Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Животна приказна

Мудроста на постарите ме водеше низ животот

Мудроста на постарите ме водеше низ животот

Раскажала Елва Џерде

Пред 70 години, еден гостин му даде на татко ми предлог што целосно ми го смени животот. Од тој значаен ден, уште неколку други луѓе одиграа важна улога во мојот живот, а стекнав и едно пријателство кое ми е поскапоцено од сите други. Да ви раскажам.

РОДЕНА СУМ во Сиднеј (Австралија), во 1932 год. Моите родители веруваа во Бог, но не одеа в црква. Мајка ми секогаш ми велеше дека Тој гледа сѐ што правам и дека ќе ме казни ако не сум послушна. Затоа се плашев од Бог. Но, Библијата многу ми се допаѓаше. Кога тетка ми доаѓаше кај нас на викендите, ми раскажуваше интересни библиски приказни. Со душа чекав да ни дојде на гости.

Кога имав околу тринаесет години, татко ми прочита комплет книги што една постара госпоѓа која беше Јеховин сведок ѝ ги даде на мајка ми. Бидејќи многу му се допадна она што го прочита, прифати Сведоците да го поучуваат за Библијата. Една вечер, додека проучуваше со Сведокот што беше дојден на гости, ме фати како прислушкувам. Но, пред да ми каже да се вратам в кревет, гостинот му рече: „Зошто не ја пуштиш Елва да седи со нас?“ Овој предлог беше почеток на моето пријателство со вистинскиот Бог, Јехова, и на еден сосема нов начин на живот.

Кратко потоа, јас и татко ми почнавме да одиме на христијанските состаноци. Она што тој го учеше го поттикна да направи промени во својот живот. Се трудеше и да не биде толку избувлив како порано. Ова ги поттикна мајка ми и постариот брат, Френк, да почнат да доаѓаат на состаноци. a Сите четворица продолживме духовно да напредуваме и на крајот се крстивме како Јеховини сведоци. Оттогаш се спријателив со голем број постари лица кои ми помогнаа во разни периоди од мојот живот.

ИЗБОР НА ЖИВОТЕН ПОЗИВ

Уште од почетокот се спријателив со некои постари во нашето собрание. Една од нив беше Елис Плејс, постарата сестра која прва му сведочеше на нашето семејство. Таа ми беше како вистинска баба. Ме поучуваше како да проповедам и ме поттикна да си поставам цел да се крстам. На 15 години ја постигнав таа цел.

Се зближив и со уште еден постар брачен пар, Перси и Маџ [Маргарет] Данам. Дружењето со нив многу влијаеше врз одлуките што ги донесов подоцна во животот. Тие служеле како мисионери во Латвија во 1930-тите, но кога избувна Втората светска војна во Европа, беа повикани да служат во Бетелот во Австралија, кој се наоѓа во Сиднеј. Перси и Маџ многу се грижеа за мене. Тие раскажуваа интересни искуства од нивната мисионерска служба. Иако имав голема желба да бидам учителка по математика, сфатив дека многу поголема радост ќе ми донесе тоа што ќе ги поучувам другите за Библијата. Затоа, решив да станам мисионер.

Овој брачен пар ме охрабри да служам како пионер за да се подготвам за мисионерска служба. Така, во 1948 год., кога имав 16 години, почнав со пионерска служба и радосно проповедав заедно со другите 10 млади пионери од моето собрание во Хартсвил (Сиднеј).

Во следните четири години, служев во четири други градови во Нов Јужен Велс и Квинсленд. Бети Ло (сега Ремнент), една многу пријатна личност, беше меѓу првите со кои ја проучував Библијата. Таа е две години постара од мене. Подоцна служевме заедно како пионери во Каура, град на околу 230 километри западно од Сиднеј. Иако соработувавме само кратко време, останавме пријателки до ден-денес.

Откако бев именувана како специјален пионер, се преселив во Нарандера, град на околу 220 километри југозападно од Каура. Таму служев заедно со Џој Ленокс (сега Хантер), ревносна пионерка која исто така беше две години постара од мене. Ние бевме единствените Сведоци таму. Јас и Џој живеевме кај еден многу гостољубив брачен пар, Реј и Естер Ајронс. Тие, како и нивниот син и трите ќерки се заинтересираа за вистината. Во текот на седмицата, Реј и синот работеа на фарма за овци и пченица надвор од градот. Ова семејство беше и сопственик на преноќиште, за кое се грижеа Естер и ќерките. Секоја недела, јас и Џој правевме обилна вечера за сите во семејството, како и за десетина гости во преноќиштето — гладни работници на железничката пруга. На тој начин покривавме дел од станарината. Откако ќе расчистевме сѐ по вечерата, го послужувавме семејството Ајронс со вкусен духовен оброк — седмичното проучување на Стражарска кула. Реј, Естер и нивните четири деца ја прифатија вистината и станаа првите Сведоци во собранието Нарандера.

