Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Храбро да се соочиме со денешните проблеми

Храбро да се соочиме со денешните проблеми

„Бог ни е прибежиште и сила, помош која лесно се наоѓа во неволја“ (ПС. 46:1)

1, 2. Со какви неволји се соочиле многумина? На што треба да биде спремен секој Божји слуга?

 ЖИВЕЕМЕ во многу тешки времиња. Катастрофите станаа секојдневие. Многумина биле жртви на земјотреси, цунами, пожари, поплави, вулкански ерупции, торнада, тајфуни и урагани. Освен тоа, поради семејни и лични проблеми, мнозина се борат со чувства на тага и страв. Библијата со право вели дека секого од нас ‚го снаоѓаат непредвидени настани‘ (Проп. 9:11).

2 И покрај сите овие неволји, ние, како Божји народ, и понатаму му служиме на Јехова со радост. Сепак, добро е секој од нас да биде спремен да се справи со какви и да било неволји кои би можеле да нѐ снајдат во иднина, додека се ближи крајот на овој свет. Како би можеле да се справиме со тие неволји без да се обесхрабриме? Што ќе ни помогне храбро да се соочиме со денешните проблеми?

ДА УЧИМЕ ОД ОНИЕ ШТО БИЛЕ ХРАБРИ

3. Според Римјаните 15:4, каде можеме да најдеме утеха кога ќе се соочиме со тешки проблеми?

3 Иако денес има повеќе проблеми од кога и да било порано, тие не се ништо ново за човештвото. Да видиме што може да научиме од некои Божји слуги во минатото кои покажале храброст во тешки ситуации (Рим. 15:4).

4. Со какви неволји се соочил Давид, и што му помогнало да истрае?

4 Да размислиме за некои од неволјите со кои морал да се справи Давид. Цар Саул го гонел да го убие и непријатели го напаѓале од сите страни, а во една прилика дури ги заробиле и неговите жени. Освен тоа, го изневериле најблиските и понекогаш се чувствувал потиштено и обесхрабрено (1. Сам. 18:8, 9; 30:1-5; 2. Сам. 17:1-3; 24:15, 17; Пс. 38:4-8). Од библиските извештаи за животот на Давид јасно се гледа колку многу страдал поради сите тие неволји. Но, не дозволил проблемите да му ја ослабнат верата во Јехова. Всушност, со цврста доверба во Бог, тој рекол: „Јехова е тврдината на мојот живот. Од кого да треперам?“ (Пс. 27:1; прочитај Псалм 27:5, 10).

5. Што им помогнало на Авраам и Сара да се справат со тешките околности во животот?

5 Авраам и Сара го поминале поголемиот дел од својот живот во шатори, престојувајќи како туѓинци во непознати земји. Не им било секогаш лесно. На пример, во земјата каде што живееле настанал глад, а биле и во опасност од околните народи. Сепак, покажале храброст и истрајност (1. Мој. 12:10; 14:14-16). Што им помогнало да ги пребродат сите тие неволји? Божјата Реч ни кажува дека Авраам ‚очекувал град со вистински темели, чиј градител и творец е Бог‘ (Евр. 11:8-10). Бидејќи постојано размислувале за Божјите ветувања, Авраам и Сара не се разочарале што живееле во тешки околности.

6. Како може да го следиме примерот на Јов?

6 Јов доживеал неописливо страдање. Замисли си како се чувствувал кога му изгледало дека сѐ во животот му тргнало наопаку (Јов 3:3, 11). Што е уште полошо, тој не разбирал во потполност зошто му се случувале сите тие работи. Сепак, не отстапил од својата непорочност и не ја изгубил својата вера во Бог. (Прочитај Јов 27:5.) Јов навистина е прекрасен пример за нас!

7. Што доживеал Павле додека му служел на Бог, но што му помогнало да не се обесхрабри?

