Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Благословени поради промените што ги направивме

Благословени поради промените што ги направивме

Благословени поради промените што ги направивме

Раскажал Џејмс А. Томсон

Роден сум во 1928 год., на југот од Соединетите Држави. Тогаш имаше закони со кои на црнците и на белците им беше забрането да се мешаат. Секој што ќе прекршеше некој од овие закони можеше да заврши в затвор или да добие уште потешка казна.

ВО ТОА време, во некои делови од САД, белците и црнците кои беа Јеховини сведоци мораа да припаѓаат на одделни собранија, покраини и области. Во 1937 год., татко ми стана слуга на собранието (сега наречен координатор на старешинството) на црнечкото собрание во Чатануга (Тенеси). Хенри Николс беше слуга на собранието кое се состоеше од белци.

Сѐ уште имам пријатни спомени од детството. Навечер имав обичај да седам во дворчето зад куќата и да слушам додека татко ми и брат Николс си разговараа. Иако не разбирав сѐ што зборуваа, ми беше убаво да седам покрај татко ми додека тие се договараа како би било најдобро објавителите да проповедаат во тогашните околности.

Неколку години пред тоа, во 1930 год., во нашето семејство се случи трагедија. Почина мајка ми, која имаше само 20 години. Татко ми остана да се грижи сам за мене и за мојата сестричка, Дорис. Таа имаше четири, а јас две години. Иако тогаш татко ми беше крстен само кратко време, добро напредуваше во духовен поглед.

Личности што ми оставија добар пример

Во 1933 год., татко ми се запозна со една прекрасна христијанка, која се викаше Лили Меј Гвендолин Томас, и наскоро се зедоа. Со својата верна служба за Јехова, и двајцата беа добар пример за мене и за Дорис.

Во 1938 год., организацијата го смени начинот на кој се поставуваа старешини во собранијата. Наместо да се бираат во самото собрание, требаше да бидат именувани од главното седиште во Бруклин (Њујорк). Сите собранија на Јеховините сведоци беа замолени да ја поддржат таа одлука. Иако некои објавители во Чатануга не сакаа веднаш да го прифатат ова, татко ми целосно ја поддржа оваа организациска промена. Верноста на татко ми, како и сесрдната соработка од страна на мајка ми, за мене се добар пример до ден-денес.

Крштавање и полновремена служба

Во 1940 год., некои браќа и сестри од нашето собрание изнајмија автобус за да појдеме на конгресот што се одржа во Детроит (Мичиген). Неколкумина од нив се крстија таму. Бидејќи редовно одев во служба уште од пет години, некои ме прашаа зошто и јас не се крстив.

„Не разбирам што сѐ вклучува тој чекор“, одговорив. Татко ми се изненади од мојот одговор. Оттогаш уште повеќе се трудеше да ми помогне да сфатам што значи крштавањето и зошто е важно. Четири месеци подоцна, во еден многу студен ден, се крстив во едно езерце близу до Чатануга. Беше 1 октомври 1940 год.

Откако наполнив 14 години, секој летен распуст служев како пионер. Проповедав во гратчињата во Тенеси и во соседната држава Џорџија. Станував рано, земав нешто за јадење и го фаќав возот или автобусот во 6 часот за да стигнам до подрачјето. Се враќав околу 6 часот навечер. До пладне, храната што ја носев со мене честопати веќе ја имав изедено. Иако имав пари, не можев да влезам во продавница за да купам нешто бидејќи сум црнец. Всушност, еднаш влегов за да си купам сладолед, но ме избркаа. Сепак, една бела жена беше многу љубезна и ми донесе еден корнет.

Кога тргнав во средно училиште, сѐ повеќе луѓе стануваа активисти на движењето за еднакви граѓански права на југот од САД. Некои организации, како што беше Националното здружение за напредок на црнците (НААЦП), ги поттикнуваа средношколците да се вклучат во нивните активности. Неколку училишта во кои одеа црнци, вклучувајќи го и моето, си поставија цел сите ученици да станат членови на таквите организации. И јас бев ставен под притисок да се зачленам. Ми велеа дека со тоа ќе ја „поддржиме нашата раса“. Но, одбив да направам такво нешто и објаснив дека за Бог, кој е непристрасен, ниту една раса не е подобра од друга, и дека само тој може да им стави крај на сите неправди (Јован 17:14; Дела 10:34, 35).

Кратко откако завршив средно, решив да се преселам во градот Њујорк. Но, на пат до таму, застанав во Филаделфија (Пенсилванија) за да се видам со некои пријатели што ги запознав на еден конгрес. Таму за првпат појдов на состанок во собрание во кое имаше и белци и црнци. Во текот на својата посета, патувачкиот надгледник ме тргна настрана и ми рече дека сака да ми додели точка за следниот состанок. Тоа ме поттикна да одлучам да останам таму.

