Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Служи му на Богот кој дава слобода

Служи му на Богот кој дава слобода

Служи му на Богот кој дава слобода

„Љубовта кон Бог значи да се држат неговите заповеди, а неговите заповеди не се тешки“ (1. ЈОВ. 5:3)

МОЖЕШ ЛИ ДА ОДГОВОРИШ?

Како Сатана се обидува да нѐ наведе да мислиме дека Божјите закони се тешки?

Зошто мораме многу да внимаваме со кого се дружиме?

Што ќе ни помогне да му останеме лојални на Богот кој дава слобода?

1. Како Јехова гледа на слободата, и како го покажал тоа во односот со Адам и Ева?

 САМО за Јехова може да се каже дека е апсолутно слободен. Сепак, тој никогаш не ја злоупотребува својата слобода ниту, пак, ја контролира секоја ситница од животот на своите слуги. Напротив, тој им дал слободна волја, која им дозволува да донесуваат одлуки и да ги задоволат сите свои исправни желби. На пример, Бог им дал на Адам и Ева само една забрана — да не јадат од „дрвото на спознанието на доброто и злото“ (1. Мој. 2:17). Значи, тие ја вршеле Божјата волја, а во исто време имале и огромна слобода.

2. Зошто нашите прародители ја изгубиле слободата што им ја дал Бог?

2 Зошто Бог им дал на нашите прародители толкава слобода? Тој ги создал според својот лик, ги обдарил со совест и со право очекувал љубовта кон него како нивни Творец да ги води во исправна насока (1. Мој. 1:27; Рим. 2:15). За жал, Адам и Ева не покажале ценење ниту кон Оној што им подарил живот ниту кон слободата што им ја дал. Наместо тоа, ја избрале слободата што им ја понудил Сатана, односно сами да одлучуваат што е исправно а што погрешно, нешто на што немале право. Но, наместо да добијат поголема слобода, нашите прародители се продале и себеси и своите потомци во ропството на гревот, и тоа со катастрофални последици (Рим. 5:12).

3, 4. Каков став сака Сатана да ни наметне кон Божјите мерила?

3 Ако Сатана успеал да наведе двајца совршени луѓе — па дури и голем број духовни суштества — да го отфрлат Бог како владетел, сигурно може да нѐ измами и нас. Неговите тактики не се смениле. Тој се обидува да нѐ наведе да мислиме дека Божјите мерила се товар кој не ни дозволува да уживаме во животот (1. Јов. 5:3). Ако постојано сме изложени на вакво размислување, на крајот може и ние да почнеме така да размислуваме. „Лошото друштво многу влијаеше врз мене, посебно затоа што се плашев да имам поинакво мислење од другите“, вели една 24-годишна сестра која направила сексуален неморал. Можеби и ти си се нашол под сличен притисок.

4 За жал, понекогаш негативно влијание може да има и во христијанското собрание. „Во собранието имаше млади што беа во врска со лица што не се Сведоци“, вели еден млад Сведок. „Но, сфатив дека колку повеќе се дружам со нив толку повеќе станувам како нив. Почна да страда мојот однос со Јехова. Не уживав во духовната храна на состаноците и многу ретко одев во служба. Ова ми беше знак да прекинам да се дружам со нив. И прекинав!“ Свесен ли си колку силно влијание врз тебе може да имаат оние со кои се дружиш? Да разгледаме еден библиски пример што може да ни помогне и нам денес (Рим. 15:4).

ИМ ГИ ПРИДОБИВАЛ СРЦАТА

5, 6. Како Авесалом ги заведувал другите, и дали неговите сплетки успеале?

5 Библијата спомнува многу лица кои имале лошо влијание врз другите. Таков пример е Авесалом, еден од синовите на цар Давид. Авесалом бил многу убав човек. Но, со текот на времето, исто како Сатана, дозволил во срцето да му се развие алчна амбиција, па почнал да го посакува престолот на својот татко, иако не бил престолонаследник. * Во еден лукав обид да ја приграби власта, Авесалом почнал да се преправа дека е многу заинтересиран за своите сонародници, а во исто време препредено сакал да ги наведе да мислат дека на царот воопшто не му е грижа за нив. Исто како Ѓаволот во градината Еден, Авесалом се прикажувал себеси добар, а од друга страна го оцрнувал сопствениот татко (2. Сам. 15:1-5).

