Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Царско свештенство кое ќе му донесе благослови на човештвото

Царско свештенство кое ќе му донесе благослови на човештвото

„Вие сте ‚избран род, царско свештенство, свет народ, народ кој е Божја сопственост‘“ (1. ПЕТ. 2:9)

1. Зошто Јеховините сведоци секоја година ја одржуваат Спомен-свеченоста?

 ВЕЧЕРТА на 14 нисан 33 год. од н.е., Исус Христос и неговите 12 апостоли за последен пат го прославиле еврејскиот празник Пасха. Откако Јуда Искариот заминал, Исус воспоставил една друга прослава, која подоцна била наречена „Господаровата вечера“ (1. Кор. 11:20). Исус двапати рекол: „Правете го ова за мој спомен“. Овој настан исто така се нарекува Спомен-свеченост. Во оваа посебна пригода се сеќаваме на Христос и на неговата смрт (1. Кор. 11:24, 25). Јеховините сведоци се послушни на неговата заповед, и затоа секоја година ја одржуваат Спомен-свеченоста низ целиот свет. Во 2012 год., според еврејскиот календар, 14 нисан започнува на зајдисонце во четврток, на 5 април.

2. Што кажал Исус во врска со лебот и виното?

2 Ученикот Лука наведува во два стиха што направил и што кажал Исус во таа прилика: „Зеде леб, се заблагодари, го раскрши и им го даде, па рече: ‚Ова го претставува моето тело, кое ќе се даде за вас. Правете го ова за мој спомен!‘ Така ја зеде и чашата, откако вечераа, и рече: ‚Оваа чаша го претставува новиот сојуз на темел на мојата крв, која ќе се пролее за вас‘“ (Лука 22:19, 20). Како апостолите ги разбрале овие зборови?

3. Како апостолите ги разбрале Исусовите зборови во врска со лебот и со виното?

3 Бидејќи биле Евреи, апостолите знаеле дека свештениците принесувале животински жртви во храмот во Ерусалим. Тоа го правеле за народот да ја стекне Јеховината милост, а многу од тие жртви служеле за простување на гревовите (3. Мој. 1:4; 22:17-29). Затоа, кога Исус рекол дека ќе ‚го даде своето тело и ќе ја пролее својата крв за нив‘, апостолите разбрале дека тој ќе го принесе својот совршен живот како жртва. Таа ќе била неспоредливо поскапоцена од животинските жртви.

4. Што сакал да каже Исус со зборовите: „Оваа чаша го претставува новиот сојуз на темел на мојата крв“?

4 Што сакал да каже Исус со зборовите: „Оваа чаша го претставува новиот сојуз на темел на мојата крв“? На апостолите им било познато пророштвото за новиот сојуз, кое е запишано во Еремија 31:31-33. (Прочитај.) Со зборовите што им ги кажал во таа прилика, Исус, всушност, најавил дека наскоро ќе стапи на сила тој нов сојуз, кој требало да го замени сојузот на Законот што Јехова го склучил со Израелците преку Мојсеј. Дали овие два сојуза биле поврзани?

5. Каква можност им дал Јехова на Израелците кога го склучил сојузот на Законот со нив?

5 Да, тие сојузи имале слична цел. Кога го склучил сојузот на Законот со Израелците, Јехова им рекол: „Ако го слушате верно мојот глас и ако го држите мојот сојуз, ќе ми бидете најмилата сопственост меѓу сите други народи, зашто е моја целата земја. И ќе ми бидете царство на свештеници и свет народ“ (2. Мој. 19:5, 6). Што значеле овие зборови за Израелците?

ВЕТУВАЊЕ ЗА ЦАРСКО СВЕШТЕНСТВО

6. Кое ветување требало да се исполни преку сојузот на Законот?

6 Израелците знаеле што значи зборот „сојуз“, затоа што Јехова веќе склучил сојузи, односно договори, со нивните предци Ное и Авраам (1. Мој. 6:18; 9:8-17; 15:18; 17:1-9). Во склоп на сојузот со Авраам, Јехова ветил: „Преку твоето потомство ќе се благословат сите народи на земјата“ (1. Мој. 22:18). Јехова го дал сојузот на Законот за да го исполни ова ветување. На темел на овој сојуз, израелскиот народ можел да му стане „најмилата сопственост меѓу сите други народи“. Со која цел? Да му биде „царство на свештеници“ на Јехова.

