Се сеќаваш ли?
Се сеќаваш ли?
Дали внимателно ги читаше последните неколку броеви од Стражарска кула? Види дали можеш да одговориш на следниве прашања:
Дали Самсон имал голема сила поради косата?
Самсон немал толкава сила поради косата туку затоа што, како назареец, бил во посебен однос со Јехова. Тој однос бил нарушен кога Делила наредила да му биде избричена косата (15/4, страница 9).
Слично со нашето дословно срце, кои три работи можат да имаат добро влијание врз нашето симболично срце?
1) Исхрана: Исто како што на нашето дословно срце му е потребна здрава храна, така и на нашето симболично срце му е потребна здрава духовна храна. 2) Вежбање: Нашето симболично срце ќе биде во добра состојба ако ревносно учествуваме во службата. 3) Животна средина: Можеме да го намалиме стресот ако се дружиме со нашите соверници, кои искрено нѐ сакаат (15/4, страница 16).
Како може да се врати изгубената доверба откако едниот брачен другар бил неверен?
Брачните другари треба 1) да бидат искрени еден со друг; 2) да соработуваат како тим; 3) да ги заменат старите навики со нови и 4) да си остават доволно време за да им помине огорченоста и да се потрудат да го премостат јазот (1/5, страници 12-15).
Зошто некој што држи погребен говор не треба да го примени Псалм 116:15 на починатиот?
Стихот вели: „Скапоцена е во очите на Јехова смртта на оние што му се лојални“. Тоа укажува дека Бог ја смета за скапоцена смртта на сите негови лојални слуги на Земјата и затоа нема да дозволи тие да бидат уништени како група (15/5, страница 22).
Кои биле колпортерите?
Пред 1931 год., називот „колпортери“ се однесувал на оние што денес се викаат „пионери“ (15/5, страница 31).
Што покажува дека Библијата не е обична книга напишана од луѓе?
Библијата содржи бројни пророштва кои се исполниле. Во неа е запишана точната историја, а не митови. Освен тоа, таа е научно точна и нејзините одделни книги се во меѓусебен склад. Библијата е корисна и во денешно време (1/6, страници 4-8).
Кои се „сите други царства“ спомнати во Даниел 2:44?
Тоа се царствата, односно владите, кои се претставени со деловите на кипот составен од различни метали, кој го опишал пророкот Даниел (15/6, страница 17).
Кога Англо-Америка почнала да дејствува како седмата светска сила проречена во Библијата?
Оваа двојна светска сила почнала да дејствува кога Британија и САД почнале да соработуваат на еден посебен начин во Првата светска војна (15/6, страница 19).
Како Бог ги простува и ги заборава гревовите на оние што се каат?
Во врска со оние што ги сака, Јехова вели: „Повеќе нема да се сеќавам на нивниот грев“ (Ерем. 31:34). Тој може да ги прости гревовите на темел на откупнината. Кога го прави тоа, Бог заборава во таа смисла што не се сеќава на гревовите на поединецот со цел повторно да го казни поради нив (1/7, страница 18).
Зошто може да веруваме во чудата запишани во Библијата?
Тие биле направени пред многу луѓе, а не во тајност. Биле едноставни и не биле проследени со никакви специјални ефекти. Нивната цел била да се прослави Бог, а не луѓето. Биле направени разни чуда, и противниците во тоа време не негирале дека тие чуда се случиле. Од овие причини може да веруваме во чудата запишани во Библијата (1/8, страници 7-8).