Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Животна приказна

Седумдесет години ‚се држам за скутот на Евреинот‘

Седумдесет години ‚се држам за скутот на Евреинот‘

Раскажал Леонард Смит

Кога имав тринаесет години, неколку стихови од Библијата ми оставија многу силен впечаток. Денес, 70 години подоцна, сѐ уште се сеќавам на моментот кога го сфатив значењето на Захарија 8:23. Таму се зборува за „десет луѓе“ кои фаќаат за „скут еден Евреин“, и велат: „Ќе одиме со вас зашто чувме дека Бог е со вас“.

ЕВРЕИНОТ ги претставува помазаните христијани, а ‚десетте луѓе‘ ги претставуваат ‚другите овци‘ или групата на „Јонадав“, како што беа познати во тоа време * (Јован 10:16). Кога ја сфатив таа вистина, ми стана јасно дека мојата надеж да живеам вечно на Земјата зависи од тоа колку верно ќе ги поддржувам помазаниците.

Голем впечаток ми остави и споредбата на Исус за „овците“ и „јарците“, која е запишана во Матеј 25:31-46. „Овците“ ги претставуваат оние што ќе добијат поволна пресуда во времето на крајот затоа што им прават добро на Христовите помазани браќа кои сѐ уште се на Земјата. Како млад припадник на групата на „Јонадав“, си реков: ‚Лен, ако сакаш Христос да те смета за една од своите овци, мора да ги поддржуваш неговите помазани браќа и да го прифатиш нивното водство, бидејќи Бог е со нив‘. Оваа мисла ме води повеќе од седум децении.

‚КАДЕ Е МОЕТО МЕСТО?‘

Мајка ми се крсти во 1925 год. во салата за состаноци во Бетел. Оваа сала се викаше Лондонски табернакул и ја користеа браќата во таа околина. Јас сум роден на 15 октомври 1926 год., а се крстив во март 1940 год. на еден собир во Довер, кој се наоѓа на брегот на Англија. Многу ја засакав библиската вистина. Бидејќи мајка ми беше помазана христијанка, во симболична смисла, таа беше првиот „Евреин“ за чиј скут се држев. Во тоа време, татко ми и мојата постара сестра не му служеа на Јехова. Јас и мајка ми припаѓавме на собранието Гилингам, во југоисточна Англија, кое главно се состоеше од помазани христијани. Со своето ревносно проповедање, мајка ми беше одличен пример.

Во септември 1941 год., на еден конгрес во градот Лестер, беше одржан говор со наслов „Беспрекорност“. Во него се зборуваше за тоа кој има право да владее со светот. Овој говор ми помогна за првпат да разберам дека и ние сме вклучени во тоа спорно прашање што го покренал Сатана. Од нас се очекува да го признаеме Јехова како Севишен Владетел и да му останеме верни.

На тој конгрес многу се зборуваше за пионерската служба, а младите беа поттикнати да си постават за цел да бидат пионери. Додека го слушав говорот со наслов „Местото на пионерите во организацијата“, се прашав: ‚Каде е моето место?‘ Тој конгрес ме увери дека јас, како припадник на групата на „Јонадав“, сум должен да им помагам на помазаниците така што ќе давам сѐ од себе во проповедничкото дело. Токму на тој конгрес во Лестер, пополнив молба за пионерска служба.

ПИОНЕРСКА СЛУЖБА ЗА ВРЕМЕ НА ВОЈНАТА

На 1 декември 1941 год., кога имав 15 години, бев именуван за специјален пионер. Мојот прв партнер во оваа служба беше мајка ми, но по околу една година мораше да ја прекине од здравствени причини. Потоа подружницата во Лондон ми додели друг партнер, Рон Паркин, кој сега служи во Одборот на подружницата во Порторико.

Нѐ испратија да проповедаме во крајбрежните градови Броудстерс и Ремзгејт во грофовијата Кент, каде што изнајмивме една соба. Месечниот надоместок за специјалните пионери изнесуваше 40 шилинзи (или 8 тогашни американски долари). Кога ќе ја платевме станарината, не ни остануваше многу, и честопати не знаевме како ќе се снајдеме за јадење следниот ден. Но, Јехова секогаш ќе се погрижеше на некој начин за нашите потреби.

Многу често моравме да ги возиме нашите претоварени велосипеди наспроти силните ветрови кои дуваа од Северното Море. Исто така, моравме да се пазиме од воздушните напади и од германските проектили со кои беше бомбардиран Лондон, а кои летаа многу ниско над Кент. Еднаш морав да скокнам од велосипедот и да се засолнам во ендек кога една бомба ми прелета над главата и експлодира во блиската нива. И покрај тоа, бевме многу среќни додека служевме таму.

