,Како ќе проповедам?‘
,Како ќе проповедам?‘
Низ целиот свет, има извонредни примери на браќа и сестри кои верно проповедаат иако се справуваат со тешки здравствени проблеми. Да ја земеме за пример Далија, која живее во Вилнус, главниот град на Литванија.
Далија е сестра која има 37 години. Таа уште од раѓање страда од церебрална апоплексија. Поради болеста, Далија е парализирана и многу тешко зборува. Само членовите на семејството можат добро да ја разберат. Таа живее со мајка ѝ, Галина, која се грижи за неа. Иако животот не ѝ е лесен, Далија сепак има позитивен став. Како е можно тоа?
Галина објаснува: „Во 1999 год., братучетка ми Аполонија, која е Јеховин сведок, дојде на гости кај нас. Забележавме дека добро ја познава Библијата, и Далија ѝ поставуваше многу прашања. За кратко време, Далија почна да ја проучува Библијата. Повремено седев со нив додека проучуваа за да ѝ помогнам на Аполонија да ја разбере ќерка ми. Забележав дека сето она што го учеше многу добро влијаеше врз неа. Наскоро и јас почнав да проучувам“.
Со текот на времето, Далија сѐ подобро ги разбирала библиските вистини. Но, почнало да ја измачува едно прашање, и еден ден отворено ја прашала Аполонија: „Како може да проповеда некој што е парализиран како мене?“ (Мат. 28:19, 20). Аполонија смирено ја уверила: „Не плаши се. Јехова ќе ти помогне“. И Јехова навистина ѝ помага.
Како проповеда Далија? На неколку начини. Сестрите од нејзиното собрание ѝ помагаат да сведочи преку писма. Таа им кажува што сака да стои во писмото, а тие го пишуваат. Освен тоа, сведочи и така што испраќа СМС-пораки преку својот мобилен телефон. А кога времето е убаво, браќата и сестрите ја земаат од дома за да сведочат заедно во парк или на улица.
Далија и мајка ѝ добро напредувале во духовен поглед. И двете му се заветувале на Јехова и се крстиле во ноември 2004 год. Во септември 2008 год., во Вилнус била формирана група на полски јазик. Бидејќи во неа имало потреба од повеќе објавители, Далија и мајка ѝ почнале да служат таму. Далија вели: „Понекогаш се загрижувам ако месецот веќе одминува, а јас сѐ уште не сум била во служба. Но, откако ќе му се помолам на Јехова за тоа, наскоро некој ќе се договори да одиме заедно“. Што мисли оваа наша драга сестра за својата ситуација? Таа вели: „Болеста ми го парализира телото, но не и умот. Пресреќна сум што можам да зборувам со другите за Јехова!“