Како да бидеш среќен во религиозно разделен дом
Како да бидеш среќен во религиозно разделен дом
„Како знаеш... дека нема да си го спасиш [сопружникот]?“ (1. КОР. 7:16)
МОЖЕШ ЛИ ДА ГО НАЈДЕШ ОДГОВОРОТ?
Што можат да прават христијаните за да го зачуваат мирот ако живеат во религиозно разделен дом?
Како може еден христијанин да им помогне на најблиските што не се Сведоци да ја прифатат вистината?
Што можат да сторат другите за да им помогнат на соверниците кои живеат во религиозно разделен дом?
1. Како може да реагираат домашните кога некој член од семејството ќе ја прифати вистината?
КОГА во една прилика ги испратил своите апостоли да ја објавуваат добрата вест, Исус им рекол: „Додека одите, проповедајте: ‚Се приближи царството небесно‘“ (Мат. 10:1, 7). Оваа порака требало да им донесе мир и среќа на сите оние што ќе ја прифателе со ценење и благодарност. Сепак, Исус ги предупредил апостолите дека мнозина ќе се противат на нивното проповедање (Мат. 10:16-23). Особено е болно кога ни се противат другите во семејството кои не ја прифаќаат пораката за Царството. (Прочитај Матеј 10:34-36.)
2. Зошто е можно да бидеме среќни дури и ако другите во семејството не се во вистината?
2 Дали тоа значи дека не можеме да бидеме среќни ако другите во семејството не се во вистината? Воопшто не! Иако некои христијани се соочуваат со силно противење од најблиските, тоа не е секогаш случај. Исто така, противењето може и да престане. Многу зависи од тоа како христијанинот ќе реагира ако членовите на семејството му се противат или ако не се интересираат за пораката од Библијата. Освен тоа, Јехова ги благословува оние што му се верни, и им помага да останат радосни дури и во тешки околности. Христијаните можат да бидат уште посреќни ако даваат сѐ од себе 1) за да го зачуваат мирот во домот и 2) за да им помогнат на другите во семејството да ја прифатат вистината.
БИДИ МИРОТВОРЕЦ ВО СЕМЕЈСТВОТО
3. Зошто еден христијанин мора да се труди да има мир во семејството?
3 За да може семето на праведноста да роди плод во еден дом, потребно е да го сееме во мир. (Прочитај Јаков 3:18.) Дури и ако домашните сѐ уште не ја прифатиле вистината, христијанинот мора самиот да се труди да има мир во семејството. Како може да го прави тоа?
4. Како можат христијаните да го зачуваат својот душевен мир?
4 Ние, како христијани, мора да го зачуваме својот душевен мир. Ова ќе биде можно ако се молиме за „мирот Божји“ (Фил. 4:6, 7). За да бидеме спокојни и среќни треба да учиме за Јехова и да живееме според библиските начела (Иса. 54:13). Освен тоа, треба да бидеме активни на собраниските состаноци и ревносно да проповедаме. Христијаните што живеат во религиозно разделен дом обично можат да најдат начин да ги прават овие важни работи. Да ја земеме за пример Енза, a чиј маж е голем противник на вистината. Таа оди во служба откако ќе ги заврши сите работи низ дома. Енза вели: „Јехова секогаш богато ме благословува кога ќе вложам труд да разговарам за добрата вест со другите“. Поради таквиот благослов, таа чувствува душевен мир, задоволство и среќа.
5. Со каков предизвик обично се соочуваат христијаните во религиозно разделен дом, и каде можат да побараат помош?
5 Треба да дадеме сѐ од себе за да останеме во мир со членовите на семејството кои не се Сведоци. Ова не е секогаш лесно затоа што тие понекогаш ќе сакаат да правиме работи кои не се во склад со Библијата. Некои можеби и ќе се налутат кога цврсто ќе се држиме за библиските начела. Сепак, ова не треба да нѐ спречи да постапуваме исправно. Ако истраеме, со текот на времето можеби во нашето семејство ќе завладее вистински мир. Се разбира, за да нема непотребни несогласувања, се трудиме да соработуваме со најблиските кога она што го бараат од нас не се коси со Божјите мерила. (Прочитај Изреки 16:7.) Ако дојде до проблеми, важно е да побараме библиски совети од публикациите на верниот и разборит роб и од старешините (Изр. 11:14).
