Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Спремно простувајте си еден на друг

Спремно простувајте си еден на друг

„Поднесувајте се еден со друг и спремно простувајте си еден на друг“ (КОЛ. 3:13)

1, 2. Зошто е важно да размислиш дали си спремен да простуваш?

БИБЛИЈАТА ни открива како Јехова гледа на гревот и како реагира кога ние грешиме. Но, од неа можеме многу да научиме и за простувањето. Во претходната статија видовме дека Јехова им ги простил гревовите на Давид и Манасија поради ставот што го имале. Тие длабоко и од срце жалеле за тоа што го направиле, му ги признале своите гревови на Бог и биле решени никогаш да не ги повторат. Бидејќи искрено се каеле, Јехова бил спремен да им покаже милост.

2 Но, да размислиме сега за простувањето од еден поинаков агол. Како би се чувствувал ти доколку меѓу невините жртви на Манасија имало и некој твој роднина? Дали тогаш би можел да му простиш на Манасија? Ова е важно прашање бидејќи денес живееме во еден безбожен, насилен и себичен свет. Зошто треба да научиме да им простуваме на другите? Ако ти е нанесена неправда, што ќе ти помогне да не се поведеш по чувствата туку да постапиш како што сака Јехова и спремно да простиш?

ЗОШТО ТРЕБА ДА ПРОСТУВАМЕ

3-5. а) Која споредба ја дал Исус за да ни помогне да сфатиме зошто треба да простуваме? б) Која е поуката од споредбата на Исус запишана во Матеј 18:21-35?

3 Многу е важно е да им простуваме на оние кои ќе ни згрешат, без разлика дали се дел од собранието или не. Тоа ќе ни помогне да задржиме добри односи со членовите на нашето семејство, со пријателите, со другите луѓе и со Јехова. Од Библијата дознаваме дека ние како христијани треба да бидеме спремни да им простуваме на другите сеедно колку често ни грешат. За да покаже дека ова барање е разумно, Исус раскажал споредба за еден роб кој имал голем долг.

4 Овој роб му должел на својот господар пари во вредност од 60 милиони дневници. Но, господарот му го поништил долгот. Потоа, овој роб излегол и нашол еден друг роб кој му должел сума од 100 дневници. Иако неговиот должник го молел да биде стрплив додека не му ги врати парите, првиот роб заповедал да го фрлат в затвор. Кога чул за тоа, неговиот господар многу се налутил. „Зарем не требаше и ти да му се смилуваш на другиот роб, како што јас ти се смилував тебе?“, го прашал тој. „И неговиот господар се разгневи и им го предаде [робот што не сакал да прости] на темничарите, додека не врати сѐ што должеше“ (Мат. 18:21-34).

5 Што сакал да каже Исус со оваа споредба? Тој го дал следниов заклучок: „Така и мојот небесен Татко ќе постапи со вас ако секој од вас не му прости од срце на својот брат“ (Мат. 18:35). Поуката на Исус е јасна. Гревовите што секојдневно ги правиме како несовршени луѓе се доказ дека, колку и да се трудиме, не можеме во потполност да живееме во склад со Божјите мерила. И покрај тоа, Јехова е спремен да ни прости и да ги избрише нашите гревови како никогаш да не сме ги направиле. Затоа, секој што сака да биде пријател со Јехова, мора да им простува на другите луѓе. Во Проповедта на гората, Исус рекол: „Ако вие им ги простите на луѓето нивните престапи, и вашиот небесен Татко ќе ви прости вам. Но, ако вие не им ги простите на луѓето нивните престапи, ниту вашиот Татко нема да ви ги прости вам вашите престапи“ (Мат. 6:14, 15).

6. Зошто не е секогаш лесно да простиме?

6 Можеби си мислиш: ‚Ова е многу лесно да се каже ама тешко е да се направи‘. Тоа е така затоа што, кога некој ќе ни згреши нам, честопати бурно реагираме. На пример, можеби ќе бидеме гневни или разочарани. Можеби ќе мислиме дека другиот треба да си добие казна за она што го направил или, пак, ќе сакаме самите да му се одмаздиме. Всушност, некои мислат дека никогаш нема да можат да му простат на оној што им згрешил. Ако и ти се бориш со слични чувства, што ќе ти помогне сепак да бидеш спремен да простиш како што бара Јехова?

ПРЕИСПИТАЈ ГИ СВОИТЕ ЧУВСТВА

7, 8. Што ќе ти помогне да бидеш спремен да простиш ако некој не постапил убаво со тебе?

7 Кога некој ќе постапи лошо со нас или, пак, ни се чини дека постапил така, тоа може многу да нѐ погоди. Еден млад човек објаснил што се случило кога еднаш многу се разгневил: „Толку бев лут, што излегов од дома заканувајќи се дека никогаш повеќе нема да се вратам. Надвор беше летен сончев ден. Додека чекорев низ прекрасните дрвореди, опкружен со убавина и спокој, постепено се опуштив и се смирив. По неколку часа, се вратив дома. Од гневот немаше ни трага“. Овој пример покажува дека е добро да почекаме малку за да се смириме и за да гледаме пообјективно на ситуацијата. Тоа ќе ни помогне да не реагираме на начин за кој подоцна би можеле да зажалиме (Пс. 4:4; Изр. 14:29; Јак. 1:19, 20).

