Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

„Привремени жители“ во еден злобен свет

„Привремени жители“ во еден злобен свет

„Привремени жители“ во еден злобен свет

‚Сите овие со вера изјавуваа дека се туѓинци и привремени жители во земјата во која живееја‘ (ЕВР. 11:13)

1. Што рекол Исус во врска со ставот на вистинските христијани кон светот?

ВО ВРСКА СО своите ученици, Исус рекол: „Тие се во светот“. А потоа објаснил: „[Но] не се дел од светот, како што и јас не сум дел од светот“ (Јован 17:11, 14). Според тоа, Исус јасно покажал каков став треба да имаат вистинските христијани кон овој свет чиј бог е Сатана (2. Кор. 4:4). Иако живеат во овој злобен свет, тие не се дел од него, туку се како „туѓинци и привремени жители“ (1. Пет. 2:11).

Тие биле како „привремени жители“

2, 3. Зошто може да се каже дека Енох, Ное, Авраам и Сара живееле како „туѓинци и привремени жители“?

2 Верните слуги на Јехова отсекогаш се разликувале од другите луѓе во безбожниот свет во кој живееле. Пред Потопот, Енох и Ное ‚оделе со вистинскиот Бог‘ (1. Мој. 5:22-24; 6:9). Тие храбро проповедале дека Јехова го осудил злобниот свет на Сатана. (Прочитај 2. Петрово 2:5; Јуда 14, 15.) Постапувале исправно, иако луѓето околу нив биле злобни. Од таа причина, Библијата вели дека Енох „му угодил на Бог“, а Ное бил „непорочен меѓу своите современици“ (Евр. 11:5; 1. Мој. 6:9).

3 Друг убав пример се Авраам и Сара. Од послушност кон Бог, тие спремно се откажале од удобниот живот во халдејскиот град Ур и заминале во туѓа земја каде што живееле во шатори и се селеле од место во место (1. Мој. 11:27, 28; 12:1). Апостол Павле напишал: „Со вера Авраам, кога беше повикан, послуша и отиде во крај кој требаше да го добие како наследство. Отиде не знаејќи каде оди. Со вера се насели како дојденец во ветената земја како во туѓина и живееше во шатори со Исак и Јаков, сонаследници на истото ветување“ (Евр. 11:8, 9). Во врска со таквите верни Јеховини слуги, Павле рекол: „Сите овие умреа во вера, а не го добија она што им беше ветено, туку го видоа оддалеку и го поздравија, изјавувајќи дека се туѓинци и привремени жители во земјата во која живееја“ (Евр. 11:13).

Предупредување за Израелците

4. Кое предупредување го добиле Израелците пред да се населат во Ветената земја?

4 Кога потомците на Авраам, Израелците, многу се намножиле, од нив Бог формирал народ на кој му дал закони и земја (1. Мој. 48:4; 5. Мој. 6:1). Но, тие не смееле никогаш да заборават дека вистинскиот Сопственик на земјата, всушност, е Јехова (3. Мој. 25:23). Израелците биле како кираџии што морале да ги почитуваат желбите на сопственикот. Освен тоа, секогаш требало да имаат на ум дека „човек не живее само од леб“ и не смееле да дозволат материјалните удобности да ги наведат да го заборават Јехова (5. Мој. 8:1-3). Пред да се населат во Ветената земја, им било дадено следново предупредување: „Кога Јехова, твојот Бог, ќе те доведе во земјата за која им се заколна на твоите прататковци Авраам, Исак и Јаков дека ќе ти ја даде — во која има големи и убави градови, кои не си ги градел, куќи полни со секакви добра, кои не си ги полнел, ископани бунари, кои не си ги копал, лозја и маслинарници, кои не си ги садел — и кога ќе се најадеш до ситост, внимавај да не го заборавиш Јехова“ (5. Мој. 6:10-12).