Меѓу пријателите што ги стекнав во Филаделфија беше и една млада сестра по име Џералдин Вајт, која ја завикав Џери. Таа добро ја познаваше Библијата и ѝ беше многу лесно да разговара со луѓето додека сведочеше од врата до врата. Особено ми значеше тоа што имаше цел да стане пионер, исто како и јас. Се венчавме на 23 април 1949 год.

Покана за Гилеад

Уште од самиот почеток имавме цел да одиме на школата Гилеад и да служиме како мисионери во друга земја. Во меѓувреме, бевме спремни да служиме каде што имаше поголема потреба, и така да се подготвиме за Гилеад. Наскоро бевме испратени во Лонсајд (Њу Џерси), потоа во Честер (Пенсилванија) и на крајот во Атлантик Сити (Њу Џерси). Додека бевме во Атлантик Сити, ги исполнивме условите да се пријавиме за Гилеад, бидејќи веќе бевме две години во брак. Но, се појави еден проблем.

Во почетокот на 1950-тите, голем број млади мажи беа регрутирани за војска со цел да бидат испратени во војната што се водеше во Кореја. Регрутната комисија во Филаделфија не сакаше да ме ослободи од воената обврска, очигледно затоа што имаа предрасуди кон Јеховините сведоци, кои не одат војска. Сепак, на крајот еден судија ме извести дека службеници на ФБИ направиле проверка на моето минато и утврдиле дека навистина сум неутрален. Така, на 11 јануари 1952 год., бев ослободен од служењето воен рок врз основа на тоа што сум верско лице.

Таа година во август, јас и Џери добивме покана да присуствуваме на 20. клас на школата Гилеад, која започна во септември. Бевме сигурни дека ќе бидеме испратени во друга земја. Сестра ми Дорис дипломираше на 13. клас на Гилеад и беше испратена како мисионер во Бразил. Многу се изненадивме кога добивме задача да служиме во покраинското дело и да ги посетуваме црнечките собранија во Алабама, на југот од САД. Бевме малку разочарани поради тоа, бидејќи имавме голема желба да проповедаме во странство.

Првото собрание што го посетивме беше во Хантсвил, каде што бевме сместени кај една сестра. Додека ги растоваравме нашите работи, ја чувме како вели на телефон: „Децата стигнаа“. Имавме само 24 години, а изгледавме уште помлади. Прекарот „децата“ ни остана цело време додека служевме во таа покраина.

Бидејќи повеќето луѓе на југот многу ја ценеа Библијата, тој дел од САД беше познат како Библиски појас. Затоа, кога бевме во служба, обично го водевме разговорот на следниов начин:

1) Кратко ќе кажевме нешто за ситуацијата во светот.

2) Зборувавме за надежта што ја дава Божјата Реч.

3) Објаснувавме што вели Библијата дека мора да правиме.

Откако ќе поразговаравме за овие работи со станарот, ќе му понудевме некоја библиска публикација. Бидејќи оваа метода беше многу успешна, бев замолен да ја прикажам на меѓународниот конгрес кој се одржа во Њујорк во 1953 год.

Наскоро, летото 1953 год., добив задача да служам како обласен надгледник на црнечките покраини на југот од САД. Нашето подрачје се протегаше од Вирџинија до Флорида, и до Алабама и Тенеси на запад. Патувачките надгледници мораа да бидат приспособливи. На пример, честопати престојувавме во куќи каде што немаше водовод и се капевме во лимено корито кое стоеше зад шпоретот. За среќа, тоа беше најтоплото место во куќата!

Проблеми поради расните предрасуди

Додека служевме на југот, моравме да бидеме снаодливи и да изнаоѓаме начини како да вршиме некои работи. На пример, на црнците не им беше дозволено да користат јавни пералници. Затоа, кога Џери ќе однесеше нешто за перење, кажуваше дека облеката е на „госпоѓа Томсон“. Многумина најверојатно си мислеа дека таа е слугинката, а дека „госпоѓа Томсон“ е господарката. Во тоа време обласните надгледници го прикажуваа на платно филмот Општеството на новиот свет во акција. Јас се јавував по телефон во продавницата од каде што се изнајмуваа филмски платна, и нарачував едно за „господин Томсон“. Подоцна одев таму за да го земам. Секогаш бевме учтиви и главно ја вршевме службата без проблеми.

