Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Божјиот дух ги водел верните слуги во минатото

Божјиот дух ги водел верните слуги во минатото

Божјиот дух ги водел верните слуги во минатото

„Севишниот Господар Јехова ме испрати заедно со својот дух“ (ИСА. 48:16)

1, 2. Што е потребно за да покажеме вера, и како ќе нѐ охрабрат примерите на верните Божји слуги од минатото?

 ИАКО многу луѓе покажувале вера уште од времето на Авел, факт е дека „сите немаат вера“ (2. Сол. 3:2). Зошто некои ја имаат оваа особина, и што им помага да му бидат верни на Бог? Верата се стекнува од слушање на пораката од Божјата Реч (Рим. 10:17). Таа е еден од плодовите на Божјиот свет дух (Гал. 5:22, 23). Според тоа, за да имаме и да покажеме вера, потребен ни е светиот дух.

2 Би било погрешно да заклучиме дека луѓето се раѓаат со вера. Мажите и жените за кои Библијата вели дека верно му служеле на Бог биле обични ‚луѓе кои имале исти чувства како и ние‘ (Јак. 5:17, фус.). И тие имале сомнежи, стравови и слабости, но ‚биле зајакнати‘ од Божјиот дух за да се соочат со секакви неволји (Евр. 11:34). Ако размислуваме како Јеховиниот дух ги зајакнал, и ние денес ќе се охрабриме и понатаму да му служиме верно на Бог. Ова особено ни е потребно со оглед на тоа што живееме во време кога има толку многу работи што можат да ја ослабнат нашата вера.

Божјиот дух го зајакнал Мојсеј

3-5. а) Од каде знаеме дека светиот дух му помагал на Мојсеј да се грижи за своите одговорности? б) Што учиме од примерот на Мојсеј за тоа како Јехова го дава својот дух?

3 Од сите луѓе што живееле во 1513 год. пр.н.е., Мојсеј бил „најкроткиот“ човек на Земјата (4. Мој. 12:3). Сепак, Јехова му дал огромна одговорност да се грижи за израелскиот народ. Божјиот дух му овозможил на Мојсеј да пророкува, да суди, да прави чуда, да го води народот и да напише дел од Библијата. (Прочитај Исаија 63:11-14). Сепак, Мојсеј еднаш се пожалил дека тој товар едноставно бил претежок за него (4. Мој. 11:14, 15). Затоа Јехова ‚зел од духот‘ што бил на него и го ставил на 70 други Израелци за да му помогнат да ја врши својата задача (4. Мој. 11:16, 17). Иако му се чинело дека товарот е претежок, Мојсеј, всушност, не го носел сам, а немало да го носат сами ни 70-те души што биле избрани да му помагаат.

4 Јехова му дал на Мојсеј доволно свет дух за да ја врши својата одговорност. И откако Бог направил промена, Мојсеј сѐ уште имал доволно дух. Тој немал премалку од духот, а 70-те старешини немале премногу. Јехова ни дава онолку свет дух колку што ни е потребно во зависност од нашите околности. Тој „не го дава духот со мерка“ туку во изобилство (Јован 3:34).

5 Дали се соочуваш со неволји? Дали имаш сѐ поголеми одговорности што ти одземаат сѐ повеќе време? Дали се трудиш со сите сили да се грижиш за духовните и материјалните потреби на своето семејство додека трошоците сѐ повеќе растат или, пак, здравјето ти се влошува? Дали извршуваш одговорни задачи во собранието? Сеедно во какви околности се наоѓаш, биди уверен дека, преку својот свет дух, Бог може да ти ја даде сета сила што ти е потребна (Рим. 15:13).

Светиот дух му помагал на Веселеил

6-8. а) Во што им помогнал Божјиот дух на Веселеил и Олијав? б) Од каде знаеме дека Божјиот дух ги водел Веселеил и Олијав? в) Зошто примерот на Веселеил е особено охрабрувачки за нас?