5. Зошто Јехова го отфрлил Израел, и кој нов народ го избрал за себе?

5 Се покажало дека Јехова им го дал ова предупредување со добра причина. Во времето на Неемија, една група левити со жалење раскажувале за она што се случило откако Израелците ја зазеле Ветената земја. Откако се населиле во удобни куќи и имале изобилство храна и вино, ‚јаделе, и се наситиле, и се згоиле‘, а потоа се побуниле против Бог, па дури и ги убивале пророците што им ги испраќал за да ги опоменат. Затоа Јехова ги предавал во рацете на нивните непријатели. (Прочитај Неемија 9:25-27; Оси. 13:6-9). Подоцна, кога биле под власта на Римјаните, неверните Евреи отишле дотаму што го убиле ветениот Месија! Затоа Јехова ги отфрлил, и за себе избрал нов народ — духовниот Израел (Мат. 21:43; Дела 7:51, 52; Гал. 6:16).

„Не сте дел од светот“

6, 7. а) Објасни што рекол Исус за ставот што ќе го имаат вистинските христијани кон светот? б) Според Петар, зошто вистинските христијани требало да останат одвоени од светот?

6 Како што видовме во почетокот на оваа статија, Исус Христос, Главата на христијанското собрание, јасно кажал дека неговите следбеници ќе бидат одвоени од светот, т.е. од Сатановиот злобен поредок. Кратко пред својата смрт, тој им го рекол следново на своите ученици: „Да бевте дел од светот, светот ќе ве сакаше зашто ќе бевте негови. Но бидејќи не сте дел од светот, туку јас ве избрав од светот, затоа светот ве мрази“ (Јован 15:19).

7 Со текот на времето, христијанството се раширило на многу места. Дали поради тоа требало да се очекува христијаните да се претопат во светот и да ги прифатат неговите обичаи, станувајќи дел од него? Не. Сеедно каде живееле, тие требало да бидат поинакви од луѓето во Сатановиот свет. Околу 30 години по смртта на Христос, апостол Петар им го пишал следново на христијаните што живееле во различни делови од Римското Царство: „Сакани, ве поттикнувам како туѓинци и привремени жители во овој свет да се воздржувате од желбите на телото, бидејќи тие војуваат против душата. Живејте примерно меѓу луѓето во светот“ (1. Пет. 1:1; 2:11, 12).

8. Што напишал еден историчар за ставот што првите христијани го имале кон светот?

8 Историчарот Кенет Скот Латурет потврдува дека првите христијани навистина се однесувале како „туѓинци и привремени жители“ во Римското Царство. Тој напишал: „Познат историски факт е дека христијаните во првите три века [од н.е.] постојано наидувале на прогонство кое честопати било немилосрдно... Против нив биле изнесувани најразлични обвиненија. Затоа што не сакале да учествуваат во пагански ритуали, христијаните биле означени како безбожници. Освен тоа, не учествувале... во паганските празници и во забавата која била вообичаена во тоа време бидејќи сметале дека е полна со лажни верувања, погрешни обичаи и неморал. Поради тоа биле обвинети дека го мразат човечкиот род“.

Не го користат светот во потполност

9. На кој начин ние, како вистински христијани, покажуваме дека не ‚го мразиме човечкиот род‘?

9 Каква е состојбата денес? Исто како првите христијани, и ние не сме дел од „сегашниов зол свет“ (Гал. 1:4). Затоа многумина доаѓаат до погрешен заклучок за нас, а некои дури и нѐ мразат. Но, ние во никој случај не го ‚мразиме човечкиот род‘. Напротив, од љубов кон луѓето, одиме од куќа до куќа и даваме сѐ од себе за да му ја пренесеме на секој станар ‚добрата вест за Божјето царство‘ (Мат. 22:39; 24:14). Го правиме ова затоа што сме уверени дека Јеховиното Царство на чело со Христос наскоро ќе ги отстрани несовршените човечки влади и ќе воспостави еден праведен нов свет (Дан. 2:44; 2. Пет. 3:13).