6, 7. а) Зошто некои им се противат на членовите на семејството кои почнуваат да ја проучуваат Библијата? б) Како треба да постапи еден интересент или Сведок кога ќе наиде на противење од семејството?
6 За да имаме мир во семејството, треба да имаме доверба во Јехова и треба да се трудиме да ги разбереме чувствата на нашите најблиски што не се во вистината (Изр. 16:20). Дури и оние со кои од неодамна сме почнале да проучуваме можат да покажат такво разбирање. На некои сопружници не им пречи што нивниот брачен другар ја проучува Библијата. Можеби дури и признаваат дека тоа е добро за семејството. Но, други би можеле да се противат. Естер, која сега е Сведок, вели дека „просто збеснала“ кога маж ѝ почнал да ја проучува Библијата со Јеховините сведоци. „Некогаш ја фрлав литературата, а некогаш ја горев“, се сеќава таа. Хауард, кој се противел кога неговата жена почнала да проучува, вели: „Многу мажи се плашат дека нивната жена ќе биде заведена од некоја верска секта. Бидејќи си мислат дека сопругата е во опасност, не знаат како да реагираат и понекогаш стануваат груби“.
7 Ако ја проучуваме Библијата со интересент чиј брачен другар се противи, треба да му помогнеме да сфати дека не мора да прекине со проучувањето. Најчесто ќе може да ја смири ситуацијата ако е благ и ако покаже почит кон својот сопружник (1. Пет. 3:15). Хауард вели: „Многу сум среќен што жена ми остана смирена и прибрана!“ Неговата сопруга објаснува: „Хауард ме тераше да престанам да ја проучувам Библијата. Ми рече дека тие луѓе ми го перат мозокот. Наместо да се расправам, му реков дека можеби е во право, но дека јас навистина не можам да видам како го прават тоа. Затоа го замолив да ја прочита книгата што ја проучував. Тој ја прочита и немаше приговор на она што стоеше во неа. Тоа му остави многу силен впечаток“. Не смееме да заборавиме дека брачниот другар кој не е во вистината можеби се чувствува осамено или мисли дека бракот му е загрозен кога сопружникот заминува на состанок или во служба. Но, ако интересентот или Сведокот со љубов го увери својот сопружник дека нема потреба да се плаши од такво нешто, тоа може многу да помогне.
ПОМОГНИ ИМ ДА ЈА ПРИФАТАТ ВИСТИНАТА
8. Каков совет им дал апостол Павле на христијаните чии сопружници не биле верници?
8 Апостол Павле им дал совет на христијаните да не го оставаат сопружникот само затоа што не е верник. b (Прочитај 1. Коринќаните 7:12-16.) Христијанинот може да остане среќен доколку има на ум дека неговиот брачен другар еден ден сепак би можел да одлучи да му служи на Бог. Но, добро е да внимава на кој начин се обидува да му помогне да ја прифати вистината. Од следниве искуства ќе видиме зошто.
9. На што треба да внимаваме кога ќе почнеме да зборуваме со нашите најблиски за вистината од Библијата?
9 Џејсон бил многу радосен кога ја дознал вистината од Библијата. Тој вели: „Сакав да им кажам на сите!“ Кога некој интересент ќе се увери во вистинитоста на она што го учи од Божјата Реч, може да биде толку среќен што без престан ќе зборува за тоа. Веројатно очекува дека сите во семејството веднаш ќе ја прифатат пораката за Царството. Но, можеби тие ќе реагираат сосема спротивно. Како влијаела воодушевеноста на Џејсон врз неговата сопруга? „Нон-стоп ми зборуваше за Библијата — тоа едноставно ми беше премногу!“, си спомнува таа. Една жена, која ја прифатила вистината 18 години откако маж ѝ станал Сведок, вели: „Мене ми требаше подолго време за да ги разберам работите“. Можеби моментално проучуваш со некој чиј сопружник не е заинтересиран за Библијата. Добро е одвреме-навреме да му покажеш на интересентот како да го објасни својот библиски став на љубезен начин за да не наиде на лоша реакција од страна на сопружникот. Пророкот Мојсеј рекол: „Мојата поука ќе капе како дожд, моите зборови ќе паѓаат како роса, како ситен дождец по тревата“ (5. Мој. 32:2). Во склад со овој стих, понекогаш е подобро да кажеме неколку збора во право време, отколку наеднаш да ги преплавиме другите со информации.
