Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Апостолите — пример за духовна будност

Апостолите — пример за духовна будност

„Бдејте со мене“ (МАТ. 26:38)

1-3. Која грешка ја направиле апостолите последната ноќ од Исусовиот живот на Земјата, и од каде знаеме дека извлекле поука од својата грешка?

 ЗАМИСЛИ си ја сцената: Последна ноќ е од животот на Исус на Земјата. Тој пристигнува на едно од своите омилени места, градината Гетсиманија, која се наоѓа веднаш спроти Ерусалим. И неговите верни апостоли се со него. Бидејќи многу работи го притискаат и му тежат на срцето, Исус има потреба да биде малку сам и да му се моли на Бог (Мат. 26:36; Јован 18:1, 2).

2 Тројца од апостолите — Петар, Јаков и Јован — влегуваат подлабоко во градината заедно со него. „Останете овде и бдејте со мене“, им вели Исус, а потоа се оддалечува од нив за да се моли. Кога се враќа, неговите пријатели веќе цврсто спијат. Затоа уште еднаш им вели: „Бдејте“. Но, тие повторно заспиваат, и тоа не само еднаш, туку двапати! Подоцна истата ноќ, ниту еден од апостолите не останува духовно буден. Всушност, сите го оставаат Исус и се разбегуваат! (Мат. 26:38, 41, 56).

3 Без сомнение, апостолите зажалиле што не останале будни. Овие верни луѓе брзо извлекле поука од својата грешка. Библиската книга Дела покажува дека подоцна тие дале извонреден пример за тоа што значи да се бдее, односно да се биде духовно буден. На тој начин, сигурно многу им помогнале и на своите соверници да го сторат истото. Сега, повеќе од кога и да е порано, има потреба да бидеме будни (Мат. 24:42). Затоа, да разгледаме три работи во врска со духовната будност кои можеме да ги научиме од книгата Дела.

БУДНО ВНИМАВАЛЕ ЗА ДА РАЗБЕРАТ КАДЕ ДА ПРОПОВЕДААТ

4, 5. На кој начин светиот дух ги водел Павле и неговите придружници?

4 Како прво, апостолите будно внимавале за да разберат каде сака Бог да проповедаат. Од еден извештај дознаваме како Исус го користел светиот дух, кој му го дал Јехова, за да ги води апостол Павле и неговите придружници во текот на едно многу необично патување (Дела 2:33). Да видиме како течело ова патување. (Прочитај Дела 16:6-10.)

5 Откако заминале од градот Листра во јужна Галатија, по неколку дена Павле, Сила и Тимотеј стигнале до еден римски пат кој водел на запад, во најгусто населеното подрачје на провинцијата Азија. Тие сакале да тргнат по тој пат за да проповедаат во градовите каде што илјадници луѓе имале потреба да ја чујат пораката за Христос. Но, нешто ги спречило во нивната намера. Во 6. стих читаме: „Поминаа низ Фригија и низ подрачјето на Галатија, зашто светиот дух им забрани да ја проповедаат речта во Азија“. На некој начин што не е опишан во Библијата, светиот дух ги спречил овие патници да проповедаат во Азија. Очигледно Исус — преку Божјиот дух — сакал да ги води Павле и неговите придружници во друга насока.

6, 7. а) Што им се случило на Павле и на неговите сопатници во близина на Витинија? б) Каква одлука донеле учениците, и каков бил резултатот од тоа?

6 Каде отишле овие ревносни патници? Седмиот стих вели: „А кога дојдоа до Мизија, се обидоа да одат во Витинија, но Исусовиот дух не им дозволи“. Бидејќи биле спречени да проповедаат во Азија, Павле и неговите придружници свртеле на север, со намера да проповедаат во градовите во Витинија. Но, кога се приближиле до Витинија, Исус повторно го употребил светиот дух за да ги спречи во тоа. Дотогаш, тие сигурно биле збунети. Знаеле што да проповедаат и како, но не знаеле каде. Тоа би можеле да го опишеме вака: Тие чукнале на врата низ која се влегувало во Азија, но залудно. Чукнале на врата низ која се влегувало во Витинија — но пак залудно. Дали престанале да чукаат? Во никој случај!

