Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Чувај се од замките на Ѓаволот!

Чувај се од замките на Ѓаволот!

Чувај се од замките на Ѓаволот!

‚Извлечете се од замката на Ѓаволот‘ (2. ТИМ. 2:26)

КАКО БИ ОДГОВОРИЛ?

Што треба да направиме ако имаме навика да ги критикуваме другите?

Како примерите на Пилат и Петар можат да ни помогнат да не подлегнеме на стравот и на притисокот од околината?

Како може да се ослободиме од претераното чувство на вина?

1, 2. Кои замки на Ѓаволот ќе ги разгледаме во оваа статија?

 ЃАВОЛОТ постојано ги демне Јеховините слуги. Но, тој не лови секогаш со цел да го убие својот плен, како што го прави тоа еден ловџија. Напротив, главната цел на Ѓаволот е да го улови жив својот плен за да го користи како што сака. (Прочитај 2. Тимотеј 2:24-26.)

2 За да го фати жив својот плен, еден ловџија би можел да користи разни стапици. Би можел да се обиде да го натера животното да излезе на отворено и потоа да го улови со јамка. Би можел да користи и скриена стапица, која има механизам за активирање и во која жртвата ненадејно се фаќа. И Ѓаволот користи слични замки за да ги фати живи Божјите слуги. За да не станеме негов плен, мора да бидеме претпазливи и да им обрнуваме внимание на предупредувањата кои ни откриваат каде ги поставил замките. Во оваа статија ќе разгледаме како да се чуваме од три замки во кои Ѓаволот успеал да фати некои Божји слуги. Тие се 1) неконтролираниот говор, 2) стравот и притисокот од околината и 3) претераното чувство на вина. Во следната статија ќе разгледаме уште две други стапици на Сатана.

ИЗГАСНИ ГО „ОГНОТ“ — НЕКОНТРОЛИРАНИОТ ГОВОР

3, 4. Што може да се случи ако не го контролираме својот јазик? Наведи пример.

3 За да ги присилат животните да излезат од своите скривалишта, некои ловџии палат дел од околните дрвја и грмушки, а потоа ги фаќаат животните кои се обидуваат да побегнат. Во симболична смисла, Сатана би сакал да запали оган во собранието. Ако успее, ќе може да ги истера неговите членови од тоа безбедно засолниште и така тие ќе завршат право во неговите канџи. Како би можеле несвесно да му помогнеме на Сатана и да му дозволиме да нѐ улови?

4 Ученикот Јаков го споредил јазикот со оган. (Прочитај Јаков 3:6-8.) Ако не го контролираме нашиот говор, би можеле да потпалиме оган во собранието. Како? Да ја разгледаме следнава ситуација: На еден собраниски состанок, се дава известување дека некоја сестра ќе служи како општ пионер. По состанокот, две сестри зборуваат за тоа. Едната вели дека многу се радува и дека ѝ посакува сѐ најдобро на новата пионерка. Но, другата ѝ припишува лоши мотиви на пионерката и вели дека таа само сака да биде во центарот на вниманието. Која од овие сестри би сакал да ти биде пријателка? Не е тешко да се види која од нив би можела со својот јазик да запали оган во собранието.

5. Што треба да правиме за да го изгаснеме „огнот“ кој може да го запалиме со нашиот јазик?

5 Како може да го изгаснеме огнот, односно да го скротиме својот јазик? Исус рекол: „Устата го зборува она со кое е полно срцето“ (Мт 12:34). Значи, првиот чекор е да си го преиспитаме срцето. Дали внимаваме кај нас да не се развијат чувства што го подгреваат штетниот говор? На пример, кога ќе слушнеме дека некој брат има цел да добие повеќе одговорности во собранието, дали веднаш помислуваме дека тоа го прави од чисти мотиви или, пак, се сомневаме дека можеби го прави од себични причини? Ако сме склони да се сомневаме во мотивите на нашите браќа, добро е да се сетиме дека и Ѓаволот ги довел во прашање мотивите на верниот Божји слуга Јов (Јов 1:9-11). Наместо да му припишеме лоши мотиви на нашиот брат, добро е да се преиспитаме што нѐ тера нас да мислиме или да зборуваме лошо за него. Дали навистина имаме причина да го правиме тоа? Или, пак, сме дозволиле врз нас да влијае бесчувствителниот став кој е толку раширен во овие последни денови? (2. Тим. 3:1-4).

