Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Соломон — добар пример или предупредување за нас?

Соломон — добар пример или предупредување за нас?

Соломон — добар пример или предупредување за нас?

„Богот Јаковов... ќе нѐ поучува за своите патишта, и ќе одиме по неговите патеки“ (ИСА. 2:3)

1, 2. Како можат да ти користат примерите од Библијата?

 БЕЗ сомнение се согласуваш дека имаш голема корист од она што е запишано во Библијата. Во неа се зборува за верни мажи и жени, кои ни оставиле добар пример со своите особини и начин на живот (Евр. 11:32-34). Но, во Библијата се спомнуваат и луѓе чии ставови и постапки служат како лош пример и предупредување за нас. Сигурно не би сакале да бидеме како нив.

2 Всушност, некои луѓе за кои пишува во Божјата Реч служат и како добар пример што треба да го следиме и како предупредување за тоа како не треба да постапуваме. Размисли за Давид, кој од обичен овчар станал моќен цар. Тој ни дал добар пример со тоа што ја сакал вистината и имал доверба во Јехова. Сепак, направил и тешки гревови, како што била прељубата со Витсавеа и убиството на Урија. Освен тоа, постапил неразумно и кога наредил да биде преброен народот. Но, да го разгледаме сега животот на неговиот син, Соломон, кој бил цар и еден од писателите на Библијата. Најпрво ќе зборуваме за две работи со кои ни оставил добар пример.

„Мудроста на Соломон“

3. Зошто може да се каже дека Соломон ни оставил добар пример?

3 Поголемиот Соломон, Исус Христос, зборувал пофално за овој израелски цар и го посочил како добар пример. На некои Евреи, тој им рекол: „Царицата на југот ќе стане од мртвите во Судниот ден заедно со ова поколение и ќе го осуди, зашто дојде од крајот на земјата за да ја чуе мудроста на Соломон, а еве, овде е некој што е поголем од Соломон“ (Мат. 12:42). Ова покажува дека Соломон бил познат по својата мудрост. Освен тоа, тој нѐ поттикнал и самите да ја стекнеме оваа особина.

4, 5. Како Соломон стекнал мудрост, но што треба да правиме ние за да станеме мудри?

4 Кога Соломон почнал да царува, Јехова му се појавил во сон и му кажал дека може да побара од Него што сака. Бидејќи бил свесен дека е неискусен, Соломон го замолил Бог да му даде мудрост. (Прочитај 1. Царевите 3:5-9.) На Јехова му било мило што тој побарал мудрост наместо богатство и слава, и затоа му дал „мудро и разумно срце“, но сепак му дал и богатство (1. Цар. 3:10-14). Како што спомнал и Исус, мудроста на Соломон била толку голема што дури и царицата од Сава чула за неа и дошла од многу далечна земја за лично да се увери во она што ѝ било кажано (1. Цар. 10:1, 4-9).

5 Никој од нас не очекува со чудо да добие мудрост од Бог. Иако рекол дека „Јехова дава мудрост“, Соломон напишал и дека самите треба да се трудиме да ја стекнеме таа Божја особина. Тој нѐ поттикнал ‚со увото да ја слушаме мудроста и да го приклониме срцето кон разборитоста‘. Освен тоа, рекол дека треба да ја ‚повикаме‘, да ја ‚побараме‘ и да ‚трагаме‘ по неа (Изр. 2:1-6). Ова јасно покажува дека можеме да станеме мудри.

6. Како може да покажеме дека го следиме добриот пример на Соломон во поглед на мудроста?

6 Добро е да се прашаш: ‚Дали ја ценам мудроста како што ја ценел Соломон?‘ Поради економските проблеми, мнозина не мислат на ништо друго освен на работата и парите. Други, пак, дозволуваат економската ситуација да влијае врз одлуките што ги носат во врска со видот и степенот на образование кое ќе го стекнат. Што може да се каже за тебе и за твоето семејство? Дали твоите одлуки покажуваат дека ја цениш и дека ја бараш Божјата мудрост? Дали треба да ги смениш своите ставови и цели за да стекнеш поголема мудрост? Таа ќе ти донесе трајни благослови. Соломон напишал: „Тогаш ќе разбереш што значи праведност и исправно просудување и справедливост, сето она што е на патот на добротата“ (Изр. 2:9).

