Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Beware of the Intentions of the Heart

Beware of the Intentions of the Heart

„Срцето е поизмамливо од сѐ друго и е готово на сѐ“ (Ерем. 17:9). Кога во нашето срце силно посакуваме нешто, лесно можеме да си најдеме изговори за да го добиеме она што го сакаме.

Библијата нѐ предупредува: „Од срцето излегуваат зли мисли, убиства, прељуби, блудства, кражби, лажни сведоштва, хули“ (Мат. 15:19). Нашето симболично срце може да нѐ измами и да нѐ натера да направиме нешто што е спротивно на Божјата волја. За жал, најчесто сфаќаме дека срцето нѐ измамило дури откако ќе ја направиме грешката. Што може да ни помогне да ги препознаеме намерите на нашето срце за да не се поведеме по него и да згрешиме?

КАКО ДА ГИ ПРЕПОЗНАЕМЕ НАМЕРИТЕ НА НАШЕТО СРЦЕ?

Како секојдневното читање на Библијата влијае врз нашето срце?

Читај ја Библијата секој ден и длабоко размислувај за прочитаното.

„Речта Божја е жива и делотворна, поостра е од секој меч со две сечила и продира дури дотаму што ги разделува душата и духот“, напишал апостол Павле. Библијата „може да ги процени мислите и намерите на срцето“ (Евр. 4:12). За да ги препознаеме намерите на нашето срце, треба да се преиспитуваме со помош на Божјата Реч. Затоа е многу важно да ја читаме секој ден и длабоко да размислуваме за она што сме го прочитале. Ако го правиме тоа, ќе научиме да размислуваме како Јехова.

Ако ги прифаќаме советите од Библијата и ако ги применуваме начелата што се запишани во неа, тоа ќе ни помогне да ја обликуваме нашата совест — внатрешниот глас кој „сведочи“ во нас (Рим. 9:1). Совеста може да нѐ спречи да си бараме изговор за да направиме нешто погрешно. Исто така, во Библијата има многу примери кои ни служат како предупредување (1. Кор. 10:11). Ако учиме од нив, нема да тргнеме во погрешен правец. Што треба да прави секој од нас?

Нашите молитви ни помагаат да дознаеме што навистина имаме во срцето

Моли го Бог да ти помогне да ги препознаеш намерите на твоето срце.

Јехова ги ‚испитува срцата‘ (1. Лет. 29:17). Тој е „поголем од нашето срце и знае сѐ“ (1. Јов. 3:20). Никој не може да го измами Бог. Ако во молитва искрено му ги кажеме нашите грижи, чувства и желби, Јехова може да ни помогне да дознаеме што навистина имаме во срцето. Можеме дури да го молиме да ‚создаде во нас чисто срце‘ (Пс. 51:10). Значи, молитвата е неопходна за да си го преиспитаме срцето.

Христијанските состаноци ни помагаат да ги препознаеме намерите на нашето срце

Слушај внимателно за време на христијанските состаноци.

Тоа што ќе бидеме внимателни на состаноците може да ни помогне сериозно да си го преиспитаме срцето — нашата внатрешна личност. Точно е дека не добиваме нови информации на секој состанок. Но, ако редовно присуствуваме на нив, подобро ќе ги разбереме библиските начела и совети кои можат да ни помогнат да откриеме што имаме во срцето. И коментарите што ги даваат нашите браќа и сестри можат да ни бидат од голема помош (Изр. 27:17). Но, ако се изолираме и ако не се дружиме редовно на состаноците со нашите соверници, може да почнеме да одиме „по своите себични желби“ и да донесуваме немудри одлуки (Изр. 18:1). Затоа е добро да се прашаме: „Дали имам навика да одам на сите состаноци и дали внимателно го слушам она што се изнесува на нив?“ (Евр. 10:24, 25).

КАКО МОЖЕ ДА НЀ ИЗМАМИ СРЦЕТО?

Нашето измамливо срце може да нѐ натера да застраниме на многу полиња од животот. Да разгледаме четири од нив: желбата за материјални работи, пиењето алкохол, изборот на пријатели и изборот на разонода.

Желбата за материјални работи.

На сите нас ни треба храна, облека и покрив над главата. Сосема е нормално да имаме желба да ги задоволиме овие физички потреби. Но, Исус нѐ предупредил да не им придаваме преголема важност на материјалните работи. Тој раскажал споредба за еден богат човек, чии амбари биле полни со жито. Овој човек немал каде да ја собере својата летнина, па решил да ги урне своите амбари, и да изгради поголеми. Тој си размислувал: „Ќе го соберам сето свое жито и сите свои добра. И ќе си речам себеси: ‚Имаш насобрано многу добра за многу години. Почивај, јади, пиј и уживај!‘“ Но, овој човек не помислил на една важна работа — дека би можел да умре уште истата ноќ (Лука 12:16-20).