6, 7. а) Од кои причини можеби ги критикуваме другите? б) Како треба да постапиме ако некој нѐ повреди или нѐ навреди?

6 Да видиме и од кои други причини би можеле да ги критикуваме другите. Една причина може да биде тоа што сакаме да привлечеме внимание кон себе. Всушност, кога критикуваме некого, на некој начин газиме врз него за самите да изгледаме повисоки. Или, можеби си бараме изговор зошто ние не правиме нешто кое треба да го правиме. Сеедно дали ги критикуваме другите од гордост, завист или недостиг на самодоверба, може да предизвикаме голема штета.

7 Понекогаш би можеле да мислиме дека со право критикуваме некого. Можеби и самите сме биле повредени од она што тој го кажал за нас. Дури и да е така, не е во ред да му вратиме со иста мера. Со тоа само би додале дрва на огнот и би постапиле во склад со волјата на Ѓаволот, а не со Божјата волја (2. Тим. 2:26). Добро е да се угледаме на Исус, кој ‚не враќал со навреди‘ кога го навредувале. Наместо тоа, ‚му се препуштил на оној што праведно суди‘ (1. Пет. 2:21-23). Тој бил уверен дека Јехова ќе се погрижи сѐ да се реши на Негов начин и во Негово време. И ние треба да имаме иста доверба во Бог. Кога го користиме својот јазик да лекуваме наместо да ги повредуваме другите, помагаме во собранието да се зачува мирот и единството. (Прочитај Ефешаните 4:1-3.)

ЧУВАЈ СЕ ОД ЗАМКАТА НА СТРАВОТ И ПРИТИСОКОТ ОД ОКОЛИНАТА

8, 9. Зошто Пилат го осудил Исус?

8 Едно животно кое е фатено во замка не може да се движи каде што сака. На сличен начин, оној што ќе се фати во замката на стравот и притисокот од околината, во одредена мера губи контрола над својот живот. (Прочитај Изреки 29:25.) Да го разгледаме примерот на двајца луѓе кои му подлегнале на стравот и на притисокот од околината, и да видиме што може да научиме од нив.

9 Римскиот управител Понтиј Пилат знаел дека Исус е невин и по сѐ изгледа не сакал да го осуди. Всушност, Пилат рекол дека Исус не направил „ништо со кое би заслужил смрт“. Сепак, му изрекол смртна пресуда. Зошто? Затоа што попуштил под притисокот на толпата (Лука 23:15, 21-25). Тие се обиделе да го натераат да го направи она што го сакале, викајќи: „Ако го пуштиш него, не си му пријател на цезарот!“ (Јован 19:12). Можеби Пилат се уплашил дека ќе ја изгуби својата положба, па дури и својот живот, доколку застанел во одбрана на Христос. Подлегнал на притисокот и постапил како што сакал Ѓаволот.

10. Зошто Петар се одрекол од Исус?

10 Апостол Петар бил еден од најблиските соработници на Исус. Тој не се плашел да каже пред другите дека Исус е Месијата (Мат. 16:16). Кога некои ученици не сфатиле нешто што кажал Исус и го оставиле, Петар му останал верен и не го напуштил (Јован 6:66-69). А кога непријателите дошле да го уапсат неговиот Господар, Петар извлекол меч за да го брани (Јован 18:10, 11). Но, подоцна му подлегнал на стравот и одрекол дека го познава Исус Христос. Стравот од луѓе е како стапица, и некое време Петар бил фатен во неа. Тој ја изгубил храброста, и поради тоа постапил неисправно (Мат. 26:74, 75).

11. Со какви притисоци можеби се бориме?

11 Како христијани, ние треба да се спротивставиме кога другите нѐ ставаат под притисок да правиме работи што не му се допаѓаат на Бог. Можеби работодавачот или некои други ќе нѐ тераат да бидеме нечесни или да направиме неморал. Младите на училиште се изложени на притисокот од соучениците кои се обидуваат да ги наведат да препишуваат на тестови, да гледаат порнографија, да пушат, да земаат дрога, да се опиваат или да вршат неморал. Што може да ни помогне да не се фатиме во замката на стравот и да не попуштиме кога другите нѐ ставаат под притисок да правиме нешто кое не му е угодно на Јехова?