Го ставил обожавањето на вистинскиот Бог на прво место

7. Како бил изграден величествен храм за Бог?

7 Кратко откако станал цар, Соломон презел чекори да го замени светиот шатор, кој се користел од времето на Мојсеј, со величествен храм (1. Цар. 6:1). Иако го нарекуваме храмот на Соломон, овој градежен проект не бил негова замисла ниту, пак, тој го изградил да си стекне славно име за себе. Всушност, Давид бил првиот што сакал да му изгради храм на Бог, а Бог бил тој што му дал детални планови и за самата градба и за храмскиот прибор. Освен тоа, Давид дал голем прилог за да може да се изгради храмот (2. Сам. 7:2, 12, 13; 1. Лет. 22:14-16). Сепак, Соломон бил одговорен да го заврши овој проект, кој траел седум и пол години (1. Цар. 6:37, 38; 7:51).

8, 9. а) Каков добар пример ни оставил Соломон истрајувајќи во она што го правел за Јехова? б) Каков бил резултатот од тоа што Соломон го ставил обожавањето на вистинскиот Бог на прво место?

8 Соломон ни дал одличен пример така што истрајал во она што го правел за Јехова и ги ставил најважните работи на прво место. Кога храмот бил завршен и кога ковчегот на сојузот бил ставен во него, Соломон се помолил пред целиот народ. Во својата молитва, меѓу другото, тој му го рекол и следново на Јехова: „Твоите очи будно нека го набљудуваат овој дом дење и ноќе, ова место за кое рече: ‚Таму ќе престојува моето име‘, и чуј ја молитвата што ти ја упатува твојот слуга свртен кон ова место“ (1. Цар. 8:6, 29). Израелците и туѓинците можеле да се молат свртени кон овој храм, кој бил изграден за да се прослави Божјето име (1. Цар. 8:30, 41-43, 60).

9 Каков бил резултатот кога Соломон го ставил обожавањето на вистинскиот Бог на прво место? Откако бил посветен храмот, народот бил ‚радосен и со весело срце поради сето добро што Јехова им го направил на својот слуга Давид и на својот народ Израел‘ (1. Цар. 8:65, 66). Всушност, за време на 40-годишното владеење на Соломон, Израелците уживале во голем мир и благосостојба. (Прочитај 1. Царевите 4:20, 21, 25.) Ова се гледа и од Псалм 72, кој ни дава увид во благословите што ќе ги имаме кога ќе владее Поголемиот Соломон, Исус Христос (Пс. 72:6-8, 16).

Зошто примерот на Соломон е и предупредување за нас?

10. Која сериозна грешка ја направил Соломон?

10 Но, зошто може да се каже дека примерот на Соломон служи и како предупредување за нас? Можеби веднаш помислуваш на неговите жени и наложници кои не биле Израелки. Во Библијата пишува: „Кога Соломон остаре, неговите жени му го наведоа срцето да се сврти кон други богови, и неговото срце повеќе не му беше потполно оддадено на Јехова“ (1. Цар. 11:1-6). Ти сигурно си решен да не бидеш како него во овој поглед. Но, грешките на Соломон ни служат како предупредување и во друг поглед. Да разгледаме некои детали од неговиот живот на кои обично не обрнуваме многу внимание.

11. Што учиме од првиот брак на Соломон?

11 Соломон владеел 40 години (2. Лет. 9:30). Тогаш, што можеме да заклучиме од 1. Царевите 14:21? (Прочитај.) Според тој стих, по смртта на Соломон почнал да владее неговиот син Ровоам, кој тогаш имал 41 година, а неговата мајка се викала ‚Наама и била Амонка‘. Ова значи дека, уште пред да стане цар, Соломон се оженил со туѓинка од еден непријателски народ кој обожавал лажни богови (Суд. 10:6; 2. Сам. 10:6). Дали и таа им служела на тие богови? Дури и да го правела тоа некое време, можеби подоцна ги отфрлила и почнала да му служи на Јехова, исто како што било случај со Раав и со Рут (Рут 1:16; 4:13-17; Мат. 1:5, 6). Но, со тој брак, Соломон стапил во семејни односи со Амонците, кои не го обожавале Јехова.