7 Да го разгледаме и примерот на апостол Павле. Тој честопати бил во ‚опасност во градот, во пустината и на море‘, и бил изложен на ‚глад и жед, на студ и голотија‘. Освен тоа, поминал ‚цела ноќ и цел ден во длабокото море‘, веројатно откако претрпел бродолом (2. Кор. 11:23-27). И покрај сето тоа, тој задржал добар став. Откако во една прилика се нашол очи во очи со смртта поради тоа што му служел на Бог, тој напишал: „Тоа се случи за да не се потпираме на себе, туку на Бог, кој ги воскреснува мртвите. Тој нѐ избави од смртната опасност и ќе нѐ избавува“ (2. Кор. 1:8-10). Малкумина доживеале толку лоши работи како Павле. Сепак, мнозина од нас понекогаш се чувствуваат како него. Затоа е утешно да размислуваме за храброста што ја покажал во тие тешки ситуации.

НЕ ДОЗВОЛУВАЈ ПРОБЛЕМИТЕ ДА ТЕ ОБЕСХРАБРАТ

8. Како можат проблемите да влијаат врз нас? Наведи пример.

8 Во денешниот свет во кој постојано сме изложени на разни притисоци, стресови и катастрофи, мнозина сметаат дека ситуацијата е безизлезна. Дури и некои христијани понекогаш мислат така. Лени * и нејзиниот маж радосно служеле како пионери во Австралија, кога дознале дека таа има рак на градата. Тоа ги погодило како гром од ведро небо. Таа вели: „Од терапијата ми беше многу мачно и се чувствував безвредно“. Згора на сѐ, морала во исто време да го негува својот сопруг, кој имал операција на ’рбетот. Што може да правиме ако се најдеме во слична ситуација?

9, 10. а) Што не смееме да му дозволиме на Сатана? б) Како можеме да се справиме со ‚многуте неволји‘ кои се спомнати во Дела 14:22?

9 Не треба да заборавиме дека Сатана ги користи неволјите што ги доживуваме за да ни ја поткопа верата и да ни ја одземе радоста. Не смееме да му го дозволиме тоа. Во Изреки 24:10 се вели: „Ако се обесхрабриш во денот на неволја, ќе ослаби твојата сила“. Затоа, да размислуваме за библиските примери, како што се оние кои ги разгледавме погоре. Тоа ќе ни помогне да собереме храброст за да се справиме со проблемите.

10 Треба да бидеме свесни и дека, кога-тогаш, секој од нас ќе се соочи со проблеми (2. Тим. 3:12). Во Дела 14:22 стои: „Во Божјето царство ќе влеземе преку многу неволји“. Наместо да се обесхрабриме кога ќе наидеме на тешкотии, добро е да ги користиме тие прилики да покажеме храброст и вера дека Бог може да ни помогне.

11. Што може да правиме за да не се обесхрабриме од неволјите кои ги доживуваме?

11 Треба да мислиме на добрите работи што ни се случуваат во животот. Божјата Реч вели: „Радосното срце го разведрува лицето, а болката во срцето го крши духот“ (Изр. 15:13). Лекарите одамна дошле до заклучок дека позитивното размислување може многу да им помогне на болните. На некои пациенти, на кои им биле дадени лажни апчиња („плацебо“), им се подобрила здравствената состојба бидејќи си мислеле дека им е даден вистински лек. Но, било докажано дека постои и таканаречениот „ноцебо ефект“. Здравјето на пациентите се влошило само затоа што лекарите им кажале дека лекот што го земаат може да предизвика штетни последици. Значи, не е добро постојано да размислуваме за лошите ситуации кои не можеме да ги смениме, бидејќи лесно би можеле да се обесхрабриме. Напротив, треба да мислиме на сето она што го добиваме од Јехова, бидејќи така ќе бидеме порадосни. Тој секогаш ни го дава вистинскиот „лек“. Дури и во случај на катастрофа, ни дава охрабрување преку својата Реч, преку поддршката од браќата и сестрите, а ни дава и сила преку својот свет дух. Затоа, наместо низ главата постојано да ни се вртат негативни мисли, да направиме сѐ што можеме за да се справиме со проблемите и да размислуваме за убавите работи во нашиот живот (Изр. 17:22).

