Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Живеј според духот и ќе имаш живот и мир

Живеј според духот и ќе имаш живот и мир

Живеј според духот и ќе имаш живот и мир

„Не живееме според телото, туку според духот“ (РИМ. 8:4)

1, 2. а) Зошто е опасно ако на возачот нешто му го одвлече вниманието од патот? б) Зошто е опасно ако нешто ни го одвлече вниманието во духовна смисла?

„СЀ ПОВЕЌЕ возачи дозволуваат други работи да им го одвлечат вниманието од патот. Ова станува епидемија која се шири од година во година“, изјавил началникот на министерството за транспорт на САД. На пример, на мнозина мобилниот телефон може да им го одвлече вниманието од возењето. Над една третина од лицата вклучени во една анкета изјавиле дека биле или за малку ќе биле удрени од возило во кое шоферот во тој момент користел мобилен телефон. Можеби некои си мислат дека ќе заштедат време ако прават и нешто друго додека возат, но ова може да има катастрофални последици.

2 Ако еден возач дозволи вниманието да му го одвлечат други работи, можно е да не ги забележи опасностите на патот. Истото може да ни се случи и во духовна смисла. Ако дозволиме други работи да ни го одвлечат вниманието од христијанските мерила и од службата за Јехова, би можеле да го доведеме во опасност нашето пријателство со него. Павле рекол дека, како последица на тоа, би можеле да доживееме бродолом во верата (1. Тим. 1:18, 19). Тој предупредил на оваа опасност кога им ја дал следнава опомена на сохристијаните во Рим: „Размислувањето својствено за телото донесува смрт, а размислувањето својствено за духот донесува живот и мир“ (Рим. 8:6). Што сакал да каже со тоа? Како може да се бориме против „размислувањето својствено за телото“ и да ‚размислуваме за она што му е својствено на духот‘?

За нив „нема осуда“

3, 4. а) За каква внатрешна борба зборувал Павле? б) Зошто треба да нѐ интересира она што го напишал Павле?

3 Во своето послание до Римјаните, Павле пишувал за една борба што се водела во него — борба меѓу неговото тело и неговиот ум. (Прочитај Римјаните 7:21-23.) Тој немал намера ниту да се правда ниту да се сожалува. Не сакал да каже дека не било возможно да постапува исправно. Впрочем, Павле бил зрел христијанин помазан со дух, испратен како „апостол... кај другите народи“ (Рим. 1:1; 11:13). Тогаш, зошто пишувал за оваа внатрешна борба?

4 Павле искрено признал дека не може само со своја сила да ја врши Божјата волја така како што би сакал. Зошто? Затоа што „сите згрешија и не ја одразуваат Божјата слава“, рекол тој (Рим. 3:23). Како потомок на Адам, Павле бил несовршен и имал погрешни желби. Ние можеме да разбереме како се чувствувал затоа што и самите сме несовршени и мора да водиме слична борба секој ден. Освен тоа, има многу работи што можат да ни го одвлечат вниманието и да нѐ наведат да скршнеме од ‚тесниот пат што води во живот‘ (Мат. 7:14). Сепак, ситуацијата не била безнадежна за Павле, а не е ни за нас.

5. Каде нашол Павле помош и олеснување?

5 Павле напишал: „Кој ќе ме избави..? Му благодарам на Бог преку Исус Христос, нашиот Господар!“ (Рим. 7:24, 25). Потоа им се обратил на оние „што се во единство со Христос Исус“ — помазаните христијани. (Прочитај Римјаните 8:1, 2.) Јехова ги посинува овие христијани со својот свет дух и ги нарекува „сонаследници Христови“ (Рим. 8:14-17). Благодарение на нивната вера во откупната жртва на Исус, како и на Божјиот дух, можат да победат во битката која ја опишал Павле и поради тоа за нив „нема осуда“. Тие се ослободени „од законот на гревот и смртта“.

6. Зошто треба сите Божји слуги да им обрнат внимание на зборовите на Павле?

6 Павле им ги упатил овие зборови на помазаните христијани, но она што го кажал во врска со Божјиот дух и Христовата откупна жртва може да им користи на сите Јеховини слуги, сеедно дали имаат надеж да живеат вечно на небото или на Земјата. Иако Павле под водство на светиот дух им дал ваков совет на помазаните христијани, многу е важно сите Божји слуги да ги разберат и да ги послушаат неговите зборови.

Како Бог ‚го осудил гревот во телото‘

7, 8. а) Во која смисла Законот бил „слаб поради телото“? б) Што постигнал Бог преку својот дух и преку откупнината?

