Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Да им помагаме на мажите духовно да напредуваат

Да им помагаме на мажите духовно да напредуваат

Да им помагаме на мажите духовно да напредуваат

„Отсега ќе ловиш луѓе“ (ЛУКА 5:10)

1, 2. а) Како влијаело проповедањето на Исус врз многу мажи? б) Што ќе разгледаме во оваа статија?

ДОДЕКА проповедале во Галилеја, Исус и неговите ученици се качиле на чамец за да појдат на едно осамено место. Но, мноштвото луѓе ги следеле пеш покрај брегот. Тој ден имало „околу пет илјади мажи, не сметајќи ги жените и децата“ (Мат. 14:21). Во една друга прилика, на Исус му пристапиле многу луѓе кои сакале да ги излекува и да го слушаат како поучува. Меѓу нив имало „четири илјади мажи, не сметајќи ги жените и децата“ (Мат. 15:38). Одовде гледаме дека многу мажи доаѓале кај Исус и покажале дека се заинтересирани за она што го зборувал. Но, тој очекувал уште мнозина да ја прифатат пораката. Откако со чудо им помогнал на своите ученици да ги наполнат мрежите со риби, тој му рекол на Симон Петар: „Отсега ќе ловиш луѓе“ (Лука 5:10). Во симболична смисла, учениците требало да ги фрлат своите мрежи во морето од луѓе и да ‚уловат‘ најразлични поединци, вклучувајќи и многу мажи.

2 И денес голем број мажи се интересираат за добрата вест и сакаат да ја проучуваат Библијата (Мат. 5:3). Но, некои од нив не напредуваат духовно. Како може да им помогнеме? Така што ќе се угледаме на Исус. Иако не користел некои посебни методи за да ги поучува мажите, тој сепак зборувал за работи што особено биле важни за нив. Во оваа статија ќе видиме како поучувал и како можеме и ние да го следиме неговиот пример. Ќе разгледаме три ситуации: 1) кога некој маж е загрижен за материјалните потреби, 2) кога се плаши што ќе речат другите и 3) кога мисли дека не е доволно способен за да му служи на Бог.

Кога е загрижен за материјалните потреби

3, 4. а) Што им е најважно на многу мажи? б) Зошто некои мажи ги ставаат материјалните потреби пред духовните?

3 „Учителе, ќе одам по тебе каде и да појдеш“, му рекол еден книжник на Исус. Но, кога Исус му одговорил дека „Синот човечки нема каде глава да потпре“, на книжникот не му било сеедно. Во Библијата не пишува дека тој станал ученик на Исус. Според тоа, очигледно бил позагрижен за материјалните потреби — што ќе јаде и каде ќе живее — отколку да го следи Исус (Мат. 8:19, 20).

4 Мажите честопати ги ставаат материјалните потреби пред духовните. На мнозина од нив им е најважно да стекнат факултетска диплома и да најдат сигурна и добро платена работа. Тие си мислат дека е поважно и попрактично да заработат пари отколку да ја проучуваат Библијата и да станат пријатели со Бог. Можеби им се допаѓа она што го вели неговата Реч, но „грижите од овој свет [и] примамливото богатство“ го задушуваат секој интерес што можеби го имаат (Мар. 4:18, 19). Да видиме како Исус им помогнал на своите ученици да сфатат што е најважно во животот.

5, 6. Што им помогнало на Андреј, Петар, Јаков и Јован потполно да се посветат на проповедањето?

5 Андреј и неговиот брат Симон Петар биле рибари. Тие работеле заедно со Јован, брат му Јаков и нивниот татко Зеведеј. Работата им одела толку добро што имале и наемници (Мар. 1:16-20). Кога првпат чуле за Исус од Јован Крстител, Андреј и Јован биле сигурни дека го нашле Месијата. Андреј му го кажал тоа на брат му, Симон Петар, а веројатно и Јован му кажал на брат му, Јаков (Јован 1:29, 35-41). Во следните неколку месеци сите четворица биле заедно со Исус додека тој проповедал во Галилеја, Јудеја и Самарија. Но, потоа овие четворица ученици му се вратиле на рибарењето. Иако имале интерес за духовните работи, проповедањето сепак не им било најважно во животот.