10-12. а) Каков совет им дал апостол Петар на христијаните чии сопружници не се во вистината? б) Како една интересентка научила да го примени советот од 1. Петрово 3:1, 2?
10 Под водство на Божјиот дух, апостол Петар им го дал следниов мудар совет на христијанките чии сопрузи не биле верници: „Бидете им подложни на своите мажи, за да ги придобиете без збор, со своето однесување, оние што не ѝ се послушни на Божјата реч, кога ќе ги видат вашето чисто однесување и длабоката почит“ (1. Пет. 3:1, 2). Една жена би можела да му помогне на својот маж да ја прифати вистината ако му е подложна и ако покажува длабока почит кон него, дури и ако тој се однесува грубо со неа. На сличен начин, еден христијанин треба со љубов да предводи во семејството и да постапува како што бара Бог од него, иако можеби жената ќе се противи на неговите верувања (1. Пет. 3:7-9).
11 Овој совет на Петар им користел на многу христијани денес. Да ја земеме за пример Селма. Кога почнала да ја проучува Библијата со Јеховините сведоци, тоа не му се допаднало на нејзиниот маж, Стив. Тој признава дека бил лут, љубоморен и несигурен. Селма вели: „Дури и пред да ја запознаам вистината не ми беше лесно да живеам со Стив. Тој беше многу избувлив. А кога почнав да проучувам, стана уште полош“. Што ѝ помогнало?
12 Селма се сеќава на една работа што ја научила од сестрата која проучувала со неа. „Еднаш ѝ реков дека не сакам да проучувам тој ден“, вели таа. „Претходната вечер имавме жестока расправија со Стив, и поради тоа се чувствував бедно и скршено. Откако ѝ кажав на сестрата што се случи и како се чувствувам, таа ме замоли да ги прочитам стиховите од 1. Коринќаните 13:4-7. Додека ги читав, си помислив: ‚Па Стив воопшто нема таква љубов кон мене!‘ Но, сестрата ме поттикна да размислувам поинаку кога ме праша: ‚Дали му покажуваш на својот маж дека го сакаш на ваков начин?‘ А јас одговорив: ‚Не. Зошто да му покажувам таква љубов кога толку лошо се однесува кон мене?‘ Тогаш таа благо ми рече: ‚Но, Селма, кој од вас се труди да биде христијанин — ти или Стив?‘“ Селма сфатила дека треба да го смени својот начин на размислување. Таа вели: „Го молев Јехова да ми помогне да покажувам поголема љубов кон Стив. И, полека работите почнаа да се менуваат“. По 17 години, нејзиниот маж ја прифатил вистината.
ПОМОШ ОД ДРУГИТЕ
13, 14. Како другите во собранието можат да им помогнат на оние што живеат во религиозно разделен дом?
13 Исто како што ситните капки дожд ја натопуваат земјата и помагаат растенијата да зреат, така и љубезните дела на многу поединци во собранието можат да им помогнат на христијаните во религиозно разделен дом да бидат среќни. „Љубовта на моите браќа и сестри ми помогна да останам цврста во вистината“, вели Елвина од Бразил.
