Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Исус дал пример за понизност

Исус дал пример за понизност

„Ви дадов пример и вие да правите така како што ви направив јас“ (ЈОВАН 13:15)

1, 2. Каква важна поука им дал Исус на своите апостоли во текот на последната ноќ од својот живот на Земјата?

ИСУС ја поминува последната ноќ од својот живот на Земјата заедно со своите апостоли во горната соба од една куќа во Ерусалим. За време на вечерата, тој станува, ја става настрана својата наметка, зема крпа и се опашува. Потоа, откако налева вода во еден сад, почнува да им ги мие нозете на учениците и да им ги брише со крпата. Зошто Исус извршил една ваква работа на која другите гледале со потценување? (Јован 13:3-5).

2 Самиот тој го дал одговорот. Откако се вратил на трпезата, ги прашал апостолите: „Сфаќате ли што ви направив?“ А потоа им објаснил: „Ако јас, Господар и Учител, ви ги измив нозете, и вие треба да си ги миете нозете еден на друг. Ви дадов пример и вие да правите така како што ви направив јас“ (Јован 13:12-15). Со тоа што бил спремен да им служи на таков понизен начин, Исус им дал на своите апостоли една силна и незаборавна поука која ги поттикнала и самите да бидат понизни во иднина.

3. а) Како Исус нагласил во две прилики колку е важна понизноста? б) Што ќе разгледаме во оваа статија?

3 Ова не било првпат Исус да им нагласи на своите апостоли колку е важна понизноста. Во една прилика, кога некои апостоли се расправале кој од нив е поголем, Исус зел едно дете, го седнал покрај себе, и им рекол: „Кој го прима ова дете во мое име, ме прима и мене, а кој ме прима мене, го прима и оној што ме испрати. Зашто, оној што меѓу сите вас се однесува како помал, тој е голем“ (Лука 9:46-48). Подоцна, кога зборувал со фарисеите, кои се сметале за многу поважни од другите, Исус рекол: „Секој што се возвишува, ќе биде понижен, а кој се понизува, ќе биде возвишен“ (Лука 14:11). Јасно е дека тој сака неговите следбеници да бидат понизни, односно да не бидат горделиви и вообразени. Да видиме каков пример на понизност ни дал Исус, и како оваа особина може да му користи не само на оној што ја покажува туку и на другите.

„НЕ СЕ СВРТЕВ НА ДРУГАТА СТРАНА“

4. На кој начин Божјиот единороден Син покажал дека е понизен уште пред да дојде на Земјата?

4 Божјиот единороден Син бил понизен уште пред да дојде на Земјата. На небото, Исус бил заедно со Јехова неброени години. Од библиската книга Исаија дознаваме колку близок однос имал Синот со својот небесен Татко. Таму пишува: „Севишниот Господар Јехова ми даде учен јазик за да знам што да му кажам на уморниот. Секое утро ме буди, ми го буди увото за да го слушам како што слушаат учениците. Севишниот Господар Јехова ми го отвори увото, а јас не се бунев. Не се свртев на другата страна“ (Иса. 50:4, 5). Исус имал силна желба да учи од вистинскиот Бог. Тој бил понизен и внимателно слушал кога Јехова го поучувал. Освен тоа, можел да види колкава понизност покажал неговиот Татко со тоа што постапувал милосрдно со грешните луѓе.

5. Како Исус покажал понизност и скромност кога имал спор со Ѓаволот?

5 За жал, некои небесни суштества не биле понизни како единородниот Божји Син. Наместо да учи од Јехова, ангелот што станал Сатана Ѓаволот дозволил кај него да се развијат горделивост и вообразеност — особини кои се сосема спротивни на понизноста. Како резултат на тоа, тој се побунил против Јехова. Исус имал сосема поинаков став. Тој не бил незадоволен од својата положба на небото и никогаш не сакал да ја злоупотреби својата власт. На пример, од Библијата дознаваме дека еднаш ‚имал спор со Ѓаволот околу Мојсеевото тело‘. И во таа прилика Исус не се осмелил да направи нешто на кое немал право. Иако бил архангел Михаел — ангелот со најголема власт — Божјиот Син покажал понизност и скромност. Оставил Јехова, Врховниот Судија на вселената, да ги реши работите на свој начин и во свое време. (Прочитај Јуда 9.)

6. Како Исус покажал дека е понизен со тоа што прифатил да стане Месијата?

6 Уште додека бил на небото, Исус без сомнение ги знаел сите пророштва кои во детали објаснувале што ќе се случи со него кога ќе живее како Месија на Земјата. Според тоа, најверојатно однапред знаел дека многу ќе пострада. Сепак, тој ја прифатил задачата да дојде на Земјата и да умре како ветениот Месија. Зошто? Затоа што бил понизен. Апостол Павле го потврдил ова, кога напишал: „Иако беше во Божји облик, [Исус] не помислуваше да се граба — да биде еднаков со Бог. Напротив, се одрече од самиот себе и зеде облик на роб и стана сличен на луѓето“ (Фил. 2:6, 7).