6 Друг слуга на Јехова кој живеел во времето на Мојсеј и кој исто така добил помош од светиот дух бил Веселеил. Од него учиме многу за начинот на кој може да нѐ води Божјиот дух. (Прочитај 2. Мојсеева 35:30-35.) Јехова го избрал Веселеил како главен мајстор кој требало да го направи светиот шатор и целиот прибор во него. Дали тој имал некои посебни вештини или знаење пред да ја добие оваа обемна работа? Можеби. Сепак, најверојатно неговото последно занимање во Египет било правење тули (2. Мој. 1:13, 14). Тогаш, како можел Веселеил да ја изврши оваа тешка задача? Јехова ‚го исполнил со својот дух, давајќи му мудрост, разбирање и знаење за секакви занаетчиски работи, за вешто да изработува секакви предмети‘. Сеедно какви дарби имал Веселеил пред тоа, светиот дух му помогнал да биде уште повешт во својата работа. Истото може да се каже и за Олијав. Тие толку добро научиле како да ги вршат овие занаетчиски работи, што можеле не само да ги изработуваат потребните предмети, туку и да ги поучуваат другите за тоа. Бог им ја дал таа способност.

7 Друг доказ дека Божјиот дух ги водел Веселеил и Олијав е извонредниот квалитет на она што го изработиле. Тие предмети сѐ уште биле во употреба околу 500 години подоцна (2. Лет. 1:2-6). За разлика од денешните производители, Веселеил и Олијав не сакале да стават свој печат или потпис на она што го направиле. Тие сакале сета слава за тоа да му се припише на Јехова (2. Мој. 36:1, 2).

8 Можеби и ние денес треба да вршиме задачи за кои се потребни посебни способности и вештини. Ова е случај кога, на пример, станува збор за градење, печатење, организирање конгреси, пружање помош при катастрофи или контактирање со лекари и болнички персонал во врска со библискиот став за крвта. Понекогаш овие задачи ги вршат стручни лица, но најчесто за нив се грижат доброволци кои немаат големо искуство за работата што им е дадена. Божјиот дух им помага да направат сѐ како што треба. Дали си се колебал да прифатиш некоја задача во Јеховината служба затоа што си мислел дека другите можат да ја завршат подобро од тебе? Не заборавај, Јехова ќе ти помогне со својот дух да ги искористиш своето знаење и способности за да го исполниш сето она што го очекува од тебе.

Божјиот дух му помагал на Исус Навин

9. Што требало да прават Израелците кратко по излегувањето од Египет, и кое прашање се наметнало?

9 Божјиот дух му помагал на уште еден современик на Мојсеј и на Веселеил. Кратко по излегувањето од Египет, Израелците без причина биле нападнати од Амаличаните и морале да се бранат. Тие никогаш пред тоа не војувале, и сега, откако биле ослободени, првпат се нашле во ситуација да се борат со некого (2. Мој. 13:17; 17:8). Некој требало да застане на чело на војската. Но, кој?

10. Зошто Израелците под водство на Исус Навин извојувале победа во битката?

10 Јехова го избрал Исус Навин, но не затоа што имал искуство како војсководец. Всушност, кога би морал сам да се пријави за таа задача, што би можел да наведе како претходно работно искуство? Дека бил роб? Дека правел тули? Дека собирал мана? Точно е дека неговиот дедо Елисама бил поглавар на племето Ефрем и го предводел таборот што броел 108.100 мажи (4. Мој. 2:18, 24; 1. Лет. 7:26, 27). Но, преку Мојсеј, Јехова дал заповед на чело на војската што ќе го победи непријателот да биде Исус Навин, а не неговиот дедо Елисама или неговиот татко Навин. Битката траела во текот на поголемиот дел од денот. Бидејќи Исус Навин во сѐ го слушал Бог и го прифатил водството од Неговиот свет дух, Израел извојувал победа (2. Мој. 17:9-13).

11. Слично на Исус Навин, како можеме и ние да бидеме успешни додека му служиме на Бог?