7 Во 7. поглавје од посланието до Римјаните, Павле објаснил колкава моќ има гревот врз несовршените луѓе. А во 8. поглавје зборувал за моќта на светиот дух. Апостолот објаснил дека Божјиот дух може да им помогне на христијаните во нивната борба против гревот. Со помош на тој дух, тие можат да живеат во склад со Јеховината волја и да ја стекнат неговата милост. Павле јасно кажал дека преку светиот дух и преку откупната жртва на неговиот Син, Бог постигнал нешто што не можело да се постигне со Мојсеевиот закон.

8 Законот со сите негови заповеди ги осудувал грешниците. Освен тоа, првосвештениците во Израел кои служеле под Мојсеевиот закон биле несовршени и не можеле да принесат соодветна жртва за грев. Затоа, Законот бил „слаб поради телото“. Но, ‚со тоа што го испратил својот Син во облик сличен на грешното тело‘ и го принел како откупнина, Бог ‚го осудил гревот во телото‘ и така го постигнал она што ‚Законот бил немоќен‘ да го постигне. Како резултат на тоа, помазаните христијани се прогласени за праведни на темел на својата вера во откупната жртва на Исус. Тие се поттикнати ‚да не живеат според телото, туку според духот‘. (Прочитај Римјаните 8:3, 4.) Всушност, за да бидат ‚наградени со живот‘, помазаниците мора верно да го прават тоа сѐ додека се на Земјата (Отк. 2:10).

9. Што значи зборот „закон“ кој е спомнат во Римјаните 8:2?

9 Павле исто така ги спомнал и „законот на тој дух“ и „законот на гревот и смртта“ (Рим. 8:2). Што претставуваат овие закони? Во овој случај, зборот „закон“ не се однесува на одредени правила како оние што биле пропишани со Мојсеевиот закон. Еден прирачник објаснува: „Грчкиот збор кој овде е преведен со закон означува нешто кое ги тера луѓето да постапуваат или на добар или на лош начин. Освен тоа, може да се однесува и на мерилата според кои човек избира да живее“.

10. Во која смисла сме подложни на законот на гревот и смртта?

10 Апостол Павле напишал: „Како што преку еден човек гревот влезе во светот и преку гревот смртта, и така смртта се прошири на сите луѓе, зашто сите згрешија“ (Рим. 5:12). Бидејќи сме потомци на Адам, сите ние сме подложни на законот на гревот и смртта. Нашето несовршено тело постојано нѐ тера да правиме работи кои не му се допаѓаат на Бог и кои водат до смрт. Во своето послание до Галатите, Павле ги нарекол таквите постапки и особини ‚дела на телото‘. А потоа додал: „Оние што прават такво нешто нема да го наследат Божјето царство“ (Гал. 5:19-21). За истите тие луѓе, Библијата вели дека живеат според телото (Рим. 8:4). Нив ги водат нагоните на несовршеното тело. Но, дали тие што прават такви тешки гревови, како блуд, идолопоклонство и спиритизам, се единствените што живеат според телото? Не, затоа што во делата на телото спаѓаат и работи кои некои можеби ги сметаат само за лични слабости, како што се љубомора, изливи на гнев, кавгаџиство и завист. Според тоа, кој од нас може да тврди дека во ниеден поглед не живее според телото?

11, 12. Што направил Јехова за да ни помогне да се ослободиме од законот на гревот и смртта? Што треба да правиме ние за да ја стекнеме Божјата милост?

11 Колку сме среќни што Јехова ни овозможил да се ослободиме од законот на гревот и смртта! Исус рекол: „Бог толку многу го сакаше светот што го даде својот единороден Син, за секој што верува во него да не биде уништен, туку да има вечен живот“. Со тоа што ја прифаќаме Божјата љубов и покажуваме вера во откупната жртва на Исус Христос, можеме да бидеме ослободени од казната која е последица на гревот што сме го наследиле од Адам (Јован 3:16-18). Затоа, исто како Павле, поттикнати сме да воскликнеме: „Му благодарам на Бог преку Исус Христос, нашиот Господар!“

12 Секој од нас е како пациент кој има тешка болест. Ако сакаме потполно да закрепнеме од болеста, мора да го правиме она што ни го кажува лекарот. Иако нашата вера во откупнината може да нѐ ослободи од законот на гревот и смртта, сѐ уште сме несовршени и грешни. Ако сакаме да имаме добро духовно здравје и да ја стекнеме Божјата милост, потребно е уште нешто. За да ги исполниме „праведните барања на Законот“, Павле вели дека мора да живееме според духот.

