Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Животна приказна

Јехова ме поучи да ја вршам неговата волја

Јехова ме поучи да ја вршам неговата волја

Раскажал Макс Лојд

Во 1955 год., јас и уште еден мисионер служевме во Парагвај (Јужна Америка). Доцна една ноќ, куќата во која бевме ја опкружи една толпа разгневени луѓе, кои на сет глас викаа: „Нашиот бог е крвожеден и ја сака крвта на грингосите!“ Во нивни очи ние бевме грингоси (странци). Како се најдовме таму?

ЗА МЕНЕ сѐ започна пред многу години во Австралија, каде што пораснав и каде што Јехова почна да ме учи да ја вршам неговата волја. Во 1938 год., еден Сведок му ја даде на татко ми книгата Непријатели. Тој и мајка ми не беа задоволни од свештениците во нашето место, кои велеа дека некои делови од Библијата се измислени приказни. Околу една година подоцна, моите родители му го заветуваа својот живот на Јехова и се крстија. Оттогаш, вршењето на Јеховината волја беше најважно во нашето семејство. По нив се крсти сестра ми, Лесли, која беше пет години постара од мене, а во 1940 год. се крстив и јас, на возраст од девет години.

Кратко откако започна Втората светска војна, во Австралија беше забрането да се печати и да се дели библиската литература на Јеховините сведоци. Затоа, уште како дете научив да ги објаснувам моите верувања само со помош на Библијата. Секогаш ја носев на училиште за да објаснам зошто не го поздравувам знамето и зошто не ја поддржувам војната (2. Мој. 20:4, 5; Мат. 4:10; Јован 17:16; 1. Јов. 5:21).

Многу деца од училиштето не сакаа да се дружат со мене затоа што ме сметаа за „германски шпион“. Во тоа време, во моето училиште се прикажуваа филмови. Еднаш, пред да почне филмот, сите требаше да станат и да ја отпеат државната химна. Јас останав да седам, и затоа две-три деца се обидоа да ме натераат да станам тегнејќи ме за коса. По некое време ме избркаа од училиштето поради тоа што се држев за моите библиски верувања. Меѓутоа, успеав да го довршам школувањето вонредно.

КОНЕЧНО ЈА ОСТВАРИВ ЦЕЛТА

Си поставив цел да почнам со полновремена служба и да станам пионер кога ќе наполнам 14 години. Затоа, многу се разочарав кога татко ми и мајка ми ми рекоа дека прво треба да си најдам работа. Бараа да учествувам во домашните трошоци, но ми ветија дека, кога ќе наполнам 18 години, ќе може да бидам пионер. Поради тоа, честопати разговаравме за парите што ги заработував — јас им велев дека сакам да штедам за да можам да бидам пионер, но дека тие ми ја земаат заработката.

Кога дојде време да почнам со пионерската служба, моите родители ми кажаа дека ги тргале настрана сите пари што сум им ги давал. Тогаш ми ги вратија за да си купам облека и други работи што му се потребни на еден пионер. Ме учеа сам да се грижам за себе, а не да очекувам другите да го прават тоа. Таквите поуки многу ми користеа во животот.

Додека Лесли и јас бевме деца, во нашиот дом честопати престојуваа пионери. Ние радосно одевме во служба со нив. Викендите ги користевме за да сведочиме од куќа до куќа, на улица или, пак, за да водиме библиски студии. Во тоа време, секој месец објавителите требаше да поминат по 60 часа во службата на проповедање. Мајка ми речиси секогаш успеваше, и затоа беше убав пример за мене и за Лесли.

ПИОНЕРСКА СЛУЖБА ВО ТАСМАНИЈА

Мојата прва доделба како пионер беше австралискиот остров Тасманија, каде што веќе служеа сестра ми и зет ми. Меѓутоа, по кратко време тие заминаа на мисионерската школа Гилеад и беа дел од 15. клас. Јас бев многу срамежлив и никогаш претходно немав отидено далеку од дома. Некои мислеа дека нема да издржам подолго од три месеци. Сепак, по една година, во 1950, бев поставен за слуга на собранието, како што тогаш се нарекуваше координаторот на старешинството. Подоцна, бев именуван за специјален пионер, и служев заедно со уште еден млад брат.

Бевме испратени да проповедаме во едно зафрлено рударско гратче, во кое немаше ниту еден Сведок. Таму пристигнавме доцна едно попладне со автобус. Првата ноќ ја поминавме во еден стар хотел. Следниот ден, додека одевме во служба од куќа до куќа, ги прашувавме станарите дали некаде се издава соба. Кон крајот на денот, еден човек спомна дека куќата на свештеникот, која се наоѓаше веднаш до презвитеријанската црква, е празна и дека за неа можеме да се распрашаме кај ѓаконот. Тој беше многу љубезен и ни ја издаде куќата. Ни беше чудно секој ден да излегуваме од куќа на свештеник за да проповедаме!