12, 13. а) Што им помогнало на Божјите слуги да се справат со последиците од катастрофите? Наведи пример. б) Како катастрофите можат да ни помогнат да сфатиме што е најважно во животот?

12 Неодамна некои земји беа погодени од страшни катастрофи. Можеме многу да научиме од начинот на кој нашите браќа се справија со нив, иако воопшто не им беше лесно. Во почетокот на 2010 год., во Чиле имаше еден силен земјотрес и цунами. Многу наши браќа ги изгубија своите домови и поседи, а некои од нив останаа без работа. И покрај тоа, тие продолжија да ги вршат теократските активности. Самуел, чиј дом беше срамнет со земја, рече: „Дури и во такви тешки околности, јас и жена ми не престанавме да проповедаме и да одиме на сите состаноци. Уверен сум дека тоа ни помогна да не паднеме во очај“. Исто како и многу други браќа и сестри, тие не дозволиле катастрофата да ги обесхрабри туку продолжиле ревносно да му служат на Јехова.

13 Во септември 2009 год., над 80 отсто од градот Манила на Филипините беше зафатен од поплави предизвикани од поројните дождови. Еден богат човек, кој изгубил многу во таа непогода, изјавил дека поплавата ги погодила сите подеднакво, и дека ‚им нанела тешкотии и страдања и на богатите и на сиромасите‘. Ова нѐ потсетува на следниов мудар совет што го дал Исус: „Собирајте си богатство на небото, каде што ниту молец ниту ’рѓа не нагризуваат и каде што крадци не провалуваат и не крадат“ (Мат. 6:20). Бидејќи парите и материјалните работи може лесно да ги снема, оние на кои тие им се најважни честопати се разочаруваат. Колку е помудро да го ставиме пријателството со Јехова на прво место во животот! Тој нема да нѐ напушти без разлика што се случува околу нас. (Прочитај Евреите 13:5, 6.)

ЗОШТО ТРЕБА ДА БИДЕМЕ ХРАБРИ

14. Зошто треба да бидеме храбри?

14 Исус јасно им дал до знаење на своите ученици дека за време на неговата присутност ќе има проблеми. Сепак, тој им рекол: „Не плашете се!“ (Лука 21:9). Ние имаме добра причина да бидеме храбри — нашиот Цар, Исус Христос, и нашиот Творец, Јехова, нѐ поддржуваат и ни помагаат. Павле го охрабрил Тимотеј со следниве зборови: „Бог не ни даде дух кој нѐ прави плашливи, туку дух кој ни дава сила, љубов и разборитост“ (2. Тим. 1:7).

15. Што рекле некои слуги на Бог во врска со својата доверба во него? Објасни што ќе ни помогне да покажеме слична храброст како нив.

15 Во Библијата читаме како некои слуги на Бог ја изразиле својата доверба во него. На пример, Давид рекол: „Јехова ми е сила и штит. Во него имаше доверба моето срце, и добив помош, па моето срце извикува“ (Пс. 28:7). Павле ја покажал својата непоколеблива доверба во Бог кога рекол: „Во сето тоа надмоќно победуваме преку оној што нѐ сакаше“ (Рим. 8:37). Пред да биде уапсен и убиен, Исус јасно покажал колку е цврст неговиот однос со Бог. Тој им го рекол следново на своите апостоли: „Јас не сум сам, бидејќи Таткото е со мене“ (Јован 16:32). Што покажуваат зборовите на овие Божји слуги? Секој од нив имал непоколеблива доверба во Јехова. Ако и ние имаме слична доверба во Бог, ќе можеме храбро да се соочиме со денешните проблеми. (Прочитај Псалм 46:1-3.)

ДА ЈА КОРИСТИМЕ ПОМОШТА ОД БОГ ЗА ДА БИДЕМЕ ХРАБРИ

16. Зошто е важно да ја проучуваме Божјата Реч?