„КОГА ПО ОБЛИК СТАНА ЧОВЕК, СЕ ПОНИЗИ“

7, 8. Како Исус покажал понизност додека бил дете и додека служел на Земјата?

7 Во врска со Исус, Павле напишал: „Кога по облик стана човек, се понизи и стана послушен сѐ до смртта, и тоа смрт на маченички столб“ (Фил. 2:8). Уште како дете, Исус дал одличен пример на понизност. Иако растел со несовршени родители — Јосиф и Марија — тој ‚им бил послушен‘ (Лука 2:51). Со тоа дал добар пример за децата, кои ќе бидат благословени од Јехова ако спремно ги слушаат своите родители.

8 Како возрасен човек, Исус покажал понизност со тоа што на прво место во животот ја ставил Јеховината волја, а не својата (Јован 4:34). Во текот на својата служба, Исус Христос го користел Божјето име и им помагал на искрените луѓе добро да ги запознаат особините на Бог и Неговата намера со Земјата. Освен тоа, тој живеел во склад со она што го поучувал. На пример, кога учениците го прашале како да се молат, Исус ја започнал молитвата со следниве зборови: „Татко наш, кој си на небесата, да се свети името твое“ (Мат. 6:9). На тој начин им покажал дека најважно треба да им биде да го посветат Јеховиното име. Самиот живеел во склад со тие зборови. При крајот на својот живот на Земјата, Исус во молитва му рекол на Јехова: „Им го објавив твоето име и ќе го објавувам“ (Јован 17:26). Освен тоа, во текот на целата своја служба, тој му ја припишувал на Бог заслугата за сето она што го правел (Јован 5:19).

9. Што прорекол Захарија во врска со Месијата, и како Исус го исполнил тоа пророштво?

9 Захарија го дал следново пророштво во врска со Месијата: „Радувај се многу, ќерко сионска! Викај победнички, ќерко ерусалимска! Еве, царот твој доаѓа кај тебе! Тој е праведен и спасен, понизен е и јава на магаре, на магаре — рожба на магарица“ (Зах. 9:9). Тоа се исполнило кога Исус влегол во Ерусалим пред Пасхата во 33 год. од н.е. Мноштвото луѓе што го пречекале ги послале на патот своите облеки, како и гранки од дрвјата. Сите во Ерусалим биле восхитени и возбудени кога тој влегол во градот. Сепак, дури и кога бил поздравен како Цар, Исус останал понизен (Мат. 21:4-11).

10. Што докажал Исус со тоа што му останал послушен на својот Татко сѐ до смрт?

10 Додека бил на Земјата, Исус Христос покажал понизност и послушност сѐ до својата смрт на маченичкиот столб. Со тоа докажал дека луѓето можат да му останат верни на Јехова дури и кога ќе се најдат во крајно тешки ситуации. Освен тоа, докажал и дека Сатана не бил во право кога тврдел дека сите луѓе му служат на Јехова од себични причини (Јов 1:9-11; 2:4). Со тоа што му останал совршено послушен на својот Татко, Христос докажал дека Јехова има право да биде Севишен Владетел и дека Неговиот начин на владеење е најдобар. Јехова сигурно многу се радувал што неговиот понизен Син му останал верен во сѐ. (Прочитај Изреки 27:11.)

11. Што им овозможува откупната жртва на Исус на оние што покажуваат вера во него?

11 Со својата смрт на маченички столб, Исус ја платил и откупнината за луѓето (Мат. 20:28). Благодарение на неговата откупна жртва, со која биле задоволени Божјите праведни барања, Јехова може да им ги прости гревовите на несовршените луѓе и да им даде можност да живеат засекогаш. Павле напишал: „Преку еден чин на оправдување најразлични луѓе се прогласени за праведни и добиваат живот“ (Рим. 5:18). Смртта на Исус им овозможува на помазаните христијани да добијат бесмртен живот на небото, а на ‚другите овци‘ да живеат вечно на Земјата (Јован 10:16; Рим. 8:16, 17).

‚ЈАС СУМ СО ПОНИЗНО СРЦЕ‘

12. Како Исус покажал дека е благ и понизен во своите постапки со несовршените луѓе?

