Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Завист — склоност што може да ни го затруе умот

Завист — склоност што може да ни го затруе умот

Завист — склоност што може да ни го затруе умот

Наполеон Бонапарта, Јулиј Цезар, Александар Македонски — сите тројца имале во своето срце една склоност што може да го затруе умот. И покрај сета своја моќ и слава, секој од нив му завидувал на некој друг.

„Наполеон му завидувал на Цезар, Цезар на Александар [Македонски], а Александар најверојатно му завидувал на Херкул, кој воопшто и не постоел!“, напишал англискиот филозоф Бертранд Расел. Зависта не ги избира своите жртви — секој може да ѝ подлегне без оглед колку е богат, добар или успешен во животот.

Оној што завидува има негативни чувства кон другите поради нивното богатство, способности, достигнувања, положба итн. Еден библиски прирачник вели дека постои разлика меѓу зависта и љубомората. Љубоморното лице сака да го има она што го поседуваат другите, а завидливиот оди подалеку. Тој не само што е љубоморен на она што другите го имаат, туку сака и да им го земе.

Добро е да размислиме што би можело да предизвика завист кај нас и кои би биле последиците од тоа. Особено треба да знаеме што да правиме за да не дозволиме оваа лоша склоност да завладее со нас.

СТАВ ШТО МОЖЕ ДА РАЗГОРИ ЗАВИСТ КАЈ НАС

Сите несовршени луѓе носат во себе ‚дух на завист‘, односно склоност да им завидуваат на другите (Јак. 4:5). Но, има разни фактори што можат да ја засилат оваа склоност. Апостол Павле посочил еден од нив, кога напишал: „Да не бидеме суетни, да не се натпреваруваме еден со друг, да не си завидуваме еден на друг“ (Гал. 5:26). Натпреварувачкиот дух може уште повеќе да ја разгори зависта кај нас. Ова го сфатиле и двајца христијани по име Кристина и Хозе. a

Кристина, која служи како општ пионер, вели: „Честопати ми се случува да им позавидам на другите. Размислувам за она што тие го имаат, а јас го немам“. Во една прилика, Кристина и нејзиниот сопруг викнале на гости една брачна двојка што служи во патувачкото дело. Свесна дека таа и нејзиниот маж, Ерик, се речиси на иста возраст како тој патувачки надгледник и жена му, и дека порано имале слични теократски задачи, таа им рекла: „Па и маж ми е старешина! Тогаш како може вие да сте во патувачка служба, а ние не сме ништо?“ Желбата да биде подобра од другите ја разгорела зависта кај неа. Поради тоа заборавила на сето она што таа и маж ѝ веќе го правеле во службата за Бог, и затоа била незадоволна.

Хозе имал желба да служи како слуга-помошник во собранието. Кога други биле именувани, а тој не, почнал да им завидува. Освен тоа, му се налутил и на координаторот на старешинството. „Почнав да го мразам овој брат и да му припишувам лоши мотиви“, признава Хозе. „Кога ќе ѝ дозволиш на зависта да те обземе, мислиш само на себе и не можеш јасно да ги гледаш работите.“

ШТО УЧИМЕ ОД БИБЛИСКИТЕ ПРИМЕРИ

Во Библијата има многу предупредувачки примери (1. Кор. 10:11). Од нив учиме на кој начин може зависта да се развие кај некого, а и како може да ги затруе оние кои дозволуваат таа да завладее со нив.

На пример, Каин, првородениот син на Адам и Ева, се разгневил кога Јехова ја прифатил жртвата на Авел, а неговата ја отфрлил. Каин можел да си го исправи ставот, но дозволил зависта толку да го заслепи што го убил својот брат (1. Мој. 4:4-8). Ништо чудно што Библијата за него вели дека ‚потекнувал од Злобниот‘, Сатана! (1. Јов. 3:12).

Десетте синови на Јаков му завидувале на својот брат Јосиф затоа што татко им посебно го сакал него. Тие уште повеќе го замразиле кога им ги раскажал своите пророчки соништа. Дури сакале и да го убијат! На крајот, го продале како роб и постапиле бесчувствително кон татка си, наведувајќи го да мисли дека Јосиф е мртов (1. Мој. 37:4-11, 23-28, 31-33). Со години подоцна, тие го признале својот грев, велејќи си еден на друг: „Сигурно нѐ стигнува вината поради нашиот брат, зашто видовме колку му беше мачно на душата кога нѐ молеше за милост, а ние не го послушавме“ (1. Мој. 42:21; 50:15-19).