6 По некое време, Исус ги повикал Петар и Андреј да појдат по него и да станат „рибари на луѓе“. Што направиле тие? ‚Веднаш ги оставиле мрежите и пошле по него.‘ Истото го сториле и Јаков и Јован. Библијата и за нив вели: „Веднаш ги оставија чамецот и татка си, и појдоа по него“ (Мат. 4:18-22). Што им помогнало на овие мажи потполно да се посветат на проповедањето заедно со Исус? Дали донеле избрзана и непромислена одлука? Во никој случај! Во претходните месеци, тие патувале со Исус и го слушале како поучува. Освен тоа, гледале како прави чуда и со колкава ревност ја застапува праведноста. Исто така, можеле со свои очи да видат колку многу луѓе ја прифаќаат неговата порака. Сето ова ја зајакнало нивната вера и доверба во Јехова.

7. Како да им помогнеме на интересентите да стекнат доверба дека Јехова се грижи за својот народ?

7 Како можеме по примерот на Исус да им помогнеме на интересентите со кои проучуваме да имаат поголема доверба во Јехова? (Изр. 3:5, 6). Многу е важно како ги поучуваме. Можеме да им покажеме од Библијата дека Бог им ветува голем благослов на оние што го ставаат Царството на прво место. (Прочитај Малахија 3:10; Матеј 6:33.) Иако можеме да користиме разни стихови за да им покажеме како Јехова се грижи за својот народ, да не изгубиме од вид колку е важен и нашиот личен пример. Ако им раскажуваме како Јехова ни помагал нам, и самите ќе можат да научат да се потпираат на него. Освен тоа, би можеле да споделиме со нив и некои искуства од нашите публикации. *

8. а) Зошто е важно интересентот да ‚вкуси и да види колку е добар Јехова‘? б) Како може да му помогнеме на интересентот лично да почувствува колку е добар Јехова?

8 Сепак, за некој да стекне цврста вера, не е доволно само да чита и да слуша како други биле благословени од Јехова. Интересентот мора лично да почувствува дека Јехова е добар. Псалмистот рекол: „Вкусете и видете колку е добар Јехова! Среќен е човекот кому тој му е прибежиште!“ (Пс. 34:8). Како може да му помогнеме на интересентот да види колку е добар Јехова? Да речеме дека некој што е оптоварен со грижи за материјалните потреби истовремено се обидува да прекине со некоја лоша навика, на пример, пушење, коцкање или опивање (Изр. 23:20, 21; 2. Кор. 7:1; 1. Тим. 6:10). Би можеле да го научиме да бара помош од Бог за да престане со таа лоша навика. Кога ќе успее во тоа, самиот ќе ја почувствува Јеховината добрина. Освен тоа, би можеле да го поттикнеме да ги стави духовните работи на прво место така што секоја седмица ќе одвојува време за да ја проучува Библијата, да се подготвува за христијанските состаноци и да присуствува на нив. Кога ќе види како Јехова го благословува неговиот труд, неговата вера сигурно ќе се зајакне!

Кога се плаши што ќе речат другите

9, 10. а) Зошто Никодим и Јосиф од Ариматеја криеле дека веруваат во Исус? б) Зошто некои мажи денес не стануваат следбеници на Христос?

9 Некои мажи не стануваат следбеници на Исус затоа што се плашат што ќе речат другите за нив. На пример, Никодим и Јосиф од Ариматеја криеле дека веруваат во Исус бидејќи се плашеле што ќе речат или што можеби ќе направат другите Евреи ако дознаат за тоа (Јован 3:1, 2; 19:38). Нивниот страв не бил неоснован. Со текот на времето, верските водачи толку го замразиле Исус што ги исклучувале од синагогата сите што признавале дека веруваат во него (Јован 9:22).