11 Подоцна Исус Навин, „полн со дух на мудроста“, го наследил Мојсеј (5. Мој. 34:9). Светиот дух не му дал способност да пророкува или да прави чуда, како што било случај со Мојсеј, но му помогнал да ги води Израелците во воениот поход со кој го освоиле Ханаан. Можеби денес си мислиме дека не сме доволно способни или искусни за да вршиме некои задачи во службата за Бог. Сепак, слично на Исус Навин, сигурно и ние ќе имаме успех ако во сѐ го следиме водството од Бог (Ис. Нав. 1:7-9).

„Јеховиниот дух го обзеде Гедеон“

12-14. а) Што учиме од победата која ја извојувале малкуте израелски војници против огромната мадијамска војска? б) Како Јехова му ја зајакнал верата на Гедеон? в) Каква помош можеме да очекуваме од Бог денес?

12 По смртта на Исус Навин, Јехова продолжил да ги зајакнува своите верни слуги со светиот дух. Во книгата за судиите се зборува за многу луѓе што ‚биле зајакнати во слабоста‘ (Евр. 11:34). Со својот свет дух, Бог го поттикнал Гедеон да се бори за Неговиот народ (Суд. 6:34). Но, непријателската мадијамска војска била четирипати побројна од војската што ја собрал Гедеон. Јехова сметал дека и во таа мала израелска војска сепак има премногу луѓе. Затоа, двапати му заповедал на Гедеон да го намали бројот на војниците, и на крајот непријателите биле 450 пати побројни од Израелците (Суд. 7:2-8; 8:10). Јехова сметал дека тоа е доволно. На тој начин, ако Израелците извојувале голема победа, не би можеле да се фалат дека тоа го постигнале со своја мудрост или сила.

13 Гедеон и неговата војска биле речиси спремни за битка. Ако ти си бил во таа мала група, ќе ти било ли утешно што оние кои биле поплашливи и непретпазливи веќе не се со вас? Или, пак, малку ќе те плашела помислата на она што би можело да се случи? Не мора да нагаѓаме што мислел Гедеон во врска со ова. Тој постапил токму така како што му било заповедано. (Прочитај Судиите 7:9-14.) Јехова не го прекорил затоа што побарал знак како потврда дека Тој ќе биде со него (Суд. 6:36-40). Напротив, ја зајакнал неговата вера.

14 Јехова има неограничена моќ да спасува. Тој може да го избави својот народ од најразлични тешкотии, па дури за таа цел да ги користи и оние што навидум се слаби и беспомошни. Можеби понекогаш и нам ни се чини дека премногу луѓе се против нас и дека сме во очајна положба. Се разбира, не очекуваме Јехова со чудо да ни даде знак како што му дал на Гедеон. Сепак, можеме да добиеме водство и утеха од Божјата Реч, а и од христијанското собрание кое е водено од духот (Рим. 8:31, 32). Ветувањата што Јехова со љубов ни ги дал ја зајакнуваат нашата вера и нѐ уверуваат дека тој навистина ни помага!

„Јеховиниот дух слезе на Јефтај“

15, 16. Зошто ќерката на Јефтај имала добар став, и како ова треба да ги охрабри родителите?

15 Да разгледаме уште еден пример. Кога Израелците требало да започнат битка со Амонците, Јеховиниот дух ‚слегол на Јефтај‘. Овој човек бил толку желен да извојува победа на Јеховина фалба што дал завет кој подоцна скапо го чинел. Се заветувал дека ќе му го даде на Бог првиот што ќе излезе да го пречека ако Тој му ги предаде Амонците в раце. Кога се вратил дома откако ги победил Амонците, ќерка му со трчање му излегла во пресрет (Суд. 11:29-31, 34). Дали Јефтај се изненадил? Веројатно не, затоа што имал само едно дете. Тој го одржал својот завет така што му ја посветил ќерка си на Бог — ја испратил да врши посебна служба во Јеховиното светилиште во Сило. Бидејќи и самата верно му служела на Јехова, ќерката на Јефтај била уверена дека татко ѝ треба да го исполни својот завет. (Прочитај Судиите 11:36.) Јеховиниот дух им ја дал и на двајцата силата што им била потребна за да го сторат тоа.