СЛУЖБА ВО БЕТЕЛ

Мајка ми секогаш зборуваше со воодушевеност за Бетел. Таа имаше обичај да каже: „Најголема желба ми е да служиш во Бетел“. Замислете си го моето изненадување и радост кога, во јануари 1946 год., добив покана да служам во Бетелот во Лондон и да помагам таму три седмици. Кога помина тој период, Прајс Хјуз, кој тогаш беше слуга на подружницата, ми предложи да останам. Поуките што ги добив таму ми помагаа низ целиот живот.

Во тоа време, во Бетелот во Лондон имаше 30-тина луѓе. Повеќето од нив беа млади самци, но имаше и неколкумина помазани браќа, меѓу кои беа Прајс Хјуз, Едгар Клеј и Џек Бар, кој подоцна стана член на Водечкото тело. За мене, како млад човек, беше огромна чест да ги поддржувам Христовите браќа и да служам под духовното водство и грижа на овие симболични „столбови“ (Гал. 2:9).

Еден ден додека бев во Бетел, еден брат ми кажа дека на капијата ме чека некоја сестра. Се изненадив кога видов дека тоа е мајка ми. Таа стоеше надвор со еден пакет во рацете. Ми рече дека нема да влезе за да не ме прекинува во работата. Само ми го подаде пакетот и си замина. Внатре имаше зимски капут. Оваа нејзина грижлива постапка многу ме потсети на Ана која секоја година му донесувала туника на своето синче Самоил додека тој служел во светиот шатор (1. Сам. 2:18, 19).

ГИЛЕАД — НЕЗАБОРАВНО ИСКУСТВО

Во 1947 год., петмина од нас што служевме во Бетел бевме поканети на Школата Гилеад во САД, и следната година присуствувавме на 11-тиот клас. Кога пристигнавме во државата Њујорк, каде што се одржуваше Школата, беше многу студено. Колку бев среќен што го имав капутот кој ми го даде мајка ми!

На Гилеад поминав шест незаборавни месеци. Дружењето со учесниците од 16 земји ми ги прошири видиците. Освен библиската обука што ја добив на школата, многу ми помогна и тоа што можев да бидам во друштво на зрели христијани. Лојд Бери, со кој бевме во истиот клас; Алберт Шредер, кој беше инструктор; како и Џон Бут, надгледникот на Бетелската фарма (каде што се наоѓаа објектите во кои се одржуваше Школата Гилеад) подоцна станаа членови на Водечкото тело. До ден-денес многу ми значат грижливите совети на овие браќа и нивниот одличен пример на верност кон Јехова и кон неговата организација.

ПОКРАИНСКА СЛУЖБА, А ПОТОА ПАК ВО БЕТЕЛ

Откако завршив со Школата, бев доделен во покраинското дело во државата Охајо (САД). Иако имав само 21 година, мојата младост не им пречеше на браќата. Напротив, тие срдечно ме прифатија. Во таа покраина, научив многу од искусните браќа.

По неколку месеци, бев повикан во Бетелот во Бруклин за да добијам додатна обука. Во текот на тоа време, се запознав со такви духовни џинови како Карл Клајн, Натан Нор, Т. Џ. (Бад) Саливен, Лајман Свингл и Милтон Хеншел. Сите тие подоцна служеа како членови на Водечкото тело. Извлеков многу поуки додека ги гледав како работат и како се однесуваат со другите. Мојата доверба во Јеховината организација се зголеми стократно. Потоа бев испратен да ја продолжам својата служба во Европа.

Мајка ми умре во 1950 год. По погребот, отворено разговарав со татко ми и со сестра ми, Дора. Ги прашав дали планираат да прават нешто во врска со вистината сега кога мајка ми почина, а јас веќе не бев дома. Бидејќи го познаваа и многу го почитуваа Хари Браунинг, еден постар помазан брат, се согласија да разговараат со него за Библијата. По една година, тато и Дора се крстија. Подоцна татко ми беше именуван како слуга во собранието Гилингам. Откако тој почина, Дора се омажи за еден верен старешина, Рој Мортон, и му служеше верно на Јехова сѐ до својата смрт во 2010 год.

СЛУЖБА ВО ФРАНЦИЈА

На училиште учев германски, латински и француски јазик, а од сите нив најмалку ми одеше францускиот. Затоа, имав поделени чувства кога бев замолен да служам во Бетелот во Париз. Таму имав чест да соработувам со слугата на подружницата, Анри Жежер, еден постар помазан брат. Не ми беше секогаш лесно да ја вршам задачата и правев грешки, но научив многу за меѓучовечките односи.

