Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Учи од стрпливоста на Јехова и Исус

Учи од стрпливоста на Јехова и Исус

„Стрпливоста на нашиот Господар сметајте ја за спасение“ (2. ПЕТ. 3:15)

1. Што се прашуваат некои верни браќа и сестри?

 ЕДНА сестра која со децении верно му служи на Јехова и покрај проблемите со кои се соочила, понизно прашала: „Ќе дочекам ли да го видам крајот?“ И други што долги години му служат на Јехова си го поставуваат истото прашање. Сите ние желно го чекаме денот кога Јехова ќе направи сѐ ново, и ќе ги отстрани сите тешкотии со кои се справуваме денес (Отк. 21:5). Иако имаме многу причини да веруваме дека крајот на Сатановиот свет е на прагот, можеби ни е тешко стрпливо да го чекаме тој ден.

2. Кои прашања во врска со стрпливоста ќе ги разгледаме?

2 Библијата покажува дека мора да бидеме стрпливи. Исто како Божјите слуги што живееле пред нас, и ние ќе го добиеме она што го ветува Бог ако имаме силна вера и ако стрпливо чекаме тој да ги исполни своите ветувања. (Прочитај Евреите 6:11, 12.) И самиот Јехова е стрплив. Тој може во секој миг да му стави крај на злото, но чека да дојде вистинското време за тоа (Рим. 9:20-24). Зошто Бог е толку стрплив? На кој начин и Исус, слично на својот Татко, ни дал добар пример за стрпливост? Зошто е добро да научиме стрпливо да чекаме исто како Јехова? Одговорот на овие прашања ќе ни помогне да стекнеме и да покажуваме уште поголема стрпливост и посилна вера, дури и ако ни се чини дека Јехова го одолжува крајот.

ЗОШТО ЈЕХОВА ПОКАЖУВА СТРПЛИВОСТ?

3, 4. а) Зошто Јехова покажува стрпливост? б) Што направил Јехова откако Адам и Ева се побуниле?

3 Јехова отсекогаш бил и ќе биде Севишен Владетел на вселената, и не мора да чека за да им стави крај на сите проблеми. Но, тој покажува стрпливост со добра причина. Со побуната во рајот се покренале прашања кои се од огромна важност за сите суштества обдарени со разум. Јехова е стрплив затоа што е свесен дека е потребно време за да се даде јасен и непобитен одговор на тие прашања. Тој знае како размислува и како постапува секое суштество на небото и на Земјата, и без сомнение прави сѐ за наше добро (Евр. 4:13).

4 Јеховината намера била потомците на Адам и Ева да ја наполнат Земјата. Кога Сатана ја завел Ева, а потоа и Адам бил непослушен, Бог не се откажал од својата намера. Тој не се збунил, не донел избрзана одлука и не кренал раце од човечкиот род. Наместо тоа, веднаш знаел како да постапи за сепак да го оствари она што го наумил со луѓето и со Земјата (Иса. 55:11). За да ја исполни својата намера и за да го оправда своето право да владее, Јехова покажал големо самосовладување и стрпливост, па дури чекал и неколку илјади години за некои делови од неговата намера да се остварат на најдобар можен начин.

5. Што друго се постигнува со тоа што Јехова покажува стрпливост?

5 Јехова стрпливо чека и затоа што сака колку што е можно повеќе луѓе да добијат вечен живот. Токму сега тој прави сѐ што е потребно за да спаси едно „големо мноштво“ (Отк. 7:9, 14; 14:6). Преку нашето проповедање, Јехова ги повикува луѓето да учат за неговото Царство и за неговите праведни мерила. Пораката за Царството е „добра вест“ за нив. Всушност, тоа е најдобрата можна вест за човештвото! (Мат. 24:14). Сите што се привлечени од Јехова стануваат дел од едно меѓународно собрание на вистински пријатели кои го сакаат она што е праведно (Јован 6:44-47). Нашиот грижлив Бог им помага на таквите да ја стекнат неговата милост. Освен тоа, тој сѐ досега избира луѓе од Земјата кои ќе бидат идни членови на неговата небесна влада. Од небото, овие верни лица ќе им помогнат на послушните луѓе да станат совршени и да стекнат вечен живот. Според тоа, иако стрпливо чека, Јехова и понатаму продолжува да ги исполнува своите ветувања, и тоа за наше добро.

