, длабоко да размислува, искрено да се моли и ревносно да проповеда. Така ќе го примени следниов совет што Павле му го дал на Тимотеј: „Вежбај да му бидеш оддаден на Бог“ (1. Тим. 4:7).

17, 18. Што може да стори еден крстен христијанин ако се плаши дека не е доволно способен или нема желба да служи како именуван брат?

17 Но, што ако некој се плаши дека не е доволно способен да служи како именуван брат? Добро е да размисли колку многу прават за нас Јехова Бог и Исус Христос. Всушност, Јехова ‚ни го носи товарот секој ден‘ (Пс. 68:19). Значи, нашиот небесен Татко може и нему да му помогне да преземе поголеми одговорности во собранието. Оној што сѐ уште не служи како старешина или слуга-помошник треба да размисли и за тоа дека постои голема потреба од духовно зрели мажи кои се спремни да прифатат теократски задачи и одговорности во Божјата организација. Ова може да му помогне да се избори со негативните чувства кои можеби ги има. Тој може да се моли за свет дух, имајќи на ум дека во неговите плодови спаѓаат мирот и самосовладувањето. Овие особини, пак, ќе му помогнат да не се плаши дека нема да успее да ги изврши тие задолженија (Лука 11:13; Гал. 5:22, 23). Освен тоа, може да биде уверен дека Јехова ги благословува сите што сакаат да служат од исправни мотиви.

18 А што ќе му помогне на еден крстен брат кој едноставно нема желба да служи во поголема мера? Апостол Павле напишал: „Бог, бидејќи го сака тоа, дејствува во вас и за да сакате и за да постапувате“ (Фил. 2:13). Јехова е тој што помага некој да има желба и сила да им служи на другите и да ја врши Неговата волја (Фил. 4:13). Освен тоа, христијанинот може да му се моли на Бог да го поттикне да го прави она што е исправно (Пс. 25:4, 5).

19. На кој начин се исполнува пророштвото дека Јехова ќе подигне „седум пастири, осум кнезови од луѓето“?

19 Јехова ќе го благослови трудот на старешините кои ги обучуваат другите. Тој ги благословува и браќата кои имаат желба да му служат на собранието. Библијата претскажала дека Бог ќе подигне „седум пастири, осум кнезови од луѓето“ во својот народ (Мих. 5:5). Со ова пророштво, тој нѐ уверува дека во неговата организација ќе има доволно мажи што ќе предводат. Денес навистина има многу понизни браќа кои сакаат да им служат на другите и кои добиваат обука да се грижат за собранијата. Ова му носи фалба на Јехова, а нам ни носи големи благослови.

Како би одговорил?

• Како им помогнал Исус на своите ученици да предводат во делото?

• Како можат старешините, по примерот на Исус, да им помогнат на браќата во собранието да преземат поголеми одговорности?

• Како може семејството да му помогне на еден брат да му служи на собранието во поголема мера?

• Како може еден брат самиот да покаже дека сака да биде слуга-помошник или старешина?

[Прашања]

[Слики на страница 31]

Како можеш да му помогнеш на интересентот духовно да напредува?

[Слика на страница 32]

Како можат браќата да покажат дека сакаат да преземат поголеми одговорности?