6 Дали подлите сплетки на Авесалом имале успех? До некоја мера да, затоа што Библијата вели: „Така Авесалом ги придобиваше срцата на Израелците“ (2. Сам. 15:6). Сепак, на крајот, арогантноста го одвела во пропаст. Но, го чинела и живот, а за жал, истата цена ја платиле и илјадници кои потпаднале под негово влијание (2. Сам. 18:7, 14-17).

7. Што можеме да научиме од она што се случило со Авесалом? (Види ја сликата на 14. страница.)

7 Зошто Авесалом толку лесно ги завел Израелците? Можеби затоа што ги посакувале работите што тој им ги ветил. Или можеби влијание одиграла неговата убавина. Која и да била причината, можеме да бидеме сигурни во ова: Израелците не чувствувале лојалност кон Јехова и кон царот поставен од него. Денес Сатана сѐ уште користи луѓе слични на Авесалом за да ги придобие срцата на Јеховините слуги. ‚Мерилата на Јехова премногу нѐ ограничуваат‘, велат тие. ‚Што им фали на оние што не му служат на Јехова? Баш им е убаво!‘ Ќе ги проѕреш ли таквите препредени лаги и ќе му останеш ли лојален на Бог? Ќе признаеш ли дека само „совршениот закон“ на Јехова, законот Христов, може да ти донесе вистинска слобода? (Јак. 1:25). Ако да, цени го тој закон и никогаш не паѓај на искушение да ја злоупотребиш слободата што ја имаш како христијанин (Прочитај 1. Петрово 2:16.)

8. Кои искуства покажуваат дека со прекршување на Јеховините мерила не се доаѓа до среќа?

8 Младите му се посебна мета на Сатана. Еден брат кој сега има над 30 години, во врска со времето кога бил тинејџер, вели: „Јеховините морални мерила ги сметав за ограничување, а не за заштита“. Поради таквиот став, направил неморал. Но, не се чувствувал посреќен. „Долги години се борев со чувства на вина и се каев“, вели тој. За своите тинејџерски години, една сестра напишала: „Откако ќе направиш неморал, се чувствуваш празно и безвредно. Дури и сега, 19 години подоцна, пак ми се враќаат лошите спомени“. Една друга сестра рекла: „Мислата дека со моето однесување ги повредив луѓето што толку многу ги сакам, ме скрши ментално, духовно и емоционално. Страшно е да живееш без милоста на Јехова“. Сатана не сака да размислуваш за ваквите последици од гревот.

9. а) Кои прашања можат да ни помогнат да сфатиме како гледаме на Јехова и на неговите закони и начела? б) Зошто е важно добро да го познаваме Бог?

9 Колку е жално што многу млади во вистината — па дури и некои постари — морале да научат на потешкиот начин дека грешните задоволства имаат висока цена! (Гал. 6:7, 8). Затоа прашај се: ‚Дали сплетките на Сатана ги гледам такви какви што се — злобни лаги?‘ ‚Дали Јехова го сметам за мој најблизок Пријател, некој кому секогаш можам да му ја кажам вистината и кој секогаш ми го мисли доброто?‘ ‚Дали сум потполно убеден дека тој никогаш не би ми ускратил нешто што е навистина добро и што би ми донело голема радост?‘ (Прочитај Исаија 48:17, 18.) За да можеш искрено да одговориш со ‚да‘ на овие прашања, не е доволно само површно да го познаваш Јехова. Треба добро да го познаваш и да сфатиш дека библиските закони и начела се одраз на неговата љубов кон тебе, а не средство да ти ја скрати слободата (Пс. 25:14).

МОЛИ СЕ ЗА МУДРО И ПОСЛУШНО СРЦЕ

10. Зошто да го следиме примерот на младиот цар Соломон?