14 Љубезноста и искрениот интерес на браќата и сестрите во собранието можат да го омекнат срцето на сопружниците кои не се Сведоци. Еден сопруг од Нигерија, кој ја прифатил вистината 13 години по својата жена, вели: „Додека бев на пат со еден Сведок, му се расипа колата. Тој побара некои свои соверници во едно соседно село, и таа ноќ преспавме кај нив. Се грижеа за нас како да се знаеме цел живот. Тогаш од прва рака се уверив во христијанската љубов за која жена ми постојано ми зборуваше“. Во Англија, една жена која ја прифатила вистината 18 години по својот маж, рекла: „Сведоците нѐ канеа и двајцата на гости. Секогаш се чувствував добредојдено“. c Еден сопруг од Англија, кој на крајот станал Сведок, вели: „Браќата и сестрите ни доаѓаа на гости, и ние одевме кај нив. Видов дека вистински се интересираат за другите. Ова особено го почувствував кога бев во болница и мнозина дојдоа да ме посетат“. Можеш ли и ти на сличен начин да покажеш искрен интерес за членовите на нечие семејство кои не се Сведоци?
15, 16. Што ќе им помогне на христијаните да останат среќни ако другите во семејството не ја прифаќаат вистината?
15 Се разбира, нема сите сопружници, деца, родители или други роднини да ја прифатат вистината, дури и ако некој христијанин со години се однесува како што треба и тактично им сведочи. Некои остануваат рамнодушни, а други, пак, упорно се противат (Мат. 10:35-37). Сепак, кога покажуваме христијански особини, може да има и многу добри резултати. Еден сопруг, кој некое време не ја прифаќал вистината, вели: „Кога сопружникот што е Сведок дозволува кај него да светат тие прекрасни особини, не знаеш како тоа ќе влијае врз умот и срцето на другиот. Затоа, немој никогаш да кренеш раце од својот брачен другар кој сѐ уште не станал верник“.
16 Дури и ако домашните не ја прифаќаат вистината, христијанинот може да биде среќен. Една сестра се труди да му сведочи на својот сопруг веќе 21 година, но тој сѐ уште не ја прифаќа пораката за Царството. Сепак, таа вели: „Успевам да ја зачувам радоста така што давам сѐ од себе да му угодам на Јехова, да му останам верна и да го зајакнам својот однос со него. Тоа што постојано сум зафатена со духовни активности — со лично проучување, состаноци, проповедање и грижа за другите во собранието — ми помага да станам уште поблиска со Јехова и да си го зачувам срцето“ (Изр. 4:23).
НЕ ПРЕДАВАЈ СЕ!
17, 18. Што ќе му помогне на еден христијанин да истрае ако живее во религиозно разделен дом?
17 Ако и ти си верен христијанин кој живее во религиозно разделен дом, не предавај се! Никогаш не заборавај дека „Јехова нема да го остави својот народ поради своето големо име“ (1. Сам. 12:22). Тој ќе биде со тебе сѐ додека ти си со него. (Прочитај 2. Летописи 15:2.) Затоа, „префрли му ги на Јехова животните грижи“. „Потпри се на него“ и тој „нека биде твојата радост“ (Пс. 37:4, 5). ‚Истрај во молитвата‘, и имај вера дека нашиот мил небесен Татко може да ти помогне да издржиш секакви неволји (Рим. 12:12).
18 Моли го Јехова да ти помогне со својот свет дух да го зачуваш мирот во семејството (Евр. 12:14). Ако правиш така, можеби со текот на времето ќе им помогнеш на твоите домашни да го сменат својот став кон вистината, па дури и да ја прифатат. Ќе бидеш среќен и ќе имаш мир во умот и во срцето ако ‚правиш сѐ за Божја слава‘ (1. Кор. 10:31). Освен тоа, можеш да бидеш уверен дека твоите браќа и сестри во собранието ќе ти ја пружат потребната љубов и поддршка!
[Фусноти]
a Имињата се сменети.
b Павле не сакал да каже дека на христијаните им е забрането да се одвојат од сопружникот во екстремни случаи. Тоа е сериозна одлука што секој треба да ја донесе сам. Види во Зачувај ја Божјата љубов, страници 220-221.
c Библијата не забранува да се јаде со оние што не се верници (1. Кор. 10:27).
[Прашања]
[Слика на страница 28]
Избери го вистинскиот момент за да ги објасниш своите верувања
[Слика на страница 29]
Покажи искрен интерес за сопружниците кои не се Сведоци