Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Прашања од читателите

Прашања од читателите

Прашања од читателите

Може ли да се утврди точно во колку часот Исус Христос бил прикован на столб?

Ова прашање се поставува затоа што вдахновените извештаи за смртта на Исус кои ги напишале Марко и апостол Јован навидум не се совпаѓаат. Во евангелието според Марко пишува: „Беше третиот час кога [војниците] го приковаа на столбот“ (Мар. 15:25). Но, во своето евангелие, Јован пишува дека било „околу шестиот час“ кога Пилат им го предал Исус на Евреите за да биде прикован на столб (Јован 19:14-16). Изучувачите на Библијата понудиле различни објаснувања за некако да ги усогласат овие извештаи. Меѓутоа, во самата Библија нема доволно информации за да можеме да дадеме конкретен одговор зошто постои разлика во овие две евангелија. Сепак, може да ни биде од помош тоа што ќе дознаеме како луѓето го сметале времето во првиот век.

Кога Исус бил на Земјата, Евреите го делеле денот на 12 часа — од изгрејсонце до зајдисонце (Јован 11:9). Според тоа, „третиот час“ траел од осум до девет часот наутро, а „шестиот час“ завршувал околу пладне. Се разбира, во текот на годината сонцето изгревало и заоѓало во различно време. Затоа, во зависност од годишното време, некои денови биле подолги, а некои пократки. Освен тоа, Евреите го одредувале часот според положбата на сонцето. Бидејќи немало прецизни часовници, обично не го наведувале точното време. Во Христијанските грчки списи главно се зборува дека настаните се случиле во третиот, шестиот или деветтиот час, а тоа честопати значи дека се случиле отприлика во тоа време (Мат. 20:3, 5; Дела 10:3, 9, 30). Поконкретното време (на пример, „седмиот час“) е наведено само кога таа информација е неопходна за извештајот (Јован 4:52).

Евангелијата се согласни во поглед на времето во кое се случувале настаните дента кога Исус бил погубен. Во сите четири евангелија се вели дека свештениците и старешините се состанале в зори, кога се разденило, и потоа го одвеле Исус кај римскиот управител Понтиј Пилат (Мат. 27:1; Мар. 15:1; Лука 22:66; Јован 18:28). Матеј, Марко и Лука пишуваат дека од шестиот час, кога Исус веќе висел на столбот, по целата земја се спуштила темнина која траела „сѐ до деветтиот час“ (Мат. 27:45, 46; Мар. 15:33, 34; Лука 23:44).

Има уште една важна работа што може да се земе предвид: во оваа смртна казна спаѓало и камшикувањето. Понекогаш тоа било толку свирепо, што осуденикот умирал додека го камшикувале. Очигледно и Исус бил камшикуван многу сурово бидејќи некој друг морал да му го носи маченичкиот столб што во почетокот го понел сам (Лука 23:26; Јован 19:17). Можеби некои сметале дека смртната казна започнувала кога осуденикот бил камшикуван и завршувала кога тој умирал прикован на столбот, додека други сметале дека таа го вклучува само приковувањето. Ако смртната казна започнувала со камшикување, очигледно поминало некое време пред Исус да биде прикован на столбот. Ова е една можна причина зошто во двете евангелија е наведено различно време за приковувањето на Исус.

Апостол Јован го напишал своето евангелие со децении откако биле завршени другите три. Според тоа, сигурно знаел што пишува во нив. Точно, тој навел време кое се разликува од она што го навел Марко. Но, ова е јасен доказ дека Јован не го препишал извештајот на Марко. И двајцата биле водени од Божјиот свет дух. Иако во Библијата нема доволно информации за да објасниме зошто двата извештаја се разликуваат, сепак можеме да имаме потполна доверба во евангелијата.