12, 13. Каква лоша одлука донел Соломон кога почнал да владее, и каков изговор можеби си нашол?

12 Работите уште повеќе се влошиле откако Соломон станал цар. Тој ‚се поврзал со женидба со фараонот, египетскиот цар, кога се оженил со фараоновата ќерка и ја довел да живее во Давидовиот град‘ (1. Цар. 3:1). Дали оваа Египќанка го следела примерот на Рут со тоа што почнала да го обожава вистинскиот Бог? Во Библијата нема никаков доказ за такво нешто. Напротив, по некое време Соломон изградил куќа за неа (и веројатно за нејзините слугинки од Египет) надвор од Давидовиот град. Зошто? Библијата вели дека го направил тоа бидејќи не било прифатливо некој што служел на други богови да живее во близина на ковчегот на сојузот (2. Лет. 8:11).

13 Соломон веројатно мислел дека тој брак ќе ги зацврсти односите меѓу неговото царство и Египет. Но, дали тоа било оправдана причина да се ожени со туѓинка? Со векови пред тоа, Бог им забранил на Израелците да стапуваат во брак со безбожните Ханаанци, па дури и конкретно спомнал некои од тие ханаански народи (2. Мој. 34:11-16). Дали Соломон си мислел дека може да се ожени со Египќанка затоа што Египет не бил спомнат меѓу нив? Дури и да си нашол таков изговор, дали тоа било прифатливо за Бог? Соломон не обрнал внимание на јасното предупредување од Јехова, кој рекол дека ќе биде опасно неговите слуги да стапуваат во брак со некои од другите народи, бидејќи тие би можеле да ги наведат да им служат на лажни богови. (Прочитај 5. Мојсеева 7:1-4.)

14. Каква поука може да извлечеме ако размислуваме за лошиот пример на Соломон?

14 Дали ќе извлечеме поука од лошиот пример на Соломон? Една сестра би можела да си бара изговор да не ја послуша Божјата заповед да се омажи „само во Господарот“ (1. Кор. 7:39). Некој може да си бара изговор за да учествува во воншколски активности, на пример, во некој спорт или секција, да не плаќа данок за сите свои приходи или, пак, да не ја кажува вистината ако го прашаат за некоја грешка што ја направил. Важно е да сфатиме дека постои опасност и ние да си бараме некаков изговор за да не го послушаме Бог, исто како што најверојатно направил и Соломон.

15. Како Јехова покажал милост кон Соломон, но што не смееме да заборавиме?

15 Интересно е тоа што, иако Соломон веќе бил оженет со принцеза од друг народ, Бог сепак му ја дал мудроста што ја побарал од Него, а му дал и богатство (1. Цар. 3:10-13). И покрај тоа што Соломон не ја послушал Божјата заповед, Јехова не го отфрлил веднаш како цар и не го казнил. Ова потврдува дека Бог е свесен за нашата несовршеност и си спомнува дека сме прав (Пс. 103:10, 13, 14). Сепак, не заборавај дека сѐ што правиме си има последици, сеедно дали веднаш или подоцна во животот.

Толку многу жени!

16. Која заповед ја престапил Соломон кога зел многу жени?

16 Во Песна над песните, цар Соломон со восхит рекол за една девојка дека е поубава од 60 царици и од 80 наложници (Песна 6:1, 8-10). Можно е во тоа време тој веќе да имал толку жени и наложници. Иако повеќето, па можеби и сите тие го обожавале Јехова, според заповедта што Бог ја дал преку Мојсеј, царот на Израел не требало ‚да има многу жени за да не му тргне срцето по крив пат‘ (5. Мој. 17:17). Но, Јехова не го отфрлил Соломон ни поради тоа. Всушност, тој продолжил да го благословува и го вдахновил да ја напише библиската книга Песна над песните.