Многу луѓе во тоа место се заинтересираа за пораката од Библијата. Водевме убави разговори и започнавме многу библиски студии. Кога верските водачи во главниот град дознаа за ова и слушнаа дека во куќата на свештеникот живеат Јеховини сведоци, побараа од ѓаконот веднаш да нѐ истера. Повторно останавме на улица!

Следниот ден проповедавме од куќа до куќа до пладне, а потоа баравме каде да ја минеме ноќта. Најдоброто место што можевме да го најдеме беше покриениот дел од трибините на стадионот. Ги скривме куферите таму и продолживме да проповедаме. Почна да се стемнува, но решивме да појдеме на уште неколку врати за да ја завршиме улицата. Замислете, еден од станарите ни понуди сместување во една мала двособна куќа во задниот дел од неговиот имот!

ПОКРАИНСКА СЛУЖБА И ГИЛЕАД

Откако поминав околу осум месеци на оваа доделба, добив покана од подружницата во Австралија да служам како покраински надгледник. Многу се изненадив, затоа што имав само 20 години. По неколку седмици обука, почнав редовно да ги посетувам собранијата за да ги охрабрувам. Оние што беа постари од мене, што значи скоро сите, не ме гледаа со потценување поради мојата младост, туку ја ценеа службата што ја вршев.

За да стигнам до собранијата, патував со најразлични превозни средства. Еднаш одев со автобус, другпат со воз, а некогаш со автомобил или со мотор, на кој од едната страна го носев куферот, а од другата чантата со литература. Ми беше многу убаво со браќата кај кои бев сместен. Памтам дека еден слуга на собранието многу сакаше да спијам кај него, иако куќата сѐ уште не му беше доградена. Таа седмица како кревет ми служеше кадата, но какво само задоволство беше да се соработува со тоа собрание!

Уште едно изненадување доживеав во 1953 год., кога ми беше дадено да пополнам молба за 22. клас на мисионерската школа Гилеад. Но, имав измешани чувства — бев и радосен и вознемирен. Помислив на сестра ми и зет ми, кои беа испратени во Пакистан откако дипломираа, на 30 јули 1950 год. Но, за помалку од една година, Лесли се разболе и почина таму. Се прашував: ‚Како ќе им биде на моите родители ако и јас заминам во некоја далечна земја кратко по тој немил настан?‘ Меѓутоа, тие рекоа: „Оди и служи му на Јехова каде и да те испрати“. Никогаш повторно не се видов со татко ми, кој почина при крајот на 1950-тите.

Набргу се качив на брод со уште пет други браќа и сестри од Австралија. Патувањето до градот Њујорк траеше шест седмици. За тоа време ја читавме Библијата, проучувавме и им сведочевме на другите патници. Пред да отидеме на местото каде што се одржуваше школата, во Саут Ленсинг, присуствувавме на меѓународниот конгрес на стадионот Јенки, кој се одржа во јули 1953 год. На него беа присутни 165.829 лица!

Во класот на школата Гилеад имаше 120 студенти од целиот свет. Дури на денот на дипломирањето ни кажаа во кои земји ќе бидеме испратени. Веднаш штом можевме, побрзавме кон библиотеката за да дознаеме нешто повеќе за земјите во кои бевме доделени. Дознав дека земјата во која ќе бидам испратен, Парагвај, има историја на политички револуции. Едно утро, кратко откако пристигнав таму, ги прашав другите мисионери каква беше таа „прослава“ што траеше цела ноќ. Тие се насмевнаа и рекоа: „Сношти беше сведок на твојата прва револуција. Погледни надвор“. И навистина, на секој чекор имаше војници!

НЕЗАБОРАВНА СЛУЧКА

Во една прилика, со покраинскиот надгледник бевме да посетиме едно оддалечено собрание и да го прикажеме на платно филмот Општеството на новиот свет во акција. Патувавме околу девет часа, прво со воз, потоа со коњска кочија и на крајот со воловска запрега. Со себе носевме генератор и филмски проектор. Откако конечно пристигнавме, следниот ден го поминавме во посета на фармите за да ги поканиме сите да го гледаат филмот што имавме намера да го прикажеме таа вечер. Дојдоа 15-ина души.

