Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Од нашата архива

The “Unforgettable” Came Just in Time

The “Unforgettable” Came Just in Time

„НЕЗАБОРАВНА!“ Тоа бил зборот со кој мнозина ја опишале драмата „Создавање“. Таа дошла токму навреме и оставила неизбришлив впечаток врз оние што ја гледале. Со оваа драма се дало огромно сведоштво за слава на Јехова кратко пред Хитлер да започне свирепо да го прогонува Божјиот народ во Европа. Но, што, всушност, била драмата „Создавање“?

Новата драма го добила името по книгата Schöpfung (Создавање)

Во 1914 год., во главното седиште на Јеховиниот народ во Бруклин (Њујорк, САД) била објавена „Фотодрамата за создавањето“. Тоа била осумчасовна проекција која се состоела од дијапозитиви и видеоснимки во боја и со звук. Оваа драма ја виделе милиони луѓе низ целиот свет. Во 1914 год., била објавена и пократка верзија со наслов „Еурека“. Но, до 1920-тите, дијапозитивите, видеоснимките и опремата за проектирање биле доста оштетени од користење. Сепак, многу луѓе сакале повторно да ја гледаат „Фотодрамата“. На пример, жителите на Лудвигзбург (Германија) прашувале: „Кога пак ќе се прикажува ‚Фотодрамата‘?“ Што можело да се стори?

За да може драмата и понатаму да се прикажува, во 1920-тите, претставници на бетелското семејство од Магдебург (Германија) купиле филмови од една новинска агенција во Париз, и дијапозитиви од графички компании во Лајпциг и Дрезден. Потоа ги комплетирале со некои од старите дијапозитиви од „Фотодрамата“, кои сѐ уште биле во добра состојба.

Ерих Фрост и нотите што ги напишал за музиката на драмата „Создавање“

Брат Ерих Фрост, кој бил надарен музичар, ја компонирал музиката за придружба на видеоснимките и дијапозитивите. А текстот што го читал раскажувачот делумно бил земен од нашата книга Создавање. Затоа ревидираната верзија на „Фотодрамата“ добила ново име — „Создавање“.

Новата драма траела осум часа, исто како и „Фотодрамата“, и се прикажувала во делови неколку вечери по ред. Во неа биле изнесени интересни детали за деновите на создавањето, како и за библиската и световната историја. Освен тоа, било нагласено дека лажната религија ги изневерила луѓето. Драмата „Создавање“ се прикажувала во Австрија, Германија, Луксембург и Швајцарија, како и во други места каде што се зборувало германски.

Ерих Фрост објаснил: „Ги поттикнав моите колеги, особено оние во оркестарот, да ги користат паузите во текот на драмата за да поминат меѓу редовите и да им понудат на присутните некои од нашите прекрасни книги и брошурки. На ваков начин, дадовме повеќе литература отколку што би дале од куќа до куќа“. Јоханес Рауте, кој го организирал прикажувањето на драмата во Полска и во денешна Република Чешка, се сеќава дека многу од присутните побарале да бидат посетени и ги дале своите адреси. Тоа помогнало да се направат делотворни повторни посети.

Во 1930-тите, драмата „Создавање“ била прикажувана во преполни сали, а Јеховините сведоци биле главна тема на разговор во многу градови. До 1933 год., речиси еден милион луѓе ја гледале драмата чие прикажување го организирала нашата подружница во Германија. Кејте Краус си спомнува: „За да ги гледаме сите делови од драмата, пет дена по ред пешачевме по 10 километри во еден правец — низ шуми, по ридови и долини“. А Елзе Билхарц вели: „Драмата ‚Создавање‘ ја разгоре мојата љубов кон вистината“.

Алфред Алмендингер раскажува дека, откако мајка му присуствувала на драмата, „била толку возбудена што купила Библија и ја прелистала од корица до корица за да види дали во неа стои зборот ‚чистилиште‘“. Бидејќи не го нашла тој збор, престанала да оди во црква, и му го заветувала својот живот на Јехова со крштавање. „Благодарение на драмата ‚Создавање‘, безброј луѓе ја прифатија вистината“, рекол Ерих Фрост.

Додека драмата „Создавање“ доживувала најголем успех, Европа ја зафатил виорот на нацизмот. Од 1933 год., делото на Сведоците во Германија било забрането. Оттогаш па сѐ до крајот на Втората светска војна во 1945 год., Јеховините слуги во Европа претрпеле немилосрдно прогонство. Брат Фрост бил затворен околу осум години. Но преживеал, и подоцна служел во Бетел во Визбаден (Германија). Незаборавната драма „Создавање“ навистина дошла токму навреме за да им влее храброст на толку многу христијани кои се соочиле со тешки испити на својата вера во Втората светска војна! (Од нашата архива во Германија).