Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Јехова знае како да го избави својот народ

Јехова знае како да го избави својот народ

Јехова знае како да го избави својот народ

‚Јехова знае како да ги избави луѓето што му се оддадени‘ (2. ПЕТ. 2:9)

ЗОШТО МОЖЕ ДА БИДЕМЕ СИГУРНИ ДЕКА ЈЕХОВА:

Знае кога е најдоброто време да се случат одредени настани за да се исполни неговата намера?

Ќе ја употреби својата моќ за да го избави својот народ?

Знае како ќе се одвиваат настаните што ни претстојат?

1. Каква ќе биде состојбата во светот во текот на ‚големата неволја‘?

УНИШТУВАЊЕТО на Сатановиот свет ќе започне сосема ненадејно (1. Сол. 5:2, 3). Во текот на „големиот ден на Јехова“, светот ќе потоне во хаос (Соф. 1:14-17). Ќе има толку многу страдање и оскудица што Библијата зборува за тоа време како за „голема неволја каква што немало од почетокот на светот до сега“. (Прочитај Матеј 24:21, 22.)

2, 3. а) Со што ќе се соочи Божјиот народ при крајот на ‚големата неволја‘? б) Што може да нѐ зајакне и да нѐ подготви за она што ни претстои?

2 При крајот на ‚големата неволја‘, Божјиот народ ќе биде директно нападнат од „Гог од Магог“. Во овој напад, против Божјите слуги ќе се крене „огромна војска... како облаци кога ја покриваат земјата“ (Езек. 38:2, 14-16). Ниту една човечка организација нема да застане во одбрана на Јеховиниот народ. Само Бог ќе може да ги спаси своите слуги. Што ќе прават тие кога ќе се најдат лице в лице со своите непријатели кои ќе бидат решени да ги уништат?

3 Ако си Божји слуга, дали имаш вера дека Јехова може да го зачува својот народ во големата неволја? Дали си сигурен дека навистина ќе го стори тоа? Апостол Петар напишал: „Јехова знае како да ги избави од искушение луѓето што му се оддадени, а неправедните да ги чува за денот на судот за да бидат казнети“ (2. Пет. 2:9). Ако размислуваме како Јехова ги избавувал своите слуги во минатото, тоа ќе нѐ зајакне и ќе нѐ подготви за она што ни претстои. Да разгледаме три примери што ќе ни влеат доверба дека Јехова може да го спаси својот народ.

ИЗБАВЕНИ КОГА ДОШОЛ ПОТОПОТ

4. Што требало да се направи пред да започне Потопот?

4 Прво, да го разгледаме извештајот за Потопот во времето на Ное. За да се исполни Јеховината волја, некои работи морало да се завршат пред тој настан — да биде изградена огромна арка и животните да бидат внесени во неа. Од 1. Мојсеева дознаваме дека Јехова не чекал најпрво да се заврши арката, а потоа да реши кога ќе започне Потопот. Тој не морал да се грижи дали арката ќе биде изградена навреме. Всушност, Бог одлучил кога ќе почне Потопот долго време пред да му ја даде задачата на Ное. Од каде го знаеме тоа?

5. Според 1. Мојсеева 6:3, каква пресуда објавил Бог, и кога го направил тоа?

5 Според 1. Мојсеева 6:3, Јехова ја објавил следнава пресуда на небото: „Мојот дух нема да го трпи човекот во недоглед, зашто човекот е само тело. Затоа неговите денови нека бидат уште сто и дваесет години!“ Со тоа не сакал да каже колкав ќе биде просечниот животен век на луѓето. Напротив, со таа одлука Јехова објавил кога ќе ја исчисти Земјата од безбожниците. * Со оглед на тоа што Потопот започнал во 2370 год. пр.н.е., заклучуваме дека Јехова го кажал ова во 2490 год. пр.н.е. Во тоа време, Ное имал 480 години (1. Мој. 7:6). Дваесет години подоцна, во 2470 год. пр.н.е., на Ное му се родил првиот син, а потоа му се родиле уште двајца (1. Мој. 5:32). Останале уште стотина години до почетокот на Потопот, но Јехова сѐ уште му немал кажано на Ное каква задача ќе му даде, и како со тоа ќе биде зачуван човечкиот род. Уште колку долго чекал Бог пред да зборува со Ное?

6. Кога му заповедал Јехова на Ное да ја изгради арката?

6 Очигледно Јехова чекал неколку децении пред да му каже на Ное што ќе направи. Зошто го велиме ова? Затоа што од извештајот во Библијата се гледа дека синовите на Ное веќе биле возрасни и женети кога Бог му заповедал да ја изгради арката. Јехова му рекол: „Со тебе склучувам сојуз. Влези во арката ти, и со тебе твоите синови и твојата жена и жените на твоите синови“ (1. Мој. 6:9-18). Според тоа, можно е Ное да ја добил задачата околу 40 или 50 години пред да започне Потопот.

7. а) Како Ное и неговото семејство ја покажале својата вера? б) Колку однапред Бог му кажал на Ное кога точно ќе започне Потопот?

