Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Охрабрување „од устата на малите деца“

Охрабрување „од устата на малите деца“

Во декември 2009 год., како резултат на една пресуда која ја поддржа Врховниот суд на Русија, беа забранети активностите на верската заедница на Јеховините сведоци во Таганрог (Русија). Салата на Царството беше конфискувана, а 34 наши публикации беа прогласени за екстремистички. На официјалната интернет-страница на Јеховините сведоци беше објавен извештај во врска со ова, како и фотографии на Сведоците од Таганрог, меѓу кои имаше и деца.

Неколку месеци подоцна, во Административниот центар на Јеховините сведоци во Русија пристигнал пакет со едно писмо. Пакетот и писмото биле испратени од едно семејство Сведоци од Квинсленд (Австралија), кои го прочитале извештајот за одлуката на овој суд. Во писмото стоело: „Драги браќа! Нашите деца, Коди и Лариса, беа многу трогнати од верата и од неволјите низ кои минуваат нашите соверници во Русија. Тие напишаа писма и картички, а направивме и пакетче со подароци кои би сакале да им ги испратите на децата во Таганрог. Сакаме да знаат дека и на другиот крај од светот има деца кои исто така верно му служат на Јехова и кои мислат на нив. Тие им испраќаат топли поздрави на сите!“

Откако ги добиле подароците, во знак на благодарност, децата од Таганрог му испратиле писма со цртежи на ова семејство од Австралија. И еден Сведок што служи во подружницата во Русија бил трогнат од охрабрувањето кое дошло од „устата на малите деца“. Затоа, и самиот им напишал писмо на Коди и Лариса. Во него стоело: „Сигурно знаете колку е тешко кога некои деца, а и возрасни, ќе бидат казнети за нешто кое не го направиле. Нашите браќа и сестри во Таганрог не направија ништо лошо, а сепак нивната Сала на Царството беше затворена. Ова многу ги разжалости. Но, навистина ќе се охрабрат кога ќе дознаат дека некој на другата страна од светот мисли на нив. Ви благодарам што покажувате толкава љубов и дарежливост!“ (Пс. 8:2).

Ние сме дел од едно вистинско меѓународно братство, и љубовта што ја чувствуваме еден кон друг ни помага да ги пребродиме проблемите и тешкотиите што ги носи животот. Иако во некои судници се тврди дека публикациите на Јеховините сведоци поттикнуваат на омраза, нашите деца од различни земји и култури покажуваат дека се сакаат и дека се грижат едни за други. Со таквиот став ја потврдуваат вистинитоста на следниве зборови што ги кажал Исус: „По тоа сите ќе знаат дека сте мои ученици, ако се сакате еден со друг“ (Јован 13:35).