7. Што значел изразот „царство на свештеници“?

7 Израелците знаеле какви должности имале царевите и свештениците, но Мелхиседек бил единствениот човек дотогаш што истовремено служел како цар и како свештеник со Јеховин благослов (1. Мој. 14:18). Јехова сега им дал можност од нив да избере „царство на свештеници“. Подоцна Библијата ги нарекува овие избраници „царско свештенство“, што значи дека тие ќе биле воедно и цареви и свештеници (1. Пет. 2:9).

8. Каква служба вршеле свештениците кои биле поставени од Бог?

8 Се разбира, царевите владеат над своите поданици. Но, што прават свештениците? Во Евреите 5:1 се објаснува: „Секој првосвештеник, кој е земен од луѓето, поставен е да врши Божја служба за луѓето: да принесува дарови и жртви за гревови“. Според тоа, свештеникот што бил поставен од Јехова ги застапувал грешните луѓе пред Него. Тој го молел Бог да им ги прости гревовите со тоа што му принесувал жртви. Но, свештеникот служел и како застапник на Јехова пред народот така што го поучувал за Неговиот закон (3. Мој. 10:8-11; Мал. 2:7). Според тоа, должноста на свештеникот е да им помогне на луѓето да се помират со Бог.

9. а) Под кој услов Израелците ќе можеле да служат како „царство на свештеници“? б) Зошто Јехова поставил свештеници во самиот Израел? в) Зошто Израелците не можеле да служат како „царство на свештеници“ под сојузот на Законот?

9 Преку сојузот на Законот, Јехова им дал можност на Израелците од нив да избере царско свештенство кое ќе им донесе благослови на „сите други народи“. Но, тој јасно им кажал дека ќе ја имаат оваа огромна чест само под еден услов — ако го слушаат верно неговиот глас и ако го држат неговиот сојуз. Дали Израелците можеле ‚верно да го слушаат Јеховиниот глас‘? Во одредена мера, да. Но, дали можеле совршено да го прават тоа? Не (Рим. 3:19, 20). Од таа причина, Јехова во меѓувреме поставил свештеници во самиот Израел. Но, тие не служеле како цареви туку требало да принесуваат животински жртви за гревовите што Израелците сигурно ќе ги направеле (3. Мој. 4:1 — 6:7). А требало да даваат жртви и за своите сопствени гревови (Евр. 5:1-3; 8:3). Иако Јехова ги прифаќал таквите жртви, тие не можеле во потполност да ги покријат гревовите на оние што ги давале. Всушност, свештениците кои служеле под сојузот на Законот не можеле во потполност да ги помират со Бог ни верните Израелци. Апостол Павле јасно кажал: „Крвта на јунци и јарци не може да ги однесе гревовите“ (Евр. 10:1-4). Бидејќи го кршеле Законот, Израелците се наоѓале под проклетство (Гал. 3:10). Поради таквата состојба, тие не можеле да им служат на другите народи како царско свештенство.

10. Зошто Јехова го склучил сојузот на Законот со Израелците?

10 Дали ова значи дека Јехова им дал само празно ветување кога им рекол дека тие ќе можат да му станат „царство на свештеници“? Воопшто не. Ако искрено се труделе да му бидат послушни, Израелците ќе имале таква можност, но не под Законот. Зошто? За да го разбереме ова, мора да знаеме за што служел Законот. (Прочитај Галатите 3:19-25.) Тој ги штител послушните Израелци така што им помагал да му служат на Бог на исправен начин. Освен тоа, ги правел очигледни нивните престапи и им помагал да сфатат дека имаат потреба од поголема жртва од оние што ги принесувал нивниот првосвештеник. Законот бил воспитувач кој требало да ги доведе до Христос или Месијата, називи што значат „Помазаник“. Но, кога ќе дошол Месијата, тој требало да го постави темелот за новиот сојуз што го прорекол Еремија. Оние што го прифатиле Христос можеле да бидат учесници во тој нов сојуз и да станат „царство на свештеници“. Да видиме како.