Кореј, Датан и Авирон почнале да им завидуваат на Мојсеј и на Арон кога ги споредиле своите одговорности со нивните. Тие го обвиниле Мојсеј дека ‚им се прави кнез‘ и дека се возвишува над другите (4. Мој. 16:13). Ова не било точно (4. Мој. 11:14, 15). Лично Јехова го поставил Мојсеј за водач на народот. Но, овие бунтовници му завидувале на положбата. На крајот, Јехова ги погубил поради нивната завист (Пс. 106:16, 17).

Цар Соломон со свои очи видел на што сѐ може зависта да ги наведе луѓето. Една жена, чие новороденче умрело, го украла бебето на друга жена и се обидела да ја измами дека живото бебе е нејзино. Кога го изнеле случајот пред Соломон, жената што лажела дури се согласила да биде убиено живото бебе. Но, Соломон се погрижил детенцето да ѝ се даде на вистинската мајка (1. Цар. 3:16-27).

Зависта може да има страшни последици. Од библиските примери што ги спомнавме се гледа дека таа може да води до омраза, неправда и убиство. Освен тоа, во сите овие случаи жртвата не направила ништо лошо. Што може да сториме за да не дозволиме зависта да нѐ затруе? Кои чекори можат да служат како противотров за неа?

СИЛЕН ПРОТИВОТРОВ!

Продлабочувај ја својата љубов кон браќата и сестрите. Апостол Павле ги советувал христијаните: „Сега, кога со послушноста кон вистината ги исчистивте своите души за да можете да покажувате нелицемерна братска љубов, сакајте се еден со друг силно и од срце“ (1. Пет. 1:22). Апостол Павле ја опишал оваа љубов со следниве зборови: „Љубовта е долготрпелива и љубезна. Љубовта не е завидлива, не се фали, не се возвишува, не се однесува непристојно, не ја бара својата корист“ (1. Кор. 13:4, 5). Ако во срцето имаме ваква љубов кон другите, тогаш нема да им завидуваме (1. Пет. 2:1). Наместо да му завидува на Давид, Јонатан ‚го засакал како својата душа‘ (1. Сам. 18:1).

Дружи се со луѓе што му служат на Бог. Писателот на 73. Псалм им завидувал на злобните кои воделе лесен и луксузен живот. Но, успеал да ја победи зависта кога отишол во „величественото светилиште на Бог“ (Пс. 73:3-5, 17). Дружењето со соверниците му помогнало на псалмистот да ги цени благословите што ги имал поради својот добар однос со Бог (Пс. 73:28). И нам може на сличен начин да ни помогне дружењето со браќата и сестрите на христијанските состаноци.

Труди се да правиш добро. Откако видел дека кај Каин се родиле завист и омраза, Бог го советувал да почне да прави добро (1. Мој. 4:7). Како можат христијаните да прават добро? Исус рекол да ‚го сакаме Јехова, својот Бог, со сето свое срце, со сета своја душа, и со сиот свој ум, и да го сакаме својот ближен како себеси‘ (Мат. 22:37-39). Кога ни е најважно да му служиме на Јехова и да им помагаме на другите, ние сме задоволни и среќни. Тоа задоволство е силен противотров за склоноста кон завист. Ако даваме сѐ од себе додека проповедаме и ги поучуваме луѓето за Царството, ние им служиме на другите и на Бог, а Тој ќе нѐ благослови поради тоа (Изр. 10:22).

„Радувајте се со оние што се радуваат“ (Рим. 12:15). Исус се радувал на убавите резултати што ги постигнувале неговите ученици, и кажал дека ќе прават уште поголеми дела од неговите во проповедничката служба (Лука 10:17, 21; Јован 14:12). Ние сме обединети како Јеховини слуги. Затоа, кога некому од нас ќе му се случи нешто добро, тоа е благослов за сите (1. Кор. 12:25, 26). Тогаш, зарем не треба да се радуваме со другите наместо да им завидуваме кога ќе добијат поголеми теократски одговорности?

БОРБАТА НЕ Е ЛЕСНА

Битката со зависта може да трае долго. Кристина признава: „Сѐ уште се борам со чувствата на завист. Иако ги мразам, тие упорно се јавуваат, и морам постојано да ги потиснувам“. И Хозе водел слична борба. Тој вели: „Јехова ми помогна да ги видам убавите особини на координаторот на старешинството“. Хозе сфатил дека добриот однос со Бог е од непроценлива важност во битката со зависта.

Зависта е едно од „делата на телото“ против кои треба да се борат сите христијани (Гал. 5:19-21). Ако не ѝ дозволиме да завладее со нас, ќе имаме посреќен живот и ќе го радуваме нашиот небесен Татко, Јехова.

[Фуснота]

a Имињата се сменети.

[Истакната мисла на страница 17]

„Радувајте се со оние што се радуваат“