12 Исус ги повикал кај себе сите што биле „изморени и оптоварени“. Тој рекол: „Земете го мојот јарем на себе и учете од мене, зашто јас сум благ и со понизно срце, и ќе најдете поткрепа за своите души!“ (Мат. 11:28, 29). Бидејќи бил благ и понизен, Исус постапувал љубезно и праведно со несовршените луѓе. Тој ги пофалувал и ги охрабрувал, и имал разумни очекувања од своите ученици. Не им наметнувал чувство дека се неспособни или безвредни. Исус не бил груб и воопшто не било тешко да му се угоди. Напротив, тој им рекол на своите ученици: „Мојот јарем е пријатен и мојот товар е лесен“. Тоа значело дека, ако учеле од него и се држеле за неговите учења, ќе биле зајакнати и утешени. Сите се чувствувале убаво во негово друштво — и мажи и жени, и млади и стари (Мат. 11:30).

13. Како Исус покажал сочувство кон оние што воделе тежок живот?

13 На Исус му било жал за обичните луѓе во Израел кои воделе тежок живот, и тој со љубов се грижел за нивните потреби. На пример, во близина на Ерихон, тој се сретнал со двајца слепи просјаци. Тие упорно викале по Исус барајќи помош од него, но луѓето во мноштвото строго им рекле да замолчат. Исус можел лесно да ги одмине без да им обрне никакво внимание. Наместо тоа, тој побарал да ги доведат кај него и им го вратил видот бидејќи му паднало жал. Исус го следел примерот на својот Татко, Јехова, со тоа што бил понизен и покажал милосрдност кон грешните луѓе (Мат. 20:29-34; Мар. 10:46-52).

„КОЈ СЕ ПОНИЗУВА, ЌЕ БИДЕ ВОЗВИШЕН“

14. Како се благословени луѓето поради понизноста на Исус?

14 Понизноста што ја покажал Исус Христос им донела голема радост и благослови на многу луѓе. Јехова многу се радувал кога гледал дека Неговиот Син понизно ја врши Неговата волја. Апостолите и учениците биле охрабрени и утешени бидејќи Исус постапувал со нив на благ и понизен начин. Со својот пример и учења, и со тоа што искрено ги пофалувал, тој им помогнал да станат подобри слуги на Бог. Затоа што бил понизен, им помогнал и на многу други луѓе со тоа што ги поучувал, ги охрабрувал и се грижел за нив. Всушност, благодарение на откупната жртва на Исус, сите што веруваат во него ќе бидат благословени во сета вечност.

15. Како бил благословен Исус поради својата понизност?

15 Дали Исус бил благословен поради тоа што бил понизен? Да, бидејќи тој им рекол на своите ученици: „Кој се понизува, ќе биде возвишен“ (Мат. 23:12). Токму ова се случило со него. Павле објаснува: „Бог го возвиши и му подари име кое е над секое друго име, за во Исусово име да се свитка секое колено на оние што се на небото и на оние што се на земјата и на оние што се под земјата, и секој јазик јавно да го признае Исус Христос за Господар, на слава на Бог, Таткото“. Бидејќи Исус бил понизен и верен додека бил на Земјата, Јехова Бог го возвишил и му дал власт над сите што се на небото и на Земјата (Фил. 2:9-11).

ИСУС ЌЕ ‚ЈАВА ЗАСТАПУВАЈЌИ ГИ ВИСТИНАТА И ПОНИЗНОСТА‘

16. Од каде знаеме дека Божјиот Син и понатаму понизно ќе ги извршува своите задачи?

16 Божјиот Син и понатаму понизно ќе ги врши своите задачи. Во еден псалм е проречено дека тој, како небесен Цар, ќе се бори против своите непријатели: „Во својата величественост успешно изврши ја својата задача, јавај застапувајќи ги вистината, понизноста и праведноста“ (Пс. 45:4). Освен што во Армагедон ќе ги застапува вистината и праведноста, Исус Христос ќе ја застапува и понизноста. А што ќе се случи на крајот на илјадагодишното Царство откако месијанскиот Цар „ќе ги уништи секоја влада и секоја власт и сила“? Дали и тогаш ќе биде понизен? Да, бидејќи Библијата вели дека тој „ќе му го предаде царството на својот Бог и Татко“. (Прочитај 1. Коринќаните 15:24-28.)

17, 18. а) Зошто е важно Јеховините слуги да бидат понизни како Исус? б) Што ќе разгледаме во следната статија?

17 А како е со нас? Дали ќе го следиме примерот што ни го оставил Исус така што ќе се трудиме да бидеме понизни? Што ќе се случи со нас кога Царот Исус Христос ќе дојде да изврши суд во Армагедон? Бидејќи тој јава застапувајќи ги понизноста и праведноста, логично е дека ќе ги спаси само понизните и праведните луѓе. Според тоа, ако сакаме да преживееме, мора да бидеме понизни. Понизноста ќе ни донесе благослови нам, но и на другите околу нас, исто како што било случај и со Исус.

18 Што ќе ни помогне да бидеме понизни како Исус? Како можеме да останеме понизни дури и тогаш кога тоа не е лесно? Овие прашања ќе бидат одговорени во следната статија.