Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Тие се ставиле на располагање — во Еквадор

Тие се ставиле на располагање — во Еквадор

Тие се ставиле на располагање — во Еквадор

БРУНО, млад брат од Италија, требало да донесе важна одлука. Штотуку го завршил средното образование со најдобар успех во класот, и роднините и наставниците го убедувале да продолжи на факултет. Но, неколку години претходно Бруно му ветил на Јехова дека ќе му служи и дека тоа ќе му биде најважното нешто во животот. Каква одлука донел? Тој вели: „Во молитва му реков на Јехова дека ќе си го одржам ветувањето. Но, искрено му кажав и дека би сакал животот да ми биде интересен и исполнет со најразлични активности додека му служам“.

По неколку години, Бруно отишол во Еквадор (Јужна Америка). Тој вели: „Јехова ми даде многу повеќе од она што го барав“. На негово големо изненадување, кога пристигнал во Еквадор, запознал и други млади што отишле таму за да му служат на Јехова во поголема мера.

МЛАДИ ШТО ‚ГО ИСПИТУВААТ ЈЕХОВА‘

Исто како илјадници други млади во светот, Бруно го направил она што го рекол Јехова: „Испитајте ме во тоа, ве молам... зар нема да ви ги отворам небесните брани и да ви излеам благослов?“ (Мал. 3:10). Поттикнати од љубов кон Бог, тие решиле ‚да го испитаат Јехова‘ на тој начин што спремно ги трошат своето време, сили и средства за да служат во земја каде што има поголема потреба од објавители на Царството.

Кратко откако овие доброволци пристигнале во земјата каде што решиле да служат, со свои очи виделе дека „жетвата е голема, а работници има малку“ (Мат. 9:37). На пример, Жаклин од Германија одушевено го напишала следново до подружницата во Еквадор: „Во оваа земја служам нешто повеќе од две години и веќе проучувам со 13 лица, од кои 4 редовно доаѓаат на состаноците. Зар тоа не е прекрасно?“ Шантел од Канада раскажува: „Во 2008 год., се преселив во една област на брегот на Еквадор каде што имаше само едно собрание. Сега таму има 3 собранија и повеќе од 30 пионери. Нема ништо поубаво од тоа да видиш дека толку многу нови напредуваат во вистината!“ Потоа додава: „Неодамна се преселив во еден град на Андите, кој се наоѓа на надморска височина од 2.743 метри. Во него има преку 75.000 жители, но само едно собрание. Има толку многу заинтересирани луѓе! Многу ми е убаво во службата на проповедање“.

НЕКОИ ПРЕДИЗВИЦИ

Се разбира, не е секогаш лесно да се служи во друга земја. Некои млади наишле на препреки уште пред да го направат тој чекор. Кајла од Соединетите Држави вели: „Негативните реакции на некои добронамерни браќа од моето собрание ме обесхрабрија. Тие не можеа да сфатат зошто сакав да се преселам во друга земја за да служам како пионер. Понекогаш се прашував: ‚Дали донесов исправна одлука?‘“ И покрај сето тоа, Кајла решила да отиде. Таа кажува: „Многу се молев и долго разговарав со зрелите браќа и сестри, а тоа ми помогна да увидам дека Јехова ги благословува оние што спремно се ставаат на располагање“.

На мнозина им било предизвик да го научат новиот јазик. Шејбон од Ирска раскажува: „Многу ми беше тешко што не можев добро да се изразам. Морав да научам да бидам стрплива, трудољубиво да го учам новиот јазик и да се смеам на своите грешки“. Ана од Естонија вели: „Тоа што требаше да се навикнам на тропските горештини, правот и недостигот од топла вода за капење беше ништо во споредба со учењето на шпанскиот јазик. На моменти ми доаѓаше да се откажам. Морав да научам да мислам на она што сум го постигнала, а не на моите грешки“.

Друг предизвик е носталгијата. Џонатан од Соединетите Држави искрено вели: „Кратко откако пристигнав, ме обзеде тага затоа што бев далеку од пријателите и семејството. Но, ги совладав тие чувства на тој начин што многу ја проучував Библијата и одев во служба. Набргу убавите искуства од службата и новите пријатели што ги стекнав во собранието ми помогнаа повторно да бидам радосен“.