10, 11. а) Како го користиме светот? б) Во која смисла христијаните што се духовно будни не го користат светот во потполност?

10 Со оглед на тоа што крајот на овој сегашен свет е на прагот, како Јеховини слуги ние сфаќаме дека сега не е време да бараме удобност во него. Послушни сме на следниов совет што го дал Павле: „Ова сакам да ви го кажам браќа: преостана малку време. Отсега... оние што купуваат, [нека бидат] како да не поседуваат; и оние што го користат светот, како да не го користат во потполност — зашто се менува лицето на овој свет“ (1. Кор. 7:29-31). Како денешните христијани го користат светот? Така што се служат со современата технологија и средствата за комуникација за да ги шират библиските вистини на стотици јазици низ целиот свет. Тие во одредена мера го користат светот за да заработат пари и да се издржуваат. Исто така, го купуваат она што им треба за да ги задоволат секојдневните потреби. Сепак, со тоа што не ги ставаат на прво место материјалните поседи и световната работа, покажуваат дека не го користат светот во потполност. (Прочитај 1. Тимотеј 6:9, 10.)

11 Освен тоа, христијаните што се духовно будни не го користат светот во потполност и во таа смисла што не му придаваат голема важност на високото образование. Мнозина во овој свет сметаат дека таквото школување е неопходно ако некој сака да има убав живот и да биде некој и нешто. Но, ние христијаните сме како привремени жители во овој свет и си поставуваме други цели. Не бараме „големи работи“ за себе (Ерем. 45:5; Рим. 12:16). Како следбеници на Исус, го земаме присрце следново предупредување што го дал тој: „Бидете претпазливи, чувајте се од секаква лакомост, бидејќи, дури и кога некој има во изобилство, неговиот живот не произлегува од она што го поседува“ (Лука 12:15). Поради тоа, младите христијани се поттикнати да си поставуваат духовни цели. Добро е да го стекнат само она образование кое им е неопходно за да ги задоволат своите основни потреби и кое ќе им помогне да му служат на Јехова ‚со сето свое срце, душа, сила и ум‘ (Лука 10:27). Само така ќе можат да бидат ‚богати пред Бог‘ (Лука 12:21; прочитај Матеј 6:19-21).

Не дозволувај да те преоптоварат животните грижи

12, 13. Во кој поглед се разликуваме од луѓето во светот затоа што го слушаме советот на Исус запишан во Матеј 6:31-33?

12 Јеховините слуги имаат поинаков став кон материјалните работи од луѓето во светот. Во врска со ова, Исус им рекол на своите следбеници: „Немојте да бидете загрижени и да велите: ‚Што ќе јадеме?‘ — или: ‚Што ќе пиеме?‘ — или: ‚Што ќе облечеме?‘ Зашто, со сето ова се преокупирани луѓето од светот. А вашиот небесен Татко знае дека ви е потребно сето тоа. Затоа, барајте ги најнапред царството и Божјата праведност, а сето ова ќе ви се додаде“ (Мат. 6:31-33). Многу наши браќа и сестри можат од лично искуство да потврдат дека нашиот небесен Татко секогаш ни го дава она што ни е потребно.

13 „Оддаденоста на Бог е извор на голема добивка, кога човек е задоволен со она што го има“, вели Библијата (1. Тим. 6:6). Ова е сосема спротивно на гледиштето на луѓето во денешниов свет. На пример, кога стапуваат во брак, многу млади мислат дека треба веднаш да имаат сѐ што ќе посакаат — потполно наместена куќа или стан, убава кола и најнови технолошки уреди. Но, христијаните што живеат како привремени жители во светот си ги пружаат нозете колку што им е долга чергата. За пофалба е тоа што мнозина ревносни објавители на Царството жртвуваат одредени материјални удобности за да посветат повеќе време и сила во Јеховината служба. Други служат како пионери, во Бетел, во патувачкото дело или како мисионери. Навистина сме благодарни за сето она што го прават нашите соверници додека со сето срце му служат на Јехова!