16 Зошто ќерката на Јефтај имала таков самопожртвуван дух? Несомнено, тоа што гледала колку нејзиниот татко е ревносен и оддаден на Јехова ѝ ја зајакнало верата. Родители, децата го гледаат вашиот пример. Вашите одлуки покажуваат дека верувате во она што го кажувате. Децата ги слушаат вашите искрени молитви и вашето поучување, и гледаат дека се трудите со цело срце да му служите на Јехова. Сето тоа најверојатно ќе помогне и кај нив да се роди силна желба да му служат на Јехова. Тоа ќе ви донесе голема радост.

„Јеховиниот дух дојде врз Самсон“

17. Што направил Самсон со помош на Божјиот дух?

17 Уште еден пример е Самсон. Кога Израелците биле покорени од Филистејците, ‚по некое време, Јеховиниот дух почнал да дејствува врз‘ Самсон и го поттикнал да го спаси Израел (Суд. 13:24, 25). Јехова му дал огромна сила да прави неверојатни работи. Кога Филистејците ги убедиле Израелците да им го предадат, ‚Јеховиниот дух дошол врз Самсон и јажињата на неговите раце станале како ленени конци кога ќе дојдат во допир со оган, и паднале врските од неговите раце‘ (Суд. 15:14). Дури и кога подоцна ја изгубил својата физичка сила како последица на лошите одлуки што ги донел, Самсон бил зајакнат поради својата вера (Евр. 11:32-34; Суд. 16:18-21, 28-30). Јеховиниот дух дејствувал врз него на посебен начин поради необичните околности во кои се наоѓал. Иако не можеме да очекуваме истото да се случи и со нас, сепак неговиот пример може многу да нѐ охрабри. Во која смисла?

18, 19. а) Како нѐ охрабрува примерот на Самсон? б) Како ти помогнаа примерите што ги разгледавме во оваа статија?

18 Ние добиваме сила од истиот свет дух што му помагал на Самсон. Имаме доверба дека тој ќе ни помага додека го вршиме делото што ни го дал Исус, имено, „да му проповедаме на народот и да сведочиме темелно“ (Дела 10:42). Можеби не ни е лесно да ја исполнуваме оваа одговорност. Колку сме благодарни што Јехова ни го дава својот дух за да ги вршиме најразличните задачи што ни ги доверил! Затоа, додека го исполнуваме нашиот налог, можеме да го кажеме истото што го кажал и пророкот Исаија: „Севишниот Господар Јехова ме испрати заедно со својот дух“ (Иса. 48:16). Да, нас нѐ испраќа Божјиот дух! Додека со сето срце го вршиме делото, Јехова и понатаму ќе ни помага така што ќе ги подобрува нашите способности, исто како што било случај со Мојсеј, Веселеил и Исус Навин. Ние го користиме „мечот на духот, односно речта Божја“, уверени дека Бог ќе ни даде сила исто како што им дал на Гедеон, Јефтај и Самсон (Еф. 6:17, 18). Ако се потпираме на Јехова за помош за да ги надминеме пречките, може да имаме исто толкава сила во духовен поглед колку што Самсон имал физичка сила.

19 Јехова навистина ги благословува своите храбри слуги. Нашата вера се зајакнува кога дозволуваме да нѐ води Божјиот свет дух. И во Христијанските грчки списи има примери на луѓе што биле водени од Божјиот дух. Во следната статија ќе може да видиме како Јехова им помагал со својот дух на верните слуги во првиот век, и пред и по Педесетница 33 год. од н.е.

Зошто те охрабрува тоа што знаеш како Божјиот дух им помагал на...

• Мојсеј?

• Веселеил?

• Исус Навин?

• Гедеон?

• Јефтај?

• Самсон?

[Прашања]

[Истакната мисла на страница 22]

Божјиот дух може да ни даде исто толкава сила во духовен поглед колку што му дал физичка сила на Самсон

[Слика на страница 21]

Родители, со својот добар пример помагате кај вашите деца да се роди желба да му служат на Јехова