12. Што учиме од Пилат и од Петар?

12 Да видиме што учиме од примерот на Пилат и на Петар. Пилат не знаел многу за Христос. Сепак, знаел дека Исус е невин и дека не е обичен човек. Но, Пилат не бил понизен и не го сакал вистинскиот Бог. Затоа Ѓаволот лесно го фатил жив и го употребил да ја изврши неговата волја. Од друга страна, Петар добро го познавал и го сакал Бог. Но, понекогаш не бил скромен, се плашел од луѓето и подлегнувал на притисокот од околината. Пред да биде уапсен Исус, Петар се фалел: „Дури и сите други да се поколебаат во верата, јас нема!“ (Мар. 14:29). Овој апостол ќе бил подготвен за испитите што го чекале ако имал сличен став како псалмистот кој, со доверба во Бог, рекол: „Јехова е на мојата страна; нема да се плашам. Што може да ми направи земен човек?“ (Пс. 118:6). Последната ноќ од својот живот на Земјата, Исус ги повел со себе Петар и уште двајца апостоли во градината Гетсиманија, и им рекол да бдеат. Но, наместо да останат будни, Петар и другите двајца заспале. Исус ги разбудил и им рекол: „Бдејте и молете се за да не паднете во искушение!“ (Мар. 14:38). Меѓутоа, Петар повторно заспал, и подоцна подлегнал на стравот и на притисокот од луѓето.

13. Како може да се спротивставиме кога другите ќе нѐ стават под притисок да постапиме погрешно?

13 Од примерот на Пилат и на Петар учиме уште нешто важно: За успешно да се спротивставиме на притисокот треба добро да го познаваме и да го сакаме Бог, да бидеме понизни и скромни, и да имаме страв од Јехова, а не од луѓето. Ако имаме цврста вера затоа што добро го познаваме Бог, храбро и со увереност ќе зборуваме за нашите убедувања. Тоа ќе ни помогне да одолееме на притисокот од околината и да не попуштиме пред стравот од човек. Се разбира, никогаш не смееме да се преценуваме. Напротив, треба понизно да признаеме дека ни е потребна сила од Бог и да го молиме да ни го даде својот дух. Љубовта кон Јехова треба да нѐ поттикне да се држиме за неговите мерила и да не правиме нешто со кое би му нанеле срам на неговото име. Освен тоа, треба однапред да се подготвиме за испитите на нашата вера. На пример, мора да се молиме со нашите деца и да ги подготвиме за да знаат како да реагираат кога нивните соученици ќе ги тераат да прават нешто лошо (2. Кор. 13:7). *

НЕ ДОЗВОЛУВАЈ ДА ТЕ СКРШИ ПРЕТЕРАНОТО ЧУВСТВО НА ВИНА

14. Што би сакал Ѓаволот да мислиме во врска со некои наши грешки од минатото?

14 Еден друг вид стапица се состои од големо парче дрво или голем камен што виси над некој пат каде што најчесто минува пленот. Кога невнимателното животно ќе ја повлече со ногата жицата што ја активира стапицата, каменот или дрвото паѓа одозгора врз него и силно го притиснува. Претераните чувства на вина се како тежок товар кој би можел да нѐ притиска и да нѐ скрши. Кога размислуваме за некоја грешка од минатото, можеби се чувствуваме ‚потполно скршени‘. (Прочитај Псалм 38:3-5, 8.) Сатана би сакал да мислиме дека не ја заслужуваме Јеховината милост или дека не можеме да живееме според Божјите барања.

15, 16. Како можеш да се ослободиш од претераното чувство на вина?

