Од нашата архива
На пат со пилгримите
„ЕДНОСТАВНО не можам да одам од врата до врата!“ Сигурно многу интересенти го рекле ова кога сфатиле дека ќе треба да им проповедаат на непознати луѓе. Но, всушност, ова е изјава на еден пилгрим — искусен патувачки говорник кој добро поучувал за Библијата.
Многу читатели на Сионска Стражарска кула кои ги напуштиле своите цркви копнееле да се дружат со оние што, исто како нив, жеднееле за библиската вистина. Ова списание ги поттикнало да ги побараат другите што имале слична скапоцена вера и редовно да се собираат за да ја проучуваат Библијата. Од 1894 год., Watch Tower Society почнало да испраќа патувачки претставници за да ги посетуваат групите кои сакале да дознаат повеќе за Библијата. Овие искусни и трудољубиви мажи, кои подоцна биле наречени пилгрими, биле избрани за таа задача затоа што биле кротки, добро ја познавале Божјата Реч, биле способни говорници и покажувале вера во откупнината. Посетата на пилгримот обично траела еден или два дена, и била полна со активности. Многу Истражувачи на Библијата за првпат ја вкусиле службата на подрачјето кога делеле покани за неговото јавно предавање. По говорот што го одржал во едно училиште, Хуго Ример, кој подоцна станал член на Водечкото тело, одговарал на библиски прашања до полноќ. Уморен, но среќен, тој рекол дека состанокот бил „прекрасен“.
Во Сионска Стражарска кула пишувало дека главната цел на посетата на пилгримите била да го изградат „Божјето домаќинство“ одржувајќи говори во домовите на верниците. Истражувачите на Библијата од околината доаѓале да ги слушаат говорите и да учествуваат во дискусиите со прашања и одговори. Потоа домаќините имале можност да покажат гостопримство. Како млада девојка, Мод Абот присуствувала на претпладневниот говор, а потоа сите се собирале околу една долга маса во дворот. „На трпезата имаше сѐ и сешто — домашна шунка, печено пиле, разни видови леб, пити и колачи! Секој јадеше колку што можеше, и околу два часот повторно се собиравме да слушаме уште еден говор“. Но, Мод признава: „Тогаш веќе сите нѐ фаќаше дремка“. Бенџамин Бартон, кој долги години служел како пилгрим, еднаш рекол: ‚Ако ги јадев сите убави јадења што ми ги принесуваа, одамна ќе завршев со пилгримската служба‘. На крајот, беше испратено писмо од главното седиште во Бруклин во кое добронамерните сестри беа советувани да им подготвуваат на пилгримите „едноставно, обично јадење“ и да им овозможат „добро да се наспијат“.
Пилгримите поучувале на многу добар начин користејќи графикони, макети и сѐ друго што им било при рака за живописно да им ги пренесат библиските поуки на своите слушатели. Р. Х. Барбер секогаш ги изнесувал своите говори на многу сликовит начин. В. Џ. Торн зборувал како грижлив татко, слично на „патријарсите од старо време“. Еден ден, додека се возел во автомобил марка Форд, Шилд Тутџин одеднаш извикал: „Запри!“ Потоа изрипал од колата, набрал букет полски цвеќиња и ја искористил таа прилика да ги поучи своите сопатници за Јеховините творби.
Напорната служба била предизвик особено за пилгримите кои биле во средни години или постари. Но, за некои најголем испит било тоа што
се сменила главната цел на нивното дело. Во Стражарска кула од 15 март 1924 год., пишувало дека „една од главните задачи“ на вистинските христијани „е да сведочат за Царството. Пилгримите се испратени со таа цел“. Оттогаш од пилгримите се очекувало да предводат во проповедањето од куќа до куќа.На некои од нив очигледно не им се допаднала промената, бидејќи престанале да служат во патувачкото дело, а други биле толку незадоволни што се одвоиле и формирале свои религиозни групи. Роби Д. Едкинс раскажал дека еден пилгрим кој бил одличен говорник огорчено се жалел: „Јас знам да проповедам само од подиум. Едноставно не можам да одам од врата до врата!“ Брат Едкинс додал: „Повторно го видов овој брат во 1924 год. на конгресот во Колумбус (Охајо). Изгледаше како да е најнесреќниот од сите присутни. Иако беше опкружен со илјадници радосни браќа, тој стоеше сам и потиштен под сенката на едно дрво. Никогаш повеќе не го видов. Наскоро потоа ја напушти организацијата“. За разлика од него, ‚многу браќа зрачеле од радост додека носеле книги до своите коли‘. Очигледно, едвај чекале да сведочат од куќа до куќа (Дела 20:20, 21).
Иако имале исто толкава трема колку и браќата на кои требало да им дадат обука, многу пилгрими со цело срце се зафатиле со проповедањето. Во врска со сведочењето од куќа до куќа, пилгримот Максвел Френд (Фрешел), кој зборувал германски, напишал: „Овој дел од пилгримското дело ни носи уште поголеми благослови“. Пилгримот Џон А. Бонет известил дека повеќето браќа спремно и од сѐ срце го прифатиле повикот да проповедаат за Царството. Според него, најголемиот дел од нив „гореле од желба да застанат во првите борбени редови“.
Низ годините, верните браќа што служеле во патувачкото дело многу добро влијаеле врз соверниците. „Уште како мал сфатив дека пилгримите се вистински благослов“, рекол еден долгогодишен Сведок по име Норман Ларсон. „Тие многу ми помогнаа да се обликувам како личност.“ До ден-денес, ваквите самопожртвувани и верни патувачки надгледници им помагаат на своите соверници да кажат: „Ние можеме да одиме од врата до врата!“
[Истакната мисла на страница 32]
Посетата на пилгримот била радосен настан
[Слика на страница 31]
Во својата годишна обиколка, Бенџамин Бартон планирал да посети 170 групи во 1905 год.
[Слика на страница 32]
Валтер Џ. Торн служел како пилгрим, а нагалено го викале Татенце затоа што бил грижлив како татко
[Слика на страница 32]
Џ. А. Брауни бил испратен како пилгрим на Јамајка во 1902 год. за да зајакне и охрабри 14 мали групи
[Слика на страница 32]
Службата на пилгримите ја зајакнувала верата на браќата, го зацврстувала нивното единство и ги зближувала со организацијата