10 Како младо момче, во молитва Соломон понизно рекол: „Јас сум уште дете и уште немам искуство“. Потоа го молел Јехова да му даде мудро и послушно срце (1. Цар. 3:7-9, 12). Јехова ја услишил таа искрена молба, а истото ќе го направи и за тебе, без разлика дали си млад или стар. Се разбира, Јехова нема со чудо да ти даде увид и мудрост. Тој ќе те направи мудар ако темелно ја проучуваш неговата Реч, ако го молиш да ти дава свет дух и ако ги следиш водството и поуките што ги добиваш во христијанското собрание (Јак. 1:5). Всушност, на тој начин дури и младите слуги на Јехова се помудри од сите оние што не обрнуваат внимание на неговите совети, дури и од оние што се ‚мудри и паметни‘ во очите на овој свет (Лука 10:21; прочитај Псалм 119:98-100).

11-13. а) Кои важни поуки можеме да ги извлечеме од Псалм 26:4, Изреки 13:20 и 1. Коринќаните 15:33? б) Како можеш да ги примениш овие библиски начела?

11 За да станеме блиски со Јехова, многу е важно да ја проучуваме Библијата и да размислуваме за она што го читаме. Да разгледаме неколку стихови што го потврдуваат ова. Во секој од нив е содржано важно начело во врска со изборот на пријатели: „Не седам со луѓе што зборуваат невистина и не одам кај оние што прикриваат какви се“ (Пс. 26:4). „Кој оди со мудрите, ќе стане мудар, а кој си има работа со безумни, лошо ќе си помине“ (Изр. 13:20). „Лошото друштво ги расипува добрите навики“ (1. Кор. 15:33).

12 Кои важни поуки можеме да ги извлечеме од овие стихови? 1) Јехова сака да внимаваме со кого избираме да се дружиме. Тој сака да нѐ заштити и во морален и во духовен поглед. 2) Оние со кои се дружиме влијаат врз нас, било позитивно било негативно. Тоа е непобитен факт. Од начинот на кој се изразени мислите во стиховите погоре се гледа дека Јехова сака да допре до нашето срце. Ако забележа, ниеден од стиховите не е изнесен како правило. На пример, на ниту едно место не читаме: „Не смееш...“ Напротив, мислите едноставно се изнесени како изјави. На некој начин Јехова како да ни вели: ‚Ова се фактите. Што ќе правиш ти? Што ти е во срцето?‘

13 Бидејќи во овие три стихови се изнесени основни вистини, тие никогаш не застаруваат и можат да се применат во многу ситуации. За да го објасниме ова, размисли за следниве прашања: Како да не се доведам во ситуација да бидам со луѓе „што прикриваат какви се“? (Изр. 3:32; 6:12). Кои се „мудрите“ со кои Јехова сака да се дружам? Кои се ‚безумните‘ за кои вели да ги избегнувам? (Пс. 111:10; 112:1; Изр. 1:7). Кои ‚добри навики‘ ќе си ги уништам ако изберам лошо друштво? Дали лошо друштво се само луѓето во светот? (2. Пет. 2:1-3). Како ќе одговориш на овие прашања?

14. Како можете да си ја збогатите Семејната вечер?

14 Вака би можел да разгледаш и други стихови што покажуваат како размислува Бог за работи што те засегаат тебе или твоето семејство. * Родители, би можеле да зборувате за такви теми на вашата Семејна вечер. Кога ќе го правите тоа, имајте на ум дека вашата цел е да му помогнете на секој еден во семејството да сфати дека законите и начелата што Бог ни ги дал се одраз на неговата голема љубов кон нас (Пс. 119:72). Ако вака проучувате како семејство, ќе станете поблиски со Јехова и меѓу себе.

15. Како ќе знаеш дали твоето срце станува мудро и послушно?

15 Како ќе знаеш дали твоето срце станува мудро и послушно? Еден начин да го дознаеш тоа е ако го споредиш своето размислување со размислувањето на верните слуги од минатото, како што бил цар Давид кој напишал: „Задоволство ми е да ја вршам твојата волја, Боже мој, и твојот закон е длабоко во мене“ (Пс. 40:8). Слично на него, писателот на Псалм 119 рекол: „Колку го сакам твојот закон! Цел ден размислувам за него“ (Пс. 119:97). Таквата љубов не доаѓа автоматски. Таа се развива кога длабоко проучуваме, се молиме и размислуваме за она што го читаме. Исто така, таа расте кога ги гледаме благословите што ги добиваме кога се држиме за Божјите мерила (Пс. 34:8).