10 Денес, во некои места може да биде тешко еден маж да покаже поголем интерес за Бог, Библијата или религијата затоа што неговите колеги, пријатели или роднини би можеле да го исмејуваат и да му вршат притисок. Во други места можеби е опасно некој дури и да спомне дека сака да ја смени својата религија. Притисокот од другите може да биде особено силен ако некој маж е воено лице, се занимава со политика или е позната личност. На пример, еден човек од Германија признал: „Она што вие Сведоците го проповедате за Библијата е вистина. Но, ако денес станам Сведок, до утре сите ќе знаат за тоа. Што ќе мислат колегите, соседите и луѓето што нѐ познаваат мене и моето семејство? Не би можел да го поднесам тоа“.

11. Како Исус им помогнал на своите ученици да го совладаат стравот од човек?

11 Иако ниту еден од апостолите на Исус не бил плашливец, сите имале страв од човек (Мар. 14:50, 66-72). Како Исус им помогнал духовно да напредуваат и покрај силниот притисок од другите? Така што ги подготвил за противењето со кое се соочиле подоцна. Тој им рекол: „Среќни сте кога луѓето ве мразат и кога ве истеруваат од својата средина и ве навредуваат и го оцрнуваат вашето име поради Синот човечки!“ (Лука 6:22). Исус ги предупредил дека другите ќе им се противат, но тоа ќе било „поради Синот човечки“. Тој исто така ги уверил дека Бог ќе се грижи за нив сѐ додека го молеле за помош и сила (Лука 12:4-12). Освен тоа, ги повикал оние што сакале да го следат да се дружат и да се спријателат со неговите ученици (Мар. 10:29, 30).

12. Како можеме да им помогнеме на новите да не се плашат што ќе мислат другите?

12 И ние треба да им помагаме на интересентите да не се плашат што ќе мислат другите. Ако некој однапред знае на какви проблеми ќе наиде, ќе може полесно да се справи со нив (Јован 15:19). Затоа, би можел да му помогнеш на интересентот да размисли како да даде едноставни одговори на темел на Библијата кога колегите или другите ќе почнат да го прашуваат или да му приговараат. Освен што самите ќе станеме блиски пријатели, може да го запознаеме и со други лица во собранието, особено со оние што имаат нешто заедничко со него. Но, пред сѐ, треба да го научиме да се моли редовно и од срце. Тоа ќе му помогне да се зближи со Бог и тој да му стане карпа и прибежиште. (Прочитај Псалм 94:21-23; Јаков 4:8.)

Кога мисли дека не е доволно способен за да му служи на Бог

13. Зошто некои мажи не сакаат да учествуваат во духовните активности?

13 Некои мажи не сакаат да учествуваат во духовните активности затоа што не читаат добро, не можат убаво да се изразат или, пак, едноставно се срамежливи. Можеби им е непријатно да зборуваат за своите ставови и чувства пред други луѓе. Затоа им е многу тешко да проучуваат, да даваат коментари на состаноците или да проповедаат. Еден брат вели: „Кога бев млад, брзо ќе појдев до нечија врата, ќе се преправав дека ѕвонам, а потоа тивко ќе си заминев надевајќи се дека никој не ме ни видел ни чул... Дословно ми се слошуваше кога ќе помислев дека треба да одам од врата до врата“.

14. Зошто учениците на Исус не можеле да излекуваат едно момче кое било опседнато од демон?

