Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Од нашата архива

„Сѐ повеќе уживам да служам како колпортер“

„Сѐ повеќе уживам да служам како колпортер“

ВО 1886 год., од Библиската куќа во Алегени (Пенсилванија, САД) биле испратени за Чикаго (Илиноис) сто примероци од книгата Зора на илјадагодишното Царство, том 1. Чарлс Тејз Расел се надевал дека книжарниците ќе бидат заинтересирани за оваа книга. Една од најголемите дистрибутерски фирми за книги со верска содржина се согласила да го продава првиот том од оваа публикација. Но, две седмици подоцна, целата пратка била вратена во Библиската куќа.

Еден познат проповедник многу се налутил кога видел дека книгата Зора на илјадагодишното Царство е изложена заедно со неговите книги. Тој му се заканил на дистрибутерот дека, ако таа остане на штандот, тогаш тој и неговите пријатели — исто така познати проповедници — ќе ги повлечат своите книги и тоа ќе биде крај на соработката. Така дистрибутерот бил принуден да ги врати книгите на брат Расел. Освен тоа, во весниците веќе имало реклами за оваа книга. Но, противниците се погрижиле и договорите за рекламирање да бидат раскинати. Тогаш, како можела оваа нова публикација да стигне до рацете на оние што трагале по вистината?

Колпортерите биле решение за овој проблем. a Во 1881 год., Сионска Стражарска кула упатила апел да се пријават 1.000 доброволци кои ќе бидат спремни полновремено да ја раздаваат библиската литература. Иако имало само неколку стотини колпортери, тие насекаде го расеале семето на вистината користејќи ги публикациите. До 1897 год., главно колпортерите успеале да раздадат речиси еден милион примероци од книгите Зората на илјадагодишното Царство. Повеќето се издржувале со малиот надоместок што го добивале за секоја дадена книга и за секоја направена претплата на Стражарска кула.

Кои биле овие бестрашни колпортери? Некои почнале со оваа служба додека биле многу млади, а други биле повозрасни. Мнозина биле самци или брачни парови без деца, но имало и цели семејства. Постојаните колпортери биле во служба по цел ден, а помошните колпортери проповедале по еден или два часа дневно. Се разбира, поради здравјето и околностите, не можеле сите да служат на ваков начин. Сепак, на конгресот во 1906 год. било кажано дека оние што ќе се стават на располагање за оваа служба не мора да бидат „многу учени, ниту многу талентирани, ниту да зборуваат како ангели“.

На речиси секој континент, обични луѓе вршеле едно извонредно дело. Еден брат проценил дека за седум години дал околу 15.000 книги. Сепак, тој рекол: „Не станав колпортер за да продавам книги туку да сведочам за Јехова и за вистината“. Секаде каде што ќе стапнеле колпортерите, семето на вистината фаќало корен и никнувале сѐ повеќе групи на Истражувачи на Библијата.

Свештениците ги исмевале колпортерите, велејќи дека тие се обични продавачи на книги. Во една Стражарска кула од 1892 год. пишувало: „Малкумина ги признаваат [колпортерите] како вистински претставници на Бог и не сфаќаат колку многу Тој ја цени нивната понизност и самопожртвуваност“. Една сестра, која и самата била колпортер, рекла дека животот на овие доброволци „не им е мед и млеко“. Главно проповедале одејќи пеш или патувајќи со велосипед. Затоа им требале издржливи чевли и добри велосипеди. Кога луѓето не можеле да платат со пари, колпортерите ги разменувале книгите за храна. Откако проповедале по цел ден, се враќале во својот шатор или изнајмена соба — уморни, но среќни. Подоцна користеле еден вид колпортерска „куќа на тркала“, односно затворена приколка што ја влечеле коњи. Така можеле да заштедат многу време и пари. b

Почнувајќи од конгресот што се одржал во Чикаго во 1893 год., во програмата биле вклучени посебни говори наменети за колпортерите. Во нив се зборувало за разни методи на проповедање, се давале практични совети и се раскажувале искуства. Еднаш брат Расел ги поттикнал трудољубивите проповедници добро да појадуваат наутро, нешто подоцна да испијат чаша млеко, а кога времето е жешко да се освежат со ладен сок.

За време на конгресите, колпортерите на кои им бил потребен соработник за службата имале прикачено жолта трака на реверот. Поновите колпортери соработувале со поискусните. Очигледно ваквата обука била потребна, бидејќи една понова колпортерка од трема ги понудила книгите, велејќи: „Не ги сакате овие, нели?“ За среќа, станарката сакала да ги земе книгите, и подоцна станала сестра.

Еден брат се прашувал: ‚Дали да ја задржам својата профитабилна работа и да приложувам за делото по 1.000 долари годишно, или да станам колпортер?‘ Му било кажано дека Бог ќе го цени и едното и другото, но дека тој лично ќе има поголем благослов ако му дава повеќе од своето време на Јехова. Мери Хајндс рекла дека колпортерската служба е „најубавиот начин да им се прави најголемо добро на најмногу луѓе“. А срамежливата Алберта Крозби изјавила: „Сѐ повеќе уживам да служам како колпортер“.

Денес многу од потомците на овие ревносни колпортери, како и семејствата на оние што ја дознале вистината од нив, сѐ уште го ценат своето духовно наследство. Како е со тебе и со твоето семејство? Ако досега не сте имале колпортер или пионер во својата семејна лоза, дали би можеле да размислите и вие да започнете со една ваква семејна традиција? Така ќе имате можност и самите сѐ повеќе да уживате во полновремената служба.

[Фусноти]

a Од 1931 год., називот „колпортер“ е заменет со „пионер“.

b Во некое следно издание ќе има повеќе информации за овие „куќи на тркала“.

[Истакната мисла на страница 32]

Тие не морале да бидат „многу учени, ниту многу талентирани, ниту да зборуваат како ангели“

[Слика на страница 31]

Колпортерот А. В. Осеј во Гана, околу 1930 год.

[Слики на страница 32]

Горе: Колпортерите Едит Кин и Гертруд Морис во Англија, околу 1918 год.; долу: Стенли Косабум и Хенри Нонкис во САД, со испразнетите кутии во кои биле книгите што ги дале