Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

„Чувајте се од фарисејскиот квасец“

„Чувајте се од фарисејскиот квасец“

„Чувајте се од фарисејскиот квасец“

Исус им го дал следново предупредување на своите ученици: „Чувајте се од фарисејскиот квасец, односно од лицемерство“ (Лука 12:1). Ова предупредување го запишал и Матеј. Од неговото евангелие јасно се гледа дека Исус, всушност, ги советувал да се чуваат од „учењето“ на фарисеите (Мат. 16:12).

Во Библијата, зборот „квасец“ понекогаш се користи како симбол за расипаност. Без сомнение, и учењата и ставот на фарисеите имале многу лошо влијание врз оние што ги слушале. Зошто учењето на фарисеите било опасно?

1. Фарисеите биле горди на својата праведност и гледале од високо на обичниот народ.

Исус се осврнал на ваквата самоправедност во една своја споредба. Тој рекол: „Фарисејот застана и вака се молеше во себе: ‚Боже, ти благодарам што не сум како останатите луѓе: изнудувачи, неправедници, прељубници или како овој даночник. Постам двапати во седмицата, давам десеттина од сѐ што ќе стекнам‘. А даночникот, стоејќи понастрана, не сакаше ни очите да ги подигне кон небото, туку се удираше в гради и велеше: ‚Боже, биди милостив кон мене грешникот!‘“ (Лука 18:11-13).

Исус ја пофалил понизноста на даночникот, велејќи: „Ви велам, овој си замина дома поправеден од [фарисејот]. Зашто, секој што се возвишува, ќе биде понижен, а оној што се понизува, ќе биде возвишен“ (Лука 18:14). Иако собирачите на данок биле познати како нечесни луѓе, Исус сакал да им помогне на оние даночници кои го слушале. Најмалку двајца од нив — Матеј и Закхеј — станале негови следбеници.

Што треба да правиме ако понекогаш си мислиме дека сме подобри од другите поради некои наши способности, поради некоја одговорност што ни била доверена, или затоа што другите имаат поголеми слабости или прават повеќе грешки од нас? Мора брзо да ги отфрлиме таквите мисли, бидејќи Библијата вели: „Љубовта е долготрпелива и љубезна. Љубовта не е завидлива, не се фали, не се возвишува, не се однесува непристојно, не ја бара својата корист, не се раздразнува, не го памти злото. Не ѝ се радува на неправдата, а ѝ се радува на вистината“ (1. Кор. 13:4-6).

Треба да имаме сличен став како што имал апостол Павле. Откако рекол дека ‚Христос Исус дошол во светот за да ги спаси грешниците‘, тој додал: „Од кои најголемиот сум јас“ (1. Тим. 1:15).

Прашања за размислување:

Дали сум свесен дека сум грешник и дека моето спасение зависи од Јеховината незаслужена доброта? Или, пак, можеби сметам дека сум подобар од другите затоа што со години верно му служам на Бог, затоа што вршам одредени одговорности во неговата организација или, пак, имам некои посебни способности?

2. Фарисеите правеле добри дела за да ги видат другите и да им се восхитуваат поради нивната праведност. Најважно им било луѓето да ги ценат и да им се обраќаат со ласкави титули.

Во врска со нив, Исус го рекол следново: „Сите свои дела ги прават за да ги видат луѓето. Ги зголемуваат своите филактерии и ги продолжуваат ресите на своите облеки. Го сакаат најдоброто место на гозбите и предните седишта во синагогите и да бидат поздравувани по плоштадите и луѓето да ги нарекуваат учители“ (Мат. 23:5-7, фус.). Спореди го нивниот став со ставот на Исус. Иако бил совршен Божји Син, тој бил понизен. Кога еден човек му се обратил со „учителе добар“, Исус му рекол: „Зошто ме нарекуваш добар? Никој не е добар, освен еден, Бог“ (Мар. 10:18). Во една друга прилика, тој им ги измил нозете на своите ученици, и на тој начин им дал пример за понизност (Јован 13:1-15).

Еден вистински христијанин треба да им служи на соверниците (Гал. 5:13). Ова особено важи за оние што сакаат да бидат надгледници во собранието. Добро е некој „да сака да служи како надгледник“, но на ова треба да го поттикне желбата да им помага на своите браќа. Оној што врши ваква „служба“ не е поважен од другите и не господари над нив. Надгледниците треба да имаат „понизно срце“ како што имал Исус (1. Тим. 3:1, 6; Мат. 11:29).

Прашања за размислување:

Дали се однесувам поубаво со оние што имаат одредени одговорности во собранието, надевајќи се дека можеби ќе ми доверат повеќе задачи? Дали во службата за Бог повеќе сакам да ги правам оние работи што ќе ми донесат признание и фалба од другите? Дали секогаш се трудам да покажам дека сум подобар од другите?

3. Поради правилата и традициите на фарисеите, на обичниот народ му било тешко да го држи Законот.

Мојсеевиот закон објаснувал како Израелците требало да му служат на Јехова, но не одел во детали. На пример, Законот забранувал да се работи во саботен ден, но не наведувал список со работи што смееле и што не смееле да се прават (2. Мој. 20:10). Фарисеите си додале свои правила и традиции бидејќи мислеле дека Јеховините закони не се доволно прецизни. Исус го држел Мојсеевиот закон, но не и своеволните правила на фарисеите (Мат. 5:17, 18; 23:23). Тој добро го познавал духот на Законот, односно знаел зошто Бог го дал. А знаел и дека Јехова сака луѓето да покажуваат милост и сочувство. Исус покажал дека е разумен, дури и кога неговите ученици го разочарувале. На пример, иако ноќта кога бил уапсен поттикнал тројца свои апостоли да бидат будни и да бдеат, тие трипати заспале. Сепак, тој сочувствително рекол: „Духот, навистина, е спремен, но телото е слабо“ (Мар. 14:34-42).

Прашања за размислување:

Дали упорно поставувам некои свои, непопустливи правила? Дали очекувам другите да го прават она што јас мислам дека е исправно? Дали имам разумни очекувања од другите?

Размисли за разликите меѓу учењата на Исус и учењата на фарисеите. Би можел ли да се подобриш во нешто за да бидеш посличен на Исус? Ако да, биди решен да го сториш тоа.

[Слика на страница 28]

Фарисеите носеле кутичиња во кои имало делови од Писмото (Мат. 23:2, 5)

[Слики на страница 29]

За разлика од вообразените фарисеи, понизните христијански старешини им служат на другите

[Слика на страница 30]

Дали и ти, слично на Исус, имаш разумни очекувања од другите?