Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

„Вашите дела ќе бидат наградени“

„Вашите дела ќе бидат наградени“

„Вашите дела ќе бидат наградени“

НА ЧЕЛО на својата војска, цар Аса брзо јава низ долината спуштајќи се од јудејските висорамнини кон крајбрежната рамница. Кога стигнуваат до едно место каде што долината се шири, пред нивните очи се отвора глетка од која на царот му се смрзнува крвта во жилите. На целата рамница што се протега пред нив е распослан логорот на етиопската војска. Непријателот сигурно брои милион војници, а војската на Аса е речиси двојно помала.

Им претстои неизбежна битка. Што прави цар Аса во тој момент? Дали веднаш им издава наредби на своите воени заповедници? Дали ги храбри своите војници? Дали пишува проштално писмо до семејството? Во никој случај! Соочен со оваа опасна ситуација, Аса се моли.

Пред да разгледаме за што се молел и што се случило во таа прилика, да видиме каков човек бил Аса. Што го навело да побара помош од Бог? Зошто бил сигурен дека Јехова ќе му помогне? Што учиме од овој извештај за тоа како Јехова ги благословува своите слуги кога го прават она што е исправно?

КАКОВ ЧОВЕК БИЛ АСА

Аса станал цар во 977 год. пр.н.е. Дваесет години пред тоа, израелскиот народ се поделил на две царства, и Јуда била преплавена со расипани пагански обичаи. Обожавањето на ханаанските богови на плодноста продрело дури и во царскиот двор. Но, Библијата вели дека, за време на своето владеење, Аса ‚го правел она што е добро и исправно во очите на Јехова, својот Бог‘. Тој ‚ги отстранил жртвениците на туѓите богови и обредните височинки, ги искршил светите столбови и ги исекол обредните диреци‘ (2. Лет. 14:2, 3). Освен тоа, ги протерал од Јуда „машките храмски блудници“ кои, во чест на своите лажни богови, вршеле блуд со други мажи. Но, освен што ја исчистил земјата, Аса направил уште нешто. Тој ги поттикнал Јудејците „да го бараат Јехова, Богот на своите прататковци“ и да ‚го држат Неговиот закон и заповеди‘ (1. Цар. 15:12, 13; 2. Лет. 14:4).

Јехова се радувал затоа што Аса со ревност го застапувал вистинското обожавање, и го наградил така што земјата со години била во мир. Затоа овој цар можел да каже: „Го баравме Јехова, нашиот Бог. Го баравме, и тој ни даде мир на сите наши граници“. Народот го искористил ова време на мир за да ги утврди градовите во царството Јуда. Библијата вели дека тие ‚граделе и имале успех‘ (2. Лет. 14:1, 6, 7).

НА БОЈНОТО ПОЛЕ

Со оглед на сето ова, не треба да нѐ изненади тоа што Аса му се обратил на Јехова во молитва кога се соочил со најголемата човечка војска која е спомната во Библијата. Аса знаел дека Бог ги наградува оние што ја покажуваат својата вера со дела. Во својата молитва, царот горливо барал помош од Јехова. Тој бил свесен дека, ако се потпре на Бог и ако добие помош од Него, не е важно колку е броен и колку е моќен непријателот. Аса исто така знаел дека исходот од оваа војна ќе влијае врз Јеховиното име, и поради тоа го молел Бог со следниве зборови: „Помогни ни, Јехова, Боже наш, зашто на тебе се потпираме и во твое име излеговме против ова мноштво! Јехова, ти си наш Бог, не дозволувај смртниот човек да биде посилен од тебе!“ (2. Лет. 14:11). Со други зборови, тој како да рекол: ‚Етиопјаните те напаѓаат тебе, Јехова. Не дозволувај овие обични смртници да го поразат твојот народ и да го посрамат твоето име!‘ Јехова одговорил така што ‚ги поразил Етиопјаните пред Аса и пред Јуда, и Етиопјаните се разбегале‘ (2. Лет. 14:12).

Денес Јеховиниот народ се соочува со многу силни противници. Ние нема да се бориме против нив со дословно оружје. Сепак, може да бидеме сигурни дека Јехова ќе ги награди со победа сите верни кои водат духовна војна за да го посветат неговото име. Секој од нас можеби води долга и тешка битка со погрешните ставови на светот, со сопствените слабости или се бори за да го заштити семејството од расипани влијанија. Сеедно со какви неволји се соочуваме, молитвата на Аса може многу да нѐ охрабри. Јехова му помогнал на овој цар да победи. Тоа покажува што можат да очекуваат сите што се потпираат на Бог. Ниту една човечка сила не може да му се спротивстави на Јехова.

ОХРАБРУВАЊЕ И ПРЕДУПРЕДУВАЊЕ

Додека Аса се враќал од битката, го пресретнал Азарија. Овој пророк му дал и охрабрување и предупредување на царот. Тој му рекол: „Чујте ме, Аса и цел народе на Јуда и на Венијамин! Јехова ќе биде со вас сѐ додека вие сте со него. Ако го барате, ќе ви дозволи да го најдете, но ако го оставите, и тој ќе ве остави вас... А вие бидете храбри и нека не ви ослабат рацете, зашто вашите дела ќе бидат наградени“ (2. Лет. 15:1, 2, 7).