16 За да бидеме храбри како христијани, не треба да се потпираме на себе. Наместо тоа, треба да го запознаеме Бог и да стекнеме доверба во него така што редовно ќе ја проучуваме неговата пишана Реч, Библијата. Една сестра која има депресија објаснува што ѝ помага нејзе: „Одново и одново ги читам стиховите што ми влеваат посебна утеха“. Дали секоја седмица ја одржуваме Семејната вечер, како што нѐ советува верниот и разборит роб? Ако ги правиме овие работи, ќе имаме сличен став како псалмистот, кој рекол: „Колку го сакам твојот закон! Цел ден размислувам за него“ (Пс. 119:97).

17. а) Што друго може да ни помогне да бидеме храбри? б) Како тебе ти помогнала некоја животна приказна што излегла во нашите списанија?

17 Исто така, имаме библиски публикации од кои учиме работи што уште повеќе ја зајакнуваат нашата доверба во Јехова. На пример, на многумина им помогнале животните приказни што излегуваат во нашите списанија. Една сестра од Азија, која има биполарно растројство, многу се охрабрила кога ја прочитала животната приказна на еден поранешен мисионер кој успешно се справува со истото нарушување. Таа напишала: „Тоа ми помогна да го разберам мојот проблем и ми влеа надеж“.

18. Зошто е важно да се молиме колку што е можно почесто?

18 Јехова ни ја дал и молитвата. Таа може да ни помогне во секоја ситуација. Апостол Павле нагласил колку е важно да се молиме, кога рекол: „Не бидете загрижени за ништо, туку во сѐ — со молитви и молби, со благодарење — изнесете му ги своите барања на Бог. И мирот Божји, кој ја надминува секоја мисла, ќе ги чува вашите срца и вашиот ум преку Христос Исус“ (Фил. 4:6, 7). Кога ќе се најдеме во неволја, дали без престан го молиме Јехова да ни помогне да издржиме? Алекс, еден брат од Велика Британија, кој долго време страда од депресија, рекол: „Тоа што зборувам со Јехова во молитва и го слушам читајќи ја неговата Реч е вистински спас за мене“.

19. Како треба да гледаме на христијанските состаноци?

19 Јехова ни помага и преку состаноците. Еден псалмист напишал: „Душава ми копнее и венее по Јеховините дворови“ (Пс. 84:2). Дали и ние се чувствуваме како него? Лени, која беше спомната погоре, објаснува колку дружењето со браќата и сестрите е важно за неа. Таа вели: „Воопшто не се прашував дали да одам на состаноци или не. Знаев дека мора да бидам таму ако сакам Јехова да ми помогне да издржам“.

20. Како ни помага проповедањето?

20 Стекнуваме поголема храброст и кога редовно проповедаме (1. Тим. 4:16). Една сестра од Австралија, која во еден период имала многу проблеми, вели: „Воопшто не ми се одеше во служба. Но, еден старешина ме викна да одам со него, и се согласив. Јехова сигурно ми помагаше бидејќи, секогаш кога бев во служба, се чувствував многу среќна“ (Изр. 16:20). Мнозина сфатиле дека, кога им помагаат на другите да стекнат доверба во Јехова, и самите ја зајакнуваат својата вера. Кога го прават тоа, престануваат да мислат на своите проблеми и размислуваат за она „што е најважно“ (Фил. 1:10, 11).

21. Во што може да бидеме уверени кога ќе се соочиме со проблеми?

21 Јехова ни помага на многу начини за да можеме храбро да се соочиме со денешните проблеми. Ако ја прифатиме помошта што ни ја дава, ќе бидеме среќни и покрај неволјите на кои наидуваме. Освен тоа, ќе стекнеме поголема храброст ако размислуваме за прекрасниот пример на верните Божји слуги во минатото и денес, и ако се трудиме да бидеме како нив. Иако можат да се случат уште многу лоши работи додека да дојде крајот на овој свет, и ние можеме, исто како Павле, да кажеме: „Соборувани сме, но не сме уништени... Не се откажуваме“ (2. Кор. 4:9, 16). Со Јеховина помош, можеме храбро да се соочиме со денешните проблеми. (Прочитај 2. Коринќаните 4:17, 18.)

^ Некои имиња се сменети.