14 Замисли колку мора да биле разочарани од себе учениците на Исус кога не можеле да излекуваат едно момче кое било опседнато од демон. Таткото на тоа момче дошол кај Исус и му рекол: „[Син ми] има епилепсија и тешко е болен. Често паѓа во оган и често во вода. И го доведов кај твоите ученици, но не можеа да го излекуваат“. Исус го истерал демонот и така го излекувал момчето. Подоцна учениците го прашале: „Зошто ние не можевме да го истераме?“ А тој им одговорил: „Поради вашата маловерност. Зашто, вистина, ви велам, ако вашата вера е голема само колку синапово зрно, ќе ѝ речете на оваа планина: ‚Премести се одовде таму‘, и ќе се премести. И ништо нема да ви биде невозможно“ (Мат. 17:14-20). Потребна е вера во Јехова за да се надминат пречки што можеби изгледаат големи како планини. Ако некој заборави на ова и почне да се потпира на своите способности, сигурно ќе доживее неуспех. Тогаш може да се разочара од себе и да мисли дека не е способен да му служи на Јехова.

15, 16. Како можеме да му помогнеме на некој што мисли дека не е доволно способен или достоен да му служи на Јехова?

15 Ако и некој интересент се бори со вакви чувства, би можеле да го охрабриме да мисли на Јехова наместо на себеси. Петар напишал: „Понизете се под моќната Божја рака за да ве возвиши кога ќе дојде време, и сите свои грижи фрлете ги на него“ (1. Пет. 5:6, 7). Треба да му помогнеме на интересентот уште повеќе да се зближи со Бог. Оној што има близок однос со Бог многу ги цени духовните работи. Ја сака Божјата Реч и ги покажува „плодовите на духот“ во својот живот (Гал. 5:22, 23). Освен тоа, често и искрено му се моли на Јехова (Фил. 4:6, 7). Исто така, бара храброст и сила од него за да се соочи со која и да било ситуација и да исполни каква и да било задача. (Прочитај 2. Тимотеј 1:7, 8.)

16 На некои интересенти можеби ќе треба и практично да им помогнеш да научат подобро да читаат и да се изразуваат. Други, пак, се чувствуваат недостојни да му служат на Бог затоа што правеле многу лоши работи пред да го запознаат. И на едните и на другите можеме да им помогнеме така што ќе им покажеме љубов и ќе бидеме стрпливи со нив. Исус рекол: „На здравите не им треба лекар, туку на болните“ (Мат. 9:12).

Да им помогнеме на уште повеќе мажи да го запознаат Јехова

17, 18. а) Како може да им проповедаме на уште повеќе мажи? б) Што ќе проучуваме во следната статија?

17 Само Библијата содржи порака што може да им донесе вистинска среќа на луѓето, и затоа сакаме да им помогнеме на уште многу мажи да ја прифатат (2. Тим. 3:16, 17). Како ќе успееме да им проповедаме на повеќе мажи? Со тоа што ќе се трудиме да сведочиме навечер, во сабота и недела попладне или за време на празниците, кога повеќето од нив се дома. Ако е можно, браќата можат да побараат да разговараат со домаќинот на куќата. Кога е соодветно, може да им сведочиме на колегите на работа, како и на сопрузите на некои наши сестри, кои сѐ уште не се во вистината.

18 Додека им проповедаме на сите што ги сретнуваме, уверени сме дека лицата со искрени срца ќе ја прифатат добрата вест. Затоа, стрпливо да им помагаме на оние што искрено се интересираат за вистината. Но, што може да ги поттикне крстените браќа да преземат теократски одговорности во собранието? Ова прашање ќе го разгледаме во следната статија.

[Фуснота]

^ пас. 7 Вакви искуства можат да се најдат во Годишникот на Јеховините сведоци, и во животните приказни кои излегуваат во Стражарска кула и Разбудете се!

Како би одговорил?

• Како да им помогнеме на мажите да ги стават духовните работи на прво место?

• Како да им помогнеме на новите да не се плашат што ќе речат другите?

• Како да им помогнеме на оние што се чувствуваат неспособни или недостојни да му служат на Јехова?

[Прашања]

[Слика на страница 25]

Дали ја користиш секоја прилика да им ја пренесеш добрата вест на мажи?

[Слика на страница 26]

Како ќе му помогнеш на интересентот да се справи со противењето?