7 Одлуката што ја донеле потоа, можеби изгледала малку чудна. Во 8. стих се вели: „Затоа ја поминаа Мизија и дојдоа во Троада“. Значи, овие луѓе свртеле кон запад и пешачеле околу 550 километри, поминувајќи покрај многу градови, сѐ додека не стигнале во пристанишниот град Троада, од каде што можеле да испловат за Македонија. Таму Павле и неговите соработници чукнале на трета врата и, конечно, таа ширум се отворила! Во 9. стих читаме што се случило потоа: „Ноќта Павле имаше видение: еден Македонец стоеше и го молеше: ‚Прејди во Македонија и помогни ни!‘“ Конечно, Павле знаел каде да проповеда. Тој и неговите соработници веднаш испловиле за Македонија.

8, 9. Што учиме од извештајот за патувањето на Павле?

8 Што учиме од овој извештај? Забележи го следново: Дури откако Павле тргнал за Азија, Божјиот дух го спречил да продолжи. Дури откако Павле се приближил до Витинија, Исус го спречил да оди таму. И дури откако Павле стигнал до Троада, Исус го упатил кон Македонија. Како Глава на собранието, Исус може и нас да нѐ води на сличен начин (Кол. 1:18). На пример, можеби веќе некое време размислуваш да служиш како пионер или да се преселиш во место каде што има потреба од повеќе објавители на Царството. Сепак, можеби дури откако ќе преземеш некои конкретни чекори за да ја оствариш таа цел, Исус, преку Божјиот дух, ќе те води. Размисли за овој пример: Еден возач може да ја сврти колата лево или десно само ако таа веќе се движи. Нешто слично прави и Исус. Тој може да нѐ насочи каде да служиме во поголема мера, но само ако ние веќе се движиме — односно, ако се трудиме да ја оствариме нашата цел.

9 Но, што ако, и покрај трудот што го вложуваш, не можеш веднаш да видиш добри резултати? Треба ли да се откажеш и да си мислиш дека Божјиот дух не те води? Воопшто не. Не заборавај дека и Павле наишол на пречки. Сепак, продолжил и понатаму да чука во симболична смисла, сѐ додека не тропнал на врата што му се отворила. И ти можеш да бидеш уверен дека, ако истрајно бараш некоја „голема врата за работа“, Јехова сигурно ќе ти ја отвори (1. Кор. 16:9).

НЕ ЈА ЗАНЕМАРИЛЕ МОЛИТВАТА

10. Што покажува дека не смееме да ја занемариме молитвата ако сакаме да останеме духовно будни?

10 Да ја разгледаме сега втората работа во врска со духовната будност, која можеме да ја научиме од нашите христијански браќа во првиот век: Тие не ја занемариле молитвата (1. Пет. 4:7). За да останеме духовно будни, неопходно е да истраеме во молитва. Сети се дека во градината Гетсиманија, непосредно пред да биде уапсен, Исус им го рекол следново на своите тројца апостоли: „Бдејте и молете се“ (Мат. 26:41).

11, 12. Зошто и како Ирод ги малтретирал христијаните, вклучувајќи го и Петар?

11 Петар, кој бил таму во таа прилика, подоцна на своја кожа почувствувал колкава моќ имаат горливите молитви. (Прочитај Дела 12:1-6.) Од првите стихови на овој извештај дознаваме дека, за да ја придобие наклоноста на Евреите, Ирод Агрипа почнал да ги малтретира христијаните. Тој најверојатно знаел дека Јаков бил апостол кој му бил особено близок на Исус. Затоа, ‚го погубил Јаков со меч‘ (2. стих). Со неговата смрт, собранието загубило еден сакан апостол. Колку голем испит било ова за тие браќа!

12 Што направил Ирод потоа? Во 3. стих се објаснува: „Кога виде дека тоа им е по волја на Евреите, дозволи да го фатат и Петар“. Меѓутоа, апостолите, меѓу кои бил и Петар, веќе еднаш со чудо биле ослободени од затвор (Дела 5:17-20). Ирод сигурно го знаел тоа. Овој лукав политичар не сакал да ризикува. Затоа, заповедал Петар да биде ставен во затвор, каде што требало ‚да го чуваат четири смени од по четири војници, зашто имал намера да го изведе пред народот по Пасхата‘ (4. стих). Замисли си! Ирод наредил Петар да биде окован меѓу двајца стражари, и вкупно 16 војници требало да го чуваат на смени дење и ноќе за да не им побегне. Агрипа имал намера Петар да биде изведен пред народот по Пасхата, а неговата смртна казна требало да биде еден вид подарок од царот за да му угоди на народот. Што можеле да прават соверниците на Петар во една ваква тешка ситуација?