17. Што не смееме да заборавиме?

17 Дали ова значи дека Соломон можел да си помине неказнето и без последици, и дека истото би важело и за нас? Не. Напротив, тоа само покажува дека Бог е многу стрплив. Сепак, иако некој Божји слуга може да ги крши Неговите заповеди без веднаш да има лоши последици, тоа не значи дека на крајот сѐ добро ќе се сврши. Сети се што напишал самиот Соломон: „Бидејќи пресудата за зло дело не се извршува брзо, срцето на синовите човечки решително прави зло“. А потоа додал: „Јас сепак знам дека ќе им биде добро на оние што се бојат од вистинскиот Бог, затоа што се бојат од него“ (Проп. 8:11, 12).

18. Како животот на Соломон покажува дека се точни зборовите од Галатите 6:7?

18 За жал, Соломон не обрнал внимание на оваа вистина. Точно е дека правел многу добри работи и дека Бог долго време го благословувал. Но, постепено почнал да прави една грешка по друга, сѐ додека тоа не му станало навика. Колку се вистинити следниве зборови на апостол Павле: „Не залажувајте се: со Бог нема подигрување! Човек што ќе си посее, тоа и ќе си пожнее“ (Гал. 6:7). Со текот на времето, Соломон пожнеал лоши последици затоа што ги прекршил Божјите заповеди. Библијата вели: „Цар Соломон, освен фараоновата ќерка, сакаше и многу жени туѓинки: Моавки, Амонки, Едомки, Сидонки и Хетејки“ (1. Цар. 11:1). Многу од нив веројатно продолжиле да им служат на лажни богови, а влијаеле и врз Соломон. Тој ‚почнал да го прави она што е зло во Јеховини очи‘ и ја изгубил милоста на нашиот стрплив Бог. (Прочитај 1. Царевите 11:4-8.)

Да учиме и од добриот и од лошиот пример на Соломон

19. За какви добри примери се зборува во Библијата?

19 Под водство на Јеховиниот свет дух, Павле напишал: „Сѐ што беше некогаш напишано, напишано е за наша поука, за преку својата истрајност и преку утехата од Писмата да имаме надеж“ (Рим. 15:4). Во сето она што било напишано за наша поука, спаѓаат многу добри примери на мажи и жени кои имале извонредна вера. Затоа Павле можел да изјави: „Што уште да кажам? Нема да имам доволно време ако почнам да раскажувам за Гедеон, Варак, Самсон, Јефтај, Давид, па за Самоил и за другите пророци, кои со вера поразија царства, го направија она што е праведно, добија ветувања... беа зајакнати во слабоста“ (Евр. 11:32-34). Можеме и треба да извлечеме поука од убавите библиски примери и треба да ги следиме.

20, 21. Зошто треба и понатаму да учиш од лошите примери во Библијата?

20 Но, Библијата зборува и за луѓе чиј пример служи како предупредување за нас. Некои од нив се мажи и жени кои извесно време му служеле на Јехова и ја имале неговата милост. Кога ја читаме Божјата Реч, може да дознаеме каде грешеле, а тоа ќе ни помогне да не ги направиме истите грешки. Кај некои од нив постепено се развиле погрешни ставови или склоности, кои на крајот воделе до лоши последици. Како да извлечеме поука од тие извештаи? Добро е да се прашаме: ‚Како овој човек почнал да размислува така? Можно ли е и мене да ми се случи такво нешто? Што да сторам за да не ја направам истата грешка?‘

21 Имаме добри причини внимателно да ги проучиме овие примери, бидејќи Павле напишал: „Сето тоа им се случуваше за пример и напишано е како предупредување за нас што живееме на крајот од овој поредок“ (1. Кор. 10:11).

Што научи?

• Зошто во Библијата има и добри и лоши примери?

• Како Соломон стекнал навика да постапува погрешно?

• Каква поука можеш да извлечеш од лошиот пример на Соломон?

[Прашања]

[Слика на страница 9]

Соломон ја користел мудроста што ја добил од Бог

[Слики на страница 12]

Ќе извлечеш ли поука од лошиот пример на Соломон?