15 Како да се чуваш од оваа стапица што може да те скрши? Ако си направил тежок грев, веднаш преземи соодветни чекори за да си го поправиш нарушениот однос со Јехова. Зборувај со старешините и побарај помош од нив (Јак. 5:14-16). Направи сѐ што можеш за да ја исправиш грешката (2. Кор. 7:11). Ако си добил совет или укор, немој да се обесхрабруваш. Укорот е сигурен доказ дека Јехова те сака (Евр. 12:6) Биди решен да не ги повториш чекорите што воделе до гревот, и постапувај во склад со тоа. Откако си се покајал и си направил промени, имај доверба дека Бог ќе ти го прости гревот на темел на откупната жртва на Исус Христос (1. Јов. 4:9, 14).

16 Некои и понатаму се измачуваат со чувства на вина поради гревови кои, всушност, веќе им биле простени. Ако ова е случај и со тебе, сети се дека Јехова им простил на Петар и на другите апостоли иако го напуштиле Неговиот сакан Син кога најмногу му биле потребни. Јехова му простил и на човекот кој бил исклучен од собранието во Коринт поради тежок неморал бидејќи подоцна се покајал (1. Кор. 5:1-5; 2. Кор. 2:6-8). Во Библијата се спомнати големи грешници кои се покајале и на кои Бог им простил (2. Лет. 33:2, 10-13; 1. Кор. 6:9-11).

17. Како може да ни помогне откупнината?

17 Јехова ќе ги прости и ќе ги заборави твоите грешки од минатото ако навистина се каеш и ако ја прифатиш неговата милост. Никогаш немој да мислиш дека твоите грешки се преголеми за да бидат простени на темел на откупнината. Ако си поверувал во оваа лага на Сатана, тогаш тој успеал да те фати во една од своите замки. Откупнината може да ги покрие гревовите на сите што направиле грев и се покајале поради тоа (Изр. 24:16). Верата во откупнината може да те ослободи од товарот на претерана вина и да ти даде сила да му служиш на Бог со сето срце, ум и душа (Мат. 22:37).

НЕ НИ СЕ НЕПОЗНАТИ НАМЕРИТЕ НА САТАНА

18. Како може да ги избегнеме стапиците на Ѓаволот?

18 На Сатана му е најважно да нѐ улови, сеедно во која стапица ќе се фатиме. Но, бидејќи неговите намери не ни се непознати, можеме да ги избегнеме неговите замки (2. Кор. 2:10, 11). Нема да се фатиме во нив ако го молиме Јехова да ни помогне мудро да се справиме со испитите што ќе нѐ снајдат. Јаков напишал: „Ако некому од вас му недостига мудрост, нека бара од Бог, зашто тој им дава на сите великодушно и без прекорување, и ќе му ја даде“ (Јак. 1:5). Треба да постапуваме во склад со нашите молитви така што редовно ќе ја проучуваме Божјата Реч и ќе ги применуваме нејзините совети. Публикациите од верниот и разборит роб фрлаат светлина врз стапиците кои ни ги поставува Ѓаволот и ни помагаат да ги избегнеме.

19, 20. Зошто треба да го мразиме злото?

19 Молитвата и проучувањето на Библијата ни помагаат уште повеќе да го сакаме доброто. Но, исто толку е потребно и да го мразиме злото (Пс. 97:10). Нема да се препуштиме на себичните желби ако размислуваме какви би можеле да бидат последиците од нив (Јак. 1:14, 15). Треба да научиме да го мразиме злото и вистински да го сакаме доброто. Тогаш мамката што Сатана ја става во своите стапици ќе ни биде одвратна и нема да ни претставува искушение.

20 Колку сме благодарни што Бог ни помага да не се фатиме во замките на Сатана! Преку својот дух и преку својата Реч и организација, Јехова нѐ избавува „од Злобниот“ (Мат. 6:13). Во следната статија, ќе видиме како може да избегнеме уште две стапици што Ѓаволот ги користи за живи да ги фати Божјите слуги.

[Фуснота]

^ Добро е родителите да ја разгледаат со своите деца рамката „Како против притисокот од врсниците“ во книгата Младите прашуваат — делотворни одговори, том 2, страници 132-133. Овие информации можат да се обработат на Семејната вечер.

[Прашања]

[Слика на страница 21]

Неконтролираниот говор може да предизвика многу проблеми во собранието

[Слика на страница 24]

Можеш да се ослободиш од товарот на претерана вина