Откако поминаа околу дваесет минути од филмот, некој ни рече веднаш да влеземе во куќата. Набрзина го зедовме проекторот и послушавме. Само што влеговме, група мажи почнаа да пукаат и да извикуваат: „Нашиот бог е крвожеден и ја сака крвта на грингосите!“ Имаше само два грингоса, од кои едниот бев јас! Оние што беа дојдени за да го гледаат филмот ги спречија луѓето од толпата да влезат внатре. Но, напаѓачите пак дојдоа утрото околу три часот, пукајќи со пиштолите и заканувајќи се дека уште истиот ден ќе нѐ избркаат од нивното место.

Браќата му се обратија на шерифот, кој попладнето дојде со два коња за да нѐ врати во градот. На патот назад, кога наидувавме на грмушки и дрвја, тој го вадеше пиштолот и јаваше пред нас за да провери дали има некој. Сфатив дека коњот беше многу важно превозно средство, па затоа и јас си набавив еден.

ДОАЃААТ УШТЕ МИСИОНЕРИ

Делото на проповедање и понатаму добро напредуваше, иако свештениците постојано ни се противеа. Во 1955 год., пристигнаа пет нови мисионери. Меѓу нив беше и една млада Канаѓанка по име Елси Свансон, која дипломирала на 25. клас од Школата Гилеад. Кратко време и двајцата бевме во Бетел, а потоа ја испратија да служи во друг град. Таа се посветила на службата за Јехова без да има поддршка од своите родители, кои никогаш не ја прифатија вистината. На 31 декември 1957 год., Елси и јас се венчавме и живеевме сами во еден мисионерски дом на југот на Парагвај.

Немавме водовод, туку бунар во дворот. Тоа значи дека дома немавме ни туш, ни тоалет, ни машина за перење алишта, дури ни фрижидер. Лесно расипливата храна ја купувавме од ден за ден. Но, благодарение на таквиот едноставен живот и на љубовта од нашите браќа и сестри во собранието, тој период од бракот ни беше многу убав.

Во 1963 год., кратко откако се вративме во Австралија за да ја видиме мајка ми, таа доби срцев удар, веројатно од возбуда што повторно ме виде по цели десет години. Кога наближуваше времето да се вратиме во Парагвај, требаше да донесеме една од најтешките одлуки во нашиот живот: Дали да ја оставиме мајка ми во болница, надевајќи се дека некој ќе се грижи за неа, а ние да се вратиме на нашата служба во Парагвај, која многу ја сакавме? По многу молитви, Елси и јас одлучивме да останеме и да се грижиме за мајка ми. Успеавме да продолжиме со полновремената служба додека се грижевме за неа, сѐ до нејзината смрт во 1966 год.

Голема чест ми беше што многу години служев како покраински и областен надгледник во Австралија и што бев еден од инструкторите на Школата за именувани браќа. Потоа настапи уште една промена во нашиот живот. Бев именуван да служам како член на првиот Одбор на подружницата во Австралија. А кога требаше да се изгради нова подружница, бев назначен за претседавач на Одборот за изградба. Со помош на многуте искусни и соработливи доброволци, изградивме прекрасна подружница.

Потоа добив задача да служам во Службеното одделение, кое го надгледуваше проповедничкото дело во земјата. Исто така, имав чест како зонски надгледник да посетувам и други подружници во светот за да им помогнам и да ги охрабрам. Особено ми се зајакна верата кога во некои земји се сретнав со браќа и сестри кои поради нивната вера во Јехова поминале години, па дури и децении, во затворите и во концентрационите логори.

НАШАТА СЕГАШНА ДОДЕЛБА

Откако се вратив од едно напорно патување како зонски надгледник во 2001 год., добив покана да служам во Бруклин (Њујорк), во новоформираниот Одбор на подружницата на САД. Елси и јас многу се молевме и размислувавме за поканата, и на крајот радосно ја прифативме. Веќе 11 години служиме во Бруклин.

Многу сум среќен што мојата сопруга радосно прави сѐ што ќе побара Јехова. Сега сме во своите 80-ти години и имаме прилично добро здравје. Едвај чекаме Јехова да нѐ поучува во сета вечност и да ги доживееме богатите благослови кои ќе ги добијат оние што ќе продолжат да ја вршат неговата волја.

[Истакната мисла на страница 19]

Еднаш одев со автобус, другпат со воз, а некогаш со автомобил или со мотор, на кој од едната страна го носев куферот, а од другата чантата со литература

[Истакната мисла на страница 21]

Едвај чекаме Јехова да нѐ поучува во сета вечност

[Слики на страница 18]

Лево: во покраинска служба во Австралија

Десно: со моите родители

[Слика на страница 20]

Нашата венчавка, 31 декември 1957