8 Но, што ако поминало извесно време, а ти сѐ уште си вознемирен? Тогаш размисли зошто се чувствуваш така. Дали затоа што ти била нанесена неправда или некој постапил нељубезно со тебе? Или, пак, затоа што мислиш дека другиот намерно сакал да те повреди? Дали она што го направил навистина е толку страшно? Ако сфатиш зошто имаш негативни чувства, ќе можеш да размислиш кои библиски начела можат да ти помогнат да се смириш и да постапиш како што сака Јехова. (Прочитај Изреки 15:28; 17:27.) Кога ќе пробаш да гледаш пообјективно на работите, наместо да се концентрираш на своите чувства, ќе ти биде полесно да простиш. Иако ова понекогаш е тешко, така ѝ дозволуваш на Божјата Реч да ги открие ‚мислите и намерите на твоето срце‘ и да ти помогне да бидеш спремен да простиш како што простува Јехова (Евр. 4:12).

ТРЕБА ЛИ СЀ ДА ЗЕМАШ ПРИСРЦЕ?

9, 10. а) Како би можел да реагираш ако мислиш дека некој ти згрешил? б) Како ќе гледаш на работите ако научиш да не се навредуваш брзо и ако си спремен да им простуваш на другите?

9 Многу ситуации во животот можат да нѐ налутат. На пример, замисли си дека возиш и наеднаш некоја друга кола ти го пресекува патот и речиси се судира со тебе. Како ќе реагираш? Некои луѓе толку се разбеснуваат што го напаѓаат другиот возач. Но, како христијанин, ти сигурно не сакаш да направиш такво нешто.

10 Многу подобро е да застанеш за миг и да размислиш. Можеби донекаде и самиот си виновен за она што се случило бидејќи нешто ти го одвлекло вниманието. Или, пак, можеби другиот возач имал некој проблем со колата. Овој пример ни помага да сфатиме дека помалку ќе се лутиме или вознемируваме поради грешките на другите ако се обидеме да разбереме зошто згрешиле, ако сме свесни дека не ги знаеме сите причини за нивните грешки и ако сме спремни да простиме. Во Проповедник 7:9 стои: „Немој брзо да се навредуваш, зашто навредливоста почива во пазувите на безумните“. Со други зборови, не си земај сѐ присрце. Честопати кога си мислиш дека некој намерно те повредил, можеби тој едноставно згрешил затоа што е несовршен или, пак, дошло до недоразбирање. Не губи од вид дека можеби не ги знаеш сите причини зошто некој направил или рекол нешто. Биди спремен да му покажеш љубов и да му простиш. Ако успееш во тоа, ќе бидеш посреќен. (Прочитај 1. Петрово 4:8.)

‚МИРОТ ЌЕ СЕ ВРАТИ КАЈ ВАС‘

11. Како треба да се чувствуваме без оглед на кој начин реагираат луѓето на нашето проповедање?

11 Како би можел да останеш смирен ако некој е груб кон тебе додека си во служба? Во една прилика, кога ги испратил своите 70 ученици да проповедаат, Исус им го дал следниов совет: „Кога ќе влезете во некоја куќа, најпрво речете: ‚Мир на оваа куќа!‘“ А потоа продолжил: „Ако таму има пријател на мирот, вашиот мир ќе остане на него. А ако нема, ќе се врати кај вас“ (Лука 10:1, 5, 6). Ние сме среќни кога луѓето поволно реагираат на нашето проповедање бидејќи тогаш можат да извлечат корист од пораката што им ја носиме. Но, понекогаш тие не се мирољубиви. Што треба да правиме во таква ситуација? Исус рекол дека сепак треба да останеме смирени. Всушност, треба мирно да си заминеме од секоја врата, без разлика дали станарот бил љубезен или груб кон нас. Ако дозволиме станарот да нѐ испровоцира, нема да успееме да го задржиме мирот за кој зборувал Исус.

12. Според она што го кажал Павле во Ефешаните 4:31, 32, што треба да правиме?

12 Труди се да останеш смирен под секакви околности, а не само кога си во служба. Се разбира, тоа што си спремен да му простиш некому не значи дека го одобруваш неговото лошо однесување или дека не си свесен за штетата што ја предизвикува. Сепак, кога простуваш, ти повеќе не чувствуваш огорченост кон тој што ти згрешил и имаш внатрешен мир. Некои луѓе не можат да престанат да мислат на тоа колку лошо постапил некој со нив и дозволуваат таквите негативни мисли да им ја одземат радоста и мирот. Немој да им станеш роб на такви мисли. Не можеш да бидеш среќен ако продолжиш да им се лутиш на другите. Затоа, биди спремен да им простиш! (Прочитај Ефешаните 4:31, 32.)