Како што ни одминуваат годините, може да станеме премногу загрижени за нашата финансиска состојба. Од страв дека ќе немаме доволно пари за да се издржуваме кога ќе остариме, би можеле да почнеме да си бараме изговори за да работиме прекувремено, дури и ако поради тоа пропуштаме состаноци и немаме време за нашите теократски активности. Зарем не треба да се чуваме од вакво размислување? Или, пак, можеби сме млади и знаеме дека е најдобро да го посветиме својот живот на полновремената служба. Сепак, можеби си мислиме дека најпрво треба да се обезбедиме во материјален поглед, а потоа да почнеме со пионерска служба. Но, зарем не треба сега да го дадеме најдоброто за Јехова? Кој од нас знае што ќе му донесе утрешниот ден?

Пиењето алкохол.

Во Изреки 23:20 пишува: „Не биди меѓу оние што се опиваат со вино“. Ако на некој алкохолот му е слабост, би можел да си бара оправдувања за редовно да пие. Можеби вели: „Пијам за да се опуштам, а не за да се опијам“. Ако и нам ни треба алкохол за да се опуштиме, можеби е време искрено да си го преиспитаме срцето за да не нѐ измами.

Изборот на пријатели.

Сеедно дали на училиште, на работа или во служба, ние секојдневно сме опкружени со луѓе кои не му служат на Јехова. Иако тоа не можеме да го избегнеме, би било погрешно да минуваме со нив повеќе време отколку што е потребно. Уште полошо би било да ни станат блиски пријатели. Дали можеби си наоѓаме изговори за да се дружиме со нив, велејќи дека имаат многу убави особини? „Не залажувајте сѐ!“, предупредува Библијата. „Лошото друштво ги расипува добрите навики“ (1. Кор. 15:33). Исто како што само малку отров може да ја затруе чистата вода, така и дружењето со оние кои не му служат на Јехова може да го расипе нашиот однос со Него. Би можеле да почнеме да размислуваме, да се облекуваме, да зборуваме и да се однесуваме како луѓето во светот.

Изборот на разонода.

Преку современата технологија, денес е многу лесно да дојдеме до разни видови забава. Меѓутоа, голем дел од забавата што се нуди не е добра за христијаните. ‚Никаква нечистотија да не се спомнува меѓу вас‘, напишал Павле (Еф. 5:3). Но, што ако срцето нѐ влече да слушаме или да гледаме нешто што е нечисто? Можеби ќе си бараме изговори, велејќи дека секој човек има потреба да се релаксира и да се забавува, и дека е сосема лична работа како некој го прави тоа. Сепак, треба да го земеме присрце советот на Павле така што нема да гледаме ниту да слушаме нешто што е нечисто.

МОЖЕМЕ ДА ПРАВИМЕ ПРОМЕНИ

Ако сме се повеле по желбите на нашето измамливо срце, и ако ни станало навика да си наоѓаме оправдувања за нашите погрешни постапки, сѐ уште не е доцна да направиме промени (Еф. 4:22-24). Да разгледаме две искуства.

Мигел a морал да го промени својот став кон материјалните работи. Тој вели: „Заедно со жена ми и син ми живееме во земја каде што луѓето сметаат дека е многу важно да ги имаат најновите и најдобрите технолошки уреди, и да ги уживаат сите удобности. Едно време правев сѐ што можев за да го добијам сето она што го нуди светот, мислејќи дека нема да станам материјалист. Наскоро сфатив дека трката по материјални работи нема крај. Го молев Јехова да ги исправи ставовите и намерите на моето срце. Му кажав дека ние, како семејство, сакаме да му служиме во поголема мера. Донесовме одлука да си го поедноставиме животот, и се преселивме во место каде што имаше поголема потреба од објавители. По некое време, започнавме со пионерска служба. Увидовме дека не ни се потребни многу материјални работи за да водиме среќен и исполнет живот“.

Од искуството на Ли ќе видиме како тоа што искрено се преиспитал му помогнало да го отфрли лошото друштво. Тој вели: „Поради мојата работа, редовно имав деловни состаноци со странски набавувачи. Уживав на таквите средби, иако знаев дека таму ќе има многу пиење. Честопати знаев да се напијам и повеќе отколку што треба, а потоа се каев поради тоа. Морав искрено да си го преиспитам срцето. Советите од Божјата Реч и предлозите што ми ги дадоа старешините ми помогнаа да сфатам дека мојот проблем беше тоа што, всушност, ми годеше да се дружам со луѓе кои не го сакаат Јехова. Сега ги сведов контактите со набавувачите на минимум и се трудам да ја вршам работата главно преку телефон“.

Мораме да бидеме искрени со себеси и да ги препознаеме намерите на нашето срце. Додека го правиме тоа, треба да бараме помош од Јехова во молитва, бидејќи „тој ги познава тајните на срцето“ (Пс. 44:21). Бог ни ја дал и својата Реч, Библијата, која може да ни служи како огледало и да ни помогне да видиме какви навистина сме однатре (Јак. 1:22-25). Исто така, многу ни користат и советите кои Јехова ни ги дава преку нашите состаноци и публикации. Сето ова може да ни помогне да си го чуваме срцето и да постапуваме исправно.

a Некои имиња се сменети.