13, 14. а) Што правело собранието кога Петар бил уапсен? б) Што учиме во врска со молитвата од примерот на соверниците на Петар?

13 Собранието добро знаело што треба да прави. Во 5. стих читаме: „Така го држеа Петар в затвор, а собранието горливо му се молеше на Бог за него“. Значи, тие се молеле горливо и сесрдно за својот сакан брат. Не дозволиле смртта на Јаков да ги фрли во очај ниту, пак, да ги наведе да помислат дека молитвите се залудни. Напротив, тие знаеле дека молитвите на верните слуги многу му значат на Јехова. Ако се во склад со неговата волја, тој одговара на нив (Евр. 13:18, 19; Јак. 5:16).

14 Што учиме од начинот на кој реагирале соверниците на Петар? Учиме дека, за да бидеме духовно будни, не треба да се молиме само за себе, туку и за нашите браќа и сестри (Еф. 6:18). Дали познаваш соверници кои се погодени од неволји? Можеби некои трпат прогонство, служат под забрана или доживеале природна катастрофа. Би можел ли сесрдно да се молиш за нив? Можеби познаваш други Божји слуги што не страдаат на толку видлив начин. Веројатно некои од нив се соочуваат со проблеми во семејството, со обесхрабрување или со слабо здравје. Би можел ли да ги спомнеш таквите лица по име кога зборуваш со Јехова, кој „ги слуша молитвите“? (Пс. 65:2).

15, 16. а) Објасни како еден Јеховин ангел го избавил Петар од затворот. (Види ја сликата подолу.) б) Зошто е утешно да размислуваме за начинот на кој Јехова го спасил Петар?

15 А што се случило со Петар? Во текот на последната ноќ што ја поминал во затворот, тој цврсто спиел меѓу двајцата стражари. Но, истата ноќ следеле некои неверојатни настани. (Прочитај Дела 12:7-11.) Замисли што се случило: Одеднаш, ќелијата се исполнила со силна светлина и во неа застанал ангел. Но, чуварите очигледно не можеле да го видат. Тој брзо го разбудил Петар. И тогаш, синџирите со кои му биле врзани рацете едноставно паднале наземи! Потоа ангелот го извел Петар од ќелијата, поминувајќи на чекор од стражарите што стоеле надвор, и конечно двајцата дошле до големата железна порта, која се отворила „сама од себе“. Штом се нашле на улицата надвор од затворот, ангелот исчезнал. Петар бил на слобода!

16 Зарем не ни се зајакнува верата кога размислуваме дека Јехова има моќ да ги спаси своите слуги? Се разбира, не очекуваме тој да прави такви чуда за да нѐ избави во ова време. Сепак, имаме цврста вера дека ја користи својата моќ за да му помага на својот народ денес (2. Лет. 16:9). Со помош на својот свет дух, тој може да ни даде сила да се справиме со секоја неволја на која ќе наидеме (2. Кор. 4:7; 2. Пет. 2:9). А наскоро, преку својот Син, Јехова ќе ослободи милиони луѓе од најстрашниот затвор — смртта (Јован 5:28, 29). Нашата вера во Јеховините ветувања може да ни влее огромна храброст кога се соочуваме со испити денес.

СВЕДОЧЕЛЕ ТЕМЕЛНО И ПОКРАЈ ПРЕЧКИТЕ

17. Што покажува дека Павле проповедал ревносно и со чувство на итност?

17 Трета работа што ја учиме од апостолите во врска со духовната будност е: Тие продолжиле темелно да сведочат и покрај пречките. За да останеме будни, неопходно е да проповедаме ревносно и со чувство на итност. Апостол Павле ни дал извонреден пример во овој поглед. Тој се напрегал со сите сили, патувал на разни места и основал бројни собранија. Но, иако претрпел многу тешкотии, никогаш не ја изгубил својата ревност ниту, пак, чувството на итност (2. Кор. 11:23-29).

18. Како Павле продолжил да сведочи додека бил во куќен притвор во Рим?