ПОСТАПУВАЈ НА НАЧИН ШТО ГО РАДУВА ЈЕХОВА

13. а) Како еден христијанин може да ‚натрупа жив жар‘ врз главата на непријателот? б) Што може да се случи ако сме љубезни кога некој нѐ провоцира?

13 Понекогаш може да ти згреши некој што не е христијанин. Дали би можел и на таквиот да му помогнеш да се заинтересира за вистината од Библијата? Апостол Павле напишал: „,Ако твојот непријател е гладен, нахрани го, ако е жеден, напој го, зашто, правејќи така, му натрупуваш жив жар врз главата“. Не дозволувај да те надвладее злото, туку надвладеј го злото со добро!“ (Рим. 12:20, 21). Ако си љубезен кога другите те провоцираат, можеш да им помогнеш да си го сменат ставот и да го извадиш доброто од нив. Ако се трудиш да покажеш разбирање, па дури и сочувство кон оној што ти згрешил, би можел да му помогнеш да ја прифати вистината. Како и да е, со својот благ одговор ќе му дадеш можност да размисли зошто си поинаков од другите (1. Пет. 2:12; 3:16).

14. Сеедно колку многу некој ти згрешил, зошто сепак треба да бидеш спремен да му простиш?

14 Има некои луѓе со кои не треба да се дружиме. Во нив спаѓаат оние што порано биле дел од собранието, но направиле грев, не се каеле за тоа и биле исклучени. Ако некој таков те повредил, може да ти биде многу тешко да му простиш. Дури и да се покае и да биде вратен во собранието, можеби сѐ уште ќе те боли тоа што ти го направил. Во таков случај, добро е постојано да го молиш Јехова да ти помогне да му простиш, бидејќи се покајал за својот грев. Ова е многу важно затоа што не знаеме што има во неговото срце. Само Јехова знае како се чувствува. Бог ги испитува нашите најдлабоки мисли и чувства, и покажува стрпливост кон оние што му грешат (Пс. 7:9; Изр. 17:3). Затоа Библијата вели: „Никому не враќајте зло за зло. Правете го она што сите луѓе го сметаат за добро. Ако е можно, колку што зависи од вас, бидете во мир со сите луѓе. Не одмаздувајте се, сакани, туку дајте му место на Божјиот гнев, зашто е напишано: ‚Одмаздата е моја, јас ќе вратам, вели Јехова‘“ (Рим. 12:17-19). Исус рекол дека не смееме да им судиме на другите (Мат. 7:1, 2). Сепак, можеш да бидеш уверен дека Јехова ќе донесе праведен суд.

15. Што ќе ни помогне да не му се лутиме на оној што ни згрешил?

15 Ако не ти е лесно да му простиш на некој што ти згрешил, иако се покајал, добро е да имаш на ум дека и тој е несовршен човек, исто како и ти (Рим. 3:23). Јехова покажува сочувство кон сите несовршени луѓе. Затоа е добро да се молиме за оној што ни згрешил. Мала е веројатноста дека ќе продолжиме да му се лутиме ако се молиме за него. Исус јасно ни ставил до знаење дека не треба да чувствуваме огорченост кон другите, дури и кон оние што постапиле лошо кон нас. Тој рекол: „Сакајте ги своите непријатели и молете се за оние што ве прогонуваат“ (Мат. 5:44).

16, 17. Како треба да постапиш ако христијанските старешини утврдат дека некој грешник се кае, и зошто?

16 Јехова им дал одговорност на христијанските старешини да утврдат дали оној што направил тежок грев се кае или не. Овие браќа немаат целосен увид во работите како што има Јехова, но се трудат нивната одлука да биде според упатствата кои се дадени во Божјата Реч под водство на светиот дух. Бидејќи го молат Јехова да им помогне да донесат исправна одлука, можеме да бидеме сигурни дека она што ќе го одлучат е во склад со Божјето гледиште (Мат. 18:18).

17 Во вакви случаи, мора да бидеме лојални. Кога старешините ќе утврдат дека некој навистина се кае, дали ќе бидеш спремен да му простиш и да покажеш љубов кон него? (2. Кор. 2:5-8). Ова нема секогаш да биде лесно, особено ако самиот си бил жртва на неговиот грев или, пак, си близок роднина со жртвата. Сепак, ќе постапиш мудро ако имаш доверба во Јехова и во начинот на кој тој ги води работите во собранието. Така ќе покажеш дека навистина си спремен великодушно да простиш (Изр. 3:5, 6).

18. Какви користи ќе имаш ако си спремен да простиш?

18 Стручњаците за ментално здравје сфаќаат колку е добро спремно да се простува. Простувањето ни помага да се ослободиме од штетни емоции кои можеби тлеат во нас и можат да ни го нарушат здравјето. Освен тоа, ако простуваме, ќе имаме поздрави и поубави односи со другите. Спротивно на тоа, ако не сме спремни да простиме, тоа може да нѐ стави под стрес, да ни го влоши здравјето, и да ни ги наруши односите и комуникацијата со другите. Но, најголемиот благослов што ќе го имаме ако спремно простуваме, е добриот однос со нашиот небесен Татко, Јехова. (Прочитај Колошаните 3:12-14.)