БОРИ СЕ ЗА СЛОБОДАТА ШТО ЈА ДАВА БОГ!

16. Што не смееме да заборавиме ако сакаме да победиме во битката за вистинска слобода?

16 Низ историјата, луѓето воделе крвави војни во име на слободата. Тогаш, колку повеќе треба ние да вложуваме во духовната борба за да ја задржиме слободата што ја имаме како христијани! Да не заборавиме дека непријатели не ни се само Сатана и светот со неговиот смртоносен дух. Мораме да се бориме и со нашите несовршености, во што спаѓа и нашето измамливо срце (Ерем. 17:9; Еф. 2:3). Сепак, со помош од Јехова, можеме да извојуваме победа. Освен тоа, секоја победа — било голема било мала — ќе има најмалку два позитивни резултати. Прво, ќе го израдуваме Јехова (Изр. 27:11). И второ, кога ќе ја почувствуваме слободата што ја дава Божјиот ‚совршен закон на слободата‘, ќе бидеме уште порешени да останеме на ‚тесниот пат‘ што води во вечен живот. Со текот на времето, ќе ја добиеме вистинската слобода што Јехова им ја ветува на своите верни слуги (Јак. 1:25; Мат. 7:13, 14).

17. Зошто нашите несовршености не треба да нѐ разочараат, и каква помош ни обезбедува Јехова?

17 Се разбира, понекогаш сите правиме грешки (Проп. 7:20). Кога ќе се случи тоа, немој да се чувствуваш безвреден или претерано да се обесхрабриш. Ако се сопнеш, така да се каже, стани и продолжи — дури и ако тоа значи да побараш помош од старешините. Нивната „молитва упатена со вера“, напишал Јаков, „ќе го оздрави болниот, и Јехова ќе го подигне. И ако направил гревови, ќе му биде простено“ (Јак. 5:15). Никогаш не заборавај дека Бог е многу милосрден и дека тој те привлекол во собранието затоа што видел нешто добро во тебе (Прочитај Псалм 103:8, 9.) Сѐ додека се трудиш да му служиш со потполно оддадено срце, Јехова нема да те остави (1. Лет. 28:9).

18. Што мораме да правиме за Јехова да нѐ штити?

18 Последната вечер кога бил заедно со своите 11 верни апостоли, Исус го молел својот Татко да ги штити. Во молитвата ги кажал овие незаборавни зборови: „Те молам... да ги зачуваш од Злобниот“ (Јован 17:15). Исус не се грижел само за своите апостоли, туку и за сите свои следбеници. Затоа, можеме да бидеме сигурни дека Јехова ќе ја услиши молитвата на Исус така што ќе нѐ чува во овие тешки времиња. „Штит им е [Јехова] на оние што живеат непорочно... и го чува патот на оние што му се лојални“ (Изр. 2:7, 8). Точно, не е лесно да се живее непорочно, но тоа е единствениот пат што води во вечен живот и до вистинска слобода (Рим. 8:21). Не дозволувај никој да те оттргне од него!

[Фусноти]

^ пас. 5 Кога Бог му ветил на Давид дека ќе му даде „потомок“, или син, кој ќе го наследи неговиот престол, Авесалом веќе бил роден. Значи, Авесалом требало да знае дека Јехова не го избрал него за наследник на Давид (2. Сам. 3:3; 7:12).

^ пас. 14 Добри примери за ова се 1. Коринќаните 13:4-8, каде што Павле ја опишува љубовта, и Псалм 19:7-11, каде што се наведени многуте благослови што ги добиваме кога сме послушни на Јеховините закони.

[Прашања]

[Слики на страница 14]

Како ќе ги препознаеме луѓето што се слични на Авесалом, и како да се заштитиме од нив?