ЧЛЕНОВИТЕ НА НОВИОТ СОЈУЗ СТАНУВААТ ЦАРСКО СВЕШТЕНСТВО

11. Како Исус станал темелот на царското свештенство?

11 Во 29 год. од н.е., кога имал околу 30 години, Исус од Назарет станал Месијата. Тогаш се крстил и со тоа покажал дека е спремен да ја изврши посебната задача како Месија што му ја доверил Јехова. Во врска со Исус, Бог рекол: „Ова е мојот сакан Син“, и го помазал, но не со масло туку со свет дух (Мат. 3:13-17; Дела 10:38). Јехова го помазал за да служи како Првосвештеник и иден Цар кој требало да им донесе благослови на сите што ќе поверувале во него (Евр. 1:8, 9; 5:5, 6). Со тоа Исус станал темелот на царското свештенство.

12. Што овозможила Исусовата жртва?

12 Каква жртва можел да принесе Исус како Првосвештеник за во потполност да го покрие наследниот грев на оние што верувале во него? Она што го кажал кога ја воспоставил Спомен-свеченоста ни помага да сфатиме дека таа жртва требало да биде неговиот совршен човечки живот. (Прочитај Евреите 9:11, 12.) По своето крштавање во 29 год. од н.е., Исус како Првосвештеник бил ставен на испити и многу научил од сето она што го претрпел сѐ до својата смрт (Евр. 4:15; 5:7-10). Откако воскреснал, тој се вознел на небото и му ја принел на Јехова вредноста на својата жртва (Евр. 9:24). Оттогаш, Исус може да се зазема кај Бог за оние што имаат вера во неговата жртва и да им помага да му служат на Јехова со надеж дека ќе добијат вечен живот (Евр. 7:25). Освен тоа, со неговата жртва станал полноважен новиот сојуз (Евр. 8:6; 9:15).

13. Какви благослови требало да добијат учесниците во новиот сојуз?

13 И учесниците во новиот сојуз се помазани со свет дух (2. Кор. 1:21). Во нив биле вклучени некои верни Евреи, а подоцна и не-Евреи (Еф. 3:5, 6). Какви благослови требало да добијат учесниците во новиот сојуз? Тие ќе добијат вистинско простување на гревовите. Јехова ветил: „Ќе им го простам нивниот престап и повеќе нема да се сеќавам на нивниот грев“ (Ерем. 31:34). Поради тоа, ќе можат да станат „царство на свештеници“. Петар им се обратил на помазаните христијани со следниве зборови: „Вие сте ‚избран род, царско свештенство, свет народ, народ кој е Божја сопственост, за да ги објавувате доблестите‘ на оној што ве повикал од темнината во својата прекрасна светлина“ (1. Пет. 2:9). Овде Петар ги цитира зборовите што Јехова им ги кажал на Израелците кога им го дал Законот, и ги применува на христијаните во новиот сојуз (2. Мој. 19:5, 6).

ЦАРСКОТО СВЕШТЕНСТВО ЌЕ ДОНЕСЕ БЛАГОСЛОВИ ЗА ЦЕЛОТО ЧОВЕШТВО

14. Каде требало да служи царското свештенство?

14 Каде служат учесниците во новиот сојуз? На Земјата, каде што, како група, служат како свештенство кое го застапува Јехова пред народите со тоа што ‚ги објавува неговите доблести‘ и обезбедува духовна храна (Мат. 24:45; 1. Пет. 2:4, 5). По својата смрт и воскресение, тие ќе бидат со Христос на небото и во потполност ќе ја вршат својата служба на цареви и свештеници (Лука 22:29; 1. Пет. 1:3-5; Отк. 1:6). Во склад со ова, на апостол Јован му било дадено видение на Јеховиниот престол на небото и на духовните суштества кои биле околу него. Во една „нова песна“, тие му пееле на „Јагнето“: „Со својата крв купи за Бог луѓе од секое племе и јазик и народ и народност, и ги направи царство и свештеници на нашиот Бог, и ќе царуваат над земјата“ (Отк. 5:8-10). Во едно подоцнежно видение, Јован го вели следново за овие владетели: „[Тие] ќе бидат свештеници на Бог и на Христос, и ќе царуваат со Христос илјада години“ (Отк. 20:6). Заедно со Исус, тие го сочинуваат царското свештенство кое ќе му донесе благослови на целото човештво.