Во 1951 год., присуствував на еден конгрес на Јеховините сведоци во Сиднеј. Таму отидов на еден посебен состанок за пионери кои беа заинтересирани за мисионерска служба. Состанокот се одржа во голем шатор, а беа присутни повеќе од 300 пионери. Ни се обрати Натан Нор од Бетелот во Бруклин и многу јасно кажа дека добрата вест треба да се проповеда во сите делови на Земјата. Просто го голтавме секој негов збор! Мнозина од пионерите што го слушаа во таа прилика подоцна беа првите што проповедаа за Царството во Јужниот Пацифик и на други места. Бев пресреќна кога во 1952 год. добив покана да присуствувам на 19. клас на школата Гилеад заедно со 16 други Сведоци од Австралија. На само 20 години, ми се исполни сонот да бидам мисионер!

ПОТРЕБА ОД ПРОМЕНИ

Школата Гилеад ми помогна уште подобро да ја запознаам Библијата и ми ја зајакна верата. Но, длабоко влијаеше и врз мојата личност. Тогаш бев млада и немав баш реална претстава за животот. Очекував совршенство и од себеси и од другите. Освен тоа, имав премногу строги ставови во врска со некои работи. На пример, се шокирав кога го видов брат Нор како игра бејзбол со група млади браќа од Бетел.

Инструкторите на школата, кои беа мудри браќа со долгогодишно искуство, сигурно видоа каква борба водам во себе. Беа љубезни кон мене и ми помогнаа да го променам своето размислување. Постепено почнав да го гледам Јехова со други очи. Сфатив дека тој не е строг Бог кој има преголеми барања од своите слуги. Напротив, многу нѐ сака и го цени сето она што го правиме за него. Дури и некои други што беа заедно со мене во класот ми помогнаа да гледам поинаку на работите. Се сеќавам како една сестра отворено ми рече: „Елва, Јехова не стои горе со камшик чекајќи да згрешиме па да нѐ казни. Не биди толку строга со себеси!“ Нејзините зборови ме допреа до срце.

Откако дипломиравме, бев испратена да служам во Намибија (Африка) заедно со уште четворица од тој клас. Наскоро сите водевме вкупно 80 библиски студии. Ја засакав Намибија и мисионерскиот живот. Но, додека бев на Гилеад, се заљубив во еден брат од класот кој беше испратен во Швајцарија. По една година во Намибија, заминав кај мојот свршеник. Откако се зедовме, продолживме заедно да служиме во покраинското дело.

СТРАШНО РАЗОЧАРУВАЊЕ

Откако поминавме пет прекрасни години во оваа служба, бевме поканети да служиме во Бетелот во Швајцарија. Многу се радував што и таму бев опкружена со голем број постари духовни браќа и сестри.

Наскоро потоа, се случи нешто ужасно. Дознав дека мојот сопруг ми бил неверен и мене и на Јехова. Кога ме напушти, бев скршена од болка! Не знам што ќе правев без љубовта и поддршката на моите драги постари пријатели од Бетел. Тие спремно ме слушаа кога сакав некому да му го излеам срцето, и ме оставаа на мир кога имав потреба да бидам сама. Со своите утешни зборови и љубезни постапки, ми помогнаа да ги пребродам тие мигови на неопислива болка и да станам уште поблиска со Јехова.

Се сеќавав и на мудрите зборови што со години пред тоа ми ги кажуваа постарите пријатели кои исто така минале низ разни неволји. На пример, Маџ Данам еднаш ми рече: „Елва, во својот живот и во службата за Јехова ќе се соочиш со многу неволји, но најтешките испити можеби ќе дојдат од оние што ти се најблиски. Ако се случи такво нешто, биди уште поблиска со Јехова. Никогаш не заборавај дека му служиш нему, а не на несовршени луѓе!“ Овој совет ми даваше сила кога минував низ многу мрачни периоди во животот. Бев решена да не дозволам грешките на мојот сопруг да ме оддалечат од Јехова.