6. а) Како Јехова покажал стрпливост во деновите на Ное? б) Како Јехова покажува стрпливост во нашево време?

6 Јехова е стрплив дури и кога другите прават ужасни работи и го навредуваат. Пример за ова е начинот на кој постапил со злобните пред Потопот. Тогаш Земјата била полна со неморал и насилство, а Јехова ‚го доболело во срцето‘ затоа што луѓето толку многу се расипале (1. Мој. 6:2-8). Се разбира, тој немал намера да го трпи тоа засекогаш. Затоа решил да пушти потоп врз непослушните луѓе. Додека ‚стрпливо чекал во Ноевите денови‘, Јехова направил подготовки за да ги спаси Ное и неговото семејство (1. Пет. 3:20). Во одреденото време, Јехова му кажал на Ное што одлучил да направи и му дал задача да изгради арка (1. Мој. 6:14-22). Освен тоа, Ное бил ‚проповедник на праведноста‘ кој им го објавувал на своите современици претстојното уништување (2. Пет. 2:5). Исус рекол дека нашето време е слично на Ноевите денови. Јехова веќе донел одлука кога ќе му стави крај на овој злобен свет, но ниту еден човек не го знае ‚денот и часот‘ кога ќе се случи тоа (Мат. 24:36). Дотогаш, Бог ни дал задача да ги предупредуваме луѓето и да им кажуваме како можат да се спасат.

7. Дали Јехова доцни со исполнувањето на своите ветувања? Објасни.

7 Очигледно, тоа што Јехова е стрплив не значи дека не прави ништо и дека само чека да помине времето. Неговата стрпливост во никој случај не покажува дека тој е незаинтересиран или рамнодушен! Но, може да биде тешко да го задржиме ова на ум додека старееме или, пак, доживуваме страдања во овој злобен свет. Би можеле да се обесхрабриме или да заклучиме дека Бог доцни со исполнувањето на своите ветувања (Евр. 10:36). Никогаш не заборавај дека тој има добри причини да биде стрплив и дека го користи ова време за да им помага на своите верни слуги (2. Пет. 2:3; 3:9). Да видиме сега на кој начин Исус покажувал стрпливост како својот Татко.

КАКО ИСУС НИ ДАЛ ДОБАР ПРИМЕР ЗА СТРПЛИВОСТ?

8. Во кои околности Исус покажал стрпливост?

8 Исус отсекогаш со радост ја вршел Божјата волја. Кога Сатана се побунил, Јехова одлучил неговиот единороден Син да дојде на Земјата како Месија. Замисли што значело ова за Исус — тој требало стрпливо да чека неколку илјади години додека не дошло тоа време. (Прочитај Галатите 4:4.) Но, не чекал само да помине времето. Напротив, бил зафатен со задачите што му ги доверил неговиот Татко. А кога дошол на Земјата, знаел дека Сатана ќе ја предизвика неговата смрт, како што било проречено (1. Мој. 3:15; Мат. 16:21). Тој стрпливо се подложил на Божјата волја, иако тоа значело дека ќе мора да претрпи неописливо страдање и болка. Исус му бил совршено верен на Бог. Тој не мислел на себеси и на својата положба, и со тоа ни дал пример што треба да го следиме (Евр. 5:8, 9).

9, 10. а) Што правел Исус додека чекал Јехова да дејствува? б) Како може да имаме сличен став како Исус?

9 Откако воскреснал, Исус добил власт на небото и на Земјата (Мат. 28:18). Тој ја користи таа власт за да ја исполнува Јеховината намера според временскиот распоред што го одредил Бог. Исус стрпливо чекал од десната страна на Јехова сѐ до 1914 год. кога неговите непријатели биле положени како подножје на неговите нозе (Пс. 110:1, 2; Евр. 10:12, 13). Наскоро ќе преземе чекори за да му стави крај на Сатановиот свет. Во меѓувреме, тој стрпливо им помага на луѓето да ја стекнат Божјата милост и ги носи на ‚водите на животот‘ (Отк. 7:17).