Освен тоа, учествував и во организирањето на првиот меѓународен конгрес во Париз по војната, кој се одржа во 1951 год. Леопол Жонте, еден млад патувачки надгледник, дојде да ми помогне во Бетел. Подоцна тој беше именуван за надгледник на подружницата. Конгресот се одржа во Палатата на спортовите, во близина на Ајфеловата кула. Присуствуваа делегати од 28 земји. На последниот ден, на програмата беа присутни 10.456 лица. Ова многу ги израдува браќата зашто во тоа време имаше само 6.000 Сведоци во Франција.

Кога пристигнав во Франција, јазикот не ми одеше баш најдобро. Што е уште полошо, кажував нешто на француски само тогаш кога бев сигурен дека нема да згрешам. Но, ако не правиш грешки, никој нема да те поправа и нема да напредуваш.

Решив да преземам нешто во врска со тоа, и се запишав на курс по француски за странци. Одев на часови навечер, во деновите кога немавме состаноци. Го засакав францускиот јазик и таа љубов низ годините сѐ повеќе растеше. Ова се покажа многу корисно бидејќи можев да помагам со преведувањето во подружницата во Франција. Со текот на времето, и самиот почнав да ја преведувам литературата од англиски на француски. Ми беше голема чест што имав удел во пренесувањето на духовната храна од верниот роб до сите браќа што зборуваат на овој јазик (Мат. 24:45-47).

БРАК И ДРУГИ БЛАГОСЛОВИ

Во 1956 год., се оженив со Естер, една сестра од Швајцарија, која служеше како пионер и која ја познавав веќе неколку години. Се венчавме во Салата на Царството во близина на лондонскиот Бетел (стариот Лондонски табернакул, каде што се крсти мајка ми). Брат Хјуз ни го одржа говорот за венчавање. Беше присутна и мајка ѝ на Естер, која исто така имаше небесна надеж. Освен што добив мила и верна придружничка, имав и многу прилики да бидам во друштвото на мојата добра и духовно настроена тешта, сѐ до 2000 год., кога таа го заврши својот живот на Земјата.

По венчавката, јас и Естер живеевме надвор од Бетел. Продолжив и понатаму да служам како преведувач на нашата литература, а таа служеше како специјален пионер во париските предградија. Им помогна на неколкумина да му станат слуги на Јехова. Во 1964 год., бевме поканети да живееме во Бетел. Потоа, во 1976 год., кога за првпат беше основан Одбор на подружницата, бев именуван како еден од членовите. Естер секогаш верно ми помагаше и ме поддржуваше.

„НЕМА ДА МЕ ИМАТЕ СЕКОГАШ“

Низ годините, имав можност неколку пати да одам во главното седиште во Њујорк. Додека бев таму, добивав добри совети од различни членови на Водечкото тело. На пример, еднаш му реков на брат Нор оти се плашам дека нема да стигнам да завршам една задача во одредениот рок. А тој само се насмевна и ми рече: „Не грижи се, само продолжи да работиш!“ Оттогаш наваму повеќепати ми се има случено да ми се натрупаат многу обврски. Но, наместо да паничам, почнувам да ги завршувам една по една, и на крајот успевам со сѐ, и тоа главно навреме.

Ноќта пред да умре, Исус им рекол на своите ученици: ‚Нема да ме имате секогаш покрај себе‘ (Мат. 26:11). И ние што припаѓаме на ‚другите овци‘ сме свесни дека Христовите помазани браќа нема да бидат секогаш со нас на Земјата. Затоа, сметам дека за мене е огромен благослов тоа што над 70 години можев блиску да соработувам со многу од овие помазаници — односно со благодарност ‚да се држам за скутот на Евреинот‘.

[Фуснота]

^ пас. 5 Повеќе информации за изразот „Јонадав“ има во Стражарска кула од 15 мај 2001, 14. страница.

[Истакната мисла на страница 21]

Брат Нор се насмевна и ми рече: „Не грижи се, само продолжи да работиш!“

[Слики на страница 19]

(лево) Мајка ми и татко ми

(десно) На Школата Гилеад во 1948 год., во зимскиот капут што ми го даде мајка ми

[Слика на страница 20]

Го преведувам говорот на брат Лојд Бери при свеченото отворање на подружницата во Франција (1997)

[Слики на страница 21]

(лево) Со Естер на нашата венчавка

(десно) Заедно проповедаме