Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

ОД НАШАТА АРХИВА

Тие останале цврсти во „часот на искушувањето“

Тие останале цврсти во „часот на искушувањето“

ВО ТЕКОТ на Првата светска војна, многу луѓе сфатиле дека Истражувачите на Библијата не учествуваат во воени активности (Иса. 2:2-4; Јован 18:36; Еф. 6:12). Што се случувало со Божјите слуги во Британија?

Во 1916 год., во Британија бил донесен закон за мобилизација според кој неженетите мажи на возраст од 18 до 40 години морале да одат во војна. Законот ги ослободувал од оваа обврска само оние што одбивале да војуваат поради своите ‚верски или морални убедувања‘. Владата основала судови кои требало да одредат кој навистина може да биде изземен од оваа должност и до кој степен.

За кратко време, околу 40 Истражувачи на Библијата биле ставени во воени затвори, а осуммина биле испратени на фронтот во Франција. Поради оваа неправедна постапка, браќата во Британија му испратиле писмо на премиерот Херберт Асквит со кое вложиле протест поради тие апсења, а поднеле и петиција со 5.500 потписи.

Подоцна стигнала веста дека осумте браќа што биле испратени во Франција биле осудени на смрт со стрелање затоа што одбиле да учествуваат во војната. Но, кога биле построени пред стрелачки вод, смртната казна им била заменета со 10 години затвор. Потоа биле вратени во Англија за да ја отслужат казната во цивилни затвори.

Бидејќи војната се одолжила, законот за мобилизација во Британија почнал да важи и за женети мажи. Во еден судски случај во Манчестер (Англија), бил обвинет Хенри Хадсон, лекар и Истражувач на Библијата. На 3 август 1916 год., судот го прогласил за виновен затоа што одбил да оди во војна, парично го казнил и го предал на воените власти. Истовремено бил во тек и друг случај во Единбург (Шкотска), во кој Џејмс Фредерик Скот, 25-годишен колпортер, бил прогласен за невин. Британската влада поднела жалба против таа пресуда, но ја повлекла за да се зафати со друг случај во Лондон. Овој пат, судот го осудил брат Херберт Кипс. Тој бил парично казнет и им бил предаден на воените власти.

До септември 1916 год., вкупно 264 браќа побарале ослободување од воена служба. Петмина од нив биле ослободени, 154 биле упатени на извршување цивилна служба, 23 биле испратени да служат во воени единици кои не учествуваат во борба, 82 им биле предадени на воените власти, а некои завршиле на воен суд затоа што одбиле да послушаат наредба. Бидејќи многу луѓе изразиле незадоволство поради суровото однесување кон овие браќа, властите ги префрлиле од воени затвори во цивилни работни логори.

Едгар Клеј и Прајс Хјуз, кој подоцна служел како надгледник на подружницата во Британија, биле испратени да работат на една брана во Велс. Херберт Сениор, еден од осумтемина кои биле вратени од Франција, бил ставен во затворот Вејкфилд во Јоркшир. Други ги отслужиле своите казни во затворот Дартмур, каде што морале да извршуваат тешка физичка работа во многу лоши услови. Браќата во овој затвор ја сочинувале најголемата група затвореници со приговор на совеста.

Френк Плат, еден Истражувач на Библијата кој прифатил да служи во воена единица која не учествувала во борба, бил изложен на долго и немилосрдно прогонство кога бил испратен на фронтот. Аткинсон Пеџет, кој ја дознал вистината кратко откако станал војник, исто така бил малтретиран од воените власти затоа што одбил да учествува во борба.

Иако не им било сосема јасно што сѐ вклучува христијанската неутралност, нашите браќа кои живееле пред речиси еден век сакале да му угодат на Јехова Бог. Оние што беа спомнати по име во оваа статија дале прекрасен пример со тоа што останале неутрални во еден особено тежок ‚час на искушување‘ (Отк. 3:10). (Од нашата архива во Британија.)