10 Дали сфаќаш како можеш да имаш сличен став како Исус? Иако горел од желба да прави сѐ што ќе побарал неговиот Татко од него, тој бил спремен да чека на времето што го одредил Бог. Додека чекаме да дојде крајот на Сатановиот злобен свет, сите ние треба да покажеме таква стрпливост. Не смееме да ги преземаме работите во свои раце без да чекаме на Бог, но не треба ни да се откажеме кога ќе се обесхрабриме. Како можеме да стекнеме ваква стрпливост?

КАКО МОЖАМ ДА БИДАМ СТРПЛИВ КАКО БОГ?

11. а) Како стрпливоста е поврзана со верата? б) Зошто имаме добри причини да бидеме цврсти во верата?

11 Пред да дојде Исус на Земјата, пророците и другите верни Божји слуги дале пример како можат дури и несовршени луѓе да бидат стрпливи и истрајни. Нивната стрпливост била поврзана со нивната вера. (Прочитај Јаков 5:10, 11.) Ако немале вера, односно ако не верувале вистински во она што им го кажал Јехова, дали ќе чекале стрпливо тој да ги исполни своите ветувања? Тие постојано се соочувале со тешки и страшни испити на својата вера, но биле цврсто уверени дека Бог на крајот ќе го исполни она што го ветил (Евр. 11:13, 35-40). Ние имаме уште повеќе причини да бидеме цврсти во верата, бидејќи Исус сега служи како „Усовршител на нашата вера“ (Евр. 12:2). Тој ги исполнил пророштвата и ни помогнал уште подобро да ја разбереме Божјата намера.

12. Што би можеле да правиме за да си ја зајакнеме верата?

12 Што можеме да направиме за да ја зајакнеме нашата вера и на тој начин да станеме уште пострпливи? Неопходно е да ги применуваме Божјите совети. На пример, размислувај зошто треба да го ставиш Царството на прво место во животот, како што сме поттикнати во Матеј 6:33. Можеш ли да вложиш уште поголем труд за да го примениш тој совет? Би можел да поминуваш повеќе време во службата или да направиш некои промени за да си го поедноставиш животот. Не заборавај како Јехова го благословувал твојот труд досега. Можеби ти помогнал да почнеш да ја проучуваш Библијата со некого или ти помогнал да го стекнеш „мирот Божји, кој ја надминува секоја мисла“. (Прочитај Филипјаните 4:7.) Ако размислуваш за благословите што си ги добил откако си ги применил Јеховините совети, ќе ти биде полесно да бидеш стрплив (Пс. 34:8).

13. Која споредба може да ни помогне да сфатиме како нашата вера ќе нѐ направи пострпливи?

13 Да размислиме за следнава споредба за да можеме подобро да разбереме како нашата вера ќе ни помогне да бидеме пострпливи. Еден земјоделец сее семе, ја обработува нивата и на крајот го собира родот. Секогаш кога ќе собере добар род, тој со уште поголема доверба ја сее нивата за следната година. Дури би можел да посее семе и на повеќе ниви. Земјоделецот го прави ова иако знае дека ќе треба стрпливо да чека до времето на жетвата, но сигурен е дека нивата ќе даде род. Слично на ова, кога ги применуваме советите од Јехова и жнееме добри резултати, нашата доверба во Јехова расте. Така се зајакнува нашата вера и полесно ни е да бидеме стрпливи и да чекаме на благословите што сигурно ќе ги добиеме. (Прочитај Јаков 5:7, 8.)

14, 15. Како треба да гледаме на човечкото страдање?

