Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Од нашата архива

Бисери од нашето минато

Бисери од нашето минато

ЈЕХОВИНИОТ народ има богато духовно наследство. Освен публикациите, за нашата долгогодишна историја сведочат и многуте фотографии, писма, извештаи од прва рака, како и разни други предмети поврзани со нашето обожавање, проповедање и организација. Но, зошто е корисно да ги зачуваме сите тие работи и да го истражуваме нашето минато? Па, семејните поглавари во древниот Израел требало да им ги објават на своите синови законите на Јехова и неговите прекрасни дела за и тие „да имаат доверба во Бог“ (Пс. 78:1-7).

Истражувањето на историски документи честопати играло улога во остварувањето на Јеховината намера. На пример, кога противниците се обиделе да го запрат градењето на храмот во Ерусалим, цар Дариј издал наредба да се спроведе истрага во архивите на Екбатана, престолнината на Медија. Таму бил пронајден еден документ кој потврдил дека цар Кир заповедал да се спроведе таков градежен проект (Езра 6:1-4, 12). Тоа помогнало да се продолжи со изградбата на храмот, која била во склад со Божјата волја. За да состави точен извештај за животот на Исус, библискиот писател Лука ‚внимателно испитал сѐ од почетокот‘ така што, меѓу другото, побарал информации и од разни историски извори (Лука 1:1-4).

Водечкото тело е многу заинтересирано за нашата теократска историја. Од зборовите на еден негов член се гледа колку е важно да се зачува, да се архивира и да се пренесе нашето духовно наследство. Тој рекол: „За да знаеме каде одиме, мора да знаеме од каде доаѓаме“. Од таа причина, во главното седиште на Јеховините сведоци во Бруклин (Њујорк), неодамна беше основана Архива на Одделот за пишување, која е под надлежност на Одборот за пишување.

НАШИОТ „СЕМЕЕН АЛБУМ“ И „ОСТАВИНА“

Како што одминува времето, минатото постепено избледува, и мнозина од нас посакуваат да зачувале повеќе слики, писма и други предмети кои ќе ги потсетуваат на настани што се случувале во семејството. Во Архивата на Одделот за пишување се вложува голем труд да се зачува и да се документира нашето богато и сѐ поголемо духовно наследство. Фотографиите кои внимателно се чуваат таму се дел од нашиот „семеен албум“. Други „бисери“ во оваа Архива се нашите први публикации, интересните извештаи од прва рака, како и старите предмети кои се многу значајни за нас. Таквите работи се „семејна оставина“ која ни дава увид во нашето теократско наследство и ни помага со доверба да гледаме на иднината што му претстои на нашето духовно семејство.

Оваа нова рубрика „Од нашата архива“, која ќе излегува повремено во изданието за проучување, ќе ни помогне да ѕирнеме во Архивата на Одделот за пишување. На пример, во следниот број ќе излезе статија со слики во која ќе биде одговорено на следниве прашања: Што била ‚Подвижната „Зора“‘? Кој ја користел? Кога се користела, и со која цел?

Исто како еден семеен албум со спомени, збирката во нашата Архива ни кажува многу за нас, а и за нашите духовни предци — за нивната вера и храброст, за радоста и предизвиците што ги имале додека му служеле на нашиот драг небесен Татко, и за водството и поддршката што Бог без престан му ги давал на својот народ (5. Мој. 33:27). Уверени сме дека Јехова ќе го благослови трудот што го вложуваме за да ја зачуваме историјата на нашата организација, и така да бидеме уште пообединети и зајакнати да ја вршиме неговата волја.

[Рамка/слика на страница 31]

Поглед одблизу

Додека ги подготвуваат христијанските публикации, DVD-ја и другите библиски материјали, нашите писатели, уметници, истражувачи и останатите користат разни историски извори. Затоа, во Архивата на Одделот за пишување се обрнува многу внимание и се вложува голем труд да се собере и зачува еден широк спектар од историски материјали, на пример, од разни Бетели, собранија, поединци и световни институции. Следува краток преглед на она што се прави во склоп на Архивата.

Собирање и анализа: Збирката што постои во Архивата постојано се збогатува со нови работи. Многу од нив ги даваат или ги позајмуваат браќа и сестри чии семејства со децении верно му служат на Јехова. Анализирањето и споредувањето на таквите материјали ни помага подобро да ја разбереме нашата историја и на оние што биле дел од неа.

Попишување: Збирката во Архивата се состои од илјадници предмети, а некои од нив се постари од еден век. Тие се од различен вид, големина и облик и мора внимателно да се попишат за да се користат во иднина.

Реставрација и зачувување: Старите книги, како и другите стари и трошни предмети, се реставрираат и зачувуваат со користење на професионални методи. Се прават дигитални записи од документи, фотографии, исечоци од весници, филмови и аудиоснимки. Бидејќи на тој начин се достапни по електронски пат, се спречува оштетување на оригиналните документи и другите предмети со историска вредност.

Складирање и пребарување: Историските материјали се складираат на уреден и безбеден начин за да не се изгубат и да не бидат оштетени од светлина и од влага. Се прави база на податоци која помага при истражувањето и пребарувањето на овие скапоцени бисери од нашето минато.

[Слики на страница 32]

1. Плакат за „Фото-драмата на создавањето“. 2. Список со претплати. 3. Кола со разглас. 4. Насловна страница на Стражарска кула од 15 април 1912. 5. Писмен налог за апсење на Џ. Ф. Ратерфорд. 6. Микрофон во радиостаницата WBBR. 7. Грамофон. 8. Куфер за книги. 9. Лични белешки. 10. Телеграма до Џ. Ф. Ратерфорд.