7 Додека ја граделе арката, Ное и семејството сигурно се прашувале како Бог ќе ја исполни својата намера, и кога ќе започне Потопот. Но, иако не ги знаеле сите детали, тоа не ги спречило да продолжат со градењето. Библијата вели: „Ное направи сѐ така како што му беше заповедал Бог. Токму така направи“ (1. Мој. 6:22). На крајот, Јехова му кажал на Ное кога точно ќе започне Потопот — по седум дена. Токму толку време им требало да ги внесат животните во арката. Затоа, пред да се отворат небесните брани во „шестотата година од животот на Ное, во вториот месец, на седумнаесеттиот ден од тој месец“, сѐ било подготвено (1. Мој. 7:1-5, 11).

8. Како извештајот за Потопот ни влева доверба дека Јехова знае кога да го избави својот народ?

8 Извештајот за Потопот е доказ дека Јехова секогаш знае кога е најдоброто време и кој е најдобриот начин за да го спаси својот народ. Додека Бог му ги одбројува последните денови на сегашниов свет, можеме да бидеме сигурни дека сѐ што наумил ќе се случи токму во времето што го одредил тој — во точниот „ден и час“ (Мат. 24:36; прочитај Авакум 2:3).

ИЗБАВЕНИ КАЈ ЦРВЕНОТО МОРЕ

9, 10. Како Јехова го употребил својот народ за да ја фати египетската војска во стапица?

9 Досега видовме дека Јехова има целосна контрола над тоа кога ќе се случат настаните поврзани со исполнувањето на неговата намера. Во вториот пример што ќе го разгледаме е нагласена уште една причина зошто можеме да имаме доверба дека Јехова ќе го избави својот народ: Тој ќе ја употреби неограничената моќ што ја поседува за да ја спроведе својата волја. Бидејќи ништо не може да го спречи да ги спаси своите слуги, Јехова понекогаш дури и ги користел за да ги намами непријателите во замка. Тоа го сторил и кога ги ослободил Израелците од египетското ропство.

10 Околу три милиони Израелци излегле од Египет и тргнале по патот што Јехова му го покажал на Мојсеј. Кога му јавиле каде одат, фараонот си помислил дека се изгубиле и дека збунето талкаат. (Прочитај 2. Мојсеева 14:1-4.) Бидејќи не можел да ѝ одолее на мамката, фараонот ја повел својата војска во потера по поранешните робови и ги фатил во стапица покрај Црвеното Море. Изгледало дека им нема спас (2. Мој. 14:5-10). Но, всушност, Израелците воопшто не биле во опасност. Зошто? Затоа што Јехова бил спремен да ги спаси.

11, 12. а) Како Јехова му помогнал на својот народ? б) Што се случило на крајот, и што учиме од овој извештај за Јехова?

11 „Столбот од облак“ што ги водел Израелците се преместил зад нив и ѝ го пресекол патот на фараоновата војска. Од страната на Египќаните имало темнина, но од другата страна столбот им ја осветлувал ноќта на Израелците. (Прочитај 2. Мојсеева 14:19, 20.) Потоа Јехова го разделил морето со силен источен ветар, „претворајќи го морското дно во сува земја“. Без сомнение, за ова било потребно прилично време, бидејќи извештајот вели дека ветрот дувал „цела ноќ“, и дека дури потоа ‚синовите на Израел тргнале среде морето по суво‘. Во споредба со фараоновите војници кои возеле бојни коли, Израелците се движеле многу бавно. Сепак, немало шанса Египќаните да ги стигнат бидејќи Бог се борел за Израел. Библијата вели: „Јехова погледна на таборот на Египќаните и во него создаде бркотија. И им ги извади тркалата од колите, така што тие едвај се движеа“ (2. Мој. 14:21-25).

12 Штом сите Израелци стигнале безбедно на спротивниот брег, Јехова му рекол на Мојсеј: „Испружи ја раката над морето за да се вратат водите врз Египќаните, врз нивните бојни коли и врз нивните коњаници!“ Кога војниците се обиделе да побегнат пред водите што се враќале со огромна брзина, ‚Јехова ги испофрлал среде морето‘. За нив немало спас. ‚Не останал ниту еден‘ (2. Мој. 14:26-28). Така Јехова покажал дека може да го избави својот народ од каква и да било опасност.

ИЗБАВЕНИ ОД УНИШТУВАЊЕТО НА ЕРУСАЛИМ

13. Што им кажал Исус на своите следбеници, и што можеби се прашувале тие?

13 Јехова знае како точно ќе се одвиваат настаните со кои ќе се исполни неговата намера. Ова јасно може да се види од третиот пример што ќе го разгледаме — опсадата на Ерусалим во првиот век. Преку својот Син, Јехова им кажал на христијаните кои живееле во Ерусалим и Јудеја како ќе можат да го преживеат уништувањето на градот, кое се случило подоцна, во 70 год. од н.е. Исус рекол: „Кога ќе видите дека гадотијата која пустоши, за која зборувал пророкот Даниел, стои на свето место... тогаш оние што ќе бидат во Јудеја, нека бегаат во планините“ (Мат. 24:15, 16). Но, како ќе можеле следбениците на Исус да знаат дека ова пророштво почнало да се исполнува?