14 Друга работа што ќе ни помогне да бидеме пострпливи е да се трудиме да гледаме на светот и на нашите лични околности како што гледа Јехова. На пример, размисли како гледа тој на човечкото страдање кое трае со векови. Иако тоа му причинува голема болка, тој не дозволил болката да го спречи и понатаму да прави добро. Бог го испратил својот единороден Син „да ги уништи делата на Ѓаволот“ и да ја надомести сета штета која Сатана им ја нанел на луѓето (1. Јов. 3:8). Во суштина, страдањето е моментално, а решението што го има Бог е трајно. Затоа, не треба да дозволиме сегашното злобно владеење на Сатана да ни ја ослабне верата. А не би било во ред и да станеме нестрпливи прашувајќи се кога веќе ќе му дојде крајот на овој свет. Наместо тоа, да имаме вера во Божјите ветувања. Јехова веќе одлучил кога точно ќе стави крај на злото, и ќе го стори тоа токму навреме (Иса. 46:13; Наум 1:9).

15 Во овие тешки последни денови, нашата вера можеби ќе биде испитана како никогаш досега. На пример, можеби некој од нашите најмили или ние лично ќе станеме жртва на насилство. Наместо да реагираме гневно, мора да бидеме решени да имаме целосна доверба во Јехова. Бидејќи сме несовршени, тоа не е лесно. Но, сети се што направил Исус, како што е запишано во Матеј 26:39. (Прочитај.)

16. Што не смееме да правиме додека чекаме да дојде крајот?

16 Оној што се сомнева дека крајот е близу може да развие погрешен став. Би можел да мисли дека треба да си направи резервни планови во случај Јеховините ветувања да не се исполнат. Со други зборови, би можел да си мисли: ‚А што ако крајот не дојде во мое време?‘ Ваквиот погрешен став би можел да го наведе да стане нестрплив. Поради тоа, би можел да се обиде да стекне углед во светот, да се потпира на материјалните работи наместо да го стави Божјето Царство на прво место или да реши да оди на факултет за уште денес да си обезбеди удобен живот. Но, зарем тоа нема да биде доказ дека му недостига вера? Сети се дека Павле нѐ поттикнал да се угледаме на верните Божји слуги кои, „поради својата вера и стрпливост“, ги добиле благословите што им ги ветил Јехова (Евр. 6:12). Бог нема да дозволи овој злобен свет да постои ни секунда повеќе отколку што е неопходно за да се исполни неговата намера (Авак. 2:3). Во меѓувреме, не смееме да му служиме на Јехова само површно и механички. Напротив, треба да бидеме будни и марливо да ја проповедаме добрата вест, бидејќи тоа уште сега ни причинува неопислива радост (Лука 21:36).

КОИ СЕ БЛАГОСЛОВИТЕ ОД СТРПЛИВОСТА?

17, 18. а) Каква можност имаме додека стрпливо чекаме да дојде крајот? б) Какви благослови ќе добиеме затоа што денес покажуваме стрпливост?

17 Сеедно дали му служиме на Бог само неколку месеци или, пак, неколку децении, наша желба е да му служиме засекогаш. Без разлика колку време му преостанува на овој свет, стрпливоста ни помага да истраеме додека не добиеме спасение. Јехова сега ни дава можност да покажеме дека имаме потполна доверба во неговите одлуки и дека — ако е потребно — ќе бидеме спремни да страдаме поради неговото име (1. Пет. 4:13, 14). Освен тоа, Бог нѐ обучува да ја стекнеме стрпливоста што ни е потребна за да истраеме до крајот и да бидеме спасени (1. Пет. 5:10).

18 Исус ја има сета власт на небото и на Земјата, и ништо не може да нѐ грабне од неговите раце ако му останеме верни на Бог (Јован 10:28, 29). Нема зошто да се плашиме од иднината, па дури ни од смртта. Оние што стрпливо ќе истраат до крајот ќе бидат спасени. Затоа, не смееме да му дозволиме на светот да нѐ заведе и да нѐ натера да изгубиме доверба во Јехова. Наместо тоа, да бидеме решени да растеме во верата и мудро да го искористиме времето додека Бог сѐ уште покажува стрпливост (Мат. 24:13; прочитај 2. Петрово 3:17, 18).