Овие зборови можат да ни ја зајакнат верата. Тие покажуваат дека Јехова ќе биде со нас сѐ додека верно му служиме. Кога го повикуваме за помош, може да бидеме уверени дека тој нѐ слуша. Азарија рекол: „Бидете храбри“. Честопати е потребна голема храброст да постапуваме исправно, но знаеме дека можеме да успееме во тоа со Јеховина помош.

Бидејќи бабата на Аса, Мааха, направила „одвратен идол за да се обожава обредниот дирек“, Аса морал да ја тргне од положбата на „царица-мајка“, иако не му било лесно. Тој го изгорел и нејзиниот идол (1. Цар. 15:13). Аса бил благословен поради својата одлучност и храброст. Јехова ќе нѐ награди и нас ако непоколебливо му служиме и живееме во склад со неговите праведни мерила без оглед на тоа дали нашите роднини му се верни на Бог или не.

Еден благослов што го добил Аса било тоа што многу Израелци од отпадничкото северно царство се преселиле во Јуда кога сфатиле дека Јехова е со него. Тие толку многу го ценеле обожавањето на вистинскиот Бог што решиле да ги напуштат своите домови за да живеат меѓу Јеховините слуги. Потоа Аса и цела Јуда со радост склучиле ‚сојуз дека ќе го бараат Јехова со сето срце и со сета душа‘. Каков бил резултатот? Јехова ‚им дозволил да го најдат, и им дал мир на сите нивни граници‘ (2. Лет. 15:9-15). И ние денес многу се радуваме кога искрените луѓе одлучуваат да му служат на Јехова!

Но, зборовите на пророкот Азарија содржеле и сериозно предупредување. Тој рекол: „Ако го оставите [Јехова], и тој ќе ве остави вас“. Никогаш да не дозволиме да ни се случи такво нешто, бидејќи последиците можат да бидат страшни! (2. Пет. 2:20-22). Библијата не открива зошто Јехова му го дал ова предупредување на Аса, но знаеме дека царот не го послушал.

„ПОСТАПИ БЕЗУМНО“

Во 36-та година од владеењето на Аса, израелскиот цар Васа се кренал против Јуда. Веројатно во обид да ги спречи своите поданици да одат во Јуда и да му служат на Јехова и на Аса, тој почнал да го утврдува пограничниот град Рама, кој се наоѓал на 8 километри од Ерусалим. Наместо да побара помош од Бог како што направил кога се соочил со Етиопјаните, Аса побарал помош од луѓе. Тој му испратил дарови на сирискиот цар, и побарал од него да го нападне северното царство Израел. Кога Сиријците почнале да напаѓаат, Васа се повлекол од Рама (2. Лет. 16:1-5).

Јехова го испратил пророкот Ананиј да му каже на Аса дека не ја одобрува неговата постапка. Бидејќи добро знаел што направил Бог со Етиопјаните, Аса требало да сфати дека „Јехова ја пребарува со своите очи целата земја за да ја покаже својата сила штитејќи ги оние што му се оддадени со цело срце“. Можеби послушал нечиј погрешен совет или, пак, не мислел дека Васа е толку опасен непријател, па затоа заклучил дека може сам да се справи со него. Како и да било, Аса покажал поголема доверба во луѓе отколку во Јехова. Ананиј му рекол: „Во тој поглед постапи безумно и затоа отсега ќе се поведуваат војни против тебе“ (2. Лет. 16:7-9).

Аса реагирал многу лошо на овој совет. Се разлутил, и го фрлил пророкот Ананиј во затвор и го ставил во клада (2. Лет. 16:10). Дали можеби Аса си рекол: ‚Зарем заслужувам ваков укор по толку години верна служба?‘ Или, пак, можеби не размислувал трезвено затоа што веќе бил навлезен во години? Библијата не кажува ништо во врска со тоа.

Во 39-та година од своето царување, Аса тешко се разболел од нозете. Извештајот вели: „Но, ни во болеста не го бараше Јехова, туку лекарите“. Изгледа дека во тоа време царот го занемарил своето духовно здравје. Очигледно во таква состојба и починал, во 41-та година од своето владеење (2. Лет. 16:12-14).

По сѐ изгледа, Јехова повеќе се сеќавал на убавите особини на Аса и на неговата ревност за вистинското обожавање отколку на неговите грешки. Аса никогаш не престанал да му служи на Јехова (1. Цар. 15:14). Според тоа, што учиме од неговиот живот? Учиме дека треба секогаш да се сеќаваме како Јехова ни помагал во минатото, бидејќи тие скапоцени спомени ќе нѐ поттикнат да го молиме за помош кога ќе се соочиме со нови испити. Но, не смееме да заклучиме дека не ни е потребен библиски совет затоа што со години верно му служиме на Бог. Сеедно колку долго му служиме, Јехова ќе нѐ укори ако згрешиме. Мора понизно да го прифатиме таквиот укор ако сакаме да извлечеме корист од него. Најважното нешто што го учиме е дека нашиот небесен Татко ќе биде со нас сѐ додека ние сме со него. Јехова ја пребарува целата Земја со своите очи за да ја покаже својата сила и да им помогне на оние што му се верни. Јехова го наградил Аса, а ќе нѐ награди и нас.

[Истакната мисла на страница 9]

Јехова ги наградува сите верни кои водат духовна војна

[Истакната мисла на страница 10]

Потребна е храброст за да го правиме она што е исправно во Јеховини очи