18 Да обрнеме сега внимание на последното место каде што е спомнат Павле во книгата Дела, во 28. поглавје. Апостолот пристигнал во Рим, каде што требало да се појави пред Нерон. Бил ставен во притвор, и веројатно бил врзан со синџир за својот чувар. Но, немало синџир што можел да го спречи овој ревносен апостол да проповеда! Павле и понатаму изнаоѓал начини да сведочи. (Прочитај Дела 28:17, 23, 24.) По три дена, тој ги повикал тамошните водечки Евреи за да им посведочи. Потоа, на договорениот ден, Павле им дал уште поголемо сведоштво. Во 23. стих се вели: „[Тамошните Евреи] договорија со него ден, и дојдоа во уште поголем број во неговата куќа. И тој им зборуваше и темелно им сведочеше за Божјето царство и им изнесуваше уверливи докази за Исус од Мојсеевиот закон и од Пророците, од утро до вечер“.

19, 20. а) Зошто Павле можел делотворно да сведочи? б) Што правел Павле и покрај тоа што сите не ја прифатиле добрата вест?

19 Зошто Павле можел толку делотворно да сведочи? Забележи дека во 23. стих се наведени неколку причини. 1) Тој сведочел за Божјето Царство и за Исус Христос. 2) Се трудел да им помогне на своите слушатели да го прифатат она што им го кажувал така што ‚им изнесувал уверливи докази‘. 3) Доказите ги темелел на светите списи. 4) Бил самопожртвуван и сведочел „од утро до вечер“. Иако Павле дал одлично сведоштво, сите не ја прифатиле пораката. Во 24. стих се вели: „Некои поверуваа во неговите зборови, а други не веруваа“. Бидејќи не се сложувале меѓу себе, почнале да се разотидуваат.

20 Дали Павле се обесхрабрил затоа што сите не ја прифатиле добрата вест? Воопшто не! Во Дела 28:30, 31, за него читаме: „Остана полни две години во куќата што ја изнајми, каде што со задоволство ги примаше сите што доаѓаа кај него и им го проповедаше Божјето царство и поучуваше за Господарот Исус Христос со сета слобода и без никакви пречки“. Вдахновената книга Дела завршува токму со овие позитивни и охрабрувачки зборови.

21. Што учиме од примерот на Павле кој проповедал и покрај тоа што бил во куќен притвор?

21 Што учиме од примерот на Павле? Додека бил во куќен притвор, тој не можел слободно да проповеда од куќа до куќа. Сепак, ја зачувал својата радост и продолжил да им сведочи на сите што доаѓале кај него. Многу Јеховини слуги денес остануваат радосни и не престануваат да проповедаат, и покрај тоа што неправедно се затворени поради својата вера. Некои наши драги браќа и сестри не можат да излегуваат од дома, а други, пак, се сместени во домови за стари или хендикепирани лица поради поодмината старост или болест. Секогаш кога можат, тие им проповедаат на лекарите и на медицинскиот персонал, на посетителите и на други што доаѓаат да ги видат. Тие горат од желба темелно да сведочат за Божјето Царство. Од сѐ срце сме благодарни за извонредниот пример што ни го даваат!

22. а) Која публикација ни помага да извлечеме корист од библиската книга Дела? (Види ја рамката погоре.) б) Што си решен да правиш додека го чекаш крајот на овој стар свет?

22 Навистина можеме да научиме многу за духовната будност од апостолите и од другите христијани во првиот век кои се спомнати во библиската книга Дела. Додека го чекаме крајот на овој стар свет, да бидеме решени да се угледаме на примерот на овие христијани кои сведочеле смело и ревносно. Денес нема поголема чест од тоа ‚темелно да сведочиме‘ за Божјето Царство! (Дела 28:23).

[Прашања]

[Рамка на страница 13]

БИБЛИСКАТА КНИГА ДЕЛА „ВО СОСЕМА НОВА СВЕТЛИНА!“

Откако ја прочитал публикацијата ‚Сведочи темелно за Божјето Царство‘, еден патувачки надгледник го рекол следново: „Книгата Дела повеќе нема да биде иста за мене. Сум ја читал многупати досега, но како да сум ‚чекорел‘ низ настаните со свеќа в рака и со замаглени очила. Сега ги гледам во сосема нова светлина!“

[Слика на страница 12]

Еден ангел го извел Петар низ големата железна порта