14. Што учиме од споредбата за сејачот што ја кажал Исус?

14 Во споредбата за сејачот, Исус рекол дека „грижите од овој свет и примамливото богатство“ можат да ја задушат Божјата реч во нашето срце и да нѐ спречат да дадеме плод (Мат. 13:22). Но, нема да паднеме во оваа замка ако сме задоволни со она што го имаме додека живееме како привремени жители во овој свет. Ќе зачуваме „бистро“ или „едноставно“ око, со тоа што потполно ќе се посветиме на нашата служба за Бог и ќе го ставиме неговото Царство на прво место во животот (Мат. 6:22, фус.).

„Светот поминува“

15. Што рекол апостол Јован во врска со овој свет?

15 Една важна причина зошто вистинските христијани живеат како „туѓинци и привремени жители“ во сатанскиот свет е тоа што се уверени дека неговите денови се одбројани (1. Пет. 2:11; 2. Пет. 3:7). Покажуваме дека веруваме во ова со начинот на кој живееме, со одлуките што ги донесуваме и со целите што си ги поставуваме. Апостол Јован ги советувал соверниците да не го сакаат светот ниту она што е во него затоа што „светот поминува и неговата желба, но оној што ја врши Божјата волја, останува засекогаш“ (1. Јов. 2:15-17).

16. Како покажуваме дека му припаѓаме на ‚народот‘ што Јехова го одвоил од светот?

16 Јехова им рекол на Израелците дека, ако му се послушни, ќе му бидат „најмилата сопственост меѓу сите други народи“ (2. Мој. 19:5). Кога биле верни, Израелците многу се разликувале од другите народи со тоа што му служеле на вистинскиот Бог и живееле поинаку од нив. И денес Јехова одвоил за себе народ кој многу се разликува од Сатановиот свет. Библијата нѐ советува „да се откажеме од безбожноста и од световните желби и да живееме разборито, праведно и со оддаденост на Бог среде овој сегашен свет, додека го чекаме исполнувањето на нашата прекрасна надеж и славното појавување на великиот Бог и на нашиот Спасител, Христос Исус. Христос се дал себеси за нас, за да нѐ избави од секое беззаконие и да исчисти за себе народ што го избрал, кој ревносно прави добри дела“ (Тит 2:11-14). Овој „народ“ го сочинуваат помазаните христијани и милиони „други овци“ кои им помагаат и ги поддржуваат (Јован 10:16).

17. Зошто помазаниците и нивните придружници нема никогаш да зажалат што живееле како привремени жители во овој злобен свет?

17 Помазаниците имаат „прекрасна надеж“ дека ќе владеат со Христос на небото (Отк. 5:10). Другите овци имаат надеж дека ќе живеат засекогаш на Земјата. Кога оваа надеж ќе им се исполни, тие повеќе нема да бидат привремени жители во еден злобен свет. Ќе имаат убави куќи и храна во изобилство (Пс. 37:10, 11; Иса. 25:6; 65:21, 22). За разлика од Израелците, нема никогаш да заборават дека сето тоа им го дал Јехова, кој е „Бог на целата земја“ (Иса. 54:5). Ниту помазаниците ниту другите овци нема да зажалат што живееле како привремени жители во овој злобен свет.

Како би одговорил?

• Во која смисла верните луѓе од старо време биле како привремени жители?

• Каков став имале првите христијани кон светот?

• Во која смисла вистинските христијани не го користат светот во потполност?

• Зошто нема никогаш да зажалиме што сме живееле како привремени жители во овој злобен свет?

[Прашања]

[Слика на страница 18]

Првите христијани не учествувале во насилна и неморална забава