Уште еден предизвик се условите за живеење. Најверојатно нема да бидат исти како оние на кои си навикнат. Бо од Канада вели: „Во твојата земја ти е сосема нормално постојано да има струја и вода. Но, овде некогаш има, а некогаш нема“. Сиромаштијата, неудобните средства за јавен превоз и неписменоста се вообичаени во многу земји во развој. Инес од Австрија успева да издржи во такви услови со тоа што мисли на убавите особини што ги имаат луѓето. „Тие се многу гостопримливи добри понизни и спремни да помогнат“, вели таа. „Што е најважно од сѐ многу сакаат да учат за Бог.“

„БЛАГОСЛОВ ДОДЕКА НЕ БИДЕ ДОСТА“

Иако овие млади што служат во Еквадор направиле многу жртви, на своја кожа почувствувале дека Јехова дава „неизмерно повеќе од сѐ“ што можеле да си замислат (Еф. 3:20). Тие сметаат дека добиле „благослов додека не биде доста“ (Мал. 3:10). Прочитај што рекоа во врска со својата служба во Еквадор.

Бруно: „Службата во Еквадор ја започнав во фасцинантниот амазонски регион. Потоа, помагав во проширувањето на подружницата во Еквадор. Сега служам во Бетел. Во Италија донесов одлука Јехова да ми биде на прво место, а тој навистина ми ја исполнува желбата да водам возбудлив, интересен живот додека му служам“.

Бо: „Многу се зближив со Јехова затоа што во Еквадор можам да го посветам сето свое време на духовни активности. А дополнителен благослов е тоа што можам да посетам некои прекрасни места — нешто што отсекогаш сум го посакувал“.

Ана: „Мислев дека е невозможно јас како немажена сестра, да вршам служба слична на мисионерската. Но, сега знам дека тоа е можно. Јехова многу ме благословува. Среќна сум што можам да им помагам на луѓето да го запознаат Јехова да учествувам во изградбата на Сали на Царството и да склопувам нови пријателства“.

Елке: „Во Австрија често го молев Јехова да имам барем една библиска студија. Но, овде водам 15 библиски студии! Многу се радувам кога ќе видам колку се среќни оние со кои ја проучувам Библијата“.

Џоел: „Неверојатно искуство е да отидеш во непознато место за да му служиш на Јехова. Така учиш уште повеќе да се потпираш на него и прекрасно е кога гледаш како тој го благословува твојот труд! Првата година откако заминав од Соединетите Држави и дојдов во оваа земја, групата во која служам се зголеми од 6 на 21 објавител. На Спомен-свеченоста беа присутни 110 лица“.

ШТО ЌЕ НАПРАВИШ ТИ?

Млади браќа и сестри, дали околностите ви дозволуваат да служите во земја каде што има поголема потреба од објавители на Царството? Се разбира, пред да донесеш таква важна одлука, потребно е внимателно да размислиш. Што е уште поважно, за таков чекор е потребно да имаш силна љубов кон Јехова и кон ближниот. Ако имаш таква љубов и ако условите ти дозволуваат да служиш во друга земја, горливо моли го Јехова во врска со тоа. Потоа, разговарај со своите родители и со старешините во твоето собрание. Можеби ќе увидиш дека и ти можеш да учествуваш во оваа возбудлива и радосна гранка од светата служба.

[Истакната мисла на страница 3]

„Многу се молев и долго разговарав со зрелите браќа и сестри, а тоа ми помогна да увидам дека Јехова ги благословува оние што спремно се ставаат на располагање“ (Кајла од Соединетите Држави)

[Рамка/слика на страница 6]

Како да се подготвиш за да служиш во друга земја

• Стекни добри навики на проучување

• Разгледај го материјалот на страници 4-6 од Нашата служба за Царството од август 2011

• Разговарај со оние што веќе служеле во друга земја

• Научи нешто повеќе за културата и историјата на таа земја

• Почни да го учиш новиот јазик

[Рамка/слика на страница 6]

Некои што служат во друга земја се издржуваат така што...

• неколку месеци од годината работат во својата земја

• ја издаваат својата куќа, стан или бизнис

• работат преку интернет

[Слики на страници 4 и 5]

1. Жаклин од Германија

2. Бруно од Италија

3. Бо од Канада

4. Шејбон од Ирска

5. Џоел од САД

6. Џонатан од САД

7. Ана од Естонија

8. Елке од Австрија

9. Шантел од Канада

10. Инес од Австрија