14. Од кои настани станало јасно значењето на она што го кажал Исус?

14 Значењето на овие зборови на Исус станало јасно по многу години. Во 66 год. од н.е., римските војски предводени од Цестиј Гал дошле до Ерусалим со цел да ја задушат побуната на Евреите. Кога еврејските бунтовници, познати како зелоти, се засолниле во храмската тврдина (кулата Антонија), римските војници почнале да го поткопуваат ѕидот на храмот. На христијаните што ги имале на ум зборовите на Исус им било многу јасно што значи тоа: една паганска војска со своите идолски знамиња („гадотијата“) дошла дури до храмскиот ѕид (,светото место‘). За следбениците на Исус, тоа било знак дека треба да „бегаат во планините“. Но, како можеле да излезат од градот кој бил под опсада? Наскоро дошло до еден сосема неочекуван пресврт на настаните.

15, 16. а) Кои конкретни упатства ги дал Исус, и зошто било многу важно неговите ученици да ги послушаат? б) Од што ќе зависи нашето избавување?

15 Без некоја очигледна причина, Цестиј Гал и неговата војска ја прекинале опсадата и почнале да се повлекуваат. Зелотите тргнале во потера по нив. Бидејќи и Римјаните и еврејските бунтовници го напуштиле градот, одеднаш на христијаните им се укажала можност да бегаат. Исус јасно им кажал да го напуштат градот веднаш и да не земаат ништо од своите материјални поседи. (Прочитај Матеј 24:17, 18.) Дали навистина било толку итно да излезат од градот? Одговорот на ова прашање наскоро станал јасен. По неколку дена, зелотите се вратиле и почнале со сила да ги тераат жителите на Ерусалим и Јудеја да им се приклучат во побуната. Условите во градот нагло се влошиле бидејќи спротивставените еврејски политички групи се бореле за превласт. Станувало сѐ потешко да се побегне од градот. Кога Римјаните се вратиле во 70 год. од н.е., било невозможно да се излезе од Ерусалим (Лука 19:43). Сите што останале таму, биле фатени во стапица! Христијаните што побегнале во планините си го спасиле животот затоа што ги послушале упатствата на Исус. Тие лично се увериле дека Јехова знае како да го избави својот народ. Што учиме од овој извештај?

16 За време на големата неволја, христијаните ќе треба да ги следат упатствата од Библијата и од Божјата организација. На пример, Исус им дал заповед на своите ученици да „бегаат во планините“. Ова упатство ќе важи и за нас. Но, во која смисла ние ќе треба ‚да бегаме‘? Тоа сѐ уште не го знаеме. * Сепак, може да бидеме сигурни дека Јехова ќе го разјасни значењето на упатствата што ги дал Исус кога ќе дојде време да ги послушаме. Бидејќи нашето избавување ќе зависи од нашата послушност, добро е да се прашаме: ‚Што правам кога Јехова му дава упатства на својот народ денес? Дали ги следам веднаш или одолжувам?‘ (Јак. 3:17).

ЗАЈАКНАТИ ЗА ОНА ШТО ПРЕТСТОИ

17. Што открива пророштвото на Авакум во врска со претстојниот напад врз Божјиот народ?

17 Да се вратиме сега на нападот на Гог кој беше спомнат во почетокот на оваа статија. И пророкот Авакум зборувал за овој напад. Тој рекол: „Го чув тоа, и мојата утроба се вознемири. На тој звук затреперија моите усни, гнилеж ги зафати моите коски, и сето тоа ме вознемири. А јас, сепак, мирно ќе го чекам денот на неволјата, кога [Бог] ќе дојде да го нападне народот [војската што ќе ни се заканува]“ (Авак. 3:16). Само кога чул каков напад му претстои на Божјиот народ, овој пророк премалел, му се вознемирила утробата и му затрепериле усните. Од реакцијата на Авакум гледаме колку очајна ќе изгледа нашата ситуација кога ордите на Гог ќе ни се нафрлат. Сепак, овој пророк бил спремен мирно да чека на Јеховиниот голем ден, со доверба дека Бог ќе го избави својот народ. И ние можеме да имаме таква доверба (Авак. 3:18, 19).

18. а) Зошто немаме причина да се плашиме од претстојниот напад? б) Што ќе разгледаме во следната статија?

18 Трите примери што ги разгледавме јасно покажуваат дека Јехова без сомнение знае како да го избави својот народ. Неговата намера сигурно ќе се оствари — победата е загарантирана. Но, за и ние да ја славиме таа победа, мора да му останеме верни до крајот. Како Јехова ни помага да му бидеме верни денес? Ова ќе го разгледаме во следната статија.

[Фусноти]

[Прашања]

[Слика на страница 24]

Дали на Израелците навистина им се заканувала опасност од фараоновата војска?