По некое време, решив да се вратам во Австралија за да служам како пионер поблизу до моето семејство. За време на прекуокеанското патување, водев интересни разговори за Библијата со група сопатници. Меѓу нив беше и еден тивок Норвежанец кој се викаше Арне Џерде. Му се допаѓаше она што го слушаше. Подоцна тој го посети моето семејство во Сиднеј. Брзо напредуваше во духовен поглед, и се крсти. Во 1963 год., се зедовме, а две години подоцна ни се роди синот, Гери.

УШТЕ ЕДНА ЗАГУБА

Нашето мало семејство беше многу среќно. Наскоро Арне догради уште еден дел на нашата куќа за да можат и моите остарени родители да се преселат кај нас. Но, по шест години брак, доживеавме уште еден шок. Кај Арне беше откриен рак на мозокот. Го посетував секој ден во болница, каде што мораше да престојува долго поради терапијата со зрачење. Некое време му беше добро, но потоа состојбата му се влоши и доби мозочен удар. Ми рекоа дека му остануваат уште само неколку седмици. Меѓутоа, Арне преживеа. На крајот се врати дома, каде што се грижев за него додека полека закрепнуваше. Со текот на времето, можеше повторно да оди и пак да служи како старешина во собранието. Неговата ведрина и смисла за хумор многу му помогнаа да закрепне, а мене ми беше полесно да продолжам да го негувам.

Со години подоцна, во 1986 год., здравјето пак му се влоши. Бидејќи дотогаш моите родители веќе беа починати, се преселивме на убавите Сини Планини во близина на Сиднеј, каде што бевме поблизу до нашите пријатели. Подоцна Гери се ожени со една мила духовна сестра, Керин, и тие ни предложија да живееме заедно. По неколку месеци се преселивме во друга куќа оддалечена само неколку улици од куќата каде што пред тоа живеевме со Арне.

Последните 18 месеци од животот, Арне ги помина врзан за постела и му беше потребна постојана нега. Бидејќи поголемиот дел од времето не можев да излегувам од дома, секој ден по два часа ја проучував Библијата и библиските публикации. Мудрите совети што ги читав ми помагаа да се справам со мојата ситуација. Многу се радував и кога ќе ни дојдеа на гости постари браќа и сестри од собранието. Некои од нив минале низ слични неволји. Нивните посети навистина ме разведруваа! Арне почина во април 2003 год., со цврста вера во воскресението.

НАЈГОЛЕМАТА ПОДДРШКА

Кога бев млада, имав нереална слика за животот. Но, увидов дека работите многу ретко излегуваат така како што планираме. Доживеав безброј благослови, но и две големи трагедии. Го изгубив едниот сопруг затоа што ми беше неверен, а другиот се разболе и умре. За сето тоа време добивав утеха и водство од неколку извори. Но, најголемата поддршка сѐ уште ми ја дава „Прадревниот“ — Јехова Бог (Дан. 7:9). Неговите совети ми помогнаа да се менувам и да се подобрувам како личност, и благодарение на неговото водство имав многу убави искуства во мисионерската служба. Кога ќе ме притиснеа проблеми, ‚Јеховината милост ме поткрепуваше, и неговите утехи ми ја милуваа душата‘ (Пс. 94:18, 19). Освен тоа, ја чувствував љубовта и поддршката на моето семејство и пријателите — особено постарите — кои беа вистински ‚браќа во неволја‘ (Изр. 17:17).

Верниот Божји слуга Јов прашал: „Зарем нема мудрост меѓу старците и зарем не донесува разумност долгиот живот?“ (Јов 12:12). Кога ќе помислам на мојот живот, можам да кажам дека навистина е така. Советите на мудрите постари лица ми помагаа, нивната утеха ми даваше сила, а нивното пријателство ми го збогати животот. Многу сум благодарна што се дружев со нив.

Сега и самата имам 80 години. Поради моето животно искуство, можам многу полесно да ги разберам потребите на другите постари. Сѐ уште со задоволство ги посетувам и им помагам. Но, се радувам и на дружењето со младите. Нивниот младешки жар и елан ме охрабруваат и ми влеваат сила. А кога чувствувам дека им е потребен совет или поддршка, спремно и со радост се трудам да им помогнам.

[Фуснота]

a Френк Ламберт, братот на Елва, ревносно служеше како пионер во зафрлените делови во внатрешноста на Австралија.

[Слика на страница 14]

Како пионери со Џој Ленокс во Нарандера

[Слика на страница 15]

Заедно со некои членови на бетелското семејство во Швајцарија (1960)

[Слика на страница 16]

Со Арне кога беше болен