Како да живееме според духот?

13. Како можеме да живееме според духот?

13 Да живееме според духот не значи да бидеме совршени, туку постојано духовно да напредуваме (1. Тим. 4:15). Секој ден треба да даваме сѐ од себе за да живееме во склад со водството на духот. Ако ‚живееме според духот‘, ќе ја стекнеме Божјата милост (Гал. 5:16).

14. Како размислуваат и како постапуваат оние што „живеат според телото“?

14 Во продолжение на своето послание до Римјаните, Павле зборувал за два вида луѓе, кои размислуваат на сосема поинаков начин. (Прочитај Римјаните 8:5.) Во овој стих, зборот „телото“ не го означува само физичкото тело. Во Библијата, овој збор понекогаш ја означува човечката грешност или несовршеност. Токму таа несовршеност е причина за борбата помеѓу телото и умот која Павле ја спомнал пред тоа. Но, за разлика од него, оние што „живеат според телото“ воопшто не се борат против грешните желби и склоности. Наместо да размислуваат за она што Бог го бара од нив и да ја прифатат помошта што им ја нуди, тие „размислуваат за она што му е својствено на телото“. Најчесто мислат само на тоа да ги задоволат своите телесни желби. За разлика од нив, оние што „живеат според духот“ се трудат да размислуваат за „она што му е својствено на духот“ и дозволуваат Јехова да ги води.

15, 16. а) Како она за што размислуваат луѓето влијае врз нив? б) За што размислуваат повеќето луѓе денес?

15 (Прочитај Римјаните 8:6.) За да постапува на одреден начин, сеедно дали добро или лошо, човек мора прво да размислува за тоа. Луѓето што постојано размислуваат за она што му е својствено на телото наскоро ќе сакаат да ги вршат делата на телото. Нивните чувства, желби и мисли обично се вртат само околу тие работи.

16 Што им е најважно на повеќето луѓе денес? Апостол Јован напишал: „Сѐ што е во светот — желбата на телото и желбата на очите и истакнувањето на својот имот — не потекнува од Таткото, туку потекнува од светот“ (1. Јов. 2:16). Овде Јован зборува за работи како што се неморалот, угледот во светот и богатството. Книгите, списанијата, весниците, филмовите, емисиите и интернетот се преплавени со ваков материјал затоа што мислите и желбите на повеќето луѓе се вртат токму околу такви работи. Но, „размислувањето својствено за телото донесува смрт“ — духовна смрт денес и дословна во блиска иднина. Зошто? Затоа што „размислувањето својствено за телото донесува непријателство со Бог, бидејќи телото не му се покорува на Божјиот закон, а и не може. Затоа оние што живеат според телото, не можат да му угодат на Бог“ (Рим. 8:7, 8).

17, 18. Како може да му дозволиме на Божјиот дух да нѐ води? Каков ќе биде резултатот од тоа?

17 Од друга страна, „размислувањето својствено за духот донесува живот и мир“ — вечен живот во иднина, како и душевен мир и мир со Бог уште сега. Како ќе покажеме дека ‚размислуваме за она што му е својствено на духот‘? Ако секогаш го следиме водството од Бог и од неговиот свет дух, со текот на времето ќе почнеме да размислуваме како Него. Ние сакаме и во нашите мисли да му ‚се покоруваме на Божјиот закон‘. Кога ќе се најдеме на искушение, ќе знаеме што треба да правиме. Ќе бидеме поттикнати да постапиме на исправен начин, како што нѐ води духот.

18 Значи, многу е важно да размислуваме за она што му е својствено на духот. Затоа, сакаме христијанските активности да ни бидат на прво место во животот. Во нив спаѓаат редовната молитва, читањето и проучувањето на Библијата, состаноците и службата (1. Пет. 1:13). Наместо да дозволиме да нѐ водат грешните телесни желби, треба да размислуваме како што сака Бог и да дозволиме да нѐ води неговиот дух. Така ќе покажеме дека живееме според духот. Ќе добиеме многу благослови бидејќи размислувањето за она што е својствено на духот донесува живот и мир (Гал. 6:7, 8).

Можеш ли да објасниш?

• Во која смисла ‚Законот бил немоќен‘, и што направил Бог во врска со тоа?

• Што претставува „законот на гревот и смртта“, и како може да бидеме ослободени од него?

• Како ќе покажеме дека размислуваме „за она што му е својствено на духот“?

[Прашања]

[Слики на страници 12 и 13]

Дали живееш според телото или според духот?