15, 16. Какви благослови ќе му донесе царското свештенство на човештвото?

15 Какви благослови ќе им донесат овие 144.000 цареви и свештеници на луѓето на Земјата? Во Откровение 21. поглавје, тие се претставени како небесен град, Новиот Ерусалим, кој е наречен и „жената на Јагнето“ (Отк. 21:9). Во стихови 2-4 се вели: „Го видов и светиот град, Новиот Ерусалим, како слегува од небото од Бог, подготвен како невеста украсена за својот маж. Тогаш чув еден силен глас од престолот како вели: ‚Еве го Божјиот шатор меѓу луѓето! Бог ќе живее со нив и тие ќе бидат негов народ и самиот Бог ќе биде со нив. И тој ќе ја избрише секоја солза од нивните очи и смрт нема да има веќе, ни тага, ни пискот, ниту болка. Сѐ што беше порано, помина‘“. Колку прекрасен благослов! Повеќе нема да има солзи, тага, болка или пискот бидејќи нема да има смрт. Тогаш верните луѓе ќе станат совршени и потполно ќе се помират со Бог.

16 Во Откровение 22:1, 2, продолжува описот на благословите што ќе ги донесе царското свештенство. Таму се вели: „И ми покажа река со вода на животот, бистра како кристал, како тече од престолот на Бог и на Јагнето среде главната градска улица [на Новиот Ерусалим]. А од едната и од другата страна на реката имаше дрвја на животот кои раѓаа род дванаесет пати годишно — секој месец даваа плод. А лисјата на дрвјата беа за лекување на народите“. Ова видение на симболичен начин покажува како „народите“, односно човечките семејства, ќе бидат целосно излекувани од несовршенството што го наследиле од Адам. Навистина, ‚сѐ што беше порано, тогаш ќе биде минато‘.

ЦАРСКОТО СВЕШТЕНСТВО ГО ДОВРШУВА СВОЕТО ДЕЛО

17. Што ќе постигне царското свештенство до крајот на 1.000-та години?

17 До крајот на својата 1.000-годишна служба, царското свештенство ќе им помогне на поданиците на Земјата да станат совршени. Тогаш Христос, како Првосвештеник и Цар, ќе му го предаде совршеното човечко семејство на Јехова. (Прочитај 1. Коринќаните 15:22-26.) Така царското свештенство целосно ќе го доврши своето дело.

18. Како Јехова ќе ги користи Христовите соработници откако царското свештенство ќе го доврши своето дело?

18 Како Јехова ќе ги користи потоа овие повластени соработници на Исус? Според Откровение 22:5, тие „ќе царуваат во сета вечност“. Над кого? Библијата не кажува. Сепак, поради својата бесмртност и нераспадливост, како и поради искуството што го стекнале помагајќи им на несовршените луѓе, тие ќе бидат вистински оспособени да служат како цареви, и Јехова ќе ги користи додека ги исполнува своите намери во вечноста.

19. На што ќе се потсетат оние што ќе присуствуваат на Спомен-свеченоста?

19 Кога ќе се собереме да ја одбележиме Христовата смрт на Спомен-свеченоста, која ќе се одржи во четврток на 5 април 2012 год., ќе се потсетиме на овие важни библиски учења. Малиот остаток од помазани христијани кои сѐ уште се на Земјата ќе земат од симболите — бесквасниот леб и црвеното вино — со што ќе покажат дека се учесници во новиот сојуз. Овие симболи на Христовата жртва ќе ги потсетат на величествените задачи и одговорности што ги имаат во Божјата вечна намера. Сите што ќе присуствуваме на овој настан сакаме да покажеме длабока благодарност затоа што Јехова Бог ни го дал ова царско свештенство кое ќе му донесе благослови на целото човештво.

[Прашања]

[Слика на страница 29]

Царското свештенство ќе му донесе вечни благослови на човештвото