Луѓето на нашето подрачје имаа и една друга предрасуда. Мнозина не ги сакаа оние што доаѓаа од северот на САД. Еднаш еден локален весник извести дека Џејмс А. Томсон, Помл. од претставништвото на Јеховините сведоци од Њујорк ќе одржи говор на еден собир. Поради тоа некои помислија дека јас сум од Њујорк, и управата на училиштето каде што требаше да го имаме собирот го раскина договорот за изнајмување на нивната сала. Затоа лично отидов таму и им објаснив дека јас, всушност, одев на училиште во Чатануга. Дури тогаш ни дадоа дозвола да ја користиме салата за нашиот покраински собир.

Во средината на 1950-тите, расната омраза сѐ повеќе се разгоруваше, а понекогаш имаше и насилни инциденти. Во 1954 год., некои Сведоци се налутија затоа што меѓу говорниците на програмата на неколку обласни конгреси немаше црнци. Ги охрабрувавме браќата да бидат стрпливи. Следното лето, јас имав говор на програмата. Подоцна и други браќа црнци на југот од САД почнаа да држат говори на собирите.

Со текот на времето насилството меѓу белците и црнците на југот стивна, и собранијата постепено почнаа да се спојуваат. Поради тоа, некои објавители беа замолени да се преместат во други собранија, а имаше промени и во собраниските подрачја. Освен тоа, многу надгледници добија поинакви одговорности. На некои објавители, и белци и црнци, не им се допаѓаа овие промени. Но, повеќето беа непристрасни, исто како нашиот небесен Татко. Всушност, многу браќа и сестри беа блиски пријатели без разлика на бојата на кожата. Истото беше случај со нашето семејство уште во 1930-тите и 1940-тите, додека уште бев мал.

Нова задача

Во јануари 1969 год., јас и Џери бевме испратени да служиме во Гвајана (Јужна Америка). Со задоволство прифативме да одиме таму. Но, најпрво отидовме во Бруклин (Њујорк), каде што добив обука за да го надгледувам проповедањето во Гвајана. Таму пристигнавме во јули 1969 год. По 16 години поминати во патувачкото дело, за нас беше голема промена да живееме само на едно место. Џери го поминуваше поголемиот дел од времето во служба како мисионерка, а јас работев во подружницата.

Таму вршев најразлични задачи. Ја косев тревата, испраќав литература до 28-те собранија и се грижев околу преписката со главното седиште во Бруклин. Работев по 14-15 часа дневно. Иако беше напорно и за двајцата, навистина уживавме во нашата служба. Кога пристигнавме, во Гвајана имаше 950 објавители, а денес има над 2.500.

Климата во оваа земја е пријатна и има најразлично вкусно тропско овошје и зеленчук. Сепак, најголема радост ни причинуваа понизните лица кои сакаа да дознаат што вели Библијата за Божјето Царство. Честопати Џери водеше и по 20 библиски студии седмично, а мнозина од оние со кои проучувавме се крстија. Со текот на времето, некои од нив станаа пионери, собраниски старешини, па дури и самите отидоа на Гилеад за да служат како мисионери.

Проблеми и слабо здравје

Во 1983 год., моите родители во Соединетите Држави имаа потреба од помош. Заедно со Дорис и Џери разговаравме што да правиме. Дорис, која служеше 35 години како мисионерка во Бразил, реши да се врати и да се грижи за нив. Рече дека, ако таа се врати дома, тогаш само еден мисионер ќе ја напушти задачата наместо двајца. Откако нашите родители починаа, Дорис остана во Чатануга, каде што служи како специјален пионер.

Во 1995 год. ми открија рак на простатата и моравме да се вратиме во САД. Решивме да живееме во Голдсборо (Северна Каролина) бидејќи тоа беше на половина пат меѓу моето семејство во Тенеси и семејството на Џери, кое живее во Пенсилванија. Ракот се повлече, и сега служиме во собранието во Голдсборо како специјални пионери со здравствени ограничувања.

Кога размислувам за 65-те години што ги поминав во полновремена служба, многу сум благодарен што Јехова нѐ благослови мене и Џери затоа што правевме промени за да му служиме. Од срце се согласуваме со Давид, кој рекол: „Со верниот ти [Јехова] постапуваш верно“ (2. Сам. 22:26).

[Слики на страница 3]

Татко ми и брат Николс ми дадоа добар пример

[Слики на страница 4]

Со Џери, пред да заминеме на Гилеад (1952)

[Слики на страница 5]

По Гилеад, добивме задача да служиме во патувачкото дело на југот од САД

[Слика на страница 6]

Патувачките надгледници и нивните жени пред да се одржи обласен конгрес на кој присуствуваа и белци и црнци (1966)

[Слика на